„Работете, не за храната што исчезнува“
РАСКАЖАЛ ДЕЈВИД ЛАНСТРАМ
Брат ми Елвуд и јас се наоѓавме преку 9 метри во воздухот додека бојадисувавме еден нов натпис на фабричката зграда на Стражарска кула. После повеќе од 40 години, тој натпис сѐ уште е таму и поттикнува: „СЕКОЈДНЕВНО ЧИТАЈ ЈА БОЖЈАТА РЕЧ, БИБЛИЈАТА“. Секоја седмица, илјадници луѓе го гледаат додека минуваат преку прочуениот Бруклински мост.
МОИТЕ најрани сеќавања датираат од семејниот ден за перење. Мајка ми ќе станеше уште пред 5 часот и ќе ги переше алиштата на нашето големо семејство, а татко ми ќе се подготвуваше за работа. Тие ќе започнеа уште една од нивните жешки дискусии, при што татко ми аргументираше дека човекот некако еволуирал низ милиони години, а мајка ми цитираше од Библијата за да докаже дека луѓето се директно создадени од Бог.
Иако имав само седум години, сфатив дека мајка ми ја имаше вистината. Колку и да го сакав татко ми, можев да видам дека неговото верување не даваше никаква надеж за иднината. Колку само среќна би била мајка ми да знае дека после многу години, два нејзини сина бојадисаа еден натпис кој ги охрабрува луѓето да ја читаат Библијата — книгата што таа толку многу ја сакаше!
Но, не ја почнав мојата приказна по ред. Како се случи да добијам една ваква предносна работа? Треба да се вратам назад во 1906 година, три години пред да се родам.
Верниот пример на мајка ми
Во тоа време, мајка ми и татко ми биле нововенчани и живееле во еден шатор во Аризона. Наишол еден Истражувач на Библијата, како што тогаш се викаа Јеховините сведоци, и ѝ понудил на мајка ми серија книги напишани од Чарлс Тејз Расел, со наслов Studies in the Scriptures (Студии на Писмото). Цела ноќ ги читала и наскоро сфатила дека тоа е вистината што ја барала. Едвај чекала да се врати татко ми од потрагата по работа.
Татко ми исто така бил незадоволен од она што го учеле црквите, па за некое време ги прифатил овие библиски вистини. Но, подоцна тој си тргна по свој пат во религиозен поглед и дури ѝ правеше проблеми на мајка ми. Сепак, таа никогаш не престана да се грижи како за физичките така и за духовните потреби на своите деца.
Нема никогаш да заборавам како мајка ми, откако цел ден напорно ќе работеше, секоја ноќ ќе слегнеше по скалите за да ни прочита дел од Библијата или за да сподели со нас некоја духовна скапоценост. Татко ми исто така беше вреден и, кога станав повозрасен, тој ме научи на молерскиот занает. Да, татко ми ме научи како да работам, а мајка ми ме научи за што да работам, како што поучил Исус, за „храната што не исчезнува“ (Јован 6:27, НС).
Нашето семејство најпосле се насели во гратчето Еленсбург во државата Вашингтон, на околу 180 километри источно од Сиетл. Кога ние децата заедно со мајка ни почнавме да присуствуваме на состаноците на Истражувачите на Библијата, се состанувавме во приватни домови. Кога беше нагласена потребата да се учествува во службата од куќа до куќа, сите мажи ја напуштија нашата студиска група. Но, мајка ми никогаш не се поколеба. Тоа ми остави траен впечаток секогаш да имам доверба во водството од Јеховината организација.
На крајот, татко ми и мајка ми имаа девет деца. Јас се родив на 1 октомври 1909 година, како трето дете. Сѐ на сѐ, шест од нас го имитиравме добриот пример на нашата мајка и станавме ревносни Сведоци на Јехова.
Предание и крштавање
Кога бев во доцните тинејџерски години, се предадов на Јехова и во 1927 година тоа го симболизирав со крштавање во вода. Крштавањето се изврши во Сиетл, во една стара зграда која порано била баптистичка црква. Драго ми е што тие ја беа симнале старата купола. Бевме придружувани до базенот во подрумот, каде што ни дадоа да облечеме долги црни облеки. Изгледаше како да одиме на погреб.
По неколку месеци повторно бев во Сиетл, кога пробав за првпат да сведочам од врата до врата. Лицето кое предводеше ме упати: „Ти почни од оваа страна на блокот, а јас од онаа“. И покрај мојата трема, на една многу фина жена ѝ оставив два комплета џебни брошури. Кога се вратив во Еленсбург, продолжив со службата од врата до врата, а сега, после скоро 70 години, таквата служба сѐ уште ми причинува голема радост.
Служба во светското главно седиште
Не многу долго после тоа, едно лице кое беше служело во бруклинскиот Бетел, светското главно седиште на Друштвото Стражарска кула, ме охрабри да служам таму како волонтер. Наскоро по нашиот разговор, во списанието Стражарска кула излезе забелешка која огласуваше дека е потребна помош во Бетелот. И така се пријавив. Никогаш нема да ја заборавам мојата радост кога добив писмо да започнам со бетелска служба во Бруклин (Њујорк) на 10 март 1930 година. Така започна мојата полновремена кариера да работам за „храната што не исчезнува“.
Некој би можел да си помисли дека со моето искуство како молер ќе добијам нешто за бојадисување. Напротив, мојата прва работа беше да работам во фабриката на машина за опшивање. Иако тоа беше многу монотона работа, уживав во неа преку шест години. Големата ротациона преса, која ние нагалено ја викавме стариот боен брод, произведуваше џебни брошури кои по подвижна лента ги испраќавме на нашиот долен кат. Ни беше забавно да видиме дали можеме да ги опшиваме џебните брошури со онаа брзина со која ги добивавме од бојниот брод.
Потоа работев во извесен број одделенија, вклучувајќи го и она каде што правевме грамофони. Овие апарати ги користевме за да пуштаме снимени библиски пораки на праговите од станарите. Волонтерите во нашето одделение дизајнираа и конструираа вертикален грамофон. На овој грамофон не само што се пуштаа однапред снимени пораки туку имаше и посебни прегради за носење џебни брошури и можеби по некој сендвич. На еден конгрес во Детроит (Мичиген) во 1940 година, ја имав предноста да ја демонстрирам употребата на оваа нова опрема.
Меѓутоа, правевме повеќе отколку само генијални апарати. Исто така, правевме и важни духовни прилагодувања. На пример, Јеховините сведоци имаа обичај да носат брош со крст и круна. Но, подоцна сфативме дека Исус бил погубен на еден вертикален столб, а не на крст (Дела 5:30). Затоа престана носењето на овие брошеви. Имав предност да ги отстранувам спојките од брошевите. Подоцна, златото беше претопено и продадено.
Иако имавме исполнета седмица од пет и полдневен работен план, во викендите бевме вклучени и во христијанската служба. Еден ден, 16-мина од нас беа уапсени и ставени в затвор во Бруклин. Зошто? Па, во тоа време сметавме дека секоја религија е еднозначна со лажната религија. Затоа носевме натписи на кои од едната страна пишуваше „Религијата е стапица и измама“, а на другата „Служи им на Бог и на Христос Царот“. Поради носењето на овие натписи, бевме затворени, но Хајден Ковингтон, адвокатот на Друштвото Стражарска кула, нѐ ослободи со кауција. Во тоа време, пред Врховниот суд на Соединетите Држави беа бранети многу случаи во кои се работеше за слободата на обожавањето, и беше возбудливо да се биде во Бетелот и од прва рака да се чујат извештаите за нашите победи.
Најпосле, ми беа доделени работи во кои се користеше моето молерско искуство. На Стејтен Ајленд, еден од петте реони на Њујорк Сити, се наоѓаше нашата радиостаница WBBR. Кулите на станицата беа високи преку 60 метри и имаа по три комплета од затегнати челични јажиња. Јас седев на една штица долга 90, а широка 20 сантиметри, додека еден соработник ме креваше угоре. Седејќи на тоа мало седиште високо над тлото, ги бојадисував затегнатите челични јажиња и кулите. Некои ме прашуваа дали многу сме се молеле додека ја вршевме таа работа!
Една летна работа која нема никогаш да ја заборавам беше миењето прозорци и бојадисувањето на прозорските рамки на фабричката зграда. Тоа го нарекувавме наш летен распуст. Го монтиравме нашето дрвено скеле и со еден чекрк се кревавме самите себеси горе-долу по осумкатната зграда.
Семејство кое дава поддршка
Во 1932 година, почина татко ми и јас се прашував дали да се вратам дома за да помогнам околу грижата за мајка ми. Така, еден ден пред ручекот оставив една порака на челната маса каде што седеше брат Ратерфорд, претседателот на Друштвото. Во неа барав да разговарам со него. Кога дозна за мојата грижа и кога откри дека имам браќа и сестри кои сѐ уште живеат дома, тој праша: „Дали ти сакаш да останеш во Бетелот и да го вршиш Господовото дело?“
„Се разбира дека сакам“, одговорив.
Тогаш тој предложи да ѝ пишам на мајка ми за да видам дали таа ќе се согласи со мојата одлука да останам. Токму тоа и го сторив, а таа ми одговори, изразувајќи потполна согласност со мојата одлука. Навистина ја ценев љубезноста и советот од брат Ратерфорд.
Во текот на многуте години во Бетел, редовно му пишував на моето семејство и ги храбрев да му служат на Јехова, исто како што мајка ми ме храбреше мене. Таа умре во јули 1937 година. Колкава само инспирација беше таа за нашето семејство! Само постариот брат Пол и постарата сестра Естер, како и помладата сестра Луиз, не станаа Сведоци. Меѓутоа, Пол беше поволно настроен спрема нашето дело и тој обезбеди земјиште на кое ја изградивме нашата прва Сала на Царството.
Во 1936 година, сестра ми Ева стана пионер, односно полновремен проповедник. Истата година таа се омажи за Ралф Томас, и во 1939 година беа доделени во патувачкото дело за да им служат на собранијата на Јеховините сведоци. Подоцна се преселија во Мексико, каде што поминаа 25 години помагајќи во делото на Царството.
Во 1939 година, моите сестри Алис и Франсис исто така стапија во пионерска служба. Колкава само радост беше да се види како Алис на конгресот во Сент Луис во 1941 година зад штандот ја демонстрира употребата на опремата со грамофонот околу која бев помогнал да се направи! Иако Алис повремено мораше да ја прекинува својата пионерска служба поради семејни одговорности, сѐ на сѐ таа помина преку 40 години во полновремената служба. Во 1944 година, Франсис замина во Библиската Школа Гилеад на Стражарска кула и извесно време служеше како мисионер во Порторико.
Џоел и Елвуд, двајцата најмлади во семејството, во почетокот на 1940-тите станаа пионери во Монтана. Џоел остана верен Сведок и сега служи како слуга помошник. Во 1944 година, Елвуд ми се придружи во Бетелот, донесувајќи ми огромна радост во срцето. Тој имаше помалку од пет години кога излегов од дома. Како што беше забележано на почетокот, ние работевме заедно на бојадисувањето на оној натпис на фабричката зграда: „Секојдневно читај ја Божјата Реч, Библијата“. Честопати се прашував колкумина луѓе кои го виделе тој натпис низ годините, биле охрабрени да ја читаат својата Библија.
Елвуд служеше во Бетелот до 1956 година, кога се ожени со Ема Флајт. Долги години Елвуд и Ема работеа заедно во полновремената служба, служејќи некое време во Кенија (Африка), како и во Шпанија. Елвуд доби рак и умре во Шпанија во 1978 година. Ема остана до ден-денеска во пионерското дело во Шпанија.
Брак и семејство
Во септември 1953 година го напуштив Бетелот за да се оженам со Алис Ривера, пионерка од собранието Бруклин Центар каде што припаѓав. Ѝ дадов на знаење на Алис дека имам небесна надеж, но таа сепак беше заинтересирана да се омажи за мене (Филипјаните 3:14).
После 23 години живот во Бетелот, беше потребно вистинско прилагодување за да се почне световна работа како молер со која ќе ја издржувам Алис и себеси во пионерското дело. Алис секогаш ми даваше поддршка, дури и кога од здравствени причини мораше да прекине со пионерската служба. Во 1954 година го очекувавме нашето прво дете. Породувањето не мина сјајно, но сепак нашиот син, Џон, беше добро. За време на царскиот рез Алис изгуби толку многу крв што лекарите мислеа дека нема да преживее. Во еден момент не можеа да ѝ го слушнат ни пулсот. Сепак, таа ја преживеа ноќта и со текот на времето наполно се опорави.
По неколку години, кога умре татко ѝ на Алис, се преселивме малку подалеку на Лонг Ајленд за да бидеме со мајка ѝ. Поради тоа што немавме автомобил, одев пеш или за превоз користев автобус и метро. Така бев во можност да продолжам со пионерското дело и да го издржувам своето семејство. Радоста од полновремената служба далеку ја надминуваше секоја жртва. Помагањето на луѓето — како што е Џо Натал, кој прекина ветувачка бејзбол кариера за да стане Сведок — беше само еден од многуте мои благослови.
Во 1967 година, кога во подрачјето на Њујорк условите се влошија, решив да се вратам со Алис и Џон во мојот роден град Еленсбург. Сега за мене е наградувачки кога гледам толку многу внуци и правнуци на мајка ми како учествуваат во полновремената служба. Некои служат дури и во Бетел. Џон и неговата сопруга и децата исто така верно му служат на Јехова.
За жал, во 1989 година ми почина мојата драга сопруга Алис. Тоа што останав зафатен во полновремената служба ми помогна да ја поднесам загубата. Сестра ми Алис и јас сега се радуваме што сме заедно во пионерската служба. Колку е добро што пак живееме под ист покрив и што сме зафатени во ова најважно дело!
Пролетта 1994 година, за првпат по околу 25 години го посетив Бетелот. Колкава само радост причинуваше да ги видам десетиците лица со кои работев пред повеќе од 40 години! Кога дојдов во Бетел во 1930 година, фамилијата имаше само 250 членови, а денес бетелската фамилија во Бруклин брои над 3.500!
Одржан преку духовната храна
Најчесто рано наутро шетам покрај реката Јакима, близу нашиот дом. Оттаму можам да ја гледам величествената, со снег покриена планина Рејнир, која се издига преку 4.300 метри во облаците. Животинскиот свет е изобилен. Понекогаш гледам елени, а еднашка видов дури и лос.
Овие моменти на мир и осаменост ми дозволуваат да медитирам за Јеховините прекрасни подготовки. Се молам за сила за да продолжам верно да му служам на нашиот Бог, Јехова. Исто така, сакам да пеам додека одам, особено песната „Израдувај го Јеховиното срце“, чиишто зборови гласат: „Наш Боже, се заветивме во мудрост да ти служиме. Тоа знајме дел е наш, в срце да се радуваш“.
Драго ми е што избрав дело кое го радува Јеховиното срце. Се молам да можам да продолжам да го вршам ова дело сѐ додека не ја добијам небесната награда што е ветена. Желба ми е овој извештај да може да ги поттикне другите да ги употребат своите животи во ‚работењето за храната што не исчезнува‘ (Јован 6:27).
[Слики на страница 23]
Елвуд го бојадисува натписот „СЕКОЈДНЕВНО ЧИТАЈ ЈА БОЖЈАТА РЕЧ, БИБЛИЈАТА“
[Слика на страница 24]
Со Грант Сјутер и Џон Курцен го демонстрираме новиот грамофон на конгресот во 1940 година
[Слика на страница 25]
Во 1944 година, од оние кои бевме во вистината, бевме во полновремената служба. Одлево: Дејвид, Алис, Џоел, Ева, Елвуд и Франсис
[Слика на страница 25]
Денес живи браќа и сестри (одлево): Алис, Ева, Џоел, Дејвид и Франсис