Практични поуки од Ветената земја
ВЕТЕНАТА земја од библискиот извештај секако била единствена. На ова релативно мало подрачје наоѓаме голема разновидност од географски обележја. На север има планини со снежна покривка; на југ жешки региони. Постојат плодни низини, пусти пустински подрачја и ридесто подрачје за овоштарници и за стада што пасат.
Различноста во висината, климата и почвата овозможуваат една широка разновидност на дрвја, грмушки и други растенија — вклучувајќи и некои што успеваат во студените алпски региони, други што растат во жешката пустина или, пак, трети што цутат во наносната рамнина или на карпестата висорамнина. Еден ботаничар проценува дека во подрачјето може да се најдат околу 2.600 различни растенија! Првите Израелци кои ја испитале земјата виделе чист доказ за нејзиниот потенцијал. Од една поточна долина донеле назад еден грозд од грозје што бил толку голем што морал да се носи на еден стап помеѓу двајца мажи! Долината соодветно била наречена Ескол, што значи „Грозд [од грозје]“a (4. Мојсеева 13:22—25).
Но, сега да погледнеме одблизу некои географски обележја на ова единствено тенко парче земја, особено на јужниот дел.
Шефела
Западното крајбрежје на Ветената земја е нејзиниот брег на Средоземно Море. На околу 40 километри во внатрешноста се наоѓа Шефела. Зборот „Шефела“ значи „Низина“, но всушност тоа е ридесто подрачје и може да се нарече ниско само кога ќе се спореди со планините на Јуда на исток.
Погледни ја придружната карта со пресек и забележи го односот на Шефела со нејзините околни територии. На исток се планините на Јуда; на запад, крајбрежната Филистејска рамнина. На тој начин, Шефела служела како тампон-зона, бариера која во библиски времиња го одвојувала Божјиот народ од нивните древни непријатели. Сеедно која војска напаѓала од запад, таа би морала да помине низ Шефела пред да може да оди против Ерусалим, главниот град на Израел.
Еден таков инцидент се случил во текот на деветтиот век пр. н. е. Царот Азаил од Сирија, известува Библијата, ‚тргнал во поход, отишол да војува против Гет [веројатно на границата со Шефела], и го презел; а потоа Азаил намислил да оди против Ерусалим‘. Цар Јоас успеал да го запре Азаил, поткупувајќи го со асортиман од скапоцености од храмот и од палатата. Меѓутоа, овој извештај илустрира дека Шефела била од пресудно значење за безбедноста на Ерусалим (4. Царства 12:17, 18).
Од ова би можеле да извлечеме практична поука. Азаил сакал да го пороби Ерусалим, но првин морал да помине низ Шефела. На сличен начин, Сатана Ѓаволот ‚бара да ги проголта‘ Божјите слуги, но честопати првин мора да пробие една цврста тампон-зона — нивната приврзаност за библиските начела, како што се оние во врска со лоши друштва и материјализам (1. Петрово 5:8; 1. Коринтјаните 15:33, НС; 1. Тимотеј 6:10). Компромитирањето на библиските начела честопати е првиот чекор кон извршување сериозни гревови. Затоа, чувај ја безбедна таа тампон-зона. Следи ги библиските начела денес и нема да ги прекршиш Божјите закони утре.
Ридестото подрачје на Јуда
Уште повнатре од Шефела лежи ридестото подрачје на Јуда. Ова е една планинска област која давала добри житарици, маслиново масло и вино. Поради својата голема висина, Јуда претставувала и извонредно засолниште. Затоа, цар Јотам таму изградил „дворци [утврдени места, НС] и кули“. Во време на неволја, луѓето можеле да бегаат во нив на безбедно (2. Летописи 27:4).
Ерусалим, наречен и Сион, претставувал истакнат дел од ридестото подрачје на Јуда. Ерусалим изгледал безбеден затоа што од три страни бил опколен со стрмни долини, а од северната страна, според Јосиф — историчар од првиот век, бил заштитен со трикратен ѕид. Но, на едно засолниште му е потребно повеќе отколку ѕидови и оружје за да ја одржи својата безбедност. Тоа мора да има и вода. Тоа е многу битно во време на опсада, зашто без вода, граѓаните кои се фатени во стапица брзо би биле присилени да се предадат.
Ерусалим црпел ограничена количина вода од Силоамската бања. Меѓутоа, во текот на осмиот век пр. н. е., очекувајќи опсада од Асирците, цар Езекија изградил еден надворешен ѕид за да го заштити Силоамскиот вир, затворајќи го во градот. Тој исто така ги затнал изворите надвор од градот, така што Асирците опсадници би биле силно приморани да си бараат вода (2. Летописи 32:2—5; Исаија 22:11). Тоа не е сѐ. Езекија нашол начин како да сврти една додатна залиха од вода директно во Ерусалим.
Во еден од таканаречените величествени инженерски подвизи од старо време, Езекија ископал тунел од изворот на Гион сѐ до Силоамската бања.b Во просек висок 1,8 метри, овој тунел бил долг 533 метри. Само замисли си — тунел долг скоро половина километар, пробиен низ карпа! Денес, околу 2.700 години подоцна, посетителите во Ерусалим можат да газат во ова ремек-дело на инженерството, општо познато како Езекиин тунел (4. Царства 20:20; 2. Летописи 32:30).
Напорите на Езекија да ги заштити и зголеми резервите со вода на Ерусалим можат да ни дадат една практична поука. Јехова е „изворот на жива вода“ (Јеремија 2:13). Неговите мисли, содржани во Библијата, се животоодржувачки. Токму затоа е битна личната библиска студија. Но, приликата за студирање и спознанието што произлегува од тоа, нема да ти дојдат сами од себе. Можеби ќе мораш да ‚копаш тунели‘, како на пример низ твојата пренатрупана секојдневна рутина, за да направиш простор за неа (Изреки 2:1—5; Ефесјаните 5:15, 16). Штом еднаш си почнал, држи се за својот распоред и давај ѝ висок приоритет на својата лична студија. Внимавај да не дозволиш кој и да било или што и да било да те лиши од оваа скапоцена резерва со вода (Филипјаните 1:9, 10).
Пустинските области
На исток од планините на Јуда е Јудејската Пустина, наречена и Јесимон, што значи „Пустина“ (1. Царства 23:19, НС, фуснота). Овој неплоден регион кај Соленото Море се одликува со карпести теснини и запчести гребени. Спуштајќи се 1.200 метри за само 24 километри, Јудејската Пустина е заштитена од дождовните ветрови од запад и на тој начин добива само ограничена количина врнежи. Ова, без сомнение, е пустината во која бил испраќан јарецот за Азазел на годишниот Ден на помирување. Исто така, таму бегал Давид од Саул. Овде Исус постел 40 дена и потоа бил искушуван од Ѓаволот (3. Мојсеева 16:21, 22; Псалм 63, НС, натписот; Матеј 4:1—11).
Отприлика 160 километри југозападно од Јудејската Пустина се наоѓа пустината Фаран. Многу од Израеловите места на логорување за време на 40-годишното патешествие од Египет до Ветената земја биле лоцирани овде (4. Мојсеева 33:1—49). Мојсеј пишувал за „големата и страшна пустиња каде што има змии што загризуваат, скорпии и суви места, во кои нема вода“ (5. Мојсеева 8:15). Вистинско чудо е што милиони Израелци можеле да преживеат! Но, Јехова ги одржал.
Ова нека служи како потсетник дека Јехова може да нѐ одржи и нас, дури и во овој духовно неплоден свет. Да, и ние одиме меѓу змии и скорпии, иако не дословни. Можеби мораме секојдневно да контактираме со луѓе кои немаат никаква грижа на совеста да исфрлаат отровен говор што лесно би можел да го зарази нашето размислување (Ефесјаните 5:3, 4; 1. Тимотеј 6:20). Оние кои се стремат да му служат на Бог и покрај овие препреки, треба да бидат пофалени. Нивната верност е силен доказ дека Јехова навистина ги одржува нив.
Ридовите на Кармил
Името Кармил значи „овоштарник“. Овој плоден регион на север, долг околу 50 километри, е украсен со лозја, маслинови шумички и овошки. Предгорјето на овој ридест венец е незаборавен по својата грациозност и убавина. Исаија 35:2 зборува за „великолепието на Кармил“ како симбол на плодната слава на обновената израелска земја.
На Кармил се случиле неколку значајни настани. Овде Илија ги предизвикал пророците на Ваал и ‚паднал оган Господов‘ како знак на Неговата надмоќност. Исто така, од врвот на Кармил Илија го свртел вниманието на малиот облак што станал голем порој, што на чудесен начин ја окончал сушата врз Израел (3. Царства 18:17—46). Јелисеј, наследникот на Илија, бил на планината Кармил кога жената од Сонам дошла да бара помош за своето умрено дете, кое Јелисеј потоа го воскреснал (4. Царства 4:8, 20, 25—37).
Падините на Кармил сѐ уште имаат овоштарници, маслинови шумички и лозја. За време на пролетта, овие падини се покриени со величествен килим од цвеќиња. „Главата твоја на тебе — како Кармил“ — ѝ рекол Соломон на суламската девојка, можеби алудирајќи на бујноста на нејзината коса или на начинот на кој нејзината складна глава величествено се кревала од нејзиниот врат (Песна над песните 7:6).
Раскошот што бил карактеристичен за ридовите на Кармил нѐ потсетува на духовната убавина што Јехова ѝ ја подарил на својата современа организација од обожаватели (Исаија 35:1, 2). Јеховините сведоци навистина живеат во еден духовен рај и тие се сложуваат со мислењето на цар Давид, кој напишал: „Меѓите ми паднаа на најубавото; зашто наследството ми е најубаво“ (Псалм 15:6).
Вистина, постојат тешки предизвици со кои Божјиот духовен народ денес мора да се соочува, исто како што древните Израелци се судрувале со постојано противење од Божјите непријатели. Сепак, вистинските христијани никогаш не ги губат од вид благословите што ги обезбедил Јехова — вклучувајќи ја и сѐ поголемата светлина на библиската вистина, братството ширум светот и приликата да се постигне вечен живот на рајска Земја (Изреки 4:18; Јован 3:16; 13:35).
„Како рајот Божји“
Древната Ветена земја била привлечна за окото. Со право била опишана дека во неа „тече мед и млеко“ (1. Мојсеева 13:10; 2. Мојсеева 3:8). Мојсеј ја нарекол „добра и богата земја, каде што по полињата и планините, течат потоци, а има и извори и езера, во земјата на пченицата, јачменот, лозјата, смоквите и калинките; во земја, каде што има маслинов елеј и мед; во земја, каде што ќе го јадеш лебот свој без недостаток и од ништо нема да имаш потреба, — во земја, каде што камењата се железо, и од планините ќе копаш бакар“ (5. Мојсеева 8:7—9).
Ако можел Јехова да обезбеди една таква богата, прекрасна родина за својот древен народ, сигурно може и на своите современи верни слуги да им даде еден славен рај што се протега по целата Земја — со планини, долини, реки и езера. Да, древната Ветена земја со сета нејзина разновидност била само предвкус на духовниот рај што неговите Сведоци го уживаат денес, и на идниот рај во новиот свет. Таму ќе се исполни ветувањето запишано во Псалм 36:29: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“. Кога Јехова ќе му го даде тој рајски дом на послушното човештво, колку само среќно ќе биде тоа да ги испита сите негови „соби“ и да го прави тоа засекогаш!
[Фусноти]
a Било забележано дека еден грозд од овој регион тежел 12, а еден друг преку 20 килограми.
b Изворот Гион бил лоциран веднаш до источната граница на Ерусалим. Бил сокриен во една пештера; затоа, Асирците веројатно не знаеле за неговото постоење.
[Карта на страница 4]
ГАЛИЛЕЈА
Галилејско Море
Гората Кармил
ШЕФЕЛА
САМАРИЈА
Планините на Јуда
Солено Море
[Извор на слика]
Фотографија на НАСА
[Карта на страница 4]
Шефела претставувала бариера меѓу Божјиот народ и Божјите непријатели
милји 0 5 10
км 0 8 16
Филистејска рамнина
Шефела
Ридесто подрачје на Јуда
Јудејска Пустина
Раседна Долина
Солено Море
Земјите Амон и Моав
[Карта/слика на страница 5]
(Види во публикацијата)
Езекииниот тунел: долг 533 метри, пробиен низ тврда карпа
Тиропонска Долина
Силоам
ДАВИДОВ ГРАД
Долина Кедрон
Гион
[Слики на страница 6]
Во Јудејската Пустина, Давид барал засолниште од Саул. Подоцна, Исус тука бил искушуван од Ѓаволот
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слики на страница 7]
Гората Кармил, каде што Илија ги понизил свештениците на Ваал
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слики на страница 8]
„Господ, твојот Бог, те води во добра и богата земја, каде што по полињата и планините, течат потоци, а има и извори и езера“ (5. Мојсеева 8:7).