Јехова — Бог кој поучува
„Ќе бидат сите од Бога научени“ (ЈОВАН 6:45).
1. Што прави Исус сега во Капернаум?
ИСУС ХРИСТОС неодамна извршил некои чуда и сега го гледаат како поучува во една синагога во Капернаум, близу Галилејското Море (Јован 6:1-21, 59). Мнозина изразуваат неверување кога тој вели: „[Јас] слегов од небото“. Тие мрморат: „Зар не е Овој Исус, Јосифовиот син, Чиј татко и мајка ги познаваме? Како тогаш Он вели: ‚Слегов од небото‘“ (Јован 6:38, 42). Укорувајќи ги, Исус изјавува: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6:44).
2. Каква основа постои за да се верува во Исусовото ветување за воскресение?
2 Какво величествено ветување — да се биде воскреснат во последниот ден кога ќе владее Божјето Царство! Можеме да веруваме во ова ветување бидејќи тоа го гарантира Отецот, Јехова Бог (Јов 14:13-15; Исаија 26:19). Всушност, Јехова, кој поучува дека мртвите ќе станат, е „најголемиот од сите учители“ (Јов 36:22, Today’s English Version). Свртувајќи го вниманието на поуката од Отецот, Исус понатаму вели: „Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога научени‘“ (Јован 6:45).
3. Кои прашања ќе ги разгледаме?
3 Секако, ќе биде предност човек да се најде меѓу оние за кои пророкот Исаија напишал: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа“ (Исаија 54:13). Можеме ли ние да бидеме поучени? Кои му биле како синови што ги примиле неговите поуки? Кои се животоважните поуки од Јехова коишто мораме да ги знаеме и по кои мораме да постапуваме за да добиеме негов благослов? Како поучувал Јехова во минатото и дали и денес поучува на истиот начин? Овие прашања сакаме да ги разгледаме сега.
Татко, Учител, Сопруг
4. Кои биле првите Јеховини синови што требало да ги примат неговите поуки?
4 Јехова најпрво станал и Татко и Учител кога го создал својот единороден Син, претчовечкиот Исус. Тој е наречен ‚Реч‘ (НС) затоа што е Јеховин Главен Говорник (Јован 1:1, 14; 3:16). Речта служела „покрај [Таткото] како главен работник“ и добро учела од поуката на својот Татко (Изреки 8:22, 30, НС). Фактички, таа станала Застапник, односно средство преку кое Таткото ги создал сите други работи, вклучувајќи ги и духовните „Божји синови“. Колку само тие мора да се радувале што биле поучувани од Бог! (Јов 1:6; 2:1; 38:7; Колосјаните 1:15-17). Подоцна бил создаден и првиот човек, Адам. И тој бил ‚Божји син‘, а Библијата открива дека Јехова и него го поучувал (Лука 3:38; 1. Мојсеева 2:7, 16, 17).
5. Каква скапоцена предност изгубил Адам, но кого го поучил Јехова и зошто?
5 За жал, поради својата намерна непослушност, Адам ја изгубил предноста да остане Божји син. Затоа, неговите потомци не можеле да полагаат право на односот како Божји синови само врз основа на раѓањето. Сепак, Јехова ги поучувал несовршените луѓе кои барале водство од него. На пример, Ное се докажал како „човек праведен“ кој ‚живеел според волјата Божја‘, и затоа Јехова го поучил (1. Мојсеева 6:9, 13–1Мо 6:13 до 7:5). Со својата послушност, Авраам се покажал како „пријател Божји“ и затоа и тој бил поучен од Јехова (Јаков 2:23; 1. Мојсеева 12:1-4; 15:1-8; 22:1, 2).
6. Кого почнал Јехова да го смета за свој „син“, и каков учител бил тој за нив?
6 Многу подоцна, во Мојсеево време, Јехова стапил во заветен однос со израелската нација. Како последица од тоа, таа нација станала негов избран народ и била сметана за негов „син“. Бог рекол: „Израил е Мојот . . . син“ (2. Мојсеева 4:22, 23; 19:3-6; 5. Мојсеева 14:1, 2). Како што забележал пророкот Исаија, на темел на тој заветен однос, Израелците можеле да речат: „Ти, Господи, си наш Отец“ (Исаија 63:16). Јехова ја презел својата татковска одговорност и љубезно ги поучил своите деца, Израел (Псалм 70:17; Исаија 48:17, 18). Всушност, кога тие станале неверни, тој милостиво ги молел: „Вратете се, деца-отстапници“ (Јеремија 3:14).
7. Каков однос имал Израел со Јехова?
7 Како последица на заветниот однос со Израел, на симболичен начин Јехова станал и Сопруг на нацијата, а таа станала негова симболична сопруга. За неа пророкот Исаија напишал: „Твојот Творец е твојот сопруг; Господ Саваот е името Негово“ (Исаија 54:5; Јеремија 31:32, НС). Иако Јехова чесно ја исполнувал својата улога како Сопруг, израелската нација станала неверна сопруга. „Како што жена вероломна го изневерува сопругот свој“, рекол Јехова, „така вероломно постапивте со Мене вие, доме Израилев“ (Јеремија 3:20). Јехова продолжил да им се јавува на синовите на својата неверна сопруга; тој и понатаму бил нивни „Голем Учител“ (Исаија 30:20, НС; 2. Летописи 36:15).
8. И покрај тоа што го отфрлил Израел како нација, сепак каква симболична сопруга-претслика има Јехова?
8 На крајот, кога израелската нација го отфрлила и го убила Неговиот Син, Исус Христос, и Бог ја отфрлил неа. Затоа, таа еврејска нација повеќе не му била симболична сопруга ниту, пак, тој им бил Татко и Учител на нејзините тврдоглави синови (Матеј 23:37, 38). Меѓутоа, Израел бил само сликовита, односно симболична сопруга. Апостол Павле цитирал од Исаија 54:1, каде што се зборува за една „неплодна [жена]“ која е поинаква и различна од „онаа, која има маж“, односно од нацијата на природниот Израел. Павле открива дека помазаните христијани се деца на ‚неплодната‘, која тој ја нарекува ‚горен Ерусалим‘. Оваа симболична жена–претслика се состои од Божјата небесна организација од духовни суштества (Галатјаните 4:26, 27).
9. а) На кого се осврнал Исус кога рекол ‚твоите синови ќе бидат научени од Господа‘? б) Врз која основа луѓето стануваат духовни Божји синови?
9 Затоа, во синагогата во Капернаум, кога Исус цитирал од пророштвото на Исаија: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа“, тој зборувал за оние што требало да станат „синови“ на „горниот Ерусалим“, т.е. на Божјата небесна организација слична на жена. Со прифаќањето на поуките од Божјиот претставник од небото, Исус Христос, тие еврејски слушатели можеле да станат деца на Божјата првобитно неплодна небесна жена и да сочинуваат „свет народ“, духовен ‚Израил Божји‘ (1. Петрово 2:9, 10; Галатјаните 6:16). Опишувајќи ја величествената прилика што им ја овозможил Исус — да станат Божји духовни синови, апостол Јован напишал: „Дојде при Своите и Своите не Го примија. А на сите што Го примија — на сите што веруваа во Неговото име — им даде можност да станат синови [деца, НС] Божји“ (Јован 1:11, 12).
Животоважни поуки од Јехова
10. Што поучил Јехова за ‚семето‘ веднаш по побуната во Едем, и кој се докажал дека е тоа Семе?
10 Како љубезен Татко, Јехова однапред ги информира своите деца за своите намери. Затоа, кога еден бунтовен ангел ја навел првата човечка двојка на непослушност, Јехова веднаш ги известил што ќе стори за да ја оствари својата намера да ја претвори Земјата во рај. Рекол дека ќе стави омраза помеѓу „старата змија“, односно Сатана Ѓаволот, „и жената“. Потоа објаснил дека ‚семето‘ (НС) на жената смртно ќе му ја згмечи „главата“ на Сатана (1. Мојсеева 3:1-6, 15; Откровение 12:9; 20:9, 10). Како што видовме, жената — која подоцна била идентификувана како „горниот Ерусалим“ — е Божјата небесна организација од духовни суштества. Но, кој е нејзиното „семе“? Тоа е Божјиот Син, Исус Христос, оној кој бил испратен од небото и кој на крајот ќе го уништи Сатана (Галатјаните 4:4; Евреите 2:14; 1. Јованово 3:8).
11, 12. Како ја проширил Јехова својата животоважна поука во врска со ‚семето‘?
11 Јехова ја проширил оваа животоважна поука во врска со ‚семето‘, кога му ветил на Авраам: „Потомството твое ќе го умножам . . . како ѕвездите на небото . . . И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 22:17, 18). Јехова го употребил апостол Павле за да објасни дека Исус Христос е ветеното Авраамово Семе, но дека и други ќе станат дел од ‚семето‘. „Ако сте, пак, вие Христови“, напишал Павле, „тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“ (Галатјаните 3:16, 29).
