ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 1/10 стр. 19-24
  • Следејќи ги стапките на моите родители

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Следејќи ги стапките на моите родители
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Ревноста на татко ми за Царството
  • Верната служба на мајка ми
  • Служба во младоста
  • Избувнува II светска војна
  • Радосна полновремена служба
  • Нашето богато духовно наследство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Извонредно христијанско наследство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Родителите нѐ научија да го сакаме Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • „Ништо не би променила!“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 1/10 стр. 19-24

Следејќи ги стапките на моите родители

РАСКАЖАЛА ХИЛДА ПАЏЕТ

„Мојот живот е посветен на службата за Највишиот“, гласеше новинскиот извештај, „и затоа јас не можам да им служам на двајца господари.“ Во 1941 година, овие зборови од мојата изјава до Британското министерство за труд и до властите на Националната служба, ја образложија причината поради која ја одбив нивната наредба да работам во болница за време на II светска војна. Кратко потоа, поради моето одбивање бев обвинета и осудена на три месеци затвор.

КАКО западнав во таква неприлика? Тоа не беше некаков младешки каприц или бунтовно однесување. Не, причината потекнува уште од времето кога бев дете.

Ревноста на татко ми за Царството

Родена сум на 5 јуни 1914 година во Хорсфорт, близу Лидз (северна Англија). Моите родители, Аткинсон и Пати Паџет, беа наставници во Неделното училиште, како и членови на хорот во Првобитната методистичка црква, каде што татко ми свиреше на оргули. Кога сум била бебе, нашиот дом бил среќно место, со исклучок на едно нешто. Светските прилики го загрижувале татко ми. Тој мразел војни и насилство и верувал во библиската заповед: „Не убивај!“ (2. Мојсеева 20:13).

Во 1915 година, владата ги подбудувала сите млади мажи доброволно да ѝ се придружат на армијата и на тој начин да ја избегнат регрутацијата. Со некаква загриженост татко ми стоел цел ден на дождот, чекајќи ред за да се пријави како војник. Но, целиот негов живот се изменил веќе следниот ден.

Додека работел како водоинсталатер во една голема куќа, разговарал со еден друг работник за светските настани. Градинарот му дал еден мал трактат со наслов Собирање на бисерите на Господинот. Татко ми го зел дома, го читал и го препрочитувал. „Ако е тоа вистината“, рекол, „тогаш сѐ друго е погрешно.“ Следниот ден побарал уште повеќе информации, а во текот на наредните три недели ја проучувал Библијата до раните утрински часови. Знаел дека ја пронашол вистината! За недела, 2 јануари 1916 година, во неговиот дневник стои: „Утрото отидов во црквата; вечерта отидов во ИБСА [Здружение на меѓународните истражувачи на Библијата, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци во Англија] — проучување на Евреите 6:9-20 — мојата прва посета на браќата“.

Наскоро започнало противење. Нашите роднини и пријателите од црквата мислеле дека татко ми полудел. Но, тој веќе донел одлука. Во животот главни му беа состаноците и проучувањето, а во март го симболизирал своето предание на Јехова и се крстил во вода. Откако неколку недели по ред одел сам на состаноци, на мајка ми ѝ било доста од сѐ. Ме ставила во детската количка и пешачела 8 км до Лидз, пристигнувајќи на крајот од состанокот. Сигурно можете да си замислите колку бил радосен татко ми. Оттогаш нашето семејство стана обединето во службата за Јехова.

Татко ми се наоѓал во тешка положба — прво доброволец во војската, а потоа, за само неколку недели, одбива да служи поради религиозни причини. Кога го повикале, одбил да прими оружје, а во јули 1916 година се соочил со првото од вкупно петте воени судења, кога бил осуден на 90 дена затвор. Откако ја одлежал првата казна, добил четиринаесетдневно отсуство, после кое следело уште едно воено судење и уште 90 дена затвор. После неговата втора пресуда го префрлиле во Медицинскиот корпус на кралската армија, а на 12 февруари 1917 година, со воен брод испловил во Руан (Франција). Неговиот дневник вели дека со секој изминат ден му станувало сѐ поодвратно поради положбата во која се нашол. Увидел дека тој всушност ги лекува војниците за да се борат повторно.

