Дали имаш побожно гледиште за алкохолните пијалаци?
ПРЕД 20-тина години, близу градот Урмија (Иран), археолозите ископаа една стара градба од тули од кал. Во неа пронајдоа еден керамичен ќуп кој, според научниците, е стар илјадници години и датира од времето кога биле основани некои многу стари човечки населби. Неодамна беше употребена последна технологија во анализирањето на ќупот. Научниците беа изненадени кога внатре го најдоа најстариот хемиски доказ за правење вино.
Библијата исто така јасно утврдува дека од стари времиња се консумирало вино, пиво и други алкохолни пијалаци (1. Мојсеева 27:25; Проповедник 9:7; Наум 1:10, НС). Како и со другата храна, нам како поединци Јехова ни дава избор — да пиеме алкохолни пијалаци или не. Исус честопати пиел вино при своите оброци. Јован Крстител се воздржувал од алкохол (Матеј 11:18, 19).
Библијата забранува преголемо оддавање на пиењето. Пијанството е грев против Бог (1. Коринтјаните 6:9—11). Во склад со ова, Јеховините сведоци не им дозволуваат на никои, кои стануваат непокајнички пијаници, да останат во христијанското собрание. Оние во собранието кои избираат да пијат алкохолни пијалаци, мораат да го прават тоа со умереност (Тит 2:2, 3).
Безбожно гледиште
Многу луѓе денес немаат побожно гледиште за алкохолните пијалаци. Лесно е да се види дека Сатана ја унапредува злоупотребата на овој древен производ. На пример, на некои острови во Јужниот Пацифик, обичај е мажите да се собираат за да пијат големи количини домашен ферментиран пијалак. Овие седенки може да траат по повеќе часа и се одржуваат често — многу мажи секојдневно се впуштаат во овој обичај. Некои го сметаат тоа едноставно за дел од културата. Понекогаш, наместо — или покрај — локалниот домашен пијалак се консумираат пиво и жестоки пијалаци. Често пати доаѓа до пијанство.
Во една друга пацифичка земја, скоро не се ни чуло за умерена потрошувачка на алкохол од страна на мажите. Општо правило е дека, кога пијат, тие пијат за да се опијат. Типично е што на денот на исплатата на платите, група мажи ќе се соберат заедно и ќе купат повеќе гајби пиво, секоја од по 24 шишиња. Престануваат да пијат дури кога пивото ќе се потроши. Како последица од тоа, јавното пијанство е многу вообичаено.
Во некои африкански земји традиционално се употребуваат ферментирани пијалаци, како што е палмово вино и други локални варени напитоци. Традицијата во некои општини диктира дека мора да се понуди алкохол кога се забавуваат гостите. Гостољубивиот домаќин по обичај обезбедува повеќе отколку што посетителот може да консумира. Во едно подрачје, обичај е пред секој посетител да се стават по 12 шишиња пиво.
Многу јапонски компании организираат патувања со автобус за своите вработени. Се понесуваат огромни количини алкохолни пијалаци, и пијанството се толерира. Некои од овие компаниски излети траат по два или три дена. Според списанието Asiaweek, во Јапонија „од одгледувачите на ориз па до богатите политичари, машкоста традиционално се мерела според количината на алкохолниот пијалак што некој може да ја проголта“. Слични трендови се забележуваат и во други азиски земји. Asiaweek наведува дека „Јужнокорејците сега голтаат повеќе жестоки пијалаци по човек отколку пијачите на кое и да е друго место во светот“.
Пијанките станале раширен обичај во универзитетските населби во Соединетите Држави. Според The Journal of the American Medical Association, „повеќето пијачи на пијанките не се сметаат себеси за проблематични пијачи“.a Ова не треба да нѐ изненади, затоа што во многу земји медиумите го унапредуваат пиењето како авантуристичка, модерна и софистицирана активност. Честопати, оваа пропаганда особено нишани на младите.
Во Британија, консумирањето пиво се дуплирало во период од 20 години, а потрошувачката на жестоки алкохолни пијалаци се утроила. Пијачите почнуваат како помлади и сѐ повеќе жени пијат. Слични трендови се забележани во источноевропските и во латиноамериканските земји. Тоа е истакнато преку соодветно сѐ повисоките стапки на алкохолизам и сообраќајни несреќи поврзани со алкохол. Јасно е дека постои еден очигледен пораст на злоупотреба на алкохолот ширум светот.
Колку многу е премногу?
Библиското гледиште за алкохолните пијалаци е урамнотежено. Од една страна, Писмото вели дека виното е дар од Јехова Бог „што го весели срцето на човекот“ (Псалм 103:1, 15). Од друга страна, осудувајќи ја преголемата оддаденост, Библијата ги користи изразите „пијанство“, „премногу вино, лумпувања, натпивања“, „страстни за вино“ и да се биде ‚предаден на многу вино‘ (Лука 21:34; 1. Петрово 4:3, НС; 1. Тимотеј 3:8; Тит 2:3). Но, колку вино е „многу вино“? Како може еден христијанин да одреди кое е побожното гледиште за алкохолните пијалаци?
Не е тешко да се препознае пијанството. Неговите последици се опишани во Библијата со зборовите: „На некого — ах, на некого ох, на некого — кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи? На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми . . . очите твои ќе гледаат туѓи жени [чудни работи, НС], и срцето твое ќе почне да говори развратно“ (Изреки 23:29—33).
Преголемите дози алкохол може да предизвикаат збунетост, халуцинации, несвесност и други пореметувања на умот и телото. Под влијание на алкохол, едно лице може да ја изгуби контролата над своето однесување и да си предизвика штета себеси или на другите. Познато е дека пијаниците се впуштаат во смешно, навредливо или неморално однесување.
Пиењето до точка на пијанство, со неговите гореспоменати последици, недвојбено претставува премногу пиење. Меѓутоа, едно лице може да покаже недостиг на умереност и без да ги покажува сите типични знаци на пијанството. Затоа, прашањето дали некој пиел премногу, честопати е отворено за дебатирање. Каде е линијата помеѓу умереноста и преголемата оддаденост?
Чувај ја својата способност на размислување
Библијата не поставува граници, наведувајќи проценти на концентрација на алкохол во крвта или, пак, некоја друга мерка. Поднесувањето на алкохолот варира од едно лице до друго. Сепак, библиските начела важат за сите христијани и можат да ни помогнат да развиеме побожно гледиште за алкохолните пијалаци.
Првата заповед, рекол Исус, е: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ (Матеј 22:37, 38). Алкохолот има директно влијание врз умот, а преголемата оддаденост ќе се вмеша во твојата послушност спрема оваа најголема од сите заповеди. Тоа може сериозно да се вмеша во твоето добро просудување, способноста да решаваш проблеми, вежбањето самосовладување и во други важни функции на умот. Писмото нѐ опоменува: „Чувај ја практичната мудрост и способноста на размислување; и ќе се покажат како живот за твојата душа и како чар за твојот врат“ (Изреки 3:21, 22, НС).
Апостол Павле ги моли христијаните: „Да ги дарувате своите тела како жртва жива, света и прифатлива за Бог, света служба со вашата сила на разумот“ (Римјаните 12:1, НС). Дали еден христијанин би бил ‚прифатлив за Бога‘ ако пие алкохол до таа мера што се откажува од својата „сила на разумот“? Обично, еден неумерен пијач постепено изградува толеранција спрема алкохолот. Можеби мисли дека неговото прекумерно пиење — за него — е под границата на пијанство. Сепак, тој веројатно развива нездрава зависност од алкохолот. Дали би можело едно такво лице да го принесе своето тело како „жртва жива, света“?
Секоја количина што ја нарушува твојата ‚практична мудрост и способноста на размислување‘ како христијанин, е премногу алкохол за тебе.
Што го обликува твоето гледиште за алкохолот?
Христијанинот треба да процени дали неговиот став спрема пиењето е под влијание на моменталните трендови или традиции. Кога се работи за алкохолни пијалаци, ти сигурно не би сакал твојот избор да се темели на културни трендови или на медиумска пропаганда. Кога го проценуваш својот став, прашај се: ‚Дали тој е под влијание на она што е прифатливо во општината? Или, пак, моето пиење се управува според библиските начела?‘
Иако Јеховините сведоци не се против културата, тие сфаќаат дