Сопруг и старешина — урамнотежување на одговорностите
„Но епископот [надгледникот, НС] треба да е . . . маж на една жена“ (1. ТИМОТЕЈ 3:2).
1, 2. Зошто свештеничкиот целибат е небиблиски?
ВО ПРВИОТ век, верните христијани биле заинтересирани како да ги урамнотежат своите различни одговорности. Кога апостол Павле рекол дека христијанинот кој останува самец „ќе направи подобро“, дали мислел дека таквиот маж би бил попогоден за да служи како надгледник во христијанското собрание? Дали тој всушност самештвото го правел услов за старешинска служба? (1. Коринтјаните 7:38, НС). Целибат се бара од католичкото свештенство. Но, дали свештеничкиот целибат е библиски? Источните православни цркви им дозволуваат на своите епархиски свештеници да бидат оженети, но не и на своите епископи. Дали тоа е во склад со Библијата?
2 Многумина од Христовите 12 апостоли, темелните членови на христијанското собрание, биле оженети луѓе (Матеј 8:14, 15; Ефесјаните 2:20). Павле напишал: „Зар немаме право да водиме со себеси една жена сестра, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа [Петар]?“ (1. Коринтјаните 9:5). New Catholic Encyclopedia признава дека „законот за целибат е со црковно потекло“ и дека „слугите на Н[овиот] З[авет] не биле обврзани на целибат“. Јеховините сведоци го следат библискиот образец, а не црковниот закон (1. Тимотеј 4:1—3).
Старешинската служба и бракот се споиви
3. Кои библиски факти покажуваат дека христијанските надгледници можат да бидат оженети мажи?
3 Далеку од тоа да бара мажите кои се наименувани за надгледници дека треба да бидат неженети, Павле му напишал на Тит: „Затоа те оставив во Крит, за да го довршиш несвршеното и во сите градови да поставиш презвитери [грчки: презви́терос], како што ти бев порачал: кој е непорочен, маж на една жена и има деца верни, што не се укорувани за блудство или непокорност. Бидејќи епископот [грчки: епи́скопос, од кој потекнува зборот „епископ“], како Божји распоредник, треба да е непорочен“ (Тит 1:5—7).
4. а) Од каде знаеме дека бракот не е услов за христијански надгледници? б) Каква предност има еден брат самец кој е старешина?
4 Од друга страна, бракот не претставува библиски услов за старешинство. Исус останал самец (Ефесјаните 1:22). Павле, еден истакнат надгледник во христијанското собрание од првиот век, тогаш бил неженет (1. Коринтјаните 7:7—9). Денес, постојат многу христијани самци кои служат како старешини. Нивното самештво веројатно им допушта повеќе време за извршување на нивните должности како надгледници.
‚Оженетиот е поделен‘
5. Кој библиски факт треба да го признаат оженетите браќа?
5 Кога еден христијанин ќе се ожени, тој треба да сфати дека презема нови одговорности кои ќе го бараат неговото време и внимание. Библијата наведува: „Неженетиот се грижи за Господови работи, — како да Му угоди на Господа; а женетиот се грижи за световни работи — како да ѝ угоди на жената [и тој е поделен, НС]“ (1. Коринтјаните 7:32—34). Во која смисла поделен?
6, 7. а) Кој е еден начин на кој оженетиот човек е „поделен“? б) Каков совет им дава Павле на оженетите христијани? в) Како би можело ова да влијае врз одлуката на еден маж да прифати работна задача?
6 Како прво, оженетиот маж се откажува од својот авторитет над сопственото тело. Павле сосема јасно го разјаснил ова: „Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената“ (1. Коринтјаните 7:4). Некои кои размислуваат за брак можеби мислат дека ова е малку важно, бидејќи сексот нема да биде важната работа во нивниот брак. Меѓутоа, поради тоа што предбрачната невиност е библиски услов, христијаните не ги знаат навистина интимните потреби на својот иден партнер.
7 Павле покажува дека дури и една двојка која ‚мисли за духовното‘, мора да ги зема во обѕир взаемните сексуални потреби. Тој ги советувал христијаните во Коринт: „Мажот да ја има спрема жената својата должна љубов, а исто така и жената — спрема мажот. Не одделувајте се еден од друг [Не се лишувајте од тоа еден со друг, НС] — освен по договор за некое време, за да постите и да Му се молите на Бога; и пак состанете се за да не ве искуша сатаната, поради вашето невоздржување“ (Римјаните 8:5; 1. Коринтјаните 7:3, 5). За жал, имало случаи на прељуба кога овој совет не бил следен. Со оглед на тоа, еден оженет христијанин треба внимателно да ги одмери работите пред да прифати некоја работна задача која за подолг период ќе го одвои од неговата сопруга. Тој повеќе ја нема истата слобода на движење како што ја имал кога бил самец.
8, 9. а) Што мислел Павле кога рекол дека оженетите христијани се грижат за ‚световни работи‘? б) За што треба оженетите христијани да бидат загрижени?
8 Во која смисла може да се рече дека оженетите христијански мажи, вклучувајќи ги и старешините, ‚се грижат за световни работи [ко́смос]‘? (1. Коринтјаните 7:33). Сосема е очигледно дека Павле не зборувал за лошите работи од овој свет, коишто сите вистински христијани треба да ги избегнуваат (2. Петрово 1:4; 2:18—20; 1. Јованово 2:15—17). Божјата Реч нѐ поучува „да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет [космико́с], чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век“ (Тит 2:12).
9 Затоа, оженетиот христијанин „се грижи за световни работи“ на тој начин што тој или таа оправдано се загрижени за секојдневни работи што се дел од нормалниот брачен живот. Во тоа спаѓа стан, храна, облека, рекреација — а да не зборуваме за безбројните други грижи доколку има и деца. Но, дури и за една двојка без деца, за да успее бракот, и сопругот и сопругата мораат да се грижат да ‚му угодат‘ на својот брачен партнер. Тоа е од особен интерес за христијанските старешини додека ги урамнотежуваат своите одговорности.
Добри сопрузи како и добри старешини
10. За еден христијанин да се квалификува за старешина, што треба да бидат во можност да забележат неговите браќа и луѓето однадвор?
10 Иако бракот не е услов за старешинска служба, ако еден христијанин е оженет пред да биде препорачан за наименување како старешина, тој секако би требало да даде доказ дека настојува да биде добар сопруг, полн со љубов, додека спроведува исправно поглаварство (Ефесјаните 5:23—25, 28—31). Павле напишал: „Сака ли некој епископство [служба на надгледник, НС], тој сака добра работа. Но епископот треба да е непорочен, маж на една жена“ (1. Тимотеј 3:1, 2). Треба да биде очевидно дека старешината дава сѐ од себе за да биде добар сопруг, сеедно дали неговата сопруга е сохристијанка или не. Всушност, дури и луѓето надвор од собранието треба да бидат во можност да забележат дека тој добро се грижи за својата сопруга и за своите други одговорности. Павле додал: „Тој треба уште да има и добро сведоштво од надворешните, за да не биде укоруван и да не падне во примката на ѓаволот“ (1. Тимотеј 3:7).
11. Што подразбира фразата „маж на една жена“ и, според тоа, какви мерки на претпазливост треба да преземат старешините?
11 Се разбира, фразата „маж на една жена“ исклучува полигамија, но подразбира и брачна верност (Евреите 13:4). Старешините треба особено да бидат посебно внимателни кога им помагаат на сестрите во собранието. Треба да избегнуваат да бидат насамо кога посетуваат некоја сестра на која ѝ е потребен совет и утеха. Тие ќе направат добро ако бидат придружувани од некој друг старешина, слуга помошник или дури и од својата сопруга, доколку се работи само за една охрабрувачка посета (1. Тимотеј 5:1, 2).
12. На кој опис треба да се стремат да одговараат сопругите на старешините и на слугите помошници?
12 Меѓу другото, додека ги набројувал барањата за старешини и слуги помошници, апостол Павле имал совет и за сопругите на оние кои биле земани во обѕир за такви предности. Тој напишал: „Исто така и нивните жени треба да бидат чесни, да не се клеветнички, туку трезвени и верни во сѐ“ (1. Тимотеј 3:11). Еден христијански сопруг може многу да стори за да ѝ помогне на својата сопруга да одговара на тој опис.
Библиски должности спрема сопругата
13, 14. Зошто треба старешината да остане со својата сопруга и да биде добар сопруг дури и ако таа не е Сведок?
13 Се разбира, овој совет даден на сопругите на старешините или на слугите помошници претпоставува дека ваквите сопруги и самите се предадени христијанки. Општо земено, ова е случај затоа што од христијаните се бара да се венчаваат само „во името на Господа“ (1. Коринтјаните 7:39). Но, што е со таквиот брат кој веќе бил венчан со лице кое не било соверник кога тој му го предал својот живот на Јехова, или чијашто сопруга отпаѓа од вистината не по негова вина?
14 Ова, само по себе, не го спречува да биде старешина. Сепак, тоа не е ни оправдание да се одвои од својата сопруга само затоа што таа не ги дели неговите верувања. Павле советувал: „Сврзан ли си со жена, не барај развод“ (1. Коринтјаните 7:27). Понатаму рекол: „Ако некој од браќата има жена, која не поверувала, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава; Ако некој, што не верувал, сака да се разведе, нека се разведе; во такви случаи братот или сестрата не се заробени; зашто за мир нѐ повикал Бог. Оти, од каде знаеш, жено, не ќе ли го спасиш ти мажот? Или од каде знаеш, о мажу, нема ли да ја спасиш ти жената?“ (1. Коринтјаните 7:12, 15, 16). Дури и ако неговата сопруга не е Сведок, старешината треба да биде добар сопруг.
15. Каков совет им дава апостол Петар на христијанските сопрузи, и какви би можеле да бидат последиците ако старешината се покаже како немарен сопруг?
15 Без разлика дали неговата сопруга е соверник или не, христијанскиот старешина треба да сфати дека на неговата сопруга ѝ е потребно неговото внимание полно со љубов. Апостол Петар напишал: „Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество [како послаб сад, женски, НС], и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши“ (1. Петрово 3:7). Еден сопруг кој намерно пропушта да се грижи за потребите на својата сопруга, го загрозува својот личен однос со Јехова; тоа би можело да му го блокира пристапот до Јехова како „облак, за да не достигне молитвата“ (Плач 3:44). Ова би можело да доведе тој да биде разрешен од служењето како христијански надгледник.
16. На која клучна точка укажува Павле, и како треба старешините да гледаат на ова?
16 Како што беше забележано, суштината на Павловиот аргумент е таа дека, кога еден маж ќе се ожени, тој се откажува од извесна мера на слобода што ја имал како самец, која му допуштала да биде во „постојано прислужување на Господ без пречки“ (1. Коринтјаните 7:35, НС). Извештаите покажуваат дека некои оженети старешини не биле секогаш урамнотежени во расудувањето во врска со Павловите инспирирани зборови. Во својата желба да го постигнат она што тие мислат дека еден добар старешина треба да го прави, би можеле да превидат некои од своите сопружнички должности. На некои би им било тешко да одбијат некоја собраниска предност, дури и ако прифаќањето очигледно би било на духовна штета за нивните сопруги. Ги уживаат предностите што одат со бракот, но дали се спремни да ги исполнат одговорностите што одат со тоа?
17. Што им се случило на некои сопруги, и како можело тоа да биде избегнато?
17 Се разбира, ревноста како старешина е пофална. Сепак, дали еден христијанин е урамнотежен ако во извршувањето на своите должности во собранието ги занемарува своите библиски одговорности спрема сопругата? Иако сака да ги поддржува оние во собранието, еден урамнотежен старешина ќе биде загрижен и за духовноста на својата сопруга. Сопругите на некои старешини станале духовно слаби, а некои доживеале духовен „бродолом“ (1. Тимотеј 1:19). Иако една сопруга е одговорна за издејствувањето на своето лично спасение, во некои случаи духовниот проблем можел да се избегне доколку старешината ја ‚хранел и негувал‘ својата сопруга „како и Христос собранието“ (Ефесјаните 5:28, 29, НС). Без сомнение, старешините мораат да ‚пазат на себе и на целото стадо‘ (Дела 20:28). Доколку се оженети, ова ги вклучува и нивните сопруги.
„Телесни неволи“
18. Кои се некои аспекти на ‚неволата‘ што ја доживуваат оженетите христијани, и како би можело тоа да влијае врз активностите на еден старешина?
18 Апостолот исто така напишал: „Девојка, ако се омажи [Ако еден невин човек се венча, НС], нема да згреши. Но таквите ќе имаат телесни неволи, а јас, пак, ве штедам“ (1. Коринтјаните 7:28). Павле посакувал оние кои биле во можност да го следат неговиот пример на самештво да ги поштеди од грижите што неизбежно доаѓаат со бракот. Дури и за двојките без деца, овие грижи можеби вклучуваат здравствени проблеми или финансиски потешкотии, како и библиски одговорности спрема остарените родители на едниот сопружник (1. Тимотеј 5:4, 8). Старешината мора на еден примерен начин да се соочи со овие одговорности, а тоа повремено ќе влијае врз неговите активности како христијански надгледник. За среќа, повеќето старешини извршуваат извонредна работа во исполнувањето и на своите семејни и на собраниските одговорности.
19. Што мислел Павле кога рекол: „Оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат“?
19 Павле додал: „Времето натаму [преостанатото време, НС) е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат“ (1. Коринтјаните 7:29). Секако, со оглед на она што тој веќе го напишал во ова поглавје до коринтјаните, очигледно е дека не мислел оти оженетите христијани треба на некој начин да ги запостават своите сопруги (1. Коринтјаните 7:2, 3, 33). Тој покажал што мислел кога напишал: „Оние кои го користат светот [нека бидат] како такви кои не го користат во потполност; зашто сцената на овој свет се менува“ (1. Коринтјаните 7:31, НС). Уште повеќе сега отколку во времето на Павле или во времето на апостол Јован, „светот поминува“ (1. Јованово 2:15—17). Затоа, оженетите христијани кои ја чувствуваат потребата да прават некакви жртви додека го следат Христа, не можат исклучително да бидат задлабочени во радостите и предностите на бракот (1. Коринтјаните 7:5).
Самопожртвувани сопруги
20, 21. а) Какви жртви се спремни да прават многу христијански сопруги? б) Што може една сопруга оправдано да очекува од својот сопруг, дури и ако тој е старешина?
20 Исто како што старешините прават жртви за да им користат на другите, многу сопруги на старешини се стремеле да ги урамнотежат своите одговорности во бракот со животоважните интереси на Царството. Илјадници христијанки се радуваат да соработуваат за да им овозможат на своите сопрузи да ги извршуваат своите должности како надгледници. Јехова ги сака поради ова и го благословува извонредниот дух што тие го покажуваат (Филимон 25, НС). Меѓутоа, Павловиот урамнотежен совет покажува дека сопругите на надгледниците можат оправдано да очекуваат разумен износ на време и внимание од страна на своите сопрузи. Библиска должност на оженетите старешини е да им посветуваат адекватно време на своите сопруги, за да ги урамнотежат своите одговорности како сопруг и надгледник.
21 Но, што ако освен сопруг, христијанскиот старешина е и татко? Тоа ги зголемува неговите одговорности и отвора едно додатно подрачје на надгледување, како што ќе видиме во следната статија.
За повторување
◻ Кои библиски факти покажуваат дека христијанскиот надгледник може да биде оженет човек?
◻ За што треба да биде свесен еден старешина самец доколку се ожени?
◻ На кои начини еден оженет христијанин „се грижи за световни работи“?
◻ На кој начин многу сопруги на надгледници покажуваат еден извонреден дух на самопожртвуваност?
[Слика на страница 17]
Иако е преокупиран со теократски активности, старешината треба на својата сопруга да ѝ посветува внимание полно со љубов