И овој пат одбил да соработува. Воениот суд го осудил на пет години казна во Британскиот воен затвор во Руан. Кога татко ми упорно барал да го префрлат во цивилен затвор како лице кое одбива да служи војска од религиозни причини, бил казнет на тој начин што три месеци го оставиле да живее само од леб и вода, а потоа следела редовна затворска исхрана сѐ додека не добил на тежина — потоа истата постапка била повторувана. Дење рацете му биле врзани со лисици зад грбот, а ноќе и за време на оброците рацете му биле врзани напред. Целиот свој живот носеше лузни на зглобовите на рацете каде што лисиците, кои биле претесни, му се забиле во месото, поради што имаше загноени рани. Исто така, оковите што му ги ставиле на нозете, биле поврзани со половината.

Воените власти сториле сѐ што можат за да ја скршат неговата одлучност, но без успех. Му биле одземени Библијата и другите книги. Не ги добивал писмата од дома ниту, пак, можел да праќа. После две години решил да ја покаже својата искрена одлучност така што почнал да штрајкува со глад. Седум дена се придржувал за својата одлука и не јадел ниту пиел, поради што сериозно се разболел и бил префрлен во затворската болница. Го докажал своето, но затоа, како последица на тоа, за малку ќе го изгубел животот. Наредните години призна дека не бил во право што го загрозил својот живот на таков начин и дека никогаш повеќе не би постапил така.

Војната заврши во ноември 1918 година, а татко ми сѐ уште беше в затвор во Руан, но на почетокот од следната година беше префрлен во еден цивилен затвор во Англија. Замислете си ја неговата радост кога ги добил сите писма од мајка ми и пратките кои се беа насобрале, како и бесценетата Библија и книгите! Беше одведен во затворот во Винчестер, каде што се сретнал со еден млад брат чии искуства од војната биле слични со неговите. Братот се викал Франк Плат, а подоцна тој служеше во лондонскиот Бетел многу години. Се договориле да се состанат наредниот ден, но во меѓувреме Франк веќе бил префрлен на друго место.

На 12 април 1919 година, мајка ми доби телеграма: „Алилуја! Доаѓам дома — ќе се јавам во Лондон“. Какво само време на радост беше тоа после три години испитување, искушување и одвоеност! Првата помисла на татко ми беше да им се јави на браќата од лондонскиот Бетел и да се сретне со нив. На улица Кравен Терас бр. 34, му било укажано срдечно добредојде. Откако се искапал, се избричил и се облекол во позајмен костум и шапка, татко ми се врати дома. Можете ли да си ја замислите нашата повторна средба? Тогаш имав скоро пет години и не се сеќавав на него.

Првиот состанок на кој присуствуваше татко ми откако доби слобода, беше Спомен свеченоста. Кога се качуваше по скалите кон салата, кого друг би сретнал ако не Франк Плат, кој бил префрлен во воената болница во Лидз. Колку беа радосни кога ги споделуваа своите искуства! Оттогаш па сѐ до неговото ослободување, Франк се чувствуваше кај нас како во свој втор дом.

Верната служба на мајка ми

Сето тоа време додека татко ми не беше дома, мајка ми работеше како перачка за да го надополни скудниот доход што го добивавме од владата. Браќата беа многу љубезни со нас. На неколку недели еден собраниски старешина ѝ даваше на мајка ми мал плик кој содржеше анонимен подарок. Мајка ми секогаш велеше дека љубовта од браќата ја зближила повеќе со Јехова и ѝ помогнала да истрае во тие искушувачки моменти. Таа верно присуствуваше на собраниските состаноци за сето време додека татко ми беше отсутен. Најтежок испит ѝ беше тогаш кога, во текот на повеќе од една година, таа воопшто не знаеше дали татко ми е жив или мртов. Згора на сето тоа, во 1918 година мајка ми и јас се разболевме од шпанската грозница. Насекаде околу нас имаше луѓе кои умираа. Оние кои одеа да им помагаат на своите соседи, и самите се разболуваа и умираа. Без сомнение, поради оскудицата на храна што постоеше во тоа време, кај луѓето се намали отпорноста на инфекции.

Се потврди дека за нашето семејство се вистинити следниве зборови на апостол Павле: „Бог . . . по вашето кратко страдање, да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи“ (1. Петрово 5:10). Страдањето на моите родители им вгради непоколеблива вера во Јехова и потполно засигурување дека тој навистина се грижи за нас и дека ништо не може да нѐ одвои од Божјата љубов. Јас бев посебно благословена што имав такво воспитување во верата (Римјаните 8:38, 39; 1. Петрово 5:7).

Служба во младоста

Откако татко ми беше ослободен, службата за Царството стана средиште на нашите животи. Не помнам дека сум испуштила некој состанок, освен поради болест. Кратко откако се врати дома, татко ми ја продаде камерата која работеше на принцип на стаклени плочи, како и златната бразлетна на мајка ми, со цел да собере пари за да присуствуваме на конгрес. Иако не можевме да си дозволиме да одиме на одмор, никогаш не ги пропуштавме таквите собири, вклучувајќи ги и конгресите во Лондон.

Првите две-три години по војната беа време на вистинско освежување. Татко ми и мајка ми потполно ги користеа сите прилики за дружење и за заедничко собирање. Се сеќавам кога ги посетувавме другите браќа и сестри, а јас, како мало девојченце, седев сликајќи и цртајќи додека возрасните со часови разговараа за новите разбирања на вистината. Таквите заеднички разговори, пеењето во придружба на оргулите и уживањето во пријатното дружење, многу ги усреќуваше и ги освежуваше.

Моите родители беа многу строги во поглед на воспитувањето. На училиште се издвојував како поинаква, па дури и на петгодишна возраст, со тоа што го носев својот „Нов завет“ за да си читам додека одделението учеше веронаука. Подоцна ме носеа низ целото училиште како „таква која не учествува поради религиозни причини“, бидејќи не сакав да имам учество во прославата на Денот на жртвите од двете светски војни.a Не жалам поради таквото воспитување. Всушност, тоа ми послужи како заштита и ми помогна да останам на ‚тесниот пат‘. Каде и да одеа моите родители, на состаноци или во служба, и јас одев со нив (Матеј 7:13, 14).

Посебно се сеќавам на она неделно утро кога првпат почнав да проповедам сама. Имав само 12 години. Како тинејџер, се сеќавам на едно неделно утро кога реков дека ќе останам дома. Никој не ми префрли ниту, пак, ме тераше сосила, па така јас седев во градината проучувајќи ја Библијата, но се чувствував многу непријатно. После недела-две, на татко ми му реков: „Ќе дојдам со тебе утрово!“ Оттогаш повеќе не заостанував во духовниот напредок.

Колку беше прекрасна 1931 година! Освен што го добивме новото име — Јеховини сведоци, јас се крстив на народниот конгрес на Александра Палас, Лондон. Никогаш нема да го заборавам тој ден. Носевме долги црни облеки, а мојата беше мокра бидејќи веќе ја носел некој друг кандидат!

Кога бев дете, мојата желба отсекогаш беше да станам колпортер, како што во тоа време беа познати полновремените проповедници. Додека растев, чувствував дека треба да сторам повеќе во Јеховината служба. Затоа, во март 1933 година, на возраст од 18 години стапив во редовите на полновремените слуги.

