Времињата се промениле
КАКВА само радост мора да било да се живее во древниот Израел, под славното владеење на верниот цар Соломон! Тоа било епоха на мир, напредок и среќа. Во времето кога Соломон лојално го поддржувал вистинското обожавање, Јехова богато ја благословил нацијата. Бог му дал на царот Соломон не само големо богатство туку и „мудро и разумно срце“ за да владее во праведност и љубов (3. Царства 3:12). Библијата наведува: „Сите земни цареви сакаа да го видат Соломона, за да ја послушаат мудроста негова, која Бог ја беше внел во срцето негово“ (2. Летописи 9:23).
Јехова му дал на народот сигурност, мир и изобилство од добри работи. Божјата Реч вели: „Јудејците и Израил, бидејќи многубројни како песокта при морето, јадеа, пиеја и се веселеа“. Како дословно така и симболично, луѓето ‚живееле спокојно, секој под лозата своја и под смоквата своја . . . преку сите Соломонови дни‘ (3. Царства 4:20, 25).
Времињата се промениле. Животот денес е многу поинаков од животот во тие среќни дамнешни времиња. За разлика од времето на Соломон, главниот проблем денес е сиромаштијата. Дури и во богатите нации има сиромаштија. На пример, Програмата за развој на Обединетите нации забележува дека, како во САД така и во земјите од Европската заедница, скоро 15 насто од луѓето живеат во сиромаштија.
Што се однесува до глобалната слика, The State of the World’ˈs Children 1994 (Положбата на децата во светот за 1994) — еден извештај на УНИЦЕФ (Меѓународен детски фонд на Обединетите нации) — напомнува дека една петтина од светското население живее во апсолутна сиромаштија, додавајќи дека животот за повеќето сиромашни во светот „станува сѐ потежок и побезнадежен“.
Енормно високата инфлација во некои земји уште повеќе ги зголемува тешкотиите на сиромашните. Една жена од една африканска земја рекла: „Ќе видиш нешто на пазар и си велиш: ‚О.К., ќе појдам до дома да земам пари за да го купам‘. Се враќаш за еден час, само за да чуеш дека не можеш да го купиш тоа бидејќи цената штотуку се покачила. И сега, што би требало човек да стори? Тоа е прилично фрустрирачко“.
Една друга жена од истата земја рекла: ‚За да преживееме, забораваме на другите потреби. Нашата сегашна преокупација е како да се дојде до храна‘.
Според Обединетите нации, натамошните изгледи за иднината се депресивни. На пример, УНИЦЕФ проценува дека ако меѓу населението продолжат сегашните тенденции, бројот на сиромашните луѓе ширум светот ќе се учетвори „во рамките на само една генерација“.
Сепак, и покрај сѐ полошите економски и социјални услови, Божјите слуги имаат причина да бидат оптимистички расположени. Иако живеат меѓу луѓе кои на иднината гледаат со сѐ поголем песимизам, Божјите слуги гледаат на иднината со радост и доверба. Следната статија ќе ги разгледа причините за тоа.
[Извор на слика на страница 3]
De Grunne/Sipa Press