Божјето Царство — дали ја сфаќаш неговата смисла?
„А посеаното на добра земја е оној, што го слуша [чуе, НС] словото и го разбира [и ја сфаќа неговата смисла, НС]“ (МАТЕЈ 13:23).
1. Кои се некои вообичаени верувања во поглед на ‚царството небесно‘?
ДАЛИ СИ ‚ја сфатил смислата‘ на тоа што претставува Божјето Царство? Низ вековите, сфаќањата за ‚царството небесно‘ биле многу различни. Едно вообичаено верување меѓу некои денешни припадници на црквите е дека Царството е нешто што Бог го става во срцето на поединецот при преобраќањето. Други мислат дека тоа е место каде што одат добрите луѓе после смртта за да уживаат вечно блаженство. Трети, пак, тврдат дека Бог им препуштил на луѓето самите да го остварат Царството на Земјата преку нивното дејствување кон тоа да ги всадат христијанските учења и обичаи во општествените и владините работи.
2. Како Библијата го објаснува Царството на Бога, и што ќе постигне тоа?
2 Меѓутоа, Библијата јасно покажува дека Божјето Царство не е некаква институција на Земјата. Тоа не е ниту состојба на срцето ниту, пак, христијанизирање на човечкото општество. Вистина, исправното разбирање на тоа што претставува Божјето Царство, доведува до големи промени во животите на оние кои покажуваат вера во него. Но, самото Царство е божествено воспоставена небесна влада која ја остварува Божјата волја така што ги отстранува последиците на гревот и смртта и ги обновува праведните услови на Земјата. Ова Царство веќе ја презело власта на небото и наскоро „ќе ги победи и разруши сите [човечки] царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44; Откровение 11:15; 12:10).
3. Што им било отворено на луѓето кога Исус почнал со својата служба?
3 Историчарот Х. Г. Велс напишал: „Оваа доктрина за Царството Небесно, кое било главното Исусово учење, а кое игра толку мала улога во христијанските верувања, секако е една од најреволуционерните доктрини кои некогаш ја поттикнале и измениле човечката мисла“. Уште од почетокот, темата на Исусовата служба била: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ (Матеј 4:17). Тој бил на Земјата како помазан Цар и каква само радост било тоа за луѓето што им се отворил патот не само да имаат удел во благословите на тоа Царство туку и да бидат совладетели и свештеници со Исус во тоа Царство! (Лука 22:28-30; Откровение 1:6; 5:10, НС).
4. Како реагирале мноштвата на „Евангелието на царството“ во првиот век, и до каков суд довело тоа?
4 Иако мноштва го чуле возбудливото ‚Евангелие на царството‘, само неколкумина поверувале. Делумно, тоа било затоа што верските водачи ‚го затвориле царството небесно пред луѓето‘. Со нивните лажни учења, тие ‚го зеле клучот на познанието‘. Поради тоа што повеќето луѓе го отфрлиле Исуса како Месија и помазан Цар на Божјето Царство, Исус им рекол: „Царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови“ (Матеј 4:23; 21:43; 23:13; Лука 11:52).
5. На кој начин повеќето од оние кои ги чуле Исусовите илустрации, покажале дека не чуле со разбирање?
5 Во една прилика, кога поучувал едно големо мноштво луѓе, според својот обичај, Исус употребил низа илустрации за да го испита мноштвото и да ги исплеви оние кои имале само површен интерес за Царството. Во првата илустрација се работело за еден сејач кој сеел семе на четири видови почва. Првите три вида биле неповолни за садење на растенија, но последниот бил „добра земја“ која дала добар плод. Кратката илустрација завршила со опомената: „Кој има уши нека слуша!“ (Матеј 13:1-9, НС). Повеќето од присутните го чуле, но не ‚слушале‘. Тие немале мотивација, немале вистински интерес да дознаат на кој начин семето што било посеано во различни услови, било како Царството на небесата. Се вратиле дома на своето секојдневие, веројатно мислејќи дека Исусовите илустрации не биле ништо друго освен добри приказни со морални теми. Колкаво само богатство на разбирање и какви големи предности и прилики пропуштиле тие затоа што срцата не им биле приемливи.
6. Зошто разбирањето на ‚тајните на царството‘ им било дадено само на Исусовите ученици?
6 На своите ученици Исус им рекол: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено“. Цитирајќи го Исаија, тој додал: „,Срцето на овие луѓе закоравело, и со ушите тешко слушаат [чуле без да реагираат, НС]; и ги затвориле очите свои да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат [да ја сфатат смислата на тоа, НС], та да не се покајат и да не ги исцелам.‘ Вашите, пак, очи се блажени, оти гледаат, и ушите ваши — бидејќи слушаат [чујат, НС]“ (Матеј 13:10-16; Марко 4:11-13).
‚Да се сфати смислата на‘ Царството
7. Зошто е важно ‚да се сфати смислата на‘ Царството?
7 Исус точно го означил проблемот. Се работело за ‚сфаќањето на смислата на‘ пораката за Царството. Исус насамо им рекол на своите ученици: „Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот: при секого, што го слуша [чуе, НС] словото за царството и не го разбира [и не ја сфаќа неговата смисла, НС], доаѓа лукавиот и го граби посеаното во срцето негово“. Потоа објаснил дека четирите видови почва претставуваат различни состојби на срцето под кои ќе биде посеано „словото за царството“ (Матеј 13:18-23; Лука 8:9-15).
8. Што го спречило да даде плод семето кое било посеано на првите три видови почва?
8 Во сите тие случаи „семето“ било добро, но плодот би зависел од состојбата на почвата. Ако почвата на срцето била како некој прометен, стврднат пат, отежнат со многубројни недуховни активности, на оној кој ќе ја чуе пораката за Царството би му било лесно да се изговори дека нема време за Царството. Занемареното семе лесно би можело да биде грабнато уште пред да пушти корен. Но, што ако семето било посеано во срце кое личи на карпеста почва? Семето би можело да никне, но би му било тешко да ги пушти корењата подлабоко за да се храни и да биде стабилно. Изгледот да се биде послушен слуга на Бог, особено среде жестоко прогонство, би претставувал силен предизвик и поединецот би се сопнал. И повторно, доколку почвата на срцето била преполна со грижи слични на трње или со материјалистичка желба за богатство, тенкото растение би било задушено. Во овие три типични животни ситуации не би се родил никаков плод на Царството.
9. Зошто семето кое било посеано на добра почва можело да даде добар плод?
9 Но, што е со семето што е посеано на добра почва? Исус одговара: „А посеаното на добра земја е оној, што го слуша [чуе, НС] словото и го разбира [и ја сфаќа неговата смисла, НС], и дава плод: еден сто, друг шеесет, а друг триесет“ (Матеј 13:23). Ако ‚ја сфаќаат смислата на‘ Царството, тие би дале добар плод зависно од нивните лични околности.
Разбирањето повлекува одговорност
10. а) На кој начин Исус покажал дека ‚сфаќањето на смислата на‘ Царството носи и благослови и одговорност? б) Дали Исусовиот налог да одат и да прават ученици важел само за учениците од I век?
10 Откако дал шест натамошни илустрации за да објасни различни аспекти на Царството, Исус ги прашал своите ученици: „Дали го разбравте [ја сфативте смислата на, НС] сево ова?“ Кога тие одговориле со „да“, тој рекол: „Затоа секој книжник [јавен поучувач, НС], кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо“. Учењата и обуката што ги дал Исус, требало да ги изградат неговите ученици во зрели христијани кои би можеле од својата ‚ризница‘ да изнесуваат неисцрпна залиха од богата духовна храна. Голем дел од тоа се однесувало на Божјето Царство. Исус објаснил дека ‚сфаќањето на смислата на‘ Царството ќе донесе не само благослови туку и одговорност. Тој заповедал: „Одете и научете ги сите народи, . . . учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 13:51, 52; 28:19, 20).
11. Какви настани поврзани со Царството се случиле кога дошла 1914 година?
11 Како што било ветено, Исус продолжил да биде со своите вистински ученици низ сите векови сѐ до денешен ден. Во овие последни денови, тој постепено им дава разбирање и воедно ги смета одговорни да ја користат растечката светлина на вистината (Лука 19:11-15, 26). Во 1914 година, настаните поврзани со Царството почнале да се одвиваат брзо и драматично. Во таа година, не само што се ‚родило‘ долгоочекуваното Царство туку започнал и „свршетокот на светот“ (Откровение 11:15; 12:5, 10; Даниил 7:13, 14, 27). Распознавајќи го значењето на актуелните настани, вистинските христијани ја спроведуваат најголемата кампања во историјата во врска со проповедањето на Царството и поучувањето. Исус го прорекол ова, велејќи: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
12. а) Каков бил резултатот од обемното современо сведоштво за Царството? б) Каква опасност постои за христијаните во овој сомничав свет?
12 Ова огромно сведоштво за Царството достигнало повеќе од 230 земји. Преку пет милиони вистински ученици веќе имаат удел во ова дело, а сѐ уште се собираат и други. Но, ако го споредиме бројот на учениците со 5,6 милијарди жители на Земјата, очигледно е дека, како во времето на Исус, поголемото мнозинство од човештвото не ‚ја сфаќа смислата на‘ Царството. Како што било претскажано, многумина се исмејуваат и велат: „Каде е таа негова ветена присутност?“ (2. Петрово 3:3, 4, НС). Опасноста за нас како христијани е во тоа што нивниот самозадоволен, сомничав, материјалистички став би можел постепено да влијае врз тоа како гледаме на нашите предности во врска со Царството. Поради тоа што сме опкружени со луѓето од овој свет, лесно можеме да усвоиме некои од нивните ставови и постапки. Колку само е важно да ‚ја сфатиме смислата на‘ Божјето Царство и цврсто да се држиме за него!
Да се преиспитаме во поглед на Царството
13. Како можеме да испитаме дали и понатаму се трудиме да ‚чуеме‘ со способност за разликување во врска со налогот да ја проповедаме добрата вест за Царството?
13 За периодот на жетвата во кој живееме ние, Исус рекол: „Ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите соблазни од Неговото царство, и оние кои вршат незаконски дела, . . . Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе [Кој има уши нека слуша, НС]!“ (Матеј 13:41, 43). Дали и понатаму се трудиш послушно и спремно да ја ‚чуеш‘ заповедта да се проповеда Царството и да се прават ученици? Запомни, „посеаното на добра земја“ ‚го слушало [чуло, НС] словото и го разбирало [ја сфатило неговата смисла, НС], и дало плод‘ (Матеј 13:23).
14. Кога се дава упатство, како покажуваме дека ‚ја сфаќаме смислата на‘ дадениот совет?
14 Кога имаме лична студија и кога присуствуваме на христијанските состаноци, мораме да ‚го приклониме своето срце кон размислување [кон способност за разликување, НС]‘ (Изреки 2:1-4). Кога се дава совет во поглед на однесувањето, облекувањето, музиката и забавата, мораме да дозволиме тој да продре длабоко во нашето срце и да нѐ поттикне да ја направиме секоја потребна промена. Никогаш да не мудруваме ниту да се оправдуваме или да пропуштиме да се оѕвиеме на некој друг начин. Ако Царството е реално во нашиот живот, ние ќе живееме по неговите мерила и ревносно ќе им го објавуваме на другите. Исус рекол: „Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен“ (Матеј 7:21-23).
15. Зошто е важно најнапред ‚да го бараме царството и Божјата правда‘?
15 Човечка склоност е да се биде загрижен за потребната храна, облека и покрив над главата, но сепак Исус рекол: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата [Божјата] правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6:33, 34). Кога поставуваш приоритети, стави го Царството на прво место во својот живот. Води едноставен живот и биди задоволен со она што е потребно. Би било лудост да го исполниме својот живот со непотребни активности и средства, можеби мудрувајќи дека таквото нешто е прифатливо, бидејќи тие работи сами по себе не се баш лоши. Иако тоа може да е точно, сепак како би влијаело постигнувањето и користењето на ваквите небитни ствари на нашето планирање на личната студија, на присуствувањето на христијанските состаноци и на ангажирањето во делото на проповедање? Исус рекол дека Царството е како трговец кој нашол едно ‚зрно скапоцен бисер, отишол и продал сѐ што имал и го купил‘ (Матеј 13:45, 46). Така треба ние да гледаме на Божјето Царство. Треба да го имитираме Павле а не Димас кој ја оставил службата ‚бидејќи го засакал сегашниов свет‘ (2. Тимотеј 4:10, 18; Матеј 19:23, 24; Филипјаните 3:7, 8, 13, 14; 1. Тимотеј 6:9, 10, 17-19).
„Неправедниците нема да го наследат царството Божјо“
16. На кој начин ‚сфаќањето на смислата на‘ Божјето Царство ќе ни помогне да избегнеме неисправно однесување?
16 Кога коринтското собрание толерирало неморал, Павле отворено рекол: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо“ (1. Коринтјаните 6:9, 10). Ако ‚ја сфаќаме смислата на‘ Божјето Царство, нема да се мамиме себеси мислејќи дека Јехова ќе толерира некој облик на неморал сѐ додека гледа дека сме ангажирани во христијанската служба. Нечистотата не треба дури ни да се споменува меѓу нас (Ефесјаните 5:3-5, НС). Дали откриваш дека некое расипано размислување или обичаи од овој свет почнуваат да се вовлекуваат во твојот живот? Веднаш отстрани ги од својот живот! Царството е многу поскапоцено за да се изгуби поради вакви работи (Марко 9:47).
17. На кои начини ценењето за Божјето Царство ќе ја унапреди понизноста и ќе ги отстрани причините за сопнување?
17 Исусовите ученици прашале: „Кој е поголем [најголемиот, НС] во царството небесно?“ Исус одговорил така што ставил едно детенце среде нив и рекол: „Вистина ви велам, ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно: кој, пак, ќе се смири [понизи, НС] како ова дете, тој е поголем [најголемиот, НС] во царството небесно“ (Матеј 18:1-6). Горделивите, оние кои многу бараат, безобѕирните и беззакониците нема да бидат во Божјето Царство ниту, пак, ќе бидат поданици на Царството. Дали твојата љубов кон браќата, твојата понизност и твојот божествен страв, те поттикнуваат да избегнуваш да ги сопнуваш другите со своето однесување? Или дали инсистираш на своите „права“, без оглед на тоа како овој став и однесување ќе влијаат врз другите? (Римјаните 14:13, 17).
18. Каков ќе биде резултатот за послушното човештво кога Божјето Царство ќе предизвика Неговата волја да биде ‚како на небото, така и на земјата‘?
18 Наскоро, нашиот небесен Татко, Јехова, ќе одговори на горливата молитва: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“. Многу скоро, владејачкиот Цар, Исус Христос, ќе дојде на тој начин што ќе седне на својот престол да суди, за да ги оддели „овците“ од „козите [јарците, НС]“. Во тоа одредено време, „Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот‘“. Јарците „ќе отидат во вечна мака [одрежување, НС], а праведниците — во живот вечен“ (Матеј 6:10; 25:31-34, 46). ‚Големата неволја‘ ќе го исчисти стариот систем и сите оние кои одбиваат ‚да ја сфатат смислата на‘ Царството. Но, милионите преживеани од ‚големата неволја‘ и милијардите кои ќе воскреснат, ќе наследат бескрајни благослови на Царството во обновениот земен Рај (Откровение 7:14, НС). Царството е новата влада на Земјата која владее од небото. Тоа ќе ја доврши Јеховината намера со Земјата и со човештвото, сѐ со цел да се посвети неговото најсвето име. Зарем тоа наследство не е нешто за што вреди да се работи, да се жртвува и да се чека? Токму такво значење би требало да има за нас ‚сфаќањето на смислата на‘ Царството!
Како би одговорил?
◻ Што претставува Царството на Бог?
◻ Зошто повеќето од Исусовите слушачи не ‚ја сфатиле смислата на‘ Царството?
◻ На кој начин ‚сфаќањето на смислата на‘ Царството носи и благослови и одговорност?
◻ Што покажува дали сме ‚ја сфатиле смислата на‘ Царството во поглед на проповедањето?
◻ Како покажуваме со своето однесување дека сме ‚ја сфатиле смислата на‘ дадениот совет?
[Слики на страница 17]
Исусовите ученици ‚ја сфатиле смислата на‘ Царството и дале добар плод