ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 1/6 стр. 9-14
  • Семето на Змијата — како е разоткриено?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Семето на Змијата — како е разоткриено?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што значи пророштвото
  • „Непријателство меѓу тебе и жената“
  • Непријателство спрема Семето на Божјата жена
  • Денешно разоткривање на Семето на Змијата
  • Севкупната складност на Библијата
    Библијата — Реч Божја или човечка?
  • Величествената тема на Библијата
    Откровение — близу е величествената завршница!
  • Оној за кого сведочеле сите пророци
    Обожавај го единствениот вистински Бог
  • Прашања од читателите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 1/6 стр. 9-14

Семето на Змијата — како е разоткриено?

„Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе“ (1. МОЈСЕЕВА 3:15, НС).

1. а) Зошто Јехова е среќниот Бог? б) Што сторил тој за да ни овозможи да ја споделуваме неговата радост?

ЈЕХОВА е среќен Бог и тоа со добра причина. Тој е најголемиот и најистакнатиот Дарител на работите што се добри, и нема ништо што може да го изјалови исполнувањето на неговите намери (Исаија 55:10, 11; 1. Тимотеј 1:11, НС; Јаков 1:17). Тој сака неговите слуги да ја споделуваат неговата радост, и им дава добри причини за тоа. Затоа, во еден од најмрачните моменти од човечката историја — бунтот во Едем — тој ни дал темел за да гледаме на иднината со надеж (Римјаните 8:19—21).

2. Како дал Јехова темел за надеж за потомството на Адам и Ева кога ја објавил пресудата над бунтовниците во Едем?

2 Со тоа што се спротивставувал и го клеветел Бог, еден од Јеховините духовни синови баш тогаш се направил себеси Сатана Ѓавол. Првите луѓе — Ева, а потоа и Адам — паднале под негово влијание и го прекршиле Јеховиниот јасно наведен закон. Тие со право биле осудени на смрт (1. Мојсеева 3:1—24). Сепак, кога ја изрекол пресудата над овие бунтовници, Јехова дал темел за надеж за потомството на Адам и Ева. На кој начин? Како што е запишано во 1. Мојсеева 3:15, Јехова рекол: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата“. Тоа пророштво е клуч за разбирање на целата Библија, и тоа како на минатите така и на сегашните настани во кои се вклучени и светот и Јеховините слуги.

Што значи пророштвото

3. Како што е укажано во 1. Мојсеева 3:15, идентификувај ги а) Змијата, б) „жената“, в) „семето“ на Змијата и г) „семето“ на жената.

3 За да го цениш неговото значење, разгледај ги различните елементи на самото пророштво. Оној кој е ословен во 1. Мојсеева 3:15 е Змијата — не ниската змија, туку оној кој се послужил со неа (Откровение 12:9). „Жената“ не е Ева, туку Јеховината небесна организација, мајката на неговите духовно помазани слуги на Земјата (Галатјаните 4:26). „Семето“ на Змијата е Сатановото семе, неговото потомство — демони и луѓе, како и човечки организации кои ги манифестираат обележјата на Сатана и кои покажуваат непријателство спрема „семето“ на жената (Јован 15:19; 17:15, НС). „Семето“ на жената првенствено е Исус Христос, кој во 29 година н. е. бил помазан со свет дух. 144-те илјади, кои се ‚родени одозгора [повторно, НС] . . . од вода и дух‘ и кои се наследници на небесното Царство со Христос, претставуваат спореден дел од тоа семе на ветувањето. Тие почнале да се додаваат кон семето на жената од Пентакост 33 година н. е. па наваму (Јован 3:3, 5; Галатјаните 3:16, 29).

4. Каква врска има 1. Мојсеева 3:15 со претворањето на Земјата во Рај исполнет со луѓе ослободени од грев и смрт?

