Прашања од читателите
Дали можеме да речеме дека Божјите денешни слуги, кои ја имаат земната надеж, имаат исто толку свет дух како и со дух помазаните христијани?
Ова прашање не е ново. Истата работа беше обработена во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 април 1952 година. Оттогаш многумина станале Сведоци, па затоа можеме да го разгледаме прашањето и воедно да разгледаме што кажал тој поранешен материјал.
Во основа, одговорот е да — верните браќа и сестри од класата на другите овци може да учествуваат подеднакво со помазаниците во примањето на Божјиот свет дух (Јован 10:16).
Секако, ова не значи дека духот дејствува на истиот начин врз сите поединци. Сети се на верните слуги од претхристијански времиња, кои сигурно добиле Божји дух. Преку силата на духот, некои од нив убивале крволочни ѕверки, ги оздравувале болните, па дури ги дигале и мртвите. И им бил потребен духот за да ги напишат инспирираните книги на Библијата (Судии 13:24, 25; 14:5, 6; 3. Царства 17:17—24; 4. Царства 4:17—37; 5:1—14). Стражарска кула рекла: „Иако не биле од класата на помазаниците, тие биле исполнети со свет дух“.
Од друг агол, размисли за мажи и жени од првиот век кои биле помазани со свет дух, кои станале духовни синови Божји со небесна надеж. Сите биле помазани, но тоа не значи дека духот потоа дејствувал на ист начин врз сите нив. Тоа е јасно од 1. Коринтјаните, поглавје 12. Таму апостол Павле дискутирал за даровите на духот. Во стиховите 8, 9 и 11 читаме: „На еден му се дава преку Духот збор на мудрост, на друг — збор на знаење, преку истиот Дух; на еден — вера, преку истиот Дух; на друг — дар за лекување, преку истиот Дух; . . . Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака“.
Значајно е тоа што во тоа време, сите помазаници немале чудотворни дарови на духот. Во 1. Коринтјаните, поглавје 14, Павле споменал некој собраниски состанок на кој еден го имал дарот на јазици, но никој од присутните немал дар за преведување. Па сепак, во една поранешна прилика, секој од нив имал доживеано помазание со дух. Дали би било разумно да се рече дека братот кој го имал дарот на јазици, имал повеќе дух отколку останатите присутни? Не. Другите помазаници не биле оштетени, како да се неспособни толку добро да ја разберат Библијата или како да се неспособни толку добро да се соочат со испити. Духот дејствувал на посебен начин врз братот кој можел да зборува на јазици. Сепак, тој и тие требало да останат блиску до Јехова и да ‚се исполнуваат со Дух‘, како што напишал Павле (Ефесјаните 5:18).
Во врска со оние од денешниот остаток, тие сигурно имаат добиено Божји дух. Во еден момент тој дејствувал врз нив на еден посебен начин — во времето кога биле помазани и усвоени како духовни синови. Потоа, тие ‚се исполнуваат со Дух‘, имајќи ја неговата помош кога бараат појасно да ја разберат Библијата, кога го преземаат водството во делото на проповедање или кога се соочуваат со испити — било лични или организациски.
Иако го немаат истото искуство да бидат помазани, членовите на ‚другите овци‘ добиваат свет дух во други погледи. Стражарска кула од 15 април 1952 година забележала:
„,Другите овци‘ денес го извршуваат истото дело на проповедање како и остатокот, под истите тешки околности и покажуваат иста верност и интегритет. Се хранат од истата духовна трпеза, ја јадат истата храна и ги впиваат истите вистини. Поради тоа што се земна класа, со земни надежи и со жив интерес за земни работи, тие можеби се интересираат повеќе за стихови што се поврзани со земните услови во новиот свет; помазаниот остаток, пак, со небесни надежи и со силен личен интерес за работите на духот, можеби помарливо ги проучуваат овие работи од Божјата Реч. . . . Сепак, останува фактот дека истите вистини и истото разбирање им се достапни на обете класи, и се работи единствено за тоа до која мера поединците се ангажираат во проучување кое го одредува сфаќањето на небесните и земните работи што тие ги постигнуваат. Господовиот дух им е достапен во еднаква мера на обете класи, а спознанието и разбирањето им се нудат подеднакво на обете, со еднакви прилики да ги впиваат“.