Дали се оправдани сомневањата во врска со Исус?
ДАЛИ Исус од Назарет навистина правел чуда? Дали воскреснал од мртвите, како што изјавиле неговите ученици? Дали воопшто живеел? Во денешно време се чини дека многумина не можат со сигурност да одговорат на овие прашања. Зошто? Затоа што имаат сомневања во врска со Исус, а сомневањата се чувства на несигурност, немање спознание дали нешто е вистинито или возможно. Но, дали се оправдани чувствата на несигурност во врска со Исус? Да видиме.
Како биле посеани сомневања во врска со Исус
Некои германски теолози од доцниот XIX и раниот XX век, го прикажале Исус како „измислена личност од древната Црква“. Нивното оспорување на Исусовото историско постоење довело до полемика меѓу научниците на почетокот од овој век, која се проширила во јавноста од тоа време и која има влијание сѐ до денес. На пример, една недамнешна студија во Германија открила дека 3 проценти од интервјуираните сметаат дека Исус „никогаш не живеел“ и дека „апостолите го измислиле“. Да, семето на сомневања во врска со Исус, кое било посеано рано во овој век, дури и сега наоѓа плодна почва во срцата на луѓето.
Зошто заклучокот дека Исус бил „измислен“ едноставно не е оправдан? Библискиот научник Волфганг Трилинг коментира: „Полемиката во врска со тоа дали Исус некогаш живеел, со други зборови, дали бил историска личност или мит, беше решена. Прашањето беше одговорено на еден научен начин, барем на таков начин што луѓето кои сериозно размислуваат, повеќе не гледаат на проблемот како на теоретско спорно прашање“. Па сепак, некои сѐ уште се сомневаат во тоа дека Исус некогаш постоел. Затоа, ајде да испитаме како може да се докаже Исусовото историско постоење и како можат да се отстранат сите сомневања во врска со него.
Сведоштва кои ги отстрануваат сомневањата
Срамното погубување на Исус како презрен злосторник, дава „најубедлив доказ за противниците на историското постоење на Исус“, тврди Трилинг. Зошто? Затоа што погубувањето „го отежнало, дури и го спречило ширењето на новата вера меѓу Евреите и не–Евреите“. (Спореди 1. Коринтјаните 1:23.) Ако погубувањето на Месијата Исус било таква голема навреда и за Евреите и за Паганите, сигурно дека тоа не би можело да биде нешто што го измислиле апостолите! Понатаму, Исусовата смрт не ја потврдуваат како историски настан само четирите Евангелија туку и римскиот писател Тацит и еврејскиот Талмуд.a
И други настани од Исусовиот живот се внатрешен доказ за веродостојноста на Евангелијата, врз основа на она што го кажуваат за него. На пример, дали следбениците на Исус би измислиле дека тој дошол од Назарет — место кое очигледно немало некое посебно значење? И дали е можно да измислат дека го предал Јуда, еден доверлив придружник? Реално ли е да се верува дека би измислиле извештај за тоа како останатите ученици го напуштиле Исус на еден таков кукавички начин? Секако, не е логично учениците да состават такви негативни поединости, а потоа да ги разгласуваат насекаде! Освен тоа, уметноста на поучување што ја применувал Исус се одликувала со единствен стил. Еврејската литература од првиот век не содржи ништо што наликува на неговите илустрации. Која анонимна личност би „измислила“ такво ремек–дело како што е Проповедта на гората? Сите овие докази служат како потврда дека Евангелијата се веродостојни извештаи за Исусовиот живот.
Постои и надворешен доказ за историското постоење на Исус. Четирите Евангелија го прикажуваат во една специфична, внимателно детализирана, историска позадина. Местата како што се Витлеем и Галилеја, значајните поединци и групи како што се Понтиј Пилат и Фарисеите, како и еврејските обичаи и други специфичности, не биле само измислени. Тие сочинувале дел од структурата на животот во првиот век и биле потврдени како од небиблиски извори така и од археолошките откритија.
Според тоа, постои убедлив доказ, внатрешен и надворешен, дека Исус е историска личност.
Меѓутоа, голем број луѓе се сомневаат во чудата кои се поврзани со него. Всушност, според анкетата што беше спомената претходно, само мал дел од Германците кои одат в црква, цврсто веруваат дека Исусовите чуда и неговото воскресение „навистина се случиле“. Дали се оправдани сомневањата во врска со Исусовите чуда и воскресение?
Зошто некои се сомневаат во Исусовите чуда
Матеј 9:18-36 известува дека Исус преку чуда лечел болни, воскреснувал мртви и истерувал демони. Професорот Хуго Стаудингер, историчар, коментира: „Толку е неверојатно, а од историска гледна точка и невозможно, овие извонредни извештаи да бидат производ на жива имагинација“. Зошто? Затоа што се чини дека најраните Евангелија биле пишувани во времето кога повеќето од очевидците на тие чуда сѐ уште биле живи! Натамошна потврда за тоа се, како што продолжува Стаудингер, еврејските противници кои „никогаш не оспорувале дека Исус извршил извонредни дела“. Ако ги занемариме сите други докази и ако го базираме нашето просудување само на овој надворешен доказ, ќе утврдиме дека Исусовите чуда несомнено заслужуваат да веруваме во нив (2. Тимотеј 3:16).
Иако „повеќето Германци се убедени дека Исус лечел болни луѓе“, многумина се сомневаат во силата која стои зад тие лекувања. На пример, еден познат германски теолог јавно тврдел дека лечењата што ги извршувал Исус биле резултат на моќта на сугестијата која делувала на луѓето кои страдале од ментални пореметувања. Дали тоа е разумно објаснување?
Размисли за следново. Марко 3:3-5 известува дека Исус излечил човек со исушена рака. Но, дали исушената рака е последица на ментално пореметување? Воопшто не. Според тоа, ова лечење не може да се припише на моќта на сугестијата. Тогаш, што го оспособило Исус да извршува чуда? Професорот Стаудингер признава: „Ако не постојат апсолутно непобитни закони и ако во целост не се негира Бог, тогаш во основа не може да се исклучи веројатноста дека Бог, чија моќ ја надминува моќта на човекот, е способен да изврши невообичаени работи“. Да, навистина, со помош на „величината Божја“, Исус дословно ги лечел болните луѓе. Затоа, нема причина за сомневање во вистинитоста на неговите чуда (Лука 9:43; Матеј 12:28).
Како што вели The American Peoples Encyclopedia (Енциклопедија на американскиот народ), ако се случило најголемото од сите чуда — Исусовото воскресение, сите други чуда кои се забележани во Евангелијата „се во границите на можното“. Дали Исус навистина бил подигнат од мртвите?
Дали се оправдани сомневањата за Исусовото воскресение?
Најнапред разгледај еден јак и исцрпен доказ кој ја поткрепува вистинитоста на Исусовото воскресение — а тоа е неговиот празен гроб. Фактот дека Исусовиот гроб бил празен, не го оспорувале неговите современици, дури ни неговите противници (Матеј 28:11-15). Измамата лесно би била разоткриена! Гореспоменатото дело со осврти исправно заклучува: „Нема поверодостојно објаснување за празниот гроб, отколку што е библиското тврдење: ‚Не е овде, воскресна‘ (Мат. 28:6)“.
Некои приговараат дека самите Исусови ученици разгласиле дека тој е воскреснатиот Месија. Да, тие го сториле тоа. Но, зарем веродостојноста на нивната порака не била цврсто втемелена на историски факт, особено за смртта и воскресението на Исус? Се разбира. Апостол Павле бил свесен за оваа поврзаност кога напишал: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера. При тоа, ако навистина мртвите не воскреснуваат, ние излегуваме како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме за Бога дека Го воскреснал“ (1. Коринтјаните 15:14, 15; спореди Јован 19:35; 21:24; Евреите 2:3).
Во првиот век имало многу луѓе чиј идентитет бил добро познат и кои можеле да посведочат дека Исус се појавил по својата смрт. Меѓу нив биле 12–те апостоли и Павле, како и повеќе од 500 други очевидциb (1. Коринтјаните 15:6). Имај ја на ум и причината зошто Матеј ги исполнил условите да го замени неверниот апостол Јуда. Дела 1:21-23 известува дека Матеј можел да посведочи за Исусовото воскресение и за поранешните настани во врска со Него. Доколку животот и воскресението на Исус биле измислица а не факт, таквиот услов за наименување сигурно не би бил потребен.
Со оглед на тоа што толку многу очевидци од првиот век можеле да посведочат за животот, чудата, смртта и воскресението на Исус, христијанството се раширило низ Римското Царство прилично брзо и покрај гореспоменатите препреки. Неговите следбеници биле спремни да поднесуваат неволји, прогонства, па дури и смрт за да објавуваат насекаде за воскресението и за темелната вистина која произлегува од него. Која е таа вистина? Дека неговото воскресение било возможно само со делувањето на Божјата сила. А зошто Јехова Бог го воскреснал Исус од смртта? Одговорот на ова прашање покажува кој е историскиот Исус.
На Пентакост, апостол Петар слободно им објавил на вчудовидените Евреи во Ерусалим: „Овој Исус Го воскресна Бог, за кое сме ние сите сведоци. И така, Он, откако беше вознесен со десницата Божја и Го прими Светиот Дух, ветен од Отецот, го излеа ова, што го гледате сега вие и го слушате. Оти Давид не отиде на небесата, но сам кажа: ‚Му рече Господ [Јехова, НС] на мојот Господ седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И така, насигурно нека знае сиот Израилев дом, дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос“ (Дела 2:32-36). Да, Јехова Бог го направил Исус од Назарет „Господ и Христос“. Дали се оправдани сомневањата во врска со неговата улога во овој аспект од Божјата намера ?
Зошто да се има сомневање за Исусовата сегашна улога?
Како можат да бидат отстранети сите сомневања за идентитетот и за улогата на Исус? Па, со фактот дека тој очигледно бил вистински пророк. Тој ги прорекол војните, гладот, земјотресите, криминалот и недостигот на љубов што ги гледаме денес. Освен тоа, тој прорекол: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:3–14). Исполнувањето на овие пророштва докажува дека Исус е воскреснатиот Христос, кој невидливо владее „меѓу непријателите Свои“ и кој наскоро ќе го воведе Божјиот нов свет (Псалм 109:1, 2; Даниил 2:44; Откровение 21:1–5).
Како никогаш порано, денес на човештвото му е итно потребен Спасител кој поседува натчовечка мудрост. Зошто да се сомневаме дека Исус е оној кој со право е избран да го спаси човештвото? Јован, кој бил очевидец на впечатливите чуда и на воскресението на Исус, изјавил: „И ние видовме и сведочиме дека Отецот Го испрати Синот како Спасител на светот“ (1. Јованово 4:14; спореди Јован 4:42). Исто како што немаме разумна основа да се сомневаме во Исусовото постоење, во чудата, во смртта и воскресението, немаме причина да се сомневаме ни во тоа дека Јехова Бог го устоличил како законски Цар од Својата десна страна. Без сомнение, Исус од Назарет е Цар на Божјето Царство и „Спасител на светот“ (Матеј 6:10).
[Фусноти]
a Само некои научници ги прифаќаат како автентични полемичките осврнувања на Исус во Талмудот. Од друга страна, осврнувањата на Исус што ги направиле Тацит, Светониј, Плиниј Помладиот и барем еден осврт на Јосиф Флавиј, општо се прифатени како доказ за историското постоење на Исус.
b Во една прилика, воскреснатиот Исус јадел риба со своите ученици, а тоа е доказ дека неговото појавување не било само визија, како што тврдат денес некои луѓе (Лука 24:36-43).