12 Јехова исто така открил дека Христос, Семето, ќе дојде од кралската лоза на Јуда и дека нему „ќе му припаѓа послушноста на народите“ (1. Мојсеева 49:10, НС). Во врска со царот Давид од Јудиното племе, Јехова ветил: „Ќе го продолжам за секогаш неговото потомство и неговиот престол, — колку деновите на небото. Неговото потомство вечно ќе пребива, неговиот престол ќе биде како сонце пред Мене“ (Псалм 88:3, 4, 29, 36). Кога ангелот Гавриил го најавил раѓањето на Исус, објаснил дека детето е Божји наименуван Владетел, Семе на Давид. „Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот“, рекол Гавриил, „и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида; . . . и Царството Негово нема да има крај“ (Лука 1:32, 33; Исаија 9:6, 7; Даниил 7:13, 14).
13. Како мораме да реагираме на Јеховината поука за да добиеме негов благослов?
13 За да добиеме благослов од Јехова, мораме да го знаеме и да постапуваме според ова животоважно учење за Божјето Царство. Мораме да веруваме дека Исус дошол од небото, дека тој е Божји наименуван Цар — кралско Семе кое ќе го надгледува обновувањето на Рајот на Земјата — и дека ќе ги воскресне умрените (Лука 23:42, 43; Јован 18:33-37). Кога Исус зборувал во Капернаум за воскресението на умрените, на Евреите требало да им биде јасно дека тој ја зборува вистината. Па, само неколку седмици пред тоа, веројатно токму таму, во Капернаум, тој ја воскреснал 12-годишната ќерка на еден претседавачки службеник на синагогата! (Лука 8:49-56). Се разбира, и ние имаме доволно причини да веруваме и да постапуваме во склад со Јеховината поука за неговото Царство, која влева надеж!
14, 15. а) Колку му е важно на Исус Јеховиното Царство? б) Што треба да разбереме и да бидеме во состојба да објасниме за Јеховиното Царство?
14 Исус го посветил својот земен живот за да поучува за Јеховиното Царство. Тоа било главна тема на неговата служба, па затоа ги поучил дури и своите следбеници да се молат за него (Матеј 6:9, 10; Лука 4:43). Природните Евреи требало да станат ‚синови на царството‘, но поради недостиг на вера, повеќето од нив ја изгубиле таа предност (Матеј 8:12; 21:43). Исус открил дека само едно „мало стадо“ ја добива предноста да станат ‚синови на царството‘. Овие ‚синови‘ стануваат „сонаследници со Христос“ во неговото небесно Царство (Лука 12:32; Матеј 13:38; Римјаните 8:14-17, НС; Јаков 2:5).
15 Колкумина наследници на Царството ќе земе Христос на небото за да владеат со него над Земјата? Според Библијата, само 144.000 (Јован 14:2, 3; 2. Тимотеј 2:12; Откровение 5:10, НС; 14:1-3; 20:4). Но, Исус рекол дека има и „други овци“ кои ќе бидат земни поданици на таа влада на Царството. Тие засекогаш ќе се радуваат на совршено здравје и мир на една рајска Земја (Јован 10:16; Псалм 36:29; Откровение 21:3, 4). Потребно е да ја разбереме и да бидеме во состојба да ја објасниме Јеховината поука за Царството.
16. Која животоважна поука од Јехова треба да ја научиме и да ја применуваме?
16 Апостол Павле открил уште една животоважна поука од Јехова. Тој рекол: „Вие самите сте научени од Бога да се сакате еден со друг“ (1. Солунјаните 4:9). За да му угодиме на Јехова, треба да покажуваме таква љубов. „Бог е љубов“, вели Библијата, и мораме да го имитираме неговиот пример во покажувањето љубов (1. Јованово 4:8; Ефесјаните 5:1, 2). За жал, повеќето луѓе направиле тежок пропуст што не научиле да ги сакаат своите ближни онака како што нѐ поучил Бог. А како е со нас? Дали ние сме се оѕвале на оваа поука од Јехова?
17. Чиј став треба да го имитираме?
17 Неопходно е да бидеме приемливи за сите Јеховини поуки. Нашиот став нека биде како ставот на библиските псалмисти кои напишале: „Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои. Упати ме кон Твојата вистина и научи ме“. „Научи ме на Твоите наредби. Научи ме на добро и на разумно . . . научи ме на Твоите судови“ (Псалм 24:4, 5; 118:12, 66, 108). Ако размислуваш исто како псалмистите, ти можеш да се најдеш меѓу огромното мноштво луѓе кои се поучени од Јехова.
Големо мноштво од поучени
18. Што претскажал пророкот Исаија дека ќе се случи во наше време?
18 Пророкот Исаија претскажал што ќе се случи во нашево време: „Во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините . . . Ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‚Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нѐ научи на Своите патишта‘“ (Исаија 2:2, 3; Михеј 4:2). Кои се овие лица што се поучени од Јехова?
19. Кој спаѓа денес во оние кои се поучени од Јехова?
19 Во нив спаѓаат и други освен оние кои ќе владеат со Христос на небото. Како што беше забележано порано, Исус рекол дека покрај ‚малото стадо‘ од наследници на Царството, тој има и „други овци“ — земни поданици на Царството (Јован 10:16; Лука 12:32). ‚Големото мноштво‘, кое ја преживува „големата неволја“ (НС), е од класата на другите овци кои се радуваат на призната положба пред Јехова на темел на нивната вера во Исусовата пролеана крв (Откровение 7:9, 14). Иако другите овци не се директно вклучени во ‚синовите‘ за кои се зборува во Исаија 54:13, тие се благословени со тоа што се поучени од Јехова. Затоа, со право му се обраќаат на Бог со „Оче“, затоа што тој, всушност, ќе биде нивни Дедо преку ‚вечниот Отец‘, Исус Христос (Матеј 6:9; Исаија 9:6).
Како поучува Јехова
20. На кои начини поучува Јехова?
20 Јехова поучува на многу начини. На пример, тоа го прави преку своите дела на создавањето, кои сведочат не само за неговото постоење туку и за неговата огромна мудрост (Јов 12:7-9; Псалм 18:1, 2; Римјаните 1:20). Освен тоа, тој поучува и преку директно комуницирање, како што правел кога го поучувал претчовечкиот Исус. Исто така, запишани се три прилики кога и на луѓето на Земјата им зборувал директно од небото (Матеј 3:17; 17:5; Јован 12:28).
21. Кој ангел Јехова посебно го употребувал како свој застапник, но од каде знаеме дека биле употребувани и други ангели?
21 Јехова користи и ангелски застапници за да поучува, вклучувајќи го и својот Првороден, „Речта“ (НС) (Јован 1:1-3). Иако во Едемската градина Јехова можел директно да зборува со својот совршен човечки син, Адам, тој веројатно го употребил претчовечкиот Исус да зборува наместо Него (1. Мојсеева 2:16, 17). Исус веројатно бил ‚Ангелот Господен, што одел пред војската на синовите Израилеви‘, за кого Јехова заповедал: „Послушај Го“ (2. Мојсеева 14:19; 23:20, 21). Без сомнение, претчовечкиот Исус бил и „водачот на војската Господова“, кој му се појавил на Исус Навин за да го зајакне (Исус Навин 5:14, 15). Јехова користи и други ангели за да ги соопшти своите поуки, како на пример ангелите што ги употребил за да му го соопшти својот Закон на Мојсеј (2. Мојсеева 20:1; Галатјаните 3:19; Евреите 2:2, 3).
22. а) Кого го употребувал Јехова на Земјата за да поучува? б) Преку кое средство денес Јехова првенствено ги поучува луѓето?
22 Освен тоа, Јехова Бог употребува и луѓе како застапници за да поучува. Родителите во Израел требало да ги поучуваат своите деца; пророците, свештениците, кнезовите и левитите ја поучувале нацијата за Јеховиниот Закон (5. Мојсеева 11:18-21; 1. Царства 12:20-25; 2. Летописи 17:7-9). Исус бил Божјиот главен Говорник на Земјата (Евреите 1:1, 2). Тој честопати велел дека она што го поучува било токму она што го научил од Таткото, а на тој начин неговите слушатели, всушност, биле поучувани од Јехова (Јован 7:16; 8:28; 12:49; 14:9, 10). Јехова дал да се запишат неговите изјави и главно преку овие инспирирани Писма тој ги поучува луѓето во наше време (Римјаните 15:4; 2. Тимотеј 3:16).
23. Кои прашања ќе бидат разгледани во следната статија?
23 Ние живееме во значајни времиња, бидејќи Библијата ветува дека ‚во последните дни [во кои живееме сега], многу народи ќе бидат научени за Јеховините патишта‘ (Исаија 2:2, 3). Како се дава оваа поука? Што мораме да правиме за да извлечеме корист и да имаме удел во Јеховината величествена програма на поучување која сега е во тек? Овие прашања ќе ги разгледаме во следната статија.
Како би одговорил?
◻ Како Јехова станал Татко, Учител и Сопруг?
◻ Што поучувал Јехова во врска со ‚семето‘?
◻ Која Божја животоважна поука мораме да ја следиме?
◻ Како поучува Јехова?
[Слика на страница 10]
Воскреснувањето на Јаировата ќерка ни дало основа да веруваме во Исусовото ветување за воскресение