Лидија — гостољубива обожавателка на Бог
УШТЕ од древни времиња, слугите на вистинскиот Бог се истакнувале по своето гостољубие (1. Мојсеева 18:1—8; 19:1—3). Дефинирана како „љубов кон, наклонетост кон или љубезност кон странците“, гостољубието кое потекнува од искрено срце дури и денес е знак на вистинското христијанство. Всушност, тоа претставува барање за сите кои би го обожавале Бог на прифатлив начин (Евреите 13:2; 1. Петрово 4:9).
Едно лице кое покажувало гостољубие на примерен начин била Лидија. Таа ‚ги принудила‘ христијанските мисионери кои го посетиле Филипи да престојуваат во нејзиниот дом (Дела 16:15). Иако Лидија е спомената во Писмото само накратко, она што само малку е речено за неа, може да биде за охрабрување за нас. На кој начин? Која била Лидија? Што знаеме за неа?
‚Продавачка на црвени ткаенини‘
Лидија живеела во Филипи, најважниот град на Македонија. Меѓутоа, таа била од Тиатир, град во регионот Лидија, во западна Мала Азија. Од оваа причина, некои укажуваат дека „Лидија“ бил прекар што ѝ бил даден во Филипи. Со други зборови, таа била „Лидијка“, исто како што можело жената на која ѝ сведочел Исус да биде наречена „Самарјанка“ (Јован 4:9). Лидија продавала „црвени ткаенини“ или артикли обоени со ваква боја (Дела 16:12, 14). За постоењето на бојаџии и во Тиатир и во Филипи, сведочат натписите ископани од археолозите. Можно е Лидија да се преселила поради својата работа — или за да го работи својот сопствен бизнис или како претставник на некоја компанија на тијатирски бојаџии.
Пурпурната боја можела да доаѓа од разни извори. Најскапата се добивала од извесни видови морски мекушци. Според римскиот поет Марцијал од првиот век, една наметка од најдобар пурпур од Тир (друг центар каде што се произведувала оваа материја), можела да чини и до 10.000 сестерци, односно 2.500 динарии — еквивалент на работничка плата за 2.500 дена. Очигледно, таквите наметки претставувале луксузни артикли што само малкумина можеле да си ги дозволат. Според тоа, Лидија можеби економски добро стоела. Како и да е, таа била во можност да им понуди гостољубивост на апостол Павле и на неговите придружници — Лука, Сила, Тимотеј, а можеби и на други.
Павловото проповедање во Филипи
Околу 50 година н. е., Павле за првпат стапнал во Европа и почнал да проповеда во Филипи.a Кога ќе пристигнел во некој нов град, Павлов обичај бил да ја посети синагогата за првин да им проповеда на Евреите и на прозелитите кои се собирале таму. (Спореди Дела 13:4, 5, 13, 14; 14:1.) Меѓутоа, според некои, римскиот закон им забранувал на Евреите да ја практикуваат својата религија во „светите граници“ на Филипи. Затоа, откако поминал „неколку дена“ таму, на Сабатниот ден мисионерите нашле едно место покрај една река вон градот, каде што ‚имале обичај да се молат‘ (Дела 16:12, 13). Очигледно, тоа била реката Гангитес. Мисионерите нашле таму само жени, а една од нив била и Лидија.
„Богобојазлива“
Лидија била „богобојазлива“, но веројатно била прозелитка на јудаизмот во потрага по религиозната вистина. Иако имала добра работа, Лидија не била материјалист. Напротив, таа одвојувала време за духовни работи. ‚Господ ѝ го отворил срцето да внимава на она, што зборувал Павле‘ и Лидија ја прифатила вистината. Всушност, ‚таа и нејзините домашни се покрстиле‘ (Дела 16:14, 15).
Библијата не наведува кои биле другите членови на домаќинството на Лидија. Со оглед на тоа што не се споменува сопруг, можеби таа била самица или овдовена. Можеби „нејзините домашни“ ги сочинувале роднини, но терминот би можел исто така да подразбира робови или слуги. Во секој случај, работите што ги дознала Лидија ревносно ги споделувала со оние кои живееле со неа. А каква само радост мора да имала кога тие поверувале и ја прифатиле вистинската вера!
„Нѐ принуди“
Пред да се сретнат со Лидија, мисионерите можеби морале да бидат задоволни со изнајмен стан што го добиле на свој личен трошок. Но, таа била среќна што можела да понуди алтернативни сместувања. Сепак, фактот дека морала да инсистира, подразбира дека Павле и неговите придружници дале извесен отпор. Зошто? Павле сакал ‚да го проповеда Евангелието дарум, не ползувајќи го своето право‘ и да не стане товар никому (1. Коринтјаните 9:18; 2. Коринтјаните 12:14). Но, Лука додава: „А кога се покрсти таа и нејзините домашни, нѐ замоли и рече: ‚Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!‘ И нѐ принуди“ (Дела 16:15). Лидија била многу загрижена за тоа да му биде верна на Јехова, а нудењето гостољубие очигледно било доказ за нејзината вера. (Спореди 1. Петрово 4:9.) Каков извонреден пример! Дали и ние ги користиме своите поседи за да ги унапредуваме интересите на добрата вест?
Браќата во Филипи
Кога Павле и Сила биле ослободени од затвор после епизодата во која била вклучена робинката што била опседната со демон, тие се вратиле во домот на Лидија, каде што нашле некои браќа (Дела 16:40). Верниците во новооформеното филипско собрание можеби го користеле домот на Лидија како место за редовни состаноци. Логично е да се мисли дека нејзиниот дом и понатаму бил центар на теократска активност во градот.
Срдечното гостољубие што го покажала Лидија во почетокот, се докажало како карактеристична за целото собрание. И покрај нивната сиромаштија, во повеќе прилики филипјаните му ги испратиле на Павле работите што му требале, а апостолот бил благодарен (2. Коринтјаните 8:1, 2; 11:9; Филипјаните 4:10, 15, 16).
Во писмото што Павле го испратил до филипјаните околу 60—61 година н. е., Лидија не е спомната. Писмото не открива што се случило со неа по настаните за кои се раскажува во Дела, поглавје 16. И покрај тоа, краткото спомнување на оваа динамична жена нѐ тера да сакаме да ‚се трудиме да бидеме гостопримливи‘ (Римјаните 12:13). Колку само сме благодарни што во нашата средина имаме христијани како Лидија! Нивниот дух прави многу за собранијата да бидат срдечни и пријателски настроени, на слава на Јехова Бог!
[Фуснота]
a Меѓу најважните градови на Македонија, Филипи бил релативно напредна воена колонија управувана од jus italicum (италски закон). Ова законодавство на филипјаните им ги гарантирало правата што можат да се споредат со оние што ги уживале римските граѓани (Дела 16:9, 12, 21).
[Рамка на страница 28]
Еврејскиот живот во Филипи
Животот во Филипи сигурно не бил лесен за Евреите и за прозелитите на јудаизмот. Можеби таму имало извесни антиеврејски чувства, бидејќи кратко пред Павловата посета, императорот Клавдиј ги протерал Евреите од Рим. (Спореди Дела 18:2.)
Значајно е тоа што Павле и Сила биле одвлечкани пред магистратите откако ја излечиле робинката која имала претскажувачки дух. Нејзините сопственици, сега лишени од еден доходен извор на приход, ги искористиле предрасудите на своите сограѓани, тврдејќи: „Овие луѓе, што се Јудејци, го бунат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни пристои ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме“. Како последица од тоа, Павле и Сила биле биени со стапови и фрлени в затвор (Дела 16:16—24). Во една таква клима, отвореното обожавање на Јехова, Богот на Евреите, изискувало храброст. Но, очигледно на Лидија не ѝ сметало што била поинаква.
[Слики на страница 27]
Урнатини кај Филипи