Љубовта ја победува неисправната љубомора
„Љубовта не е љубоморна“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 13:4, НС).
1, 2. а) Што им рекол Исус на своите ученици за љубовта? б) Дали е можно да се има и љубов и љубомора, и зошто одговараш така?
ЉУБОВТА е знак за распознавање на вистинското христијанство. „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“, рекол Исус Христос (Јован 13:35). Апостол Павле бил инспириран да објасни како треба љубовта да влијае врз христијанските односи. Меѓу другото, напишал: „Љубовта не е љубоморна“ (1. Коринтјаните 13:4, НС).
2 Кога ги напишал овие зборови, Павле мислел на неисправната љубомора. Инаку, не би можел на истото собрание да му каже: „Љубоморен сум на вас со божествена љубомора“ (2. Коринтјаните 11:2, НС). Неговата „божествена љубомора“ ја подбудиле луѓе кои имале расипувачко влијание во собранието. Тоа го мотивирало Павле да им напише на коринтските христијани второ инспирирано писмо кое содржи многу љубезни совети (2. Коринтјаните 11:3-5).
Љубомора меѓу христијаните
3. Како меѓу коринтските христијани се развил еден проблем во кој била вклучена љубомора?
3 Во своето прво писмо до Коринтјаните, Павле морал да реши еден проблем кој им отежнувал на овие нови христијани да се слагаат еден со друг. Тие издигнувале извесни мажи кои ‚се гордееле еден пред друг поради некого‘. Тоа довело до поделби во собранието, каде што различни поединци велеле: „Јас сум Павлов“, „А јас сум Аполосов“, „Јас сум на Кифа“ (1. Коринтјаните 1:12; 4:6). Под водството на светиот дух, апостол Павле бил во можност да го допре коренот на проблемот. Коринтјаните постапувале како телесно настроени, а не како „духовни“ луѓе. Затоа, Павле напишал: „Уште сте телесни. И навистина, штом помеѓу вас има завист [љубомора, НС], кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?“ (1. Коринтјаните 3:1-3).
4. Каква илустрација употребил Павле за да им помогне на своите браќа да дојдат до исправното гледиште еден за друг, и каква поука можеме да извлечеме од ова?
4 Павле им помогнал на Коринтјаните да го сфатат исправното гледиште за талентите и способностите на различни поединци во собранието. Тој прашал: „Кој ти дава предимство? Што имаш, што не си добил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?“ (1. Коринтјаните 4:7). Во 1. Коринтјаните, поглавје 12, Павле објаснил дека оние кои се дел од собранието, се како различни делови на едно човечко тело, како што се раката, окото и увото. Тој истакнал дека Бог ги направил деловите на телото на таков начин што се грижат еден за друг. Павле исто така напишал: „Кога се слави еден од органите, тогаш со него се радуваат сите органи“ (1. Коринтјаните 12:26). Сите денешни Божји слуги треба да го применуваат ова начело во својот однос еден со друг. Наместо да бидеме љубоморни на другиот поради неговото наименување или постигнувања во Божјата служба, ние треба да се радуваме со него.
5. Што е откриено во Јаков 4:5, и на кој начин Библијата ја истакнува вистинитоста на овие зборови?
5 Признаваме, ова е полесно да се рече отколку да се направи. Библискиот писател Јаков нѐ потсетува дека ‚склоноста кон завист‘ почива во секој грешен човек (Јаков 4:5, НС). До првата човечка смрт дошло затоа што Каин ѝ подлегнал на својата неисправна љубомора. Филистејците го прогонувале Исак затоа што му завидувале на неговата растечка благосостојба. Рахил била љубоморна на својата сестра поради нејзината плодност во раѓањето деца. Јакововите синови му биле љубоморни на својот помлад брат Јосиф поради наклоноста што му била покажана. Маријам очигледно ѝ била љубоморна на својата неизраелска снаа. Кореј, Датан и Авирон завидливо сковале завера против Мојсеј и Арон. Царот Саул станал љубоморен на воените успеси на Давид. Без сомнение, љубомората исто така била фактор кој ги натерал Исусовите ученици секогаш одново да аргументираат околу тоа кој е најголемиот меѓу нив. Факт е дека ниеден несовршен човек не е потполно ослободен од грешната „склоност кон завист“ (1. Мојсеева 4:4-8; 26:14; 30:1; 37:11; 4. Мојсеева 12:1, 2; 16:1-3; Псалм 105:16; 1. Царства 18:7-9; Матеј 20:21, 24; Марко 9:33, 34; Лука 22:24).
Во собранието
6. Како можат старешините да ја контролираат склоноста кон завист?
6 Сите христијани треба да се чуваат од завист и од неисправна љубомора. Тоа се однесува и на старешинствата кои се наименувани да се грижат за собранијата на Божјиот народ. Ако некој старешина има понизност на умот, тој нема амбициозно да се обидува да ги засени другите старешини. Од друга страна, ако некој старешина поседува истакнати способности како организатор или како јавен говорник, другите ќе се радуваат поради тоа и ќе го сметаат за благослов за собранието (Римјаните 12:15, 16). Можеби некој брат одлично напредува, давајќи доказ дека ги развива плодовите на Божјиот дух во својот живот. Кога ги разгледуваат неговите квалификации, старешините треба да внимаваат да не преувеличуваат некои незначителни грешки како оправдување да не го препорачаат за слуга помошник или за старешина. Тоа би открило недостиг на љубов и разумност.
7. Каков проблем понекогаш може да настане кога еден христијанин ќе добие некое теократско наименување?
7 Ако некој добие теократско наименување или духовен благослов, останатите во собранието треба да се чуваат од завист. На пример, некоја способна сестра можеби почесто добива прикази отколку друга на христијанските состаноци. Тоа би можело да предизвика љубомора кај некои сестри. Сличен проблем можеби постоел помеѓу Еводија и Синтихија од собранието во Филипи. На таквите денешни жени можеби им треба љубезно охрабрување од старешините за да бидат понизни и „едномислени во Господа“ (Филипјаните 2:2, 3; 4:2, 3).
8. До какви грешни постапки може да води љубомората?
8 Можеби некој христијанин знае за извесна грешка од минатото на некој кој сега е благословен со предности во собранието (Јаков 3:2). Од љубомора би можел да биде искушан да им зборува на другите за тоа и да го доведе во прашање наименувањето на дотичниот во собранието. Тоа би било спротивно на љубовта која „покрива многу гревови“ (1. Петрово 4:8). Љубоморното зборување може да го наруши мирот на едно собрание. „Ако во срцата свои имате горчлива завист и карање“, предупредил ученикот Јаков, „не фалете се и не лажете против вистината: тоа не е мудрост, која доаѓа одозгора, туку земна, душевна [животинска, НС], бесовска“ (Јаков 3:14, 15).
Во своето семејство
9. Како можат брачните партнери да ги контролираат своите чувства на љубомора?
9 Многу бракови пропаѓаат поради неисправна љубомора. Да се покажува недостиг на доверба во брачниот партнер не е израз на љубов (1. Коринтјаните 13:7). Од друга страна, едниот сопружник можеби не реагира на чувствата на љубомора кај другиот. На пример, сопругата може да е љубоморна поради вниманието што нејзиниот сопруг го посветува на некоја друга личност од спротивниот пол. Или, пак, сопругот може да стане љубоморен поради должината на времето што неговата сопруга го поминува додека се грижи за потребите на некој роднина. Засрамени од таквите чувства, брачните партнери може да молчат и да ја покажат својата фрустрираност на начини кои само ќе го комплицираат проблемот. Наместо тоа, љубоморниот брачен партнер треба да разговара и да биде чесен во врска со своите чувства. За возврат, другиот брачен партнер треба да покаже разбирање и да го увери во својата љубов (Ефесјаните 5:28, 29). Можеби обајцата треба да ги ублажат чувствата на љубомора така што ќе избегнуваат ситуации кои можат да дадат повод за тоа. Понекогаш, еден христијански надгледник можеби ќе треба да ѝ помогне на својата сопруга да сфати дека тој им посветува ограничено, исправно внимание на припадничките на спротивниот пол за да ја исполни својата одговорност како пастир на Божјето стадо (Исаија 32:2). Секако, еден старешина треба да внимава никогаш да не даде некаква оправдана причина за љубомора. За да го постигне тоа, потребна е рамнотежа и да се грижи да одвојува доволно време за јакнење на својот брачен однос (1. Тимотеј 3:5; 5:1, 2).
10. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да се борат против чувствата на љубомора?
10 Родителите мораат исто така да им помогнат на своите деца да го сфатат поимот за неисправна љубомора. Децата често се впуштаат во препирки кои преминуваат во борби. Честопати, суштината на проблемот е во љубомората. Поради тоа што потребите на секое дете се единствени, децата не можат да бидат третирани на ист начин. Освен тоа, децата треба да разберат дека секое од нив има поинакви јаки и слаби страни. Ако едното дете секогаш е охрабрувано да прави исто како и другото, така може да се создаде завист во едното, а гордост во другото. Затоа, родителите треба да ги воспитуваат своите деца да го мерат личниот напредок така што ќе ги земаат во обѕир примерите од Божјата Реч, а не да се натпреваруваат меѓусебно. Библијата вели: „Да не бараме лажна слава, еден друг да не предизвикуваме, еден на друг да не завидуваме“. Наместо тоа, „секој нека си ги испита делата свои, и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред [во споредба со, НС] друг“ (Галатјаните 5:26; 6:4). Што е најважно, христијанските родители треба да им помагаат на своите деца преку редовна библиска студија, каде ќе ги истакнуваат добрите и лошите примери кои ги содржи Божјата Реч (2. Тимотеј 3:15).
Примери како да се совлада љубомората
11. На кој начин Мојсеј бил извонреден пример за совладување на љубомората?
11 За разлика од лидерите на овој свет кои се гладни за моќ, ‚Мојсеј бил најкроткиот човек меѓу сите луѓе на Земјата‘ (4. Мојсеева 12:3). Кога на Мојсеј му станало тегобно сам да ги води Израелците, Јехова го поттикнал Својот дух да дејствува врз 70 други Израелци и ги овластил да му помогнат на Мојсеј. Кога двајца од нив почнале да дејствуваат како пророци, Исус Навин мислел дека тоа неоправдано го одвраќа вниманието од Мојсеевото водство. Сакал да ги спречи луѓето, но Мојсеј понизно заклучил: „Зар завидуваш поради мене? О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испратеше Господ Својот Дух!“ (4. Мојсеева 11:29). Да, Мојсеј бил среќен кога другите добиле предности во службата. Тој не барал љубоморно слава само за себе.
12. Што му овозможило на Јонатан да ги избегне чувствата на љубомора?
12 Извонреден пример за тоа како љубовта ги надвладува можните неисправни чувства на љубомора, дал Јонатан, синот на израелскиот цар Саул. Јонатан требало да го наследи престолот на својот татко, но Јехова го избрал Давид, синот Јесеев, да биде следен цар. Многумина на местото на Јонатан би биле љубоморни на Давида и би го сметале за соперник. Меѓутоа, љубовта на Јонатан кон Давид ги спречила таквите чувства да загосподарат со него. Штом дознал за смртта на Јонатан, Давид можел да рече: „Жалам за тебе, брате Јонатане; ти ми беше многу мил; твојата љубов за мене беше поголема од женската љубов“ (2. Царства 1:26).
Најистакнати примери
13. Кој е најдобриот пример во поглед на љубомората и зошто?
13 Јехова Бог е најистакнатиот пример за оној кој има власт дури и над исправниот вид на љубомора. Тој ги држи таквите чувства под совршена контрола. Секакво моќно манифестирање на божествена љубомора секогаш е во склад со Божјата љубов, правда и мудрост (Исаија 42:13, 14).
14. Каков пример дал Исус за разлика од Сатана?
14 Вториот истакнат пример за тоа како да се покаже власт над љубомората е Божјиот љубен Син, Исус Христос. ‚Иако постоел во Божји облик‘, Исус ‚не размислувал да присвои нешто сосила, имено, да биде еднаков на Бог‘ (Филипјаните 2:6, НС). Каква остра спротивност во однос на постапката што ја презел амбициозниот ангел кој станал Сатана Ѓаволот! Како и „вавилонскиот цар“, Сатана љубоморно копнеел да ‚стане сличен на Највишиот‘, поставувајќи се себеси како сопернички бог против Јехова (Исаија 14:4, 14; 2. Коринтјаните 4:4). Сатана се обидел да го наведе дури и Исус да ‚падне и да му се поклони‘ (Матеј 4:9). Но, ништо не можело да го поколеба Исус да покаже понизна подложност спрема Јеховината сувереност. Спротивно на Сатана, Исус ‚се понизил, откако зел обличје на слуга и се изедначил со луѓето; и по вид се покажал како човек; Сам се смирил, откако станал послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст. Исус ја поддржал законитоста на владата на својот Татко, така што потполно го отфрлил Сатановиот правец на гордост и љубомора. Поради Исусовата верност, ‚Бог високо Го издигнал и Му дал име, што е над секое име, та во името на Исуса да ги преклони колената на сѐ што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот‘ (Филипјаните 2:7-11).
Совладај ја својата љубомора
15. Зошто мораме да внимаваме да не подлегнеме на чувствата на љубомора?
15 За разлика од Бог и од Христос, христијаните се несовршени. Поради тоа што се грешни, понекогаш нивните постапки можат да бидат мотивирани од грешна љубомора. Затоа, наместо да дозволиме љубомората да нѐ натера да критизираме некој соверник поради некаква незначителна грешка или замислена навреда, важно е да медитираме за овие инспирирани зборови: „Не станувај преправеден, ниту се покажувај претерано мудар. Зошто да си нанесеш опустошување?“ (Проповедник 7:16, НС).
16. Каков извонреден совет за љубомората бил даден во еден постар број на ова списание?
16 Во врска со темата љубомора, Стражарска кула од 15 март 1911 година предупредила: „Иако треба да бидеме многу ревносни и многу љубоморни за Господовата намера, сепак мораме да бидеме цврсто уверени дека слабоста на другиот христијанин не е некаква приватна работа; и треба да размислиме дали се мешаме во секоја манџа или не. Исто така, треба да размислиме дали тоа навистина е работа за старешините и дали е или не е наша должност да одиме кај нив. Сите ние треба да имаме голема љубомора за Господовата намера и за Господовото дело, но да бидеме особено внимателни таа да не биде од горчлив вид . . . со други зборови, да бидеме цврсто уверени тоа да не биде љубомора еден на друг, туку љубомора еден за друг, за интересите на другиот и за неговата најголема добробит“ (1. Петрово 4:15).
17. Како можеме да избегнеме грешни љубоморни постапки?
17 На кој начин можеме како христијани да избегнуваме гордост, љубомора и завист? Решението лежи во тоа да му допуштиме на Божјиот дух слободно да протекува во нашиот живот. На пример, треба да се молиме за Божјиот дух и за помош во покажувањето на неговите добри плодови (Лука 11:13). Треба да присуствуваме на христијанските состаноци кои се отвораат со молитва и кои го имаат Божјиот дух и благослов. Освен тоа, треба да ја проучуваме Библијата, која е инспирирана од Бог (2. Тимотеј 3:16). И треба да учествуваме во делото на проповедање на Царството кое се врши со помош на Јеховиниот свет дух (Дела 1:8). Да им се помага на сохристијаните кои се притиснати од некое лошо искуство, е уште еден начин за подложување на доброто влијание на Божјиот дух (Исаија 57:15; 1. Јованово 3:15-17). Ако ревносно ги исполнуваме сите овие христијански обврски, тоа ќе ни помогне да бидеме заштитени од грешните љубоморни постапки, зашто Божјата Реч наведува: „Живејте по Духот, и желбите на телото ваше нема да ги извршувате“ (Галатјаните 5:16).
18. Зошто не ќе мораме секогаш да се бориме против неисправните чувства на љубомора?
18 Љубовта е наброена како прва од плодовите на Божјиот свет дух (Галатјаните 5:22, 23). Ако сега покажуваме љубов, тоа ќе ни помогне да ги држиме под контрола грешните склоности. А како е со иднината? Милиони Јеховини слуги ја имаат надежта за живот во идниот земен Рај, каде што можат да очекуваат да бидат подигнати до човечко совршенство. Во тој нов свет ќе преовладува љубов и никој нема да им подлегнува на неисправните чувства на љубомора, затоа што „самата творба ќе биде ослободена од ропството на расипаноста и ќе ја има славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21, НС).
Точки за размислување
◻ Каква илустрација употребил Павле за да помогне да се спречи љубомората?
◻ Како би можела љубомората да го наруши мирот на собранието?
◻ Како можат родителите да ги воспитаат своите деца да се борат против љубомората?
◻ Како можеме да избегнеме грешни љубоморни постапки?
[Слика на страница 16]
Не дозволувај љубомората да го наруши мирот на собранието
[Слика на страница 17]
Родителите можат да ги воспитуваат своите деца да се борат против чувствата на љубомора