Посебна радост за нас беа „Пионерските недели“ во некои големи градови, кога дури и до дванаесеттина полновремени слуги доаѓаа заедно, остануваа со локалните браќа и работеа како еден тим. Им делевме брошури на религиозните водачи и на други истакнати луѓе. Беше потребна храброст за да им се пристапи. Најчесто наидувавме на презир, а на многумина од нас им се случуваше и да им ја треснат вратата пред нос. Тоа воопшто не нѐ загрижуваше, бидејќи нашата воодушевеност беше толку голема што се радувавме да бидеме прекорувани поради Христовото име (Матеј 5:11, 12).

Во Лидз ги ремонтиравме детската количка, трициклот и приколката на татко ми, а подоцна и неговиот автомобил, за да ги носиме машините за емитување на снимен материјал. Двајца браќа одеа по улица со машината, пуштаа музичка плоча за да ги поттикнат луѓето да излезат на вратите, а потоа следеше петминутен говор што го снимил брат Ратерфорд. После тоа ќе се префрлеа на следната улица додека ние објавителите ги следевме и нудевме библиска литература.

Во текот на многу години, секоја недела навечер, после состанокот, одевме на Градскиот Плоштад каде што имаше говорнички подиум и дававме поддршка со тоа што слушавме едночасовен говор на брат Ратерфорд, делевме летоци и разговаравме со сите оние кои покажуваа интерес. Таму станавме добро познати. Дури и полицијата нѐ почитуваше. Една вечер кога се собравме како и обично, од далечината слушнавме звук на тапани и некаков оркестар. Наскоро на патот се појави поворка од околу стотина фашисти. Тие маршираа околу нас и застанаа со високо подигнати знамиња. Групата запре и завладеа тишина токму тогаш кога гласот на брат Ратерфорд одекнуваше: „Нека ги поздравуваат своите знамиња и нека возвишуваат луѓе ако сакаат. Ние ќе го обожаваме и ќе го возвишуваме само Јехова, нашиот Бог!“ Се прашувавме што ќе се случи после тоа! Не се случи ништо, освен што добија добро сведоштво, а полицијата ги смири за да можеме да го слушнеме и останатиот дел од јавното предавање.

Тогаш веќе го користевме фонографот како помош за да даваме големо сведоштво. Кога бевме на праговите од домовите, внимателно гледавме во плочата за да ги охрабриме луѓето да ја слушаат снимената библиска проповед цели пет минути. Честопати домаќините нѐ повикуваа внатре и беа радосни што сме се вратиле за да им пуштиме и други плочи.

1939-тата година беше многу напорна и тешка, со големи противења и насилства. Пред почетокот на еден наш конгрес, браќата доживеаја големи неприлики од страна на толпите кои извикуваа по улиците. Затоа, за време на конгресот беа направени планови да се формираат посебни тимови од браќа кои ќе проповедаат со автомобили во опасните подрачја, а сестрите и останатите браќа да одат таму каде што е побезбедно. Додека работев со групата во една улица, минав низ еден премин за да ги посетам куќите во задниот дел од улицата. Стоејќи на една врата, чув некаква врева — имаше викање и извици на улицата. Јас продолжив да му зборувам на лицето што се појави на вратата, одолговлекувајќи го разговорот сѐ додека не чув дека вревата стивнала. Тогаш минав низ преминот кон улицата и дознав дека другите браќа и сестри дигнале паника кога не можеле да ме најдат! Подоцна истиот ден, подбуцнувачите се обидоа да го прекинат нашиот состанок, но браќата ги изведоа надвор.

Избувнува II светска војна

Во тоа време се вршеше регрутација, па многу млади браќа беа казнети со затвор во траење од 3 до 12 месеци. Тогаш татко ми доби дополнителна предност — да ги посетува браќата што беа в затвор. Секоја недела водеше студија на Стражарска кула во локалниот затвор. Во средите навечер ги посетуваше браќата во нивните ќелии. Бидејќи за време на Првата светска војна и самиот имаше такво долго и тешко искуство во затвор, тој беше посебно радосен што можеше да им служи на оние кои доживуваа слични тешкотии. Тоа го правеше цели 20 години, сѐ до неговата смрт, во 1959 година.

До 1941 година веќе се привикнавме на горчината и на непријателството што многу луѓе го изразуваа поради нашиот став во поглед на неутралноста. Не беше лесно да стоиме со списанија на улиците и да се соочуваме со сето тоа. Во исто време, ни беше радост да им помагаме на бегалците кои беа населени во нашето подрачје. Летонци, Полјаци, Естонци, Германци — колкава беше радоста да се види како им блескаат очите кога ќе ги видеа Стражарска кула и Утеха (сега Разбудете се!) на својот јазик!

Потоа дојде моето искушение поради неут-ралниот став што го заземав за време на II светска војна. Затворена во ќелијата по цели 19 од секои 24 часа, видов дека затворскиот живот е тежок. Првите три дена беа најтешки бидејќи бев сама. Четвртиот ден ме повикаа во канцеларијата на управникот, каде што стоеја уште две други девојки. Едната од нив ми шепна: „Зошто си во затвор?“ Реков: „Би се изненадила кога би знаела“. Со растреперен шепот ме праша: „Да не си ЈС?“ Другата девојка ја слушна и нѐ праша: „Вие сте Јеховини сведоци?“ И сите три се прегрнавме. Повеќе не бевме сами!

Радосна полновремена служба

Откако излегов од затвор, продолжив со полновремената служба, а една млада 16-годишна девојка која штотуку го беше завршила училиштето, ми се придружи. Се преселивме во Илкли, еден прекрасен град на работ од Јоркшир Дејлс. Цели шест месеци напорно се обидувавме да најдеме соодветно место за нашите состаноци. Најпосле, најмивме една мала гаража и ја изменивме во Сала на Царството. Татко ми дојде за да ни помогне и ни обезбеди осветлување и греење. Освен тоа, ни ја декорираше градбата. Соседното собрание нѐ поддржуваше неколку години и одредуваше браќа кои ќе одржуваат јавно предавање секоја недела. Со благослов од Јехова напредувавме и се ширевме, а со текот на времето се оформи и едно цело собрание.

Во јануари 1959 година, татко ми ненадејно се разболе. Ме повикаа дома, но веќе во април тој умре. Годините што следеа беа тешки. Мајка ми почна да го губи здравјето и сеќавањето, а сето тоа претставуваше вистинска борба за мене. Но, Јеховиниот дух ме одржуваше и бев во можност да се грижам за неа сѐ до нејзината смрт, во 1963 година.

Толку многу благослови добив од Јехова во текот на сите изминати години. Премногу се за да ги набројувам. Видов како собранието од моето родно место растеше и се делеше четири пати, и како испраќа објавители и пионери, па дури и мисионери, во далечни земји како што се Боливија, Лаос и Уганда. Околностите беа такви што не се омажив и не создадов свој дом, но не сум тажна поради тоа — бев премногу зафатена. Иако немам телесни роднини, имам многу деца и внуци во Господа, дури и стократно (Марко 10:29, 30).

Честопати ги повикувам младите пионери и другите млади од собранието да дојдат кај мене дома за да уживаме во христијанското дружење. Заеднички се подготвуваме за студија на Стражарска кула. Исто така, раскажуваме искуства и пееме песни на Царството, исто онака како што правеа и моите родители. Опкружена со весели млади луѓе, задржувам младешко и среќно гледиште. За мене не постои подобар начин на живот од пионерската служба. Благодарна сум му на Јехова што имав предност да ги следам стапките на моите родители. Се молам да продолжам и понатаму да му служам на Јехова во вечност.

[Фуснота]

a Во знак на сеќавање на крајот на непријателствата во 1918, а подоцна и во 1945 година.

[Слика на страница 23]

Хилда Паџет со своите родители, Аткинсон и Пати

[Слика на страница 23]

Трактатот што кај татко ми го поттикна интересот за вистината

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели