Ветување за еден подобар свет
ДАЛИ би сакал да бидеш поштеден од проблемите кои го отежнуваат животот? Би сакал ли да живееш во еден свет каде што животот е прекрасен, исто онака како што е прикажано на насловната и на последната страница од ова списание? Добро погледни ја сликата. Луѓето имаат изобилство храна. Тие навистина ќе уживаат во нејзиниот вкус. Сите се среќни. Луѓето од различни раси живеат во меѓусебен мир. Дури и животните се мирољубиви! Никој не војува. Никој не е сиромашен. Никој не е болен. Има прекрасна околина, убави дрвја и чиста, незагадена вода. Колку прекрасен амбиент!
Дали Земјава некогаш ќе изгледа така? Да, таа ќе биде рај (Лука 23:43). Бог, кој ја создал Земјата, имал намера луѓето да се радуваат на еден подобар живот на рајска Земја, на која можеш да живееш и ти!
Каков живот би сакал?
Во кој поглед идниот земски Рај ќе биде поинаков од светот во кој живееме денес? Во моментов, повеќе од една милијарда луѓе секојдневно гладуваат. Но, во Рајот што Бог го наумил за Земјава, секој ќе има изобилство храна. Библијата ветува: „Господ Саваот ќе стави . . . за сите народи трпеза со добри јадења, трпеза со чисти вина“ (Исаија 25:6). Нема да има оскудица на храна, бидејќи Библијата вели: „Ќе има изобилие од жито на Земјата; на врвот од горите ќе има обилност“ (Псалм 72:16, НС).
Денес многумина живеат во колиби и во бедни домови или, пак, едвај успеваат да ја платат станарината. Други луѓе немаат никаков дом и спијат на улица. Според Светската здравствена организација, во светот има 100 милиони бездомни деца. Но, во Рајот што претстои, секој ќе има свој дом. Божјата Реч вели: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни“ (Исаија 65:21).
Многумина не ја сакаат својата работа. Честопати работат долго и напорно, но добиваат мали плати. Речиси секој 5-ти жител во светот живее со приход помал од 500 долари годишно. Меѓутоа, во претстојниот Рај луѓето ќе уживаат во својата работа и ќе ги гледаат добрите резултати од неа. Бог ветува: „Моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои. Нема да се трудат напразно“ (Исаија 65:22, 23).
Сега, насекаде има болести и лошо здравје. Многу луѓе се слепи. Некои се глуви. Други, пак, не можат да одат. Но, во Рајот луѓето ќе бидат поштедени од болестите и од лошото здравје. Јехова вели: „Ниеден од жителите нема да рече: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). А за оние кои се инвалиди, љубезното ветување гласи: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее“ (Исаија 35:5, 6).
Во денешно време има страдање и болка, жалост и смрт. Но, во Рајот на Земјата сите тие работи нема повеќе да постојат. Да, дури и смртта ќе биде отстранета! Библијата вели: „Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4).
Според тоа, јасно е дека земскиот Рај што го ветил Јехова ќе значи подобар живот за човештвото. Но, како можеме да бидеме сигурни дека ќе дојде? Кога ќе дојде и на кој начин? Што мораш да сториш ти за да живееш во него?