Ќе има ли некогаш крај на омразата?
АКО си гледал само неколку ТВ-дневници, тогаш омразата ти е добро позната. Таа е заедничка карактеристика која лежи во позадината на многу масакри кои, се чини, скоро секој ден ги оставаат своите крвави траги во овој свет. Од Белфаст до Босна, од Ерусалим до Јоханесбург, се врши колеж над несреќни посматрачи.
Жртвите обично не се познаваат со напаѓачите. Нивното единствено „злодело“ е тоа што се можеби на „другата страна“. Во едно страотно враќање мило за драго, таквите убиства може да бидат одмазда за некоја претходна свирепост или облик на „етничко чистење“. Секоја рунда на насилство дотура масло во огнот на омразата меѓу непријателските групи.
Ваквите ужасни затворени кругови на омраза како да се множат. Крвни непријателства избиваат меѓу племиња, раси и етнички или религиозни групи. Можно ли е некогаш омразата да биде прекината? За да одговориме на ова прашање, треба да ги разбереме причините за омразата, со оглед на тоа што не сме родени да мразиме.
Посеано е семето на омразата
Злата Филиповиќ, едно Босанче од Сараево, сѐ уште не научила да мрази. За етничкото насилство, во својот дневник со изразити зборови напишала: „Постојано се прашувам: Зошто? Со која цел? Кој е виновен? Се прашувам, но немам одговор. . . . Меѓу моите другарки, меѓу нашите пријатели, во нашето семејство, има и Срби и Хрвати и Муслимани. . . . Ние се дружиме со добрите, а не со лошите. А меѓу добрите има и Срби и Хрвати и Муслимани, исто како што има и меѓу лошите“.
Многумина возрасни, пак, мислат поинаку. Тие веруваат дека имаат големи причини да мразат. Зошто?
Неправда. Главното гориво за омразата веројатно се неправдата и угнетувањето. Како што вели Библијата, „самото угнетување може да предизвика мудриот да постапува лудо“ (Проповедник 7:7, НС). Кога луѓето се мачени или со нив се постапува брутално, лесно е да негуваат омраза кон угнетувачите. И колку и да изгледа неразумно, или „лудо“, омразата честопати е насочена против цела група.
Неправдата, вистинска или измислена, иако може да биде главна причина за омраза, не е единствената. Друга причина е предрасудата.
Предрасуда. Предрасудата честопати произлегува од непознавањето на извесна етничка или национална група. Поради озборување, традиционално непријателство или лошо искуство со еден до двајца луѓе, некои можат да ѝ припишат негативни одлики на цела една раса или нација. Кога предрасудата еднаш ќе фати корени, може да ги заслепи луѓето за вистината. „Ние мразиме некои луѓе затоа што не ги познаваме; и нема да ги запознаеме затоа што ги мразиме“, забележал англискиот писател Чарлс Калеб Колтон.
Политичарите и историчарите, пак, можат намерно да шират предрасуди со политички или националистички цели. Прв пример е Хитлер. Георг, некогашен член на движењето Хитлерова младина, вели: „Нацистичката пропаганда прво нѐ учеше да ги мразиме Евреите, потоа Русите, па на крајот сите ‚непријатели на Рајхот‘. Како тинејџер, верував дека ми беше кажана вистината. Подоцна открив дека сум бил заведен“. Како во нацистичка Германија така и на секое друго место, расната или етничката предрасуда се оправдува со апелирање на национализмот, што претставува уште еден извор на омраза.
Национализам, чувство за племенска припадност и расизам. Во својата книга The Cultivation of Hatred (Негување на омразата), историчарот Питер Геј опишува што се случило кога избила Првата светска војна: „Во борбата на лојалности, национализмот ги засени сите други. Љубовта кон својата земја и омразата кон нејзините непријатели се покажа како најмоќно објаснување за агресијата што ја произведе долгиот деветнаесетти век“. Германските националистички чувства ја популаризираа воената песна позната како „Химна на омразата“. Подбуцнувачите на омраза во Британија и во Франција, како што објаснува Геј, измислувале приказни за германски војници кои силувале жени и убивале бебиња. Зигфрид Сасон, англиски војник, ја опишува суштината на британската воена пропаганда на следниов начин: „Изгледаше како човекот да е создаден за да им го одзема животот на Германците“.
Како и национализмот, претераното возвишување на некоја етничка група или раса може да послужи за подгревање на омраза кај други етнички групи или раси. Чувството за племенска припадност продолжува да разгорува насилство во многу африкански земји, додека расизмот сѐ уште ги преплавува Западна Европа и Северна Америка. Друг разединувачки елемент кој може да се спои со национализмот е религијата.
Религија. Голем број од најнескротливите конфликти на светот имаат силни религиозни елементи. Во Северна Ирска, на Средниот Исток, како и на многу други места, луѓето се мразат поради религијата што ја исповедаат. Пред повеќе од два века, англискиот автор Џонатан Свифт забележал: „Имаме сосема доволно религија за да се мразиме, но не и за да се сакаме еден со друг“.
Во 1933, Хитлер го информирал бискупот од Оснабрик: ‚Што се однесува до Евреите, јас само ја продолжувам политиката што ја има прифатено Католичката црква веќе 1.500 години‘. Неговите масовни стрелања, полни со омраза, никогаш не биле осудени од страна на германските црковни водачи. Пол Џонсон, во својата книга A History of Christianity (Историја на христијанството), забележува дека „Црквата ги екскомуницирала Католиците кои изјавувале во своите тестаменти дека сакаат да бидат кремирани, . . . но не им забранувала да работат во концентрациони логори или во логори на смртта“.
Некои религиозни водачи не само што не ја осудувале омразата туку ја направиле и света. Во 1936, кога изби Шпанската граѓанска војна, папата Пио XI ја осудил ‚вистински сатанската омраза кон Бог‘, што ја имале Републиканците — и покрај тоа што на страната на Републиканците имало католички свештеници. Слично на тоа, кардиналот Гома, надбискуп на Шпанија за време на граѓанската војна, изјавил дека ‚пацификацијата била невозможна без вооружени борби‘.
Религиозната омраза не покажува некакви знаци на попуштање. Во 1992, списанието Human Rights Without Frontiers (Човекови права без граници) го објави начинот на кој службениците на Грчката православна црква подбуцнувале омраза против Јеховините сведоци. Тоа го наведува, меѓу многуте примери, и случајот со еден грчки православен поп кој повел правна постапка против двајца 14-годишни Сведоци. Со каква тужба? Ги обвинил дека ‚се обидувале да го натераат да ја промени својата религија‘.
Последиците на омразата
Низ целиот свет, семето на омразата е посеано и полевано преку неправда, предрасуди, национализам и религија. Неизбежните плодови се гнев, агресија, војна и уништување. Библиската изјава во 1. Јованово 3:15 ни помага да видиме колку е тоа сериозно: „Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец“. Се разбира, таму каде што омразата цвета, мирот — ако воопшто и го има — е несигурен.
Ејли Визел, добитник на Нобелова награда и преживеаник од Холокаустот, пишува: „Должност на преживеаникот е да сведочи за она што се случило . . . Мораш да ги предупредиш луѓето дека овие работи може повторно да се случат, дека злото може да се разулари. Расната омраза, насилството, идолопоклонството — сѐ уште цветаат“. Историјата на XX век дава доказ дека омразата не е оган што самиот ќе згасне.
Ќе биде ли некогаш омразата искоренета од срцата на луѓето? Дали е таа секогаш разорна или има и свои позитивни страни? Да видиме.