Завидливиот човек
ХЕБРЕЈСКИОТ јазик има само еден изворен збор за „љубомора“. Кога се однесува на грешните луѓе, хебрејскиот збор може да се преведе со „завидливост“ или „ривалство“ (1. Мојсеева 26:14; Проповедник 4:4). Меѓутоа, грчкиот јазик има неколку збора за љубомора. Зборот зелос, како и неговиот хебрејски еквивалент, може да се однесува и на двете — и на праведната и на грешната „љубомора“. Еден друг грчки збор, фтонос, има чисто негативна конотација. Во New World Translation (Нов свет превод) секогаш се преведува со „завидливост“.
Како бил употребуван зборот фтонос во древниот грчки? The Anchor Bible Dictionary наведува: „За разлика од лакомиот човек, човекот кој е оптоварен со фтонос не ги сака безусловно за себе добрата кои не поднесува да ги поседуваат другите; тој едноставно не сака тоа друго лице да ги поседува. Тој се разликува од човекот кој има натпреварувачки дух, по тоа што неговата цел, за разлика од целта на овој вториов, не е да победи туку да ги спречи другите да победат“.
Завидливиот човек честопати не е свесен дека основната причина за неговите проблеми е неговиот личен став. „Една од карактеристиките на фтонос“, објаснува истиот речник, е „недостигот на самосвесност“. Ако човекот фтонерос се повика да го оправда своето постапување, тој секогаш ќе се убедува себеси а и другите дека оние кои ги напаѓа го заслужуваат тоа и дека непријатноста на ситуацијата е таа што го тера да критизира. Ако е запрашан како може за еден пријател да зборува на таков начин, тој ќе одговори дека неговите критики се за доброто на пријателот.
Писателите на евангелијата Матеј и Марко, го употребиле грчкиот збор фтонос за да ги опишат мотивите на оние кои биле одговорни за смртта на Исус (Матеј 27:18; Марко 15:10). Да, тие биле водени од завист. Истата штетна емоција предизвикала отпадниците злобно да ги мразат своите поранешни браќа (1. Тимотеј 6:3-5). Не е ни чудо што завидливите луѓе нема да влезат во Божјето Царство! Јехова Бог пресудил дека сите што продолжуваат да бидат „полни со завист . . . заслужуваат смрт“ (Римјаните 1:29, 32; Галатјаните 5:21).
[Слики на страница 7]
Не дозволувај зависта да ти го уништи животот