Можеш ли да негуваш поголема способност на разликување?
СПОСОБНОСТА на разликување е „моќта или способноста на разумот да разликува една работа од друга“. Тоа може исто така да биде и „способност на расудување“ или „моќ на согледување на разликите помеѓу стварите или идеите. Така вели Webster’s Universal Dictionary (Вебстеровиот универзален речник). Очигледно, способноста на разликување е пожелна особина. Нејзината вредност се гледа во Соломоновите зборови: „Кога мудроста ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе ѝ биде пријатно на душата твоја, . . . разумот [способноста на разликување, НС] ќе те чува, за да те спаси од лош пат“ (Изреки 2:10-12).
Да, способноста на разликување ќе ни помогне да го отфрлиме ‚лошиот пат‘, кој денес го има на претек. А таа носи и многу други користи. На пример, родителите често ги слушаат своите деца како велат: ‚Ти едноставно не разбираш‘. Родителите кои имаат способност на разликување со мало испитување, знаат како да ги извлечат на површина чувствата и работите кои ги вознемируваат нивните деца (Изреки 20:5). Еден сопруг кој има способност на разликување, наместо да донесува пребрзи заклучоци, ќе ја сослуша својата сопруга и ќе се здобие со увид во нејзиното размислување и чувства. Сопругата ќе го стори истото со својот сопруг. На тој начин, ‚со мудрост ќе се изградува куќа и со разум [способност на разликување, НС] ќе се зацврстува‘ (Изреки 24:3).
Способноста на разликување му помага на лицето успешно да управува со одредени ситуации. Изреки 17:27 (НС) велат: „Секој кој се воздржува во својот говор поседува спознание, и човекот кој има способност на разликување е со смирен дух“. Лицето кое има способност на разликување не е некоја усвитена глава која се залетува во секоја ситуација без размислување. Тоа внимателно размислува за можните последици пред лично да се впушти во нешто (Лука 14:28, 29). Исто така, негува помирољубиви односи со другите поради тоа што ‚разумна уста‘ го наведува да внимава што ќе каже (Изреки 10:19; 12:8, НС). Но, што е најважно, лицето кое има способност на разликување понизно ги согледува своите сопствени ограничувања и наместо од човекот, бара водство од Бог. Ова му е угодно на Јехова и претставува уште една дополнителна причина за негување на способност на разликување (Изреки 2:1-9; Јаков 4:6).
Израеловиот недостиг на способност на разликување
Опасноста да се промаши во покажувањето на способност на разликување е видлива од еден настан од раната историја на Израел. Осврнувајќи се на тоа време, инспирираниот псалмист рекол: „Нашите татковци во Египет не ги разбраа Твоите чудеса, не ги помнеа многуте милости Твои и се побунија кога се приближија до Црвеното Море“ (Псалм 105:7).
Кога Мојсеј го извел Израел од Египет, Јехова веќе ја покажал својата моќ и решеност да го ослободи својот народ, казнувајќи ја таа моќна светска сила со десет неволји. Откако Фараонот ги пуштил Израелците да си одат, Мојсеј ги одвел до брегот на Црвеното Море. Меѓутоа, војските на Египет марширале по нив гонејќи ги. Изгледало како Израелците да биле фатени во замка и како нивната новостекната слобода да била краткотрајна. Така, библискиот извештај вели: „Синовите Израилеви се уплашија многу, па извикаа кон Господа“. А кон Мојсеј се свртеле, велејќи: „Што ни направи? Зошто нѐ изведе од Египет? . . . Оти подобро ќе ни беше да им служиме на Египтјаните, отколку да изгинеме во пустињава“ (2. Мојсеева 14:10-12).
Нивниот страв може да изгледа разбирлив сѐ додека не се потсетиме на тоа дека тие веќе виделе десет истакнати изрази на Јеховината моќ. Тие го знаеле од прва рака она на кое Мојсеј ги потсетил околу 40 години подоцна, велејќи: „Нѐ изведе Господ од Египет, Сам со големата сила Своја, со силна рака и со цврста мишка, со виденија големи, со знаци и чудеса“ (5. Мојсеева 26:8). Оттука, како што напишал псалмистот, кога Израелците се свртеле против Мојсеевото водство, „тие не покажале никаков увид“. Меѓутоа, Јехова кој е доследен на своето ветување, им нанел чудесен пораз на египетските војски (2. Мојсеева 14:19-31).
На сличен начин може и нашата вера да ослаби кога со неволјите би се соочувале со сомневање или колебање. Способноста на разликување ќе ни помогне работите секогаш да ги гледаме во перспектива, имајќи ја на ум Јеховината неизмерна големина во однос на секој друг кој би ни се спротивставил. Способноста на разликување исто така ќе ни помогне да го задржиме во мислите она што Јехова веќе го сторил за нас. Ќе ни помогне никогаш да не го изгубиме од вид фактот дека тој е Оној кој ги „пази сите кои Го сакаат“ (Псалм 144:18-20).
Здобивање со духовна способност на разликување
Способноста на разликување не доаѓа автоматски со годините. Таа мора да се негува. Мудриот цар Соломон, кој се здобил со меѓународна слава поради својата способност на разликување, рекол: „Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум [способност на разликување, НС]; подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато“ (Изреки 3:13, 14). Каде ја стекнал Соломон својата способност на разликување? Од Јехова. Кога Јехова го прашал Соломон каков благослов сака, Соломон одговорил: „Подари му, пак, на Твојот слуга разумно срце, за да му служи на Твојот народ и да разликува: што е добро и што е зло“ (3. Царства 3:9). Да, Соломон гледал на Јехова како на свој помошник. Тој барал способност на разликување и Јехова му ја дал во една невообичаена мера. Со каков резултат? „Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите синови на Исток, од сета мудрост на Египтјаните“ (3. Царства 4:30).
Соломоновото искуство ни покажува каде да се обратиме во нашата потрага по способност на разликување. Како Соломон, и ние треба да се обратиме до Јехова. Како? Па, Јехова нѐ обезбедил со неговата Реч, Библијата, која ни дава увид во неговото размислување. Кога ја читаме Библијата, ние копаме по скапоцениот извор на спознание кој ќе го обезбеди темелот за духовна способност на разликување. Треба да медитираме за информациите што ги акумулираме од читањето на Библијата. Тогаш, тоа може да биде употребено за донесување на исправни одлуки. Со текот на времето, нашата моќ на забележување ќе се развие до тој степен што ќе станеме „потполно возрасни во моќта на разбирањето“, способни да ‚распознаваме [или, да разликуваме помеѓу] исправно и погрешно‘ (1. Коринтјаните 14:20, НС; Евреите 5:14, НС; спореди 1. Коринтјаните 2:10).
Занимливо, ние сѐ уште можеме да имаме корист од способноста на разликување што Јехова му ја дал на Соломон. На кој начин? Соломон станал вешт во изразувањето на мудрост во вид на изреки, кои всушност биле капсули на божествено инспирирана мудрост. Голем број од овие изреки се зачувани во библиската книга Изреки. Проучувањето на таа книга ни помага да извлечеме корист од Соломоновата способност на разликување, но и самите да развиваме способност на разликување.
Како помош во нашето проучување на Библијата, можеме да ги користиме библиските помошни средства, како што се списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Преку 116 години Стражарска кула им го објавува Јеховиното Царство на искрените лица. Списанието Разбудете се! и неговите претходници ги коментираат светските прилики уште од 1919. Овие две списанија, Стражарска кула и Разбудете се!, ги испитуваат библиските вистини и даваат напредно духовно просветлување кое ни помага да ги разликуваме заблудите било да се научувани од христијанството или се наоѓаат во нашиот начин на размислување (Изреки 4:18).
Една друга помош во развивање на способност на разликување е здравото друштво. Една од изреките на цар Соломон вели: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“ (Изреки 13:21). Штета што Ровоам, синот на цар Соломон, не се присетил на оваа изрека во еден решавачки момент од својот живот. По смртта на неговиот татко, племињата на Израел дошле кај него да бараат да им го олесни товарот. Ровоам најпрво се консултирал со постарите мажи и тие покажале способност на разликување кога го охрабриле да ги послуша своите поданици. Потоа, отишол кај помладите. Тие покажале неискусност и недостиг на способност на разликување, охрабрувајќи го Ровоам да им одговори на Израелците со закани. Ровоам ги послушал младите. Каков бил резултатот? Израел се побунил и Ровоам изгубил голем дел од своето царство (3. Царства 12:1-17).
За развивање на способност на разликување неопходно потребно е да се бара помошта од светиот дух. Осврнувајќи се на Јеховиното постапување со Израелците по нивното ослободување од ропството во Египет, библискиот писател Неемија рекол: „Ти им го даде Твојот благ Дух, за да ги поучува“ (Неемија 9:20). Јеховиниот дух може да ни помогне и нам да станеме мудри. Додека молиш за Јеховиниот дух да ти даде разборитост, моли со доверба бидејќи Јехова „на сите им дава изобилно и без укор“ (Јаков 1:5; Матеј 7:7-11; 21:22).
Способност на разликување и увид
Апостол Павле покажал способност на разликување кога ја проповедал вистината на луѓето од народите. Еднаш, на пример, додека бил во Атина, тој „поминувал и внимателно ги набљудувал“ нивните предмети на обожавање. Павле бил окружен со идоли поради што неговиот дух се вознемирил. Сега требало да донесе одлука. Дали да ја следи линијата на помал отпор и да си ќути или, пак, да зборува отворено за раширеното идолопоклонство, кое толку многу го иритирало, иако вториов избор би можел да биде дури и опасен?
Павле постапил со способност на разликување. Тој здогледал еден олтар со натпис: „На непознатиот Бог“. Тактично им ја потврдил нивната предаденост на идоли, а потоа го употребил тој олтар како пат по кој ја вовел темата „Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него“. Да, Јехова бил Богот за кого тие не знаеле! Притоа Павле ја зел во обѕир нивната осетливост во врска со таа тема и така можел да даде прекрасно сведоштво. Со каков резултат? Голем број луѓе ја прифатиле вистината, вклучувајќи ги „Дионисиј Ареопагит и една жена, по име Дамара, и други со нив“ (Дела 17:16-34). Каков пример за способност на разликување бил Павле!
Без сомнение, способноста на разликување не доаѓа така лесно или сама по себе. Но, со стрпливост, молитва, искрен напор, здраво друштво, проучување на Библијата и медитирање за неа, како и со ослонување на Јеховиниот свет дух, и ти можеш да ја негуваш.