4 Дословната змија во Едем била употребена како гласноговорник од страна на оној чијашто измама довела до тоа човештвото да го изгуби Рајот. 1. Мојсеева 3:15 укажува понатаму на времето кога оној кој манипулирал со таа змија, ќе биде здробен. Потоа, на човечките слуги на Бог повторно ќе им биде отворен патот да го наследат Рајот, ослободени од грев и смрт. Колку само радосно време ќе биде тоа! (Откровение 20:1—3; 21:1—5).

5. Кои обележја го карактеризираат духовното потомство на Ѓаволот?

5 После бунтот во Едем, почнале да се појавуваат поединци и организации кои покажувале обележја слични на оние на Сатана Ѓаволот — бунтување, лажење, клеветење и убивање, како и противење на Јеховината волја и на оние кои го обожаваат Јехова. Овие обележја го идентификувале потомството, духовните деца на Ѓаволот. Меѓу нив бил Каин кој го убил Авел кога Јехова покажал наклоност кон Авеловото обожавање наместо кон Каиновото (1. Јованово 3:10—12). Нимрод бил еден чиешто само име го идентификувало како бунтовник и кој станал моќен ловец и владетел во отпор против Јехова (1. Мојсеева 10:9, НС). Освен тоа, постоела и низа древни царства, вклучувајќи го и Вавилон, со нивните религии спонзорирани од државата, изградени врз лага, и тие сурово ги угнетувале обожавателите на Јехова (Јеремија 50:29).

„Непријателство меѓу тебе и жената“

6. На кои начини Сатана покажал непријателство спрема Јеховината жена?

6 За сето ова време, постоело непријателство меѓу Змијата и Јеховината жена, меѓу Сатана Ѓаволот и Јеховината небесна организација од лојални духовни суштества. Сатановото непријателство се покажало кога тој му се подбивал на Јехова и сакал да ја наруши Јеховината небесна организација, заведувајќи ги ангелите да го напуштат своето исправно место на живеење (Изреки 27:11; Јуда 6). Тоа се покажало кога Сатана ги употребил своите демони за да им се мешаат на ангелските гласници кои биле испраќани од Јехова (Даниил 10:13, 14, 20, 21). Тоа било сосема очигледно во овој XX век, кога Сатана сакал да го уништи Месијанското Царство при неговото раѓање (Откровение 12:1—4).

7. Зошто Јеховините лојални ангели чувствувале непријателство спрема симболичната Змија, а сепак какво воздржување покажувале?

7 Исто така, постоело непријателство од страна на Јеховината жена, телото од лојални ангели, кон симболичната Змија. Сатана го клеветел доброто име на Бог; исто така, го довел во прашање интегритетот на секое од Божјите интелигентни суштества, вклучувајќи ги сите ангели и активно се трудел да ја поткопа нивната лојалност спрема Бог (Откровение 12:4а). Лојалните ангели, херувими и серафими не можеле а да не чувствуваат гнасење спрема оној кој себеси се направил Ѓавол и Сатана. Сепак, тие чекале на Јехова тој да ги среди работите во свое време и на свој начин. (Спореди Јуда 9.)

Непријателство спрема Семето на Божјата жена

8. Кого исчекувал Сатана?

8 Во меѓувреме, Сатана бил во исчекување на прореченото Семе на жената, односно на оној за кого Јехова рекол дека ќе ѝ ја згмечи главата на Змијата. Кога ангелот од небото објавил дека Исус, кој се родил во Витлеем, е „Спасител, Кој е Христос Господ“, тоа била силна потврда дека тој ќе стане прореченото Семе на жената (Лука 2:10, 11).

9. На кој начин Сатана покажал злобно непријателство после Исусовото раѓање?

9 Злобното непријателство на Сатана наскоро се покажало кога ги намамил паганските астролози во една мисија која првин ги одвела кај царот Ирод во Ерусалим, а потоа до куќата во Витлеем, каде што го нашле детенцето Исус и неговата мајка Марија. Кратко потоа, царот Ирод наредил да бидат погубени сите момчиња на возраст од две години па надолу, во и околу Витлеем. Во овој поглед, Ирод покажал сатанска омраза спрема Семето. Ирод очигледно добро знаел дека се обидува да го угаси животот на оној кој требало да биде Месија (Матеј 2:1—6, 16). Историјата сведочи дека царот Ирод бил бескрупулозен, подмолен и крвожеден — навистина еден од семето на Змијата.

10. а) На кој начин по Исусовото раѓање Сатана лично се обидел да ја изјалови Јеховината намера во врска со ветеното Семе? б) Како ги употребил Сатана еврејските верски водачи во стремењето кон своите цели?

10 Од 29 година н. е. кога Исус бил помазан со свет дух и кога Јехова зборувал од небото признавајќи го Исуса за свој Син, Сатана секогаш одново се обидувал да го наведе Исуса да подлегне на искушение и со тоа да ја изјалови Јеховината намера во врска со Неговиот Син (Матеј 4:1—10). Не успевајќи во тоа, прибегнал кон натамошна употреба на човечки застапници за да ги постигне своите цели. Меѓу оние кои тој ги користел во обидот да го наруши угледот на Исус, биле лицемерните верски водачи. Тие користеле лаги и клевета, онакви средства какви што користел самиот Сатана. Кога Исус му рекол на еден парализиран: „Не плаши се, . . . Ти се простуваат гревовите твои!“, книжниците, не чекајќи да видат дали човекот навистина е излекуван, го осудиле Исуса дека е хулник (Матеј 9:2—7). Кога Исус ги излекувал луѓето на Сабат, фарисеите го поткажале како прекршител на Сабатниот закон и се договориле да го уништат (Матеј 12:9—14; Јован 5:1—18). Кога Исус истерувал демони, фарисеите го обвиниле дека е во сојуз со ‚Велзевул, началникот на ѓаволите‘ (Матеј 12:22—24). Откако Лазар бил подигнат од мртвите, мнозина од луѓето поверувале во Исуса, но главарите свештенички и фарисеите повторно се договориле да го убијат (Јован 11:47—53).

11. Кого Исус го идентификувал како дел од семето на Змијата три дена пред својата смрт, и зошто?

11 На 11 низан 33 година н. е., иако добро знаејќи што планираат, Исус бестрашно отишол право во подрачјето на храмот во Ерусалим и таму јавно објавил осуда против нив. Како група, книжниците и фарисеите постојано покажувале каков вид луѓе биле; затоа Исус рекол: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, нити вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат“. Исус остро изјавил дека тие се дел од семето на Змијата, велејќи: „Змии и породи аспидини, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот [од осудата на гехена, НС]?“ (Матеј 23:13, 33). Неговиот јазик потсетува на пророштвото од 1. Мојсеева 3:15.

12, 13. а) На кој начин главарите свештенички и книжниците дале натамошен доказ за тоа кој бил нивни духовен татко? б) Кој им се придружил? в) Во исполнение на 1. Мојсеева 3:15, на кој начин на Семето на жената му била згмечена петата?

12 Дали нив, кога ги чуле Исусовите зборови, ги здоболело до срце, така што го преколнувале Бог за милост? Дали се покајале за својата злоба? Не! Марко 14:1 известува дека уште следниот ден, на еден состанок во дворот на првосвештеникот, „првосвештениците [главарите свештенички, НС] и книжниците сакале да Го фатат [Исуса] на измама и да Го убијат“. Тие продолжиле да го покажуваат крвожедниот дух на Сатана, кого Исус уште порано го опишал како човекоубиец (Јован 8:44). Наскоро, ним им се придружил Јуда Искариотски, кого Сатана го навел да биде отпадник. Јуда го напуштил беспрекорното Семе на Божјата жена и му се придружил на семето на Змијата.

13 Рано изутрината на 14 низан, членовите на еврејскиот религиозен суд го одвеле Исуса како затвореник кај римскиот управител. Тука главарите свештенички биле тие кои предводеле во викањето тој да биде прикован. Кога Пилат прашал: „Царот ваш ли да го распнам?“, главарите свештенички биле тие кои одговориле: „Ние немаме цар, освен ќесарот“ (Јован 19:6, 15). Всушност, тие на секаков начин докажале дека биле дел од семето на Змијата. Но, сигурно не биле сами. Инспирираниот извештај во Матеј 27:24, 25 го дава овој извештај: „Пилат . . . зеде вода, ги изми рацете пред народот“. Тогаш сиот народ рекол: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца“. На тој начин, многу Евреи од таа генерација се идентификувале себеси како дел од семето на Змијата. Пред да заврши тој ден, Исус бил мртов. Користејќи го своето видливо семе, Сатана му ја згмечил петата на Семето на Божјата жена.

14. Зошто тоа што на Семето на жената му била згмечена петата не значело победа за Сатана?

14 Дали Сатана победил? Никако! Исус Христос го победил светот и го надвил неговиот владетел (Јован 14:30, 31, НС; 16:33). Тој ја задржал својата лојалност кон Јехова сѐ до смрт. Неговата смрт како совршен човек ја обезбедила откупната цена што била потребна за да се откупи правото на живот што го изгубил Адам. На тој начин, го отворил патот кон вечен живот за оние кои ќе покажуваат вера во таа подготовка и кои ќе ги слушаат Божјите заповеди (Матеј 20:28; Јован 3:16). Јехова го подигнал Исуса од мртвите во бесмртен живот на небото. Во Јеховино време, Исус ќе го сотре Сатана од постоење. Во 1. Мојсеева 22:16—18 е проречено дека Јехова ќе им подари милост на сите семејства на Земјата кои ја преземаат потребната акција за да се благословат преку тоа лојално Семе.

15. а) На кој начин апостолите продолжиле да го разоткриваат семето на Змијата по смртта на Исус? б) Какво натамошно непријателство покажало семето на Змијата сѐ до наше време?

15 По Исусовата смрт, христијаните помазани со дух продолжиле да го разоткриваат Семето на Змијата, како што правел нивниот Господ. Поттикнати од светиот дух, апостол Павле предупредил на „човекот на беззаконието“ (НС), чија присутност ќе биде „според дејствувањето на Сатана“ (НС) (2. Солунјаните 2:3—10). Се докажало дека овој колективен „човек“ е свештенството на христијанството. За возврат, Семето на Змијата жестоко ги прогонувало следбениците на Исуса Христа. Во пророштвото запишано во Откровение 12:17, апостол Јован претскажал дека Сатана ќе продолжи да води војна против остатокот од семето на Божјата жена сѐ до нашето време. Токму тоа и се случило. Во многу земји, Јеховините сведоци биле забранувани, напаѓани од толпи, затворани или фрлани во концентрациони логори поради нивниот цврст став за Царството на Бог и за неговите праведни патишта.

Денешно разоткривање на Семето на Змијата

16. Кој во денешно време бил разоткриен дека е дел од семето на Змијата, и како?

16 Имитирајќи го Исус Христос, вистинските христијани не престанале со нивното бестрашно разоткривање на Змијата и нејзиното семе. Во 1917 година, Истражувачите на Библијата, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци, ја издале книгата The Finished Mystery (Завршена мистерија), во која го разоткриле лицемерието на свештенството на христијанството. По ова, во 1924 година следела една печатена резолуција со наслов Ecclesiastics Indicted (Обвинение против свештенството). Преку меѓународна дистрибуција биле разделени педесет милиони примероци. Во 1937 година, Џ. Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Друштвото Стражарска кула, изнел силни разоткривања на Сатановото семе во говорите со наслов „Разоткриени“ и „Религијата и христијанството“. Следната година, преку радиотелефонска врска од Лондон (Англија), го одржал говорот „Погледни им на фактите в очи“, кој го слушале 50 конгресни аудиториуми во различни земји. Еден месец подоцна, една моќна радиомрежа во Соединетите Држави го пренесувала говорот „Фашизам или слобода“. Тие беа надополнети со силни разоткривања во книгите како што се Enemies (Непријатели) и Religion (Религија), како и во џебната брошура Uncovered (Откриени). Во склад со она што било објавувано од 1920-тите па наваму, книгата Revelation—Its Grand Climax At Hand! (Откровение — Близу е неговата величествена кулминација!)a‚ сега печатена на 65 јазици, ги идентификува корумпираните политички владетели и алчните, беспринципиелни комерцијални трговци дека спаѓаат меѓу најистакнатите членови на видливото семе на Змијата. Кога политичките лидери имаат обичај да прибегнуваат кон лага за да ги заведуваат своите поданици, да не покажуваат почит кон светоста на крвта и да ги угнетуваат Јеховините слуги (покажувајќи со тоа омраза спрема семето на Божјата жена), тие сигурно се идентификуваат себеси како дел од семето на Змијата. Истото важи и за комерцијалните трговци кои, без никаква грижа на совеста, лажат заради финансиска добивка и произведуваат или продаваат производи за кои се знае дека предизвикуваат болести.

17. Каква прилика сѐ уште е отворена за угледни поединци кои би можеле да излезат од светскиот систем?

17 Нема секој поединец кој е извалкан со световна религија, со политика или со трговија, на крајот да биде сметан за дел од семето на Змијата. Некои од овие мажи и жени им се восхитуваат на Јеховините сведоци. Тие го користат своето влијание за да им помогнат, а со текот на времето го прифаќаат вистинското обожавање. (Спореди Дела 13:7, 12; 17:32—34.) До сите такви е упатен следниов повик: „Сега цареви, вразумете се; поучите се, судии земни! Служете Му на Господа со страв и радувајте се со трепет. Почитувајте го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не погинете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои на Него се надеваат“ (Псалм 2:10—12). Всушност, животоважно е сите кои ја посакуваат Јеховината милост да дејствуваат сега, пред небесниот Судија да ја затвори вратата на приликата!

18. Иако не се дел од семето на жената, сепак кои се обожаватели на Јехова?

18 Само оние кои ќе го сочинуваат небесното Царство, се дел од семето на жената. Тие се малку на број (Откровение 7:4, 9). Но, постои едно големо мноштво други, да, милиони, кои како обожаватели на Јехова со нетрпение очекуваат вечен живот на една рајска Земја. И со зборови и со дела, тие им велат на Јеховините помазаници: „Ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас“ (Захарија 8:23).

19. а) Каков избор мораат да направат сите луѓе? б) До кого особено е даден сериозен повик да постапува мудро додека сѐ уште има прилика?

19 Сега е времето кога сето човештво мора да направи избор. Дали сака да го обожава Јехова и да ја поддржува неговата сувереност или ќе му дозволи на Сатана да биде негов владетел со тоа што ќе ги прави работите кои му се угодни нему? Околу пет милиони луѓе од сите нации зазеле став на страната на Јехова заедно со преостанатите од семето на жената, наследниците на Царството. Осум милиони други луѓе покажале интерес за проучување на Библијата со нив или да присуствуваат на нивните состаноци. На сите нив, Јеховините сведоци им велат: „Вратата на приликата сѐ уште е отворена. Заземете недвосмислен став на Јеховината страна. Признајте го Христос како ветеното Семе. Радосно дружете се со Јеховината видлива организација. И имајте удел во сите благослови што Тој ќе ги даде преку владетелството на Царот, Христос Исус!

[Фуснота]

a Издадена од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк.

Дали се сеќаваш?

◻ Кој е Змијата на којашто се укажува во 1. Мојсеева 3:15? А кој е жената?

◻ Кои обележја го карактеризираат семето на Змијата?

◻ Како Исус го разоткрил семето на Змијата?

◻ Кој бил разоткриен како дел од семето на Змијата во денешно време?

◻ Каква итна акција се бара за да се избегне да се биде идентификуван како семе на Змијата?

[Слика на страница 10]

Исус ги разоткрил лицемерните верски водачи дека се дел од семето на Змијата

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели