Тие пронашле мир во свет што е во метеж
ИЛУСТРАЦИЈАТА на насловната страница од ова списание опишува една сцена на жестока битка од Босна и Херцеговина. Може ли да постои мир во едно такво место? За изненадување е тоа што одговорот гласи ‚да‘. Додека римокатоличките, православните и муслиманските заедници во таа трагична земја се борат за територија, многу поединци копнеат по мир, но некои веќе го имаат пронајдено.
Ѓоремови беа жители на Сараево и беа Јеховини сведоци. Среде сиот тој метеж во овој град, по навика тие ги посетуваа своите соседи за да ја споделат со нив добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Зошто? Затоа што семејството Ѓорем знаеше дека ова Царство е реално, дека веќе е воспоставено на небесата и дека за човештвото тоа е најдобрата и единствената надеж за мир. Јеховините сведоци се потполно уверени во она што апостол Павле го нарекол „добрата вест на мирот“ (Ефесјаните 2:17, НС). Благодарение на луѓето како Божо и Хена Ѓорем, многумина наоѓаат мир во Босна и Херцеговина.
Вистински мир што треба да дојде
За Ѓоремови има многу да се каже. Но, најнапред да позборуваме за една друга брачна двојка која стекна доверба во Божјето Царство. Нивните имиња се Артур и Арина. Тие со своите синчиња живееле во една република на територијата на поранешниот Советски Сојуз. Кога избувна граѓанска војна, Артур се борел за едната страна. Но, наскоро се запрашал: ‚Зошто се борам јас против овие луѓе кои ми беа соседи?‘ Ја напуштил земјата и, после многу тешкотии, со своето младо семејство стигнал во Естонија.
При една посета во Санкт Петерсбург, Артур се запозна со Јеховините сведоци и беше импресиониран од она што го дозна за Божјето Царство. Јеховина волја е Божјето Царство многу скоро да биде единствената влада над човештвото (Даниил 2:44). Тогаш Земјата ќе биде мирољубиво место, ќе нема повеќе граѓански војни или меѓународни судири. Во врска со тоа време, Исаија прорекол: „Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9).
Кога ја виде илустрацијата на таа идна мирољубива Земја во едно помошно средство за проучување на Библијата што му ја покажа еден Сведок, Артур напомна дека тој порано живеел во едно место кое изгледало исто така. Сепак, сега било руинирано од граѓанската војна. Откако се вратија во Естонија, Артур и неговото семејство учат многу повеќе за Божјето Царство преку библиска студија со Јеховините сведоци.
Мир среде метежот
Псалм 37:37 (НС) вели: „Гледај на беспрекорниот и задржи го во вид исправниот, зашто иднината на тој човек ќе биде мирољубива“. Фактички, мирот на оној кој е беспрекорен и исправен во Божји очи, не се однесува само на неговата иднина. Тој го ужива уште сега. Како е можно тоа? Размисли за искуството на еден човек по име Пол.
Пол живее во еден оддалечен логор за бегалци во југозападна Етиопија, иако всушност потекнува од една соседна земја. Во неговата родна земја тој се запознал со еден Јеховин сведок кој работел за една нафтена компанија, и овој човек му дал едно помошно средство за проучување на Библијата, Вистина која води до вечен живот.a Пол повеќе не го сретнал Сведокот, но внимателно ја проучил книгата. Граѓанската војна го однела во еден логор за бегалци во Етиопија и таму разговарал со другите за она што го научил. Една мала група почнала да го прифаќа ова како вистина. На темел на она што го научиле, тие наскоро им проповедале на останатите во логорот.
Пол пишал до главното седиште на Друштвото Стражарска кула и побарал помош. Еден слуга кој бил испратен од Адис Абеба, бил вчудовиден кога нашол 35 луѓе како го чекаат, спремни да научат нешто повеќе за Божјето Царство. Биле направени подготовки редовно да им се дава помош.
Како може да се рече дека луѓето како Пол уживаат мир? Нивниот живот не е лесен, но тие имаат вера во Бог. Кога се зафатени од метежот на овој свет, тие го применуваат библискиот совет: „За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања“. Како резултат на тоа, тие имаат задоволство што денес е реткост. На нив се применуваат зборовите на апостол Павле упатени до собранието во Филипи: „Мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“. Навистина, тие чувствуваат еден близок однос со Јехова, ‚Богот на мирот‘ (Филипјаните 4:6, 7, 9).
Сегашен мир
Востоличениот Цар на Божјето Царство е Исус Христос, кој во Библијата е наречен „Кнез на мирот“ (Исаија 9:6). Древниот пророк за него рекол: „Он ќе објави мир на народите, и царството Негово ќе се протега од море до море и од реката до краиштата на земјата“ (Захарија 9:10). Овие инспирирани зборови имале силно влијание врз животот на еден човек по име Хозе.
Едно време Хозе бил во затвор. Тој бил терорист и го уапсиле додека се подготвувал да дигне во воздух една полициска зграда. Мислел дека само насилство би можело да ја присили владата да ги подобри условите во неговата земја. Додека бил в затвор, Јеховините сведоци почнале да ја проучуваат Библијата со неговата сопруга.
Откако Хозе бил пуштен, и тој ја проучувал Библијата и наскоро на него почнале да се применуваат зборовите од Псалм 84:8: „Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Он зборува за мир на Својот народ и на Своите светии [лојални, НС]“. Меѓутоа, тој стих завршува со едно предупредување: „Да не се враќаат кон самоувереност“ (НС). Затоа, оној кој го бара Јеховиниот мир, нема да се осмели да постапува независно или спротивно на Неговата волја.
Денес, Хозе и неговата сопруга се христијански слуги. Тие ги упатуваат другите кон Јеховиното Царство како решение за проблемите коишто Хозе порано се обидувал да ги реши со бомби направени дома. Спремно ја положуваат својата доверба во Библијата, која вели: „Зашто Господ ќе даде добро“ (Псалм 84:12). Всушност, Хозе ја посетил полициската зграда којашто планирал да ја уништи. Зошто? За да зборува со тамошните семејства за Божјето Царство.
Мирољубив народ
Во Псалм 36:10, 11, Библијата вели: „Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“. Каков прекрасен изглед!
Но, забележи дека Јеховиниот мир е само за „кротките“. Оние кои бараат мир, можеби ќе треба да научат да бидат мирољубиви. Тоа било случај со Кит, кој живее на Нов Зеланд. Кит бил опишан како човек „со моќна градба и личност, агресивен и кавгаџија“. Бил член на една банда и живеел во куќа која била вистинска тврдина, со градини низ кои патролирале три кучиња чувари за да го штитат од натрапници. Сопругата, мајка на неговите шест деца, се развела од него.
Кога Кит се сретнал со Јеховините сведоци, добрата вест извршила силно влијание врз него. Наскоро, тој и неговите деца почнале да одат на состаноците со Јеховините сведоци. Тој ја потстригол косата што му била долга до појас и почнал да зборува за Божјето Царство со своите поранешни партнери. Некои од нив исто така почнале да ја проучуваат Библијата.
Како милиони лица со исправни срца ширум светот, и Кит почнал да ги применува зборовите на апостол Петар: „Кој го сака животот и сака да види добри денови . . . нека се клони од зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него“ (1. Петрово 3:10, 11). Поранешната сопруга на Кит се согласила повторно да се омажи за него, а тој сега се учи да ‚бара мир и се стреми кон него‘.
Јеховиниот мир бил животоспасувачки за мнозина, вклучувајќи и еден бивш атлетичар, роден во поранешниот СССР. Овој човек добивал медали на олимписките натпревари, но бил толку разочаран што се свртел кон дрога и алкохол. После 19 возбудливи години, во кои спаѓале тригодишна казна затвор во еден работнички логор во Сибир, потоа едно патување со брод за Канада како слеп патник и две скоро смртни ситуации поради неговата навика да зема дрога, тој го молел Бог да му помогне да најде вистинска смисла во животот. Библиската студија со еден Сведок на Јехова кој зборувал руски, му помогнала да го најде одговорот на своите прашања. Денес, овој човек, како и милиони други, има пронајдено мир со Бог и со самиот себе.
Надежта во воскресение
На крајот, да се вратиме на Божо и Хена Ѓорем од Сараево. Оваа двојка имаше петгодишна ќеркичка, Магдалена. Минатиот јули, тројцата излегуваа од дома за повторно да учествуваат во нивната проповедничка активност, кога сите тројца загинаа од експлозија на граната. Што е со мирот за кој тие им проповедаа на другите? Дали гранатата која им ги одзеде животите е доказ дека тоа не бил вистински мир?
Никако! Во овој систем на ствари навистина се случуваат трагедии. Луѓето гинат од бомби или од гранати. Други умираат од болести или поради несреќи. Мнозина умираат од старост. Оние кои уживаат Божји мир не се имуни, но можноста да бидат погодени од такви настани не ги остава без надеж.
На својата пријателка Марта, Исус ѝ ветил: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11:25). Семејството Ѓорем веруваше во ова, како и сите други Јеховини сведоци. Но тие имаа вера дека ако треба да умрат, ќе бидат воскреснати на Земјата која тогаш ќе биде навистина мирољубиво место. Јехова Бог ‚ќе ја избрише секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).
Непосредно пред својата смрт, на своите следбеници Исус им рекол: „Мирот свој ви го давам; . . . Да не се плаши [вознемирува, НС] срцето ваше“ (Јован 14:27). Ние го делиме мирот што го имаа Ѓоремови и кои по воскресението сигурно уште попотполно ќе уживаат во него. Среќни сме поради сите оние кои го обожаваат Јехова, Богот на мирот. Таквите имаат мир во мислите. Тие уживаат мир со Бог. Негуваат мир и со останатите. А имаат и доверба во една мирољубива иднина. Да, тие пронашле мир, иако живеат во свет кој е во метеж. Всушност, сите кои го обожаваат Бог со дух и вистина, уживаат мир. Пронајди и ти таков мир.
[Фуснота]
a Издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.
[Слики на страница 7]
Тие пронашле мир иако живеат во свет што е во метеж