„Фалете го Јах!“
„Сѐ што дише — нека Го фали Господа [Јах, НС] (ПСАЛМ 150:6).
1, 2. а) До кој обем вистинското христијанство цветало во првиот век? б) Какво предупредување дале апостолите? в) Како се развил отпадот?
ИСУС ги организирал своите ученици во христијанско собрание, кое цветало во првиот век. И покрај огорченото религиозно противење, ‚Евангелието било проповедано на секое поднебесно создание‘ (Колосјаните 1:23). Но, по смртта на апостолите на Исус Христос, Сатана подмолно подбуцнал отпад.
2 Апостолите однапред предупредиле на тоа. На пример, Павле им рекол на старешините во Ефес: „Пазете, па, на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави за епископи, за да ја пасете црквата на Господа и Бога, која ја придоби [откупи, НС] Он со Својата крв [со крвта на сопствениот Син, НС]. Бидејќи знам дека по моето заминување ќе се втурнат помеѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото; а и од вас самите ќе станат луѓе, што ќе зборуваат изопачено, за да ги одвратуваат учениците заедно со себеси“ (Дела 20:28-30; види и 2. Петрово 2:1-3; 1. Јованово 2:18, 19). Така, во четвртиот век, отпадничкото христијанство почнало да ги обединува силите со Римското Царство. Неколку векови подоцна, Светото Римско Царство, преку врските со римскиот папа, завладеало над голем дел од човештвото. Со текот на времето, Протестантската реформација се побунила против злобните испади на Католичката црква, но не успеала да го обнови вистинското христијанство.
3. а) Кога и како добрата вест ѝ била проповедана на сета творба? б) Какви библиски втемелени очекувања се оствариле во 1914 година?
3 Меѓутоа, како што се приближувал крајот на XIX век, една искрена група истражувачи на Библијата повторно се зафатила со проповедање и ширење на ‚надежта на Евангелието на секое поднебесно создание‘. На темел на своето проучување на библиското пророштво, оваа група преку 30 години однапред укажувала дека 1914 година го означува крајот на ‚одредените времиња на народите‘ — период од „седум времиња“, односно 2.520 години, кој започнал со опустошувањето на Ерусалим во 607 година пр. н. е. (Лука 21:24, НС; Даниил 4:13). Во склад со очекувањата, 1914 година се покажала како пресвртница во човековите работи на Земјата. На небото исто така се одиграле историски настани. Тогаш Царот на вечноста го поставил на небесен престол својот придружен Цар, Исус Христос, пред да го избрише сето зло од лицето на оваа Земја и повторно да го воспостави Рајот (Псалм 2:6, 8, 9; 109:1, 2, 5).
Гледај на Месијанскиот Цар!
4. На кој начин Исус живеел според значењето на своето име Михаил?
4 Во 1914 година, овој Месијански Цар Исус тргнал во акција. Тој во Библијата е наречен и Михаил, што значи „Кој е како Бог?“, бидејќи тој има намера да ја оправда Јеховината сувереност. Како што е запишано во Откровение 12:7-12, апостол Јован во визија опишал што требало да се случи: „Настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но не устојаа, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев — старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена [целата земја, НС], беше соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени“. Навистина голем пад!
5, 6. а) Каква восхитувачка објава била дадена од небото после 1914 година? б) На кој начин стиховите од Матеј 24:3-13 се поврзани со ова?
5 Потоа, еден громок глас на небото објавил: „Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе. Тие [верните христијани] го победија со крвта на Агнецот [Исус Христос] и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт“. Тоа значи избавување за чуварите на беспрекорноста кои покажувале вера во Исусовата скапоцена откупна жртва (Изреки 10:2; 2. Петрово 2:9).
6 Силниот глас на небото продолжил да објавува: „Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ „Тешкото“ што било проречено за Земјата, било видливо во светските војни, гладот, болестите, земјотресите и беззаконието што ја измачувале Земјата во овој век. Како што известува Матеј 24:3-13, Исус прорекол дека тоа ќе биде дел од ‚знакот за свршетокот на светот‘. Во исполнение на пророштвото, од 1914 година човештвото доживувало тешкотии на Земјата кои се без преседан во сета поранешна човечка историја.
7. Зошто Јеховините сведоци проповедаат со итност?
7 Во овој век на сатански јад, може ли човештвото да пронајде надеж за иднината? Па да, бидејќи Матеј 12:21 за Исус вели: „И во Неговото име народите ќе се надеваат“! Трауматските услови меѓу нациите го обележуваат не само ‚знакот за свршетокот на светот‘ туку и ‚знакот на Исусовата присутност‘ како небесен Цар на Месијанското Царство. Во врска со тоа Царство, Исус понатаму вели: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Кој народ на Земјата денес ја проповеда величествената надеж за владеењето на Божјето Царство? Јеховините сведоци! Јавно и од куќа до куќа, тие проповедаат со итност дека Божјето Царство на праведност и мир наскоро ќе ги преземе работите на Земјата. Дали и ти учествуваш во оваа служба? Поголема предност не би можел да имаш! (2. Тимотеј 4:2, 5).
Како доаѓа „крајот“?
8, 9. а) Како започнал судот од „Божјиот дом“? б) На кој начин христијанскиот свет ја повредил Божјата Реч?
8 Човештвото навлегло во еден период на суд. Во 1. Петрово 4:17 сме информирани дека судот почнал „од Божјиот дом“ — судење на оние кои се декларираат како христијански организации, што било видливо по започнувањето на „последните денови“ со колежот во I светска војна, во текот на 1914—18 година. Како поминал христијанскиот свет на ова судење? Па, погледни каква положба заземале црквите во поддржувањето на војните од 1914 година наваму. Зарем свештениците не се исфлекани со ‚крвта од бедните, невини луѓе‘ коишто со проповед ги испратиле на бојните линии? (Јеремија 2:34).
9 Според Матеј 26:52, Исус изјавил: „Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“. Колку само вистинито се покажало тоа во војните од овој век! Свештенството ги наговарало младите луѓе да масакрираат други млади луѓе, па дури и оние од сопствената религија — католиците убивале католици, а протестантите убивале протестанти. Национализмот бил воздиган над Бога и Христа. Неодамна, во некои африкански народи, етничките врски беа ставани пред библиските начела. Во Руанда, каде што поголемиот дел од населението се католици, во етничко насилство беа масакрирани најмалку половина милион луѓе. Во ватиканскиот весник L’Osservatore Romano, папата признал: „Тоа претставува чист геноцид, за кој за жал се одговорни дури и католиците“. (Спореди Исаија 59:2, 3; Михеј 4:3, 5.)
10. Каков суд ќе изврши Јехова над лажната религија?
10 Како гледа Царот на вечноста на религиите кои ги охрабруваат луѓето меѓусебно да се колат или кои стојат настрана со скрстени раце додека членовите на нивното стадо се убиваат меѓу себе? Во врска со Големиот Вавилон, светскиот систем на лажната религија, Откровение 18:21, 24 ни кажува: „Еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички, па го фрли во морето и рече: ‚Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе! И во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа избиени на земјата‘“.
11. Какви ужасни работи се случувале во христијанскиот свет?
11 Во исполнение на библиското пророштво, во христијанскиот свет се случувале страшни работи. (Спореди Јеремија 5:30, 31; 23:14.) Главно поради попустливиот став на свештенството, нивните стада се изрешетани со неморал. Во Соединетите Држави, наводно христијанска нација, околу половината од сите бракови завршуваат со развод. Тинејџерските бремености и хомосексуалноста беснеат меѓу членовите на црквите. Свештениците сексуално злоупотребуваат мали деца — и тоа не само во неколку случаи. Било кажано дека судските подмирувања поради вакви случаи, би можеле Католичката црква во Соединетите Држави да ја коштаат милијарда долари само за една деценија. Христијанскиот свет го игнорирал предупредувањето од апостол Павле што се наоѓа во 1. Коринтјаните 6:9, 10: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо“.
12. а) На кој начин Царот на вечноста ќе преземе акција против Големиот Вавилон? б) За разлика од христијанскиот свет, од која причина Божјиот народ ќе ги пее рефрените „Алилуја“?
12 Наскоро, Царот на вечноста, Јехова, дејствувајќи преку својот небесен Фелдмаршал, Исус Христос, ќе ја започне големата неволја. Најпрво, извршувањето на Јеховиниот суд ќе го доживее христијанскиот свет и сите други гранки на Големиот Вавилон (Откровение 17:16, 17). Тие се покажале недостојни за спасението што Јехова го обезбедил преку Исусовата откупна жртва. Го презирале Божјето свето име. (Спореди Језекиил 39:7.) Каква само иронија е кога во раскошните религиозни градби ги пеат рефрените „Алелуја“! Тие го отстрануваат Јеховиното скапоцено име од своите библиски преводи, а очигледно се несвесни за фактот дека „Алелуја“ значи „Фалете го Јах“ — „Јах“ е скратен облик од „Јехова“. Соодветно на тоа, Откровение 19:1-6 известува дека „Алелуја“ рефрените наскоро ќе се пеат кога ќе се слави Божјето извршување на суд над Големиот Вавилон.
13, 14. а) Какви значајни настани се случуваат по тоа? б) Каков е среќниот исход за богобојазливите луѓе?
13 Потоа следува Исусовото ‚доаѓање‘ за да изрече и изврши суд над нациите и народите. Тој самиот прорекол: „А кога ќе дојде Синот Човечки [Исус Христос] во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на [судскиот] престол на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи [на Земјата]; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот‘“ (Матеј 25:31-34). Стих 46 понатаму раскажува дека класата кози [јарци, НС] ‚ќе отиде во вечна мака [отсечување, НС], а праведниците — во живот вечен‘.
14 Библиската книга Откровение опишува како ‚Царот над царевите и Господарот над господарите‘, нашиот небесен Господ, Исус Христос, во тоа време ќе вјава во битката на Армагедон, уништувајќи ги политичките и комерцијалните елементи на Сатановиот систем. На тој начин, Христос ќе ги излие „јароста и гневот на Бога Седржителот“ врз целокупното Сатаново земно подрачје. Кога ‚поранешното ќе помине‘, богобојазливите луѓе ќе бидат воведени во славниот нов свет, во кој Бог ‚ќе ја избрише секоја солза од очите нивни‘ (Откровение 19:11-16; 21:3-5).
Време да го фалиме Јехова
15, 16. а) Зошто е многу битно да ја послушаме Јеховината пророчка реч? б) Што мораме да сториме за спасение, како што покажуваат пророците и апостолите и што би можело тоа да значи за мноштва денес?
15 Тој ден за извршување на пресуда е близу! Затоа, ќе направиме добро ако ја слушаме пророчката реч на Царот на вечноста. На оние кои сѐ уште се вплеткани во учењата и обичаите на лажната религија, еден небесен глас им објавува: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини“. Но, каде мораат да одат бегалците? Може да има само една вистина, значи само една вистинска религија (Откровение 18:4; Јован 8:31, 32; 14:6; 17:3). Нашето постигнување на вечен живот зависи од тоа да ја пронајдеме таа религија и да го слушаме нејзиниот Бог. Библијата нѐ упатува кон него во Псалм 83:18, кој гласи: „Ти, чиешто само име е ЈЕХОВА, си највишиот над сета Земја“ (King James Version).
16 Меѓутоа, треба да сториме повеќе отколку само да го знаеме името на Царот на вечноста. Треба да ја проучуваме Библијата и да учиме за неговите величествени особини и намери. Потоа, треба да ја вршиме неговата волја за ова денешно време, како што е покажано во Римјаните 10:9-13. Апостол Павле ги цитирал инспирираните пророци и заклучил: „Секој кој го повикува името Јеховино, ќе биде спасен“ (Јоил 2:32, НС; Софонија 3:9). Спасен? Да, бидејќи мноштва кои денес покажуваат вера во Јеховината откупна подготовка преку Христос, ќе бидат избавени од претстојната голема неволја кога ќе биде извршена пресуда над Сатановиот расипан свет (Откровение 7:9, 10, 14).
17. Која величествена надеж треба да нѐ мотивира уште сега да се придружиме во пеењето на песната на Мојсеј и на Јагнето?
17 Која е Божјата волја за оние кои се надеваат да преживеат? Тоа е уште сега да се придружиме во пеењето на песната на Мојсеј и на Јагнето, фалејќи го Царот на вечноста во очекување на неговата победа. Тоа го правиме со тоа што им зборуваме на другите за неговите славни намери. Додека напредуваме во разбирањето на Библијата, својот живот му го предаваме на Царот на вечноста. Тоа ќе ни овозможи да живееме во сета вечност под уредувањето што го опишува овој моќен Цар, како што стои во Исаија 65:17, 18: „Ете, јас создавам ново небо [Исусовото Месијанско Царство] и нова земја [праведно ново човечко општество], а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат. А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам“.
18, 19. а) На што би требало да нѐ поттикнат Давидовите зборови од Псалм 144? б) Што можеме со доверба да очекуваме од Јеховината рака?
18 Псалмистот Давид го опишал Царот на вечноста со овие зборови: „Велик е Господ и достоен за голема похвала и величието Негово нема крај [неговата величина е неиспитлива, НС]“ (Псалм 144:3). Да, неговата величина е неиспитлива исто како и границите на просторот и на вечноста! (Римјаните 11:33). Додека продолжуваме да примаме спознание за нашиот Творец и за неговата откупна подготовка преку неговиот Син Христос Исус, ние ќе сакаме сѐ повеќе и повеќе да го фалиме нашиот вечен Цар. Ќе сакаме да го правиме она што го истакнува Псалм 144:11-13а: „И нека ја проповедаат славата на Твоето царство, а да прикажуваат и за силата Твоја. За да им се кажува на синовите човечки за Твојата сила и за велелепната слава на Твоето царство. Твоето царство е царство на сите векови, а владеењето Твое над сите поколенија“.
19 Можеме со доверба да очекуваме дека нашиот Бог ќе биде верен на изјавата: „Ти ја отвори раката Твоја и исполнуваш сѐ што е живо со сите негови потреби“. Царот на вечноста нежно ќе нѐ води до крајот на овие последни денови, бидејќи Давид нѐ уверува: „Јехова ги чува сите кои го сакаат, а сите злобни ќе ги уништи“ (Псалм 144:16, 20, НС).
20. Како се оѕвиваш ти на повикот од Царот на вечноста, кој е објавен во последните пет псалми?
20 Секој од петте заклучни псалми во Библијата започнува и завршува со повикот „Алилуја“. Така, Псалм 145 нѐ повикува: „Фали Го, душо моја, Господа [Јехова, НС]! Ќе Го фалам Господа додека сум жив; ќе Му пеам на мојот Бог додека постојам“. Дали ти ќе се оѕвиеш на овој повик? Секако дека би требало да сакаш да го фалиш! Биди и ти меѓу оние кои се опишани во Псалм 148:12, 13: „Момчиња и девојки, старци со децата — сите нека го фалат името на Господа; зашто само Неговото име е возвишено; Него Го фалат на небото и на земјата“. Со цело срце да се оѕвиеме на повикот: „Фалете го Јах!“ Едногласно, да го фалиме Царот на вечноста!
Како гласи твојот коментар?
◻ На што предупредиле Исусовите апостоли?
◻ Кои решавачки постапки се случувале од 1914 година наваму?
◻ Какви судови наскоро ќе изврши Јехова?
◻ Зошто сега е времето на сите времиња да го фалиме Царот на вечноста?
[Рамка на страница 19]
Оваа катастрофална ера на превирања
Многумина го признале фактот дека со почетокот на XX век, осамнала ера на превирања. На пример, во предговорот на книгата Pandaemonium (Пандемониум) од американскиот сенатор Даниел Патрик Мојнихан, издадена во 1993 година, еден коментар за „катастрофата од 1914 година“ гласи: „Дојде војната и светот се промени — потполно. Денес во светот има само осум држави што постоеја во 1914 година и во кои не е насилно променет обликот на владеење . . . Од преостанатите 170-тина земји што постојат моментално, некои се создадени пред многу кратко време за да го доживеат многу скорото превирање“. Навистина, ерата од 1914 година наваму била сведок на една катастрофа по друга.
Во 1993 година беше објавена и книгата Out of Control—Global Turmoil on the Eve of the Twenty-First Century (Вон контрола — глобални превирања во предвечерието на XXI век). Автор е Збигњев Бжежински, поранешен началник на американскиот Национален совет за безбедност. Тој пишува: „Доаѓањето на XX век во многу коментари беше поздравувано како вистински почеток на Ерата на разумот . . . Спротивно на своето ветување, дваесеттиот век за човештвото стана најкрвав век исполнет со омраза, век на халуцинантна политика и на монструозни убивања. Свирепоста беше институционализирана до невидени размери, убивањето беше организирано до сериско производство. Шокантен е контрастот помеѓу научниот потенцијал за добро и политичкото зло кое всушност беше разбеснето. Никогаш порано во историјата убивањето не беше толку глобално раширено, никогаш порано тоа не одзело толку многу животи, никогаш порано човечкото уништување не било следено од толкава концентрација на истрајни напори кои се темелат на такви арогантно ирационални цели“. Колку само вистинито е тоа!
[Слика на страница 17]
После воспоставувањето на Царството во 1914 година, Михаил ги исфрлил Сатана и неговите орди долу на Земјата