Ти можеш да се радуваш на трајни пријателства
ПОСТОЈАТ бариери за пријателствата. Всушност, Библијата прорекла дека во овие ‚последни денови‘ ќе има недостиг на љубов, на природна наклоност и на лојалност (2. Тимотеј 3:1-5; Матеј 24:12). Овие услови донеле една невидена чума на осаменост. Едно лице рекло: „Во моето соседство е како во Ноева арка. Ако не сте венчана двојка, немате шанси да влезете“. Сета вина за ова не може да се фрли на секој осамен поединец. Во некои делови од светот, постојат некои предизвици во врска со трајните пријателства како што се честото селење на луѓето, распад на семејствата, безлични и опасни градови и значително намалување на слободното време.
Еден современ градски жител може за една седмица да стапи во контакт со повеќе луѓе отколку што еден селанец од XVIII век видел за една година или за целиот свој живот! Па сепак, денес односите честопати се површни. Многумина се задлабочуваат во постојано дружење и обиди да се разонодуваат. Но, мораме да признаеме дека празното забавување со лошо избрани придружници е исто како да користиш трње за огрев. Проповедник 7:5, 6 вели: „Подобро е да слушаш прекор од мудар, отколку да слушаш песни на безумен; зашто смеата на безумните е како прскање на трње под котел. И тоа е суета!“ Трњето накратко даваат сјаен и бучен оган, но огнот нема доволно материјал за да нѐ грее. На сличен начин, бучните другари кои се смеат можат да ни го свртат вниманието само моментално, но тие нема да ја отстранат сета осаменост и да ја задоволат нашата потреба од вистински пријатели.
Самотијата се разликува од осаменоста. Некој вид самотија ни е неопходна за да се освежиме и на тој начин да имаме повеќе да понудиме како пријатели. Кога се соочени со осаменост, многумина веднаш се свртуваат кон некој облик на електронска забава. Една студија заклучила дека една од највообичаените реакции на осаменоста е гледањето телевизија. Сепак, истражувачите заклучиле дека долготрајното гледање телевизија е едно од најлошите нешта што можеме да го правиме кога сме осамени. Таа ја унапредува пасивноста, здодевноста и фантазирањето, и станува лоша замена за личните односи со другите луѓе.
Всушност, самотијата може да биде многу корисна ако нашето време кога сме сами, го користиме на корисен начин. Тоа можеме да го правиме ако читаме, ако пишуваме писма, ако работиме нешто и ако се одмораме. Корисната самотија подразбира да се молиме на Бог, да ја проучуваме Библијата и да медитираме за неа (Псалм 62:6). На овие начини можеме повеќе да се зближиме со Јехова Бог, оној кој може да биде наш најголем Пријател.
Библиски примери за пријателства
Иако е добро да се биде пријателски настроен кон многу луѓе, Библијата нѐ потсетува дека „има пријатели поприврзани од брат“ (Изреки 18:25). На сите нам ни се потребни неколку присни пријатели кои навистина се грижат за нас, чии пријателства ни даваат радост, сила и мир. Иако таквите вистински пријателства денес може да се невообичаени, некои древни примери се посебно забележани во Библијата. На пример, постоело истакнатото пријателство помеѓу Давид и Јонатан. Што можеме да научиме од тоа? Зошто нивното пријателство било трајно?
Како прво, Давид и Јонатан имале заеднички важни интереси. Што е најважно, тие споделувале длабоко чувство на оддаденост кон Јехова Бог. Кога ја забележал Давидовата вера во Бог и неговите постапки во одбрана на Јеховиниот народ, ‚душата на Јонатан се приврзала до душата негова, и Јонатан го засакал како душата своја‘ (1. Царства 18:1). Според тоа, обостраната љубов кон Бог им помага на пријателите да се врзат еден за друг.
Јонатан и Давид биле јаки поединци кои живееле според божествените начела. Затоа, можеле да се почитуваат еден со друг (1. Царства 19:1-7; 20:9-14; 24:7). Навистина сме благословени ако имаме побожни пријатели кои се раководат од библиските начела.
За пријателството на Давид и Јонатан придонеле и други фактори. Нивниот однос бил чесен и отворен, а секој од нив му се доверувал на другиот. Јонатан лојално ги ставал Давидовите интереси пред своите лични интереси. Тој не бил љубоморен затоа што на Давид му било ветено царување; напротив, Јонатан го поддржувал емоционално и духовно. А Давид ја прифаќал неговата помош (1. Царства 23:16-18). На библиски умесни начини, Давид и Јонатан ги изјавувале своите чувства еден спрема друг. Нивното побожно пријателство се темелело на вистинско ценење и наклоност (1. Царства 20:41; 2. Царства 1:26). Тоа било нескршливо затоа што обајцата му останале верни на Бог. Ако таквите начела ги практикуваме на дело, тоа може да ни помогне да изградиме и да задржиме вистински пријателства.
Како се негуваат пријателствата
Дали бараш вистински пријатели? Можеби не мораш да бараш далеку. Некои од оние со кои редовно контактираш би можеле да ти бидат пријатели, а и ним можеби им треба твоето пријателство. Особено кога станува збор за сохристијаните, мудро е да се примени советот од апостол Павле — да ‚се рашириме‘ (2. Коринтјаните 6:11-13). Меѓутоа, немој да се вознемируваш ако секој напор да си стекнеш пријател, не доведе до некаква длабока врска. Обично е потребно време за да се развие едно пријателство, и нема секој однос да биде еднакво длабок (Проповедник 11:1, 2, 6). Се разбира, за да се радуваме на искрени пријателства, мораме да бидеме несебични и треба да го следиме Исусовиот совет: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7:12).
На кого му е потребно твоето пријателство? Освен оние на твоја возраст, како е со помладите или со постарите луѓе? Кај пријателствата на Давид и Јонатан, на Рут и Ноемина, на Павле и Тимотеј — кај сите нив била вклучена некаква разлика во возраста (Рут 1:16, 17; 1. Коринтјаните 4:17). Можеш ли да го прошириш своето пријателство на вдовиците и на други невенчани лица? Помисли и на оние кои се нови во твоето соседство. Можеби го прекинале дружењето со повеќето или со сите свои пријатели затоа што се преселиле или што го промениле својот начин на живот. Не чекај другите да те побараат тебе. Ако си христијанин, создавај трајни пријателства со тоа што ќе го применуваш Павловиот совет: „Еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“ (Римјаните 12:10).
Пријателствата можеме да ги сметаме како еден вид давање. Исус рекол дека ако практицираме давање, и луѓето ќе ни даваат нам. Тој исто така истакнал дека повеќе среќа има во давањето отколку во примањето (Лука 6:38; Дела 20:35). Дали си наишол на луѓе од различно потекло? Меѓународните конгреси на Јеховините сведоци докажале дека луѓе од различни култури можат да создаваат вистински и трајни пријателства кога заеднички го обожаваат Бога.
Да се чуваат пријателствата неповредени
За жал, оние кои се сметаат за меѓусебни пријатели, понекогаш си нанесуваат болка еден на друг. Штетно озборување, изиграна доверба, недостиг на ценење — тоа се некои работи кои се многу болни кога потекнуваат од некого кого си го сметал за вистински пријател. Што може да се стори во таквите ситуации?
Дај добар пример. Стори сѐ што можеш за да избегнеш да нанесуваш непотребна болка. Во некои места е популарно пријателите да си ги исмејуваат слабостите еден на друг. Но, грубото постапување или подмолното зафркавање нема да ги зближат пријателите, дури и ако тие наводно ‚се шегуваат‘ (Изреки 26:18, 19).
Работи напорно да ги одржиш пријателствата. Понекогаш доаѓа до недоразбирања кога пријателите премногу очекуваат еден од друг. Некој пријател кој е болен или преокупиран со некаков тежок проблем, веројатно нема да биде во состојба да покаже толкава срдечност како обично. Затоа, во такви времиња труди се да бидеш разборит и да даваш поддршка.
Проблемите решавај ги брзо и љубезно. Прави го тоа насамо, доколку е можно (Матеј 5:23, 24; 18:15). Увери се дали твојот пријател знае дека ти сакаш да одржиш добар однос. Искрените пријатели си простуваат еден на друг (Колосјаните 3:13). Дали ти ќе бидеш таков пријател — кој е поприврзан и од брат?
Читањето и размислувањето за пријателствата е само почеток. Ако чувствуваме осаменост, да преземеме соодветна акција и нема долго да бидеме осамени. Ако се напрегаме, можеме да стекнеме вистински пријатели. Со некои од нив ќе создадеме посебна врска. Но, никој не може да го заземе местото на Бог, најголемиот Пријател. Само Јехова може да нѐ познава, да нѐ разбере и да нѐ поддржува во потполност (Псалм 138:1-4, 23, 24). Освен тоа, неговата Реч нуди прекрасна надеж за иднината — нов свет, каде што ќе биде можно да имаме вистински пријатели засекогаш (2. Петрово 3:13).
[Слики на страница 5]
Давид и Јонатан се радувале на вистинско пријателство, а тоа можеме и ние да го постигнеме