Објавителите на Царството известуваат
„Се отвори голема и за работа погодна врата“ во Куба
АПОСТОЛ Павле бил истакнат проповедник на добрата вест за Божјето Царство. Тој ја користел секоја прилика за да ги споделува со другите ветувањата на Творецот за вечен живот на послушното човештво. Додека го посетувал древниот Ефес, Павле увидел еден нов сплет на околности кои би му дозволиле да им помогне на уште повеќе луѓе. Тој рекол: „Во Ефес ќе останам . . . зашто за мене се отвори голема и за работа погодна врата“ (1. Коринтјаните 16:8, 9).
И Јеховините сведоци во Куба се најдоа во еден нов сплет на околности. Иако сѐ уште не се официјално регистрирани, Сведоците сега можат отворено да ја споделуваат својата библиска надеж со сонародниците. Неодамна, владата на Куба изрази сериозен интерес да им дозволи на различни религиозни групи да дејствуваат слободно. Претседателот Кастро јавно ги спомнал Јеховините сведоци како религиозна група со која кубанската влада сега има еден подобрен однос.
За Сведоците, оваа нова ситуација отвори „голема и за работа погодна врата“. На пример, Јеховините сведоци неодамна отворија канцеларија во Куба, што им помага во координирањето на нивното проповедничко дело во таа земја. Повеќе од 65.000 Сведоци им помагаат на луѓето да ја проучуваат и да ја разберат Библијата. Тие користат библиска литература, како што се списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Многумина чесно настроени Кубанци извлекуваат корист од проучувањето на Библијата со Јеховините сведоци.
Исто така, Сведоците одржуваат редовни состаноци во мали групи низ островот. Понекогаш, тие дури се радуваат на предноста да одржуваат поголеми конгреси во групи од по околу 150. Тие вистински ја ценат дозволата што ја добија од кубанските власти, што им дава можност да се собираат со своите духовни браќа и сестри, да пеат фалби на Бог и заедно да се молат.
Неодамнешниот Обласен конгрес „Божествен страв“ беше одржан повеќе од 1.000 пати во текот на само три викенди. Еден извештај наведува дека „редот, дисциплината и мирот“ биле очигледни на секој конгрес. Властите им честитаа на Сведоците во врска со таа работа.
Ширум светот, вистинските христијани се стремат да ја исполнат нивната од Бог дадена заповед — да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. Во исто време, тие се стремат да задржат и еден мирољубив однос со државните власти (Тит 3:1). Јеховините сведоци го следат советот на апостол Павле, кој напишал: „Молам, пред сѐ, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе: за царевите и за сите што се на власт, та да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и чистота“ (1. Тимотеј 2:1, 2).