Прашања од читателите
На што мислел ученикот Јаков кога рекол: „Не барајте, браќа мои, мнозина да станувате учители, знаејќи дека поголемо осудување ќе добиеме“? (Јаков 3:1).
Секако дека Јаков не мислел да ги обесхрабри христијаните да ги поучуваат другите за вистината. Во Матеј 28:19, 20 Исус им заповедал на своите ученици ‚да ги научат сите народи, . . . учејќи ги да пазат сѐ што им заповедал‘. Значи, сите христијани треба да бидат учители. Токму поради тоа што сѐ уште не биле учители, апостол Павле им давал совети на еврејските христијани. Тој напишал: „Иако според годините вие требаше веќе да бидете учители, вие сѐ уште имате потреба да ве учат — кои се првите начала на словото Божјо“ (Евреите 5:12).
Тогаш, за што зборувал Јаков? Тој им се обратил на оние кои имале посебни предности да поучуваат во собранието. Во Ефесјаните 4:11 читаме: „Он [Исус Христос, Глава на собранието] постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители“. Во собранијата од првиот век имало посебни предности на поучување, како што има и денес. На пример, Водечкото тело го претставува ‚верниот и разумен роб‘ и има посебна одговорност да го надгледува поучувањето на собранието во целиот свет (Матеј 24:45, НС). Патувачките надгледници и собраниските старешини исто така имаат посебни одговорности да поучуваат.
Дали Јаков им велел на оспособените христијански мажи дека не треба да ја прифатат улогата на учители поради страв од Божјето поголемо осудување? Воопшто не. Службата што ја извршува еден старешина е голема предност, како што се гледа од 1. Тимотеј 3:1 (НС): „Ако некој тежнее по служба на надгледник, тој посакува извонредна работа“.Едно од неопходните барања за некој да биде наименуван за собраниски старешина е тој маж да биде способен да „поучува“ (1. Тимотеј 3:2, НС). Јаков не им противречел на Павловите инспирирани зборови.
Меѓутоа, изгледа дека во првиот век н.е., некои се поставувале себеси за учители, иако не ги исполнувале условите и не биле наименувани. Веројатно сметале дека тоа е некаква истакната улога и посакувале лична слава. (Спореди Марко 12:38-40; 1. Тимотеј 5:17.) Апостол Јован го споменал Диотреф, кој ‚сакал да го има првото место, но не примал ништо од Јован со почитување‘ (3. Јованово 9, НС). Во 1. Тимотеј 1:7 се зборува за некои поединци кои ‚сакале да бидат учители по Законот, но не разбирале ни што зборуваат ни што утврдуваат‘. Зборовите од Јаков 3:1 се особено соодветни за оние мажи кои имаат желба да бидат учители, но имаат погрешни мотиви. Таквите би можеле сериозно да му наштетат на стадото, а според тоа би добиле и поголема осуда (Римјаните 2:17-21; 14:12).
Исто така, Јаков 3:1 е добра опомена и за оние кои се способни и кои веќе служат како учители. Со оглед на тоа што ним им било поверено многу, од нив и ќе се бара многу (Лука 12:48). Исус рекол: „За секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден“. (Матеј 12:36) Ова особено е вистинито за оние чии зборови имаат поголема тежина, а тоа се наименуваните старешини.
Старешините ќе поднесат сметка за начинот на кој постапуваат со Јеховините овци (Евреите 13:17). Она што го зборуваат тие влијае врз животите на луѓето. Затоа, еден старешина треба да внимава да не шири свои лични мислења ниту, пак, да ги злоупотребува овците, како што го правеле тоа фарисеите. Тој мора да тежнее да ја покажува истата длабока љубов што ја покажувал Исус. Во секоја ситуација кога поучува, а особено кога е вклучен во правни случаи, старешината треба да ги одмерува своите зборови, да не употребува непромислени изрази или да не изразува само лични мислења. Со тоа што потполно ќе се ослонува на Јехова, на неговата Реч и на неговото водство преку организацијата, пастирот ќе добие богат благослов од Бог, а не „поголемо осудување“.