Прашања од читателите
Како се однесуваат на „другите овци“ денес, благодетите од првосвештеничката служба на Исус Христос, спомната во Евреите 4:15, 16?
Иако Исусовата улога како Првосвештеник има примарно значење за оние кои ќе бидат со него на небото, христијаните со земна надеж веќе денес имаат корист од Исусовата свештеничка служба.
Од Адам наваму, човештвото било оптоварено со грев. Ние патиме од наследена несовршеност, како што пателе и Израелците. Тие се свртеле кон една долга линија првосвештеници и придружни свештеници, кои принесувале жртви за нивните сопствени гревови, како и за оние на луѓето. Со текот на времето, Исус бил помазан како свештеник „по чинот Мелхиседеков“. Откако бил воскреснат, Исус се појавил пред Јехова за да ја претстави вредноста на својата совршена човечка жртва (Псалм 109:1, 4).
Што значи ова за нас денес? Во своето писмо до Евреите, Павле дискутирал за Исусовата служба како Првосвештеник. Во Евреите 5:1 читаме: „Секој првосвештеник, кој од луѓе се избира, за луѓето се поставува на служба Божја, да принесува дарови и жртви за гревовите“. Потоа, во стиховите 5 и 6, Павле покажал дека Исус станал првосвештеник, што ќе биде за наша корист.
Како тоа? Павле напишал: „Макар и Син, Он се научи на послушност преку она, што пострада, а, откако се усоврши, стана причина за вечно спасение на сите оние, кои Му се послушни“ (Евреите 5:8, 9). Најпрвин, тој стих може да нѐ наведе да мислиме на тоа како ќе бидеме во можност да извлечеме корист во новиот свет, кога оние кои се лојални на Бог и на Исус ќе бидат ослободени од нивната грешна состојба и кога ќе добијат вечен живот. Тоа е непобитен изглед, кој се темели на откупната вредност на Исусовата жртва и на неговата служба како Првосвештеник.
Но всушност, можеме уште сега да имаме корист од неговата улога или служба како Првосвештеник. Обрни внимание на Евреите 4:15, 16: „Немаме таков Првосвештеник, што не може да не соучествува во нашите слабости, туку таков, Кој искусил сѐ како и ние, освен грев. И така, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош“. Кога ќе биде тоа ‚благовремено‘? Тогаш кога ни е потребна милост и незаслужена доброта. Сите ние, поради нашата несовршеност, би требало сега да ја чувствуваме оваа потреба.
Евреите 4:15, 16 ја истакнуваат мислата дека Исус — сега свештеник на небото — бидејќи бил човек, може да се соживее. Со кого? Со нас. Кога? Сега. Како човек, тој доживеал стресови и притисоци вообичаени за луѓето. Понекогаш Исус бил гладен и жеден. И покрај тоа што бил совршен, тој се уморувал. Тоа би требало да нѐ утеши. Зошто? Бидејќи Исус ја искусил природната папсаност, тој е свесен за тоа како честопати се чувствуваме. Сети се исто така дека Исус требало да се бори и со љубоморната расправија помеѓу неговите апостоли (Марко 9:33-37; Лука 22:24). Да, тој доживеал разочарувања. Зарем тоа не ни влева доверба дека тој нѐ разбира кога сме разочарани и обесхрабрени? Секако.
Што можеш да сториш кога си обесхрабрен? Дали Павле рекол дека треба само да чекаш додека во новиот свет твојот Првосвештеник, Исус, не ти помогне да станеш умствено и телесно совршен? Не, тој рекол: „За да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош“, а тоа го вклучува и сегашното време. Освен тоа, како човек, Исус претрпел страдања и тешкотии, со тоа што „искусил сѐ како и ние“. Значи, кога се соочуваме со такви работи, тој е спремен да ни помогне, врз основа на неговото разбирање за она низ што поминуваме. Зарем тоа не те привлекува кон него?
Сега забележи го 16-тиот стих. Павле вели дека ние — а тоа ги вклучува и помазаниците и оние од другите овци — можеме да му пристапиме на Бог со слобода на говор (Јован 10:16). Апостолот со тоа не мислел дека во молитва можеме да кажеме сѐ што сакаме, дури и гневливи и потценувачки работи. Напротив, на темел на Исусовата жртва и неговата улога како Првосвештеник, можеме да му пристапиме на Бог, и покрај тоа што сме грешни.
Еден друг начин на којшто уште денес можеме да извлечеме корист од службата на нашиот Првосвештеник, Исус Христос, ги вклучува нашите гревови или грешки. Секако, ние не очекуваме во сегашниов систем Исус да ја примени потполната вредност на својата жртва. Дури и ако го стори тоа, сѐ уште нема да имаме вечен живот. Се сеќаваш ли на случајот забележан во Лука 5:18-26, за парализираниот човек чија постела била спуштена преку еден отвор во покривот? Исус му рекол: „Човеку, ти се простуваат гревовите“. Тоа не се однесувало на некои посебни гревови кои ја предизвикале парализата, туку на гревовите на човекот воопшто, а во извесна мерка тоа ја вклучувало и неговата наследена несовршеност, која предизвикува несреќи.
На темел на жртвата која требало да ја понуди, Исус можел да ги отстрани гревовите на човекот, како што јарецот за Азазел ги отстранувал гревовите на Израел на денот на Очистување (3. Мојсеева 16:7-10, НС). Сепак, парализираниот човек сѐ уште бил само човек. Тој повторно би згрешил, а со текот на времето би умрел, како и секој друг грешник (Римјаните 5:12; 6:23). Она што го рекол Исус, не значело дека човекот на лице место добил вечен живот. Не, туку во тој момент бил благословен со извесен степен на проштевање.
Сега размисли за нашата ситуација. Како несовршени, секојдневно грешиме (Јаков 3:2). Што можеме да сториме во врска со тоа? Па, на небото имаме милостив Првосвештеник преку кого можеме да му пристапиме на Јехова во молитва. Да, како што напишал Павле, сите ние можеме ‚слободно [со слобода на говор, НС] да пристапуваме кон [Божјиот] престол на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош‘. Според тоа, денес сите оние кои се од другите овци, без сомнение, добиваат прекрасни благодети, вклучувајќи и чиста совест на темел на Христовата првосвештеничка служба.
Сите христијани со земна надеж можат радосно да очекуваат уште поголеми благодети во новиот свет кој се приближува. Тогаш, нашиот небесен Првосвештеник во потполност ќе ја примени вредноста на својата жртва, што ќе води до потполно проштевање на гревот. Тој ќе излее поголеми благодети и со тоа што ќе се грижи за телесното и духовното здравје на луѓето. Исус значително ќе го рашири и поучувањето на Божјиот народ на Земјата, затоа што поучувањето за Законот била главна одговорност на свештениците во Израел (3. Мојсеева 10:8-11; 5. Мојсеева 24:8; 33:8, 10). Значи, иако веќе денес извлекуваме корист од Исусовата свештеничка служба, во иднина нѐ очекува уште многу повеќе!