Тие ја извршувале Јеховината волја
Внимавајќи на Исусовите зборови на разделбата
ВЕЧЕРТА на 14 низан 33 година н. е., Исус Христос и неговите 11 верни апостоли се потпирале на масата во една горна соба во Ерусалим. Свесен дека му претстои смрт, тој им рекол: „Уште малку сум со вас“ (Јован 13:33). Всушност, Јуда Искариотски веќе бил на својот пат да скове завера со зли луѓе кои сакале Исус да биде убиен.
Никој во таа горна соба не ја чувствувал итноста на ситуацијата повеќе од Исус. Тој добро знаел дека наскоро ќе пострада. Исто така, знаел дека неговите апостоли ќе го напуштат во истата таа ноќ (Матеј 26:31; Захарија 13:7). Поради тоа што на Исус ова му била последна прилика да зборува со своите апостоли пред својата смрт, можеме да бидеме сигурни дека неговите зборови на разделбата биле сосредоточени на работи од најголема важност.
„Правете го ова за Мој спомен“
Заедно со своите верни апостоли, Исус воспоставил една нова слава која требало да ја замени еврејската Пасха. Апостол Павле ја нарекол ‚Господова вечера‘ (1. Коринтјаните 11:20). Земајќи еден сомун бесквасен леб, Исус кажал молитва. Потоа го скршил сомунот и им го дал лебот на своите апостоли. „Земете, јадете, ова е [ова значи, НС] Моето тело“, рекол тој. Потоа зел чаша со вино, упатил молитва на благодарност и им ја дал на апостолите, велејќи: „Пијте од неа сите; зашто ова е [ова значи, НС] Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите“ (Матеј 26:26-28).
Какво било значењето на овој настан? Како што покажал Исус, лебот го претставувал неговото безгрешно тело (Евреите 7:26; 1. Петрово 2:22, 24). Виното ја симболизирало Исусовата пролеана крв, која требало да овозможи простување на гревовите. Исто така, неговата жртвена крв требало да го направи полноважен новиот сојуз помеѓу Јехова Бог и 144.000 луѓе, кои на крајот би владееле со Исус на небото (Евреите 9:14; 12:22-24; Откровение 14:1). Со тоа што ги поканил своите апостоли да учествуваат во овој оброк, Исус покажал дека тие требало да имаат удел со него во небесното Царство.
Во врска со овој комеморативен оброк, Исус заповедал: „Правете го ова за Мој спомен“ (Лука 22:19). Да, Господовата вечера требало да биде годишен настан, исто како што била Пасхата. Додека Пасхата го славела споменот на ослободувањето на Израелците од ропството во Египет, Господовата вечера требало да се сосредоточува на едно многу поголемо ослободување — ослободувањето на откупливото човештво од ропството на гревот и смртта (1. Коринтјаните 5:7; Ефесјаните 1:7). Понатаму, оние кои земаат од симболичниот леб и вино, би се потсетиле на своите идни предности како цареви и свештеници во Божјето небесно Царство (Откровение 20:6).
Смртта на Исус Христос навистина била најважниот настан во човечката историја. Оние кои го ценат она што го направил Исус, ја слушаат неговата заповед во врска со Господовата вечера: „Правете го ова за Мој спомен“. Јеховините сведоци секоја година го слават споменот на Исусовата смрт на датумот што одговара на 14 низан. Во 1996 година, овој датум се паѓа на 2 април, после зајдисонце. Ти си срдечно поканет да присуствуваш во Салата на Царството во твоето подрачје.
„Нова заповед ви давам“
Освен што ја воспоставил Господовата вечера, Исус на разделбата имал и некои совети за своите апостоли. И покрај нивната добра обука, овие мажи имале уште многу да учат. Тие не ја сфаќале во потполност Божјата намера за Исус, за нив или за иднината. Но, Исус не се обидел да ги разјасни сите овие работи во тоа време (Јован 14:26; 16:12, 13). Наместо тоа, тој зборувал за нешто што е од огромна важност. „Нова заповед ви давам“, рекол тој, „да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.“ Потоа Исус додал: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:34, 35).
На кој начин ова било „нова заповед“? Па, Мојсеевиот Закон заповедал: „Сакај го ближниот свој како самиот себе“ (3. Мојсеева 19:18). Меѓутоа, Исус ги повикал своите следбеници да покажуваат самопожртвувана љубов дури до тој степен да го дадат и својот живот во корист на сохристијаните. Се разбира, ‚законот на љубовта‘ би важел и во помалку критични околности. Во сите ситуации, еден следбеник на Исус Христос би ја презел иницијативата да покажува љубов со тоа што ќе им помага на другите и духовно и на други начини (Галатјаните 6:10).
Во таа последна ноќ од Исусовиот земен живот, љубовта го натерала Исус да го моли Јехова Бог во корист на своите ученици. Делумно, тој молел: „Тие се во светот, а Јас идам при Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние, што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние“ (Јован 17:11). Значајно е тоа што во оваа молба до својот Татко, Исус молел меѓу неговите следбеници да има единство полно со љубов (Јован 17:20-23). Тие требало ‚да се љубат едни со други како што Исус ги возљубил нив‘ (Јован 15:12).
Верните апостоли внимавале на Исусовите зборови на разделбата. И ние треба да се покоруваме на неговите заповеди. Во овие критични ‚последни денови‘, љубовта и единството помеѓу вистинските обожаватели се поважни од кога и да било порано (2. Тимотеј 3:1). Навистина, вистинските христијани ги слушаат Исусовите заповеди и покажуваат братска љубов. Тоа подразбира да се слуша и неговата заповед да се слави Господовата вечера.