Дали Бог го прифаќа секој облик на обожавање?
БОГ го создал човекот со една духовна потреба — потребата да обожава. Тоа не е нешто што еволуирало. Тоа било дел од човекот уште од почетокот.
Меѓутоа човештвото, за жал, развило голем број различни начини на обожавање и, најчесто, тие не доведувале до среќно, обединето човечко семејство. Наместо тоа, сѐ уште се водат крвави војни во името на религијата. Ова покренува едно важно прашање: Дали е битно како човек го обожава Бог?
Сомнително обожавање во древни времиња
Древните нации кои го населувале Средниот Исток, даваат еден историски случај кој ни помага да одговориме на ова прашање. Многумина обожавале еден бог наречен Ваал. Исто така, ги обожавале и женските придружнички на Ваал, како што е Ашера. Во обожавањето на Ашера била вклучена употребата на свет столб, за кој се верувало дека бил сексуален симбол. Археолозите кои работат во тој регион, ископале бројни ликови на голи жени. Овие ликови, наведува The Encyclopedia of Religion, „прикажуваат една божица со истакнати гениталии, како си ги држи градите“ и „веројатно ја претставуваат . . . Ашера“. Едно е сигурно — обожавањето на Ваал честопати било неморално.
Затоа, не изненадува тоа што обожавањето на Ваал вклучувало сексуални оргии (4. Мојсеева 25:1—3). Сихем, еден Хананеец, ја силувал младата девица Дина. И покрај тоа, тој бил сметан за најпочитуван човек во своето семејство (1. Мојсеева 34:1, 2, 19). Родосквернавењето, хомосексуалноста и бестијалноста биле вообичаени (3. Мојсеева 18:6, 22—24, 27). Самиот збор „содомија“, навиката на хомосексуалците, потекнува од името на еден град што некогаш постоел во тој дел на светот (1. Мојсеева 19:4, 5, 28). Обожавањето на Ваал вклучувало и крвопролевање. Па обожавателите на Ваал ги фрлале живи дури и своите деца во распламтен оган како жртва на своите богови! (Јеремија 19:5). Сите овие постапки биле поврзани со религиозни учења. Како тоа?
„Бруталноста, сладострасноста и распуштеноста на хананејската митологија“, објаснува д-р Мерил Ангер во својата книга Archaeology and the Old Testament (Археологијата и Стариот завет), „се далеку полоши отколку на кое и да било друго место на Блискиот Исток во тоа време. А зачудувачкото обележје на хананејските божества — дека немале никаков морален карактер — сигурно ги изнело на виделина најлошите особини кај нивните поклоници и содржело многу од најизопачените практики од тоа време, како што е света проституција [и] жртвување деца.“
Дали Бог го прифаќал обожавањето на Хананејците? Секако дека не. Тој ги поучил Израелците како да го обожаваат на еден чист начин. Во врска со гореспоменатите постапки, тој предупредил: „Не осквернувај се со сево ова, затоа што со сето тоа се оскверниле народите, кои Јас сакам да ги отфрлам од вас; и земјата се оскверни од нив, и Јас ги казнив поради неа, и така земјата ги исфрли своите жители“ (3. Мојсеева 18:24, 25).
Чистото обожавање станува загадено
Многу Израелци не го прифатиле Божјето гледиште за чистото обожавање. Наместо тоа, допуштиле во нивната земја да продолжи обожавањето на Ваал. Наскоро, Израелците биле заведени да се обидат да го измешаат обожавањето на Јехова со обожавањето на Ваал. Дали Бог го прифатил овој измешан вид на обожавање? Разгледај што се случило за време владеењето на цар Манасиј. Тој му подигнал олтари на Ваал, го изгорел својот сопствен син како жртва и практикувал магија. „Направи и статуа на Астарта [свет столб, НС; на хебрејски: ашера́] и ја постави во домот, за кој Господ му беше говорел . . . во овој дом . . . го ставам името Свое за секогаш“ (4. Царства 21:3—7).
Поданиците на Манасиј го следеле примерот на својот цар. Всушност, тој ‚ги развратил дотаму, што тие постапувале полошо и од оние народи, кои Господ ги имал истребено пред лицето на Израилевите синови‘ (4. Царства 21:9). Наместо да ги послуша честите предупредувања од Божјите пророци, Манасиј извршил толку убиства што го исполнил Ерусалим со невина крв. Иако Манасиј на крајот се поправил, неговиот син и наследник, царот Амон, го обновил обожавањето на Ваал (4. Царства 21:16, 19, 20).
Со текот на времето, во храмот почнале да дејствуваат машки проститутки. Како гледал Бог на овој израз на обожавањето на Ваал? Преку Мојсеј, тој предупредил: „Во домот на Господа, твојот Бог, не принесувај блудничка награда, ниту цена од пес [веројатно педераст, фуснота во НС] за никаков завет, бидејќи и едното и другото се одвратност пред Господа, твојот Бог“ (5. Мојсеева 23:17, 18).
Царот Јосија, внук на Манасија, го исчистил храмот од неморалното обожавање на Ваал (4. Царства 23:6, 7). Но, работите веќе биле отидени предалеку. Не многу долго по смртта на царот Јосија, во Јеховиниот храм почнало пак да се случува обожавање на идоли (Језекиил 8:3, 5—17). Затоа Јехова предизвикал царот на Вавилон да ги уништи Ерусалим и неговиот храм. Овој жалосен историски факт е доказ дека некои облици на обожавање не се прифатливи за Бог. А како е денес?