ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 1/4 стр. 21-25
  • Мојата одлука да напредувам кон зрелоста

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Мојата одлука да напредувам кон зрелоста
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Војната ги менува нашите животи
  • Препреки во духовниот напредок
  • Започнување со пионерската служба
  • Тежнеење кон мисионерска служба
  • Прилагодување на странско подрачје
  • Посета на САД
  • Натамошен духовен напредок
  • Проповедавме во далечни места
    Разбудете се! 2008
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 1/4 стр. 21-25

Мојата одлука да напредувам кон зрелоста

РАСКАЖАЛ КАРЛ ДАКАУ

„Напредок кон зрелоста или повторно паѓање во грев — што ќе избереш?“, беше насловот на една статија во Стражарска кула од 15 јуни 1948 година. Таа статија ме извлече од духовната опасност на фармите на САД и ме одведе во Јужна Америка, во мисионерска кариера која се протегаше низ повеќе од 43 години.

РОДЕН сум на 31 март 1914 година, во една барака во Вергас (Минесота), како трето од четирите момчиња. Моите рани години беа исполнети со радост. Се сеќавам како одевме со татко ми на риболов. Меѓутоа, мајка ми често беше болна и во петто одделение требаше да го напуштам училиштето за да ѝ помагам околу куќата. Имав 13 години кога нејзината болест беше дијагностицирана како рак на белите дробови.

Таа знаеше дека нема да живее уште долго, па така почна да ме подготвува да го заземам нејзиното место. Ќе седнеше во кујната и ќе ми кажуваше како да готвам. Потоа, ме учеше да перам алишта, да се грижам за градината и за стотина кокошки. Исто така, ме храбреше секој ден да читам по едно поглавје од Библијата, што и правев, и покрај моите ограничени читачки способности. Откако ме поучуваше десет месеци, мајка ми умре на 27 јануари 1928 година.

Војната ги менува нашите животи

По почетокот на II светска војна, во септември 1939 година, во нашата лутеранска црква секоја недела беа кажувани молитви за трупите. Мојот постар брат Френк беше решен да не убива, па кога одби да оди во војска, беше уапсен. На своето судење тој изјави: „Пред да убијам невини луѓе можете да ме стрелате!“ Беше осуден на една година робија во затворот на островот Мекнил, близу крајбрежјето на државата Вашингтон.

Таму Френк нашол повеќе од 300 Јеховини сведоци, затворени поради тоа што биле строго неутрални за време на војната (Исаија 2:4; Јован 17:16). Наскоро почнал да се дружи со нив и бил крстен токму таму, во затворот. Поради неговото добро поведение, казната му била намалена на девет месеци. Во ноември 1942 година, стигна абер дека Френк е пуштен од затвор, а набргу потоа тој ни раскажуваше за добрата вест за Божјето Царство. Откако внимателно ја испитавме пораката во нашите Библии, сите увидовме дека она што нѐ поучуваше Френк беше вистината.

Препреки во духовниот напредок

Во 1944 година се преселив во околината на Молта (Монтана), да живеам со чичко ми. Обајцата имавме нешто заедничко — жени кои нѐ напуштија после шест месеци брак. Тој беше радосен што му помагав околу земјоделството и готвењето, а профитот го делевме фифти-фифти. Чичко ми рече дека ќе бидам наследник на неговите 260 хектари земјиште ако останам со него. Тоа беа врвни години за земјоделството и многу се радував на тоа! Секоја година имавме ударна жетва, а пченицата ја продававме по 3,16 долари за бушел.

Меѓутоа, на чичко ми не му се допаѓаше тоа што ги посетував состаноците во едно мало собрание на Сведоците во Молта. На 7 јуни 1947 година, на покраинскиот конгрес на Јеховините сведоци во Вулф Поинт, се крстив без знаење на чичко ми. Таму еден христијански брат ме повика да станам пионер, односно полновремен слуга. Иако желбата на моето срце беше да го искористам животот на еден таков начин, објаснив дека чичко ми никогаш не би ми дозволил да посветам толку многу време на службата.

Кратко потоа, чичко ми отвори и прочита едно писмо кое беше адресирано до мене од еден пријател кој ме поттикнуваше да станам полновремен слуга. Бесен како рис, чичко ми ми постави ултиматум — да прекинам со проповедањето или да ја напуштам фармата. Овој ултиматум беше баш добар, бидејќи толку многу го сакав земјоделството што не знам дали сам од себе ќе го напуштев. Така, се вратив кај моето семејство во Минесота, кои сега беа крстени и беа поврзани со собранието Детроит Лејкс.

На почетокот, семејството ме храбреше да станам пионер, но во 1948 година тие почнаа духовно да се ладат. Тоа беше во времето кога статијата „Напредок кон зрелоста или повторно паѓање во грев — што ќе избереш?“, ми ја даде потребната духовна поддршка. Таа предупредуваше дека „сигурно ќе следат многу жални последици ако тврдоглаво одбиваме да постапуваме во склад со зголеменото спознание“. Статијата велеше: „Не можеме да си дозволиме да стоиме во место и да назадуваме, туку мора да напредуваме во праведноста. Напредокот, а не запирањето, е најголемиот контраудар против повторното паѓање во грев“.

Иако моето семејство наведе други оправдувања, верувам дека вистинскиот проблем лежеше во нивната желба да се збогатат. Можеа да ги видат економските добивки од тоа ако се инвестира повеќе време во земјоделството а помалку во проповедањето. Наместо да бидам фатен во замката на желбата за богатење, испланирав да бидам пионер. Знаев дека нема да биде лесно, и дури мислев дека нема да успеам. Така, во 1948 година се ставив на испит, намерно пријавувајќи се за пионерска служба во најлошиот дел од годината — декември.

Започнување со пионерската служба

Јехова ги награди моите напори. На пример, еден ден беше 27 степени Целзиусови под нулата, иако мене ми се чинеше дека беше дури и поладно. Како и обично, сведочев на улица, менувајќи ги постојано рацете — ставајќи ја смрзнатата во џебот додека со другата ги држев списанијата, дури и таа не ми смрзнеше, а потоа заслужено ја ставав во џебот. Ми пријде еден човек. Коментирајќи дека веќе некое време ја набљудува мојата активност, ме запраша: „Што е тоа во тие списанија што е толку важно, па Ве тера да стоите овде на ладното? Дајте ми ги тие две да ги прочитам“.

Во меѓувреме увидов дека дружењето со моето семејство е штетно за мојата духовност, па така на мое барање до Друштвото Стражарска кула, ми беше дадена нова доделба, во Мајлз Сити (Монтана). Таму служев како слуга на групата, денес познат како претседавачки надгледник. Живеејќи во една приколка (два на три метра), се издржував работејќи скратено работно време во еден дуќан за хемиско чистење. Понекогаш работев како наемник на она што најмногу го сакав — жнеењето.

Во тоа време, постојано слушав за влошувањето на духовната состојба на моето семејство. На крајот, како и други во собранието Детроит Лејкс, тие се свртеа против Јеховината организација. Од 17-те објавители на Царството во тоа собрание, само 7 останаа верни. Моето семејство беше решено и мене да ме извади од Јеховината организација, па така сфатив дека постои само една солуција — да се напредува понатаму. Но како?

Тежнеење кон мисионерска служба

За време на меѓународниот конгрес во Њујорк 1950 година, присуствував на промоцијата на мисионерите од 15-тиот клас на Библиската школа Гилеад на Стражарска кула. ‚Ех, кога би можел да бидам помеѓу оние кои ќе одат да му служат на Јехова на странска доделба‘, си мислев.

Испратив молба и бев примен како член на 17-тиот клас на Гилеад, кој започна во февруари 1951 година. Локацијата на школата, на една фарма во внатрешноста на државата Њујорк, беше прекрасна. Колку сакав после часовите да работам на фармата, можеби во шталата со кравите или надвор на полето! Но Џон Бут, тогашниот надгледник на фармата на Царството, објасни дека јас сум единствениот кој има некакво искуство со хемиско чистење. Па така бев назначен да ја извршувам таа работа.

Школата Гилеад не беше лесна за некого кој има само пет години образование. Иако светлата во спалните требаше да се исклучат до 22.30 часот, јас редовно проучував до полноќ. Еден ден, еден од инструкторите ме повика во неговата канцеларија. „Карл“, рече тој, „гледам дека твоите оценки не се баш најдобри.“

‚О не‘, си помислив, ‚сега ќе ми речат да си одам.‘

Меѓутоа, инструкторот љубезно ми даде некои совети како би можел на најдобар начин да го искористам времето без да проучувам толку доцна. Плашливо прашав: „Дали сум доволно добар да останам и понатаму во Гилеад?“

„О да“, одговори тој. „Но, не знам дали ќе се оспособиш за диплома.“

Ме утешија зборовите на претседателот на школата Натан Х. Нор. Порано тој им кажа на студентите дека оценките не го импресионирале толку многу како „постојаноста на мисионерите кои останале верни на своите доделби“.

Најтежок предмет ми беше шпанскиот јазик, но се надевав на доделба на Алјаска, каде што ладното време беше она на што бев навикнат од дома. Освен тоа, ќе можам да проповедам на англиски. Можете да си го замислите моето изненадување кога на половина курс, како доделба го добив Еквадор (Јужна Америка). Ќе треба да зборувам шпански и тоа токму на подрачјето на врелиот екватор!

Еден ден, во школата Гилеад ме посети еден агент на ФБИ. Тој се распрашуваше за синот на слугата на групата во Детроит Лејкс, кој ја напушти нашата организација. Корејската војна беше во тек, а овој млад човек тврдел дека е претставник на Јеховините сведоци и така бил ослободен од воена служба. Објаснив дека тој повеќе не е Јеховин сведок. Кога агентот се збогуваше со мене, рече: „Нека те благослови Бог во твојата работа“.

Подоцна дознав дека момчето било убиено во една од првите битки во Кореја. Каква жална последица за некого кој можел да напредува кон зрелоста во Божјата организација!

Конечно, на 22 јули 1951 година, дојде нашиот радосен ден на промоција. Се разбира, никој од моето семејство не беше присутен, но мојата радост беше потполна кога примив диплома за напредокот што го постигнав.

Прилагодување на странско подрачје

Додека бев на мојата доделба, понекогаш согледував дека обуката што ја добив од мајка ми навистина добро ми дојде. Готвењето, перењето на рака и недостатокот на текушта вода, не беше ништо ново за мене. Но затоа, пак, проповедањето на шпански беше! Прилично долго време користев печатена проповед на шпански. Ми требаа три години пред да можев да одржам јавно предавање на шпански и тоа со употреба на обемни забелешки.

Кога пристигнав во Еквадор во 1951 година, таму имаше помалку од 200 објавители на Царството. Правењето ученици во првите 25 години изгледаше споро. Нашите библиски учења прилично се разликуваа од небиблиските традиции на католицизмот, а нашето придржување на библиските поуки за верноста на брачниот партнер беше особено непопуларно (Евреите 13:4).

Меѓутоа, бевме во можност да поделиме многу библиска литература. Нашата служба во Мачала, град сместен во срцето на плантажите со банани, служи како илустрација на ова. Николас Весли и јас бевме единствените Сведоци таму кога пристигнавме во 1956 година. Ќе заминевме рано наутро, со големи камиони кои беа користени во работата на автопатиштата што се градеа во тоа време. Откако ќе се одвезевме доволно далеку, ќе се симневме и ќе им проповедавме на луѓето по патот назад, сѐ до местото каде што престојувавме.

Еден ден, Ник и јас водевме забелешки за да видиме кој од нас ќе подели повеќе списанија. Се сеќавам дека до пладнето имав дадено повеќе списанија, но до вечерта и двајцата дадовме по 114 списанија. Секој месец, на обиколките со списанија остававме по стотици од нашите весници. Шест пати врачив повеќе од илјада списанија во текот на еден месец. Замисли сега колку многу луѓе ќе можат да ги запознаат библиските вистини од тие списанија!

Во Мачала имавме предност да ја изградиме и првата Сала на Царството во Еквадор, која е сопственост на собранието. Тоа беше пред 35 години, во 1960. Во тие рани денови имавме само околу 15 присутни на нашите состаноци. Денес Мачала има 11 напредни собранија!

Посета на САД

Во доцните 1970-ти години се вратив во САД на одмор и неколку часа поминав со мојот брат Френк. Тој ме повезе со својата кола на еден рид од кој можевме да видиме голем дел од долината Ред Ривер. Беше прекрасно да се гледаат зрелите зрна кои се брануваа на ветрот — океан од класја со натежнати глави. Во далечината можеа да се забележат контурите на реката Шејен, оцртана со дрвјата покрај брегот. Уживањето во таа тивка убавина беше прекинато кога брат ми започна разговор во свој стил.

„Да не беше толкав глупчо и да не скиташе по Јужна Америка, ова можеше да биде и твое!“

„Френк“, брзо го прекинав. „Само престани, те молам.“

Тој не кажа повеќе ниту збор. Неколку години подоцна, ненадејно умре од срцев удар, оставајќи зад себе три прекрасни ранча во Северна Дакота, од преку 400 хектари, како и 260 хектари земјиште од чичко ми во Монтана, на кое тој стана наследник.

Сега сите од моето семејство се покојни. Но јас сум радосен што во Детроит Лејкс, каде што сите ние со години наназад започнавме како Јеховини сведоци, имам духовно семејство кое брои повеќе од 90 христијански браќа и сестри.

Натамошен духовен напредок

Последните 15 години донесоа богат принос во духовната жетва овде во Еквадор. Од околу 5.000 објавители на Царството во 1980, сега имаме повеќе од 26.000. Го пожнеав благословот да им помогнам на преку стотина од нив да дојдат до крштевање.

Денес, на 80-годишна возраст, понапорно работам да стигнам до 30 часа месечно во служба, отколку кога требаше да ја исполнам квотата од 150 часа во 1951 година. Од 1989 година, кога дознав дека имам рак на простатата, времето на рехабилитација го користам за читање. Од таа година, Библијата ја прочитав 19 пати, а книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство) 6 пати. На тој начин продолжив духовно да растам.

Да, имав прилики да пожнеам материјални добивки од полјоделството во САД. Но, наградите од материјалните богатства се ништо во споредба со радоста што ја доживеав во духовната жетва. Подружницата овде, во Еквадор, ме информира дека во мојата мисионерска кариера сум поделил повеќе од 147.000 списанија и 18.000 книги. Овие ги сметам за духовни семиња од кои многу веќе изникнале; другите може сѐ уште да никнат во срцата на луѓето додека читаат за овие вистини за Царството.

Не можам да се сетам на ништо подобро од тоа да продолжам да напредувам во Божјиот нов свет со сите мои духовни деца и милионите други кои избрале да му служат на нашиот Бог, Јехова. Парите нема никого да го спасат на крајот на овој злобен свет (Изреки 11:4; Језекиил 7:19). Меѓутоа, нашата духовна работа и понатаму ќе донесува плод — ако секој од нас продолжи да напредува кон зрелоста.

[Слика на страница 24]

Спремен за пионерска служба во Мајлз Сити (Монтана), во 1949 година

[Слика на страница 24]

Купување на вода за нашиот мисионерски дом, 1952 година

[Слика на страница 25]

Проповедање во Мачала, 1957 година

[Слика на страница 25]

Откако се разболев во 1989 година, 19 пати ја прочитав Библијата

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели