Објавителите на Царството известуваат
„Врши го делото на евангелизатор“
ШТО значи да се биде евангелизатор? Тој збор е превод на грчкиот збор еугелистес, кој е тесно поврзан со зборот еугелион, што значи „добра вест“. Според тоа, евангелизатор е проповедник, т.е. гласник на добра вест.
Сите вистински христијани се евангелизатори затоа што ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство. Сосема е на место тоа што апостол Павле го советувал Тимотеј да ‚го врши делото на евангелизатор‘. Тимотеј требало сериозно да го сфати тоа дело. Павле го опоменал да ‚биде трезвен во сѐ‘ и ‚потполно да ја изврши својата служба‘ (2. Тимотеј 4:5, НС).
И ние како евангелизатори сериозно ја сфаќаме својата служба и ‚трезвени сме во сѐ‘, т.е. спремни сме да ја пренесуваме добрата вест во секоја прилика. Како резултат на тоа, многумина го запознале Јехова и неговите ветувања откако во неформални прилики стапиле во контакт со Јеховините сведоци. Еве што му се случило на Симор, еден човек од Барбадос.
Симор бил наставник во едно државно училиште. Чарлс, еден друг наставник кој работел со скратено работно време во истото училиште и кој е Јеховин сведок, бил еден буден евангелизатор. Тој бил полновремен слуга, т.е. пионер, и ја користел секоја прилика за да им ја пренесува добрата вест на другите. Токму преку неформалното сведочење на Чарлс, Симор првпат слушнал за пораката за Царството.
Наскоро и Симор одлучил да им ги пренесува библиските вистини на колку што е можно повеќе луѓе. Затоа започнувал неформални разговори со луѓето на своето работно место, особено со учениците. Иако во некои земји религијата не смее да се поучува во државните училишта, овој човек бил избран да поучува за религиозните и за моралните вредности. Но сега, старите гледишта на Симор во врска со тие работи биле заменети со неговото новостекнато библиско спознание. За време на паузите, тој им зборувал на учениците за Божјето ветување за еден нов свет, како и за изгледот за вечен живот.
Како реагирале тие? Многумина покажале вистински интерес за добрата вест за Јеховиното Царство. По извесно време Симор започнал да води библиски студии со 13 свои ученици. Нивниот интерес бил толку голем што се договориле да ја проучуваат Библијата двапати седмично. Со текот на времето, повеќето од нив започнале да присуствуваат на христијанските состаноци во локалната Сала на Царството на Јеховините сведоци. До денес, деветмина од нив се предадени и крстени Сведоци на Јехова. Што се однесува до Симор, сега тој потполно ја извршува својата служба, служејќи како општ пионер и како старешина во едно од собранијата на Јеховините сведоци во Барбадос.
Ова е само еден пример за тоа како Јеховините сведоци ширум светот ‚го вршат делото на евангелизатори‘, делумно учествувајќи и во неформалното сведочење. Тие го следат библискиот совет што се наоѓа во Колосјаните 4:5, 6, кој гласи: „Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето! Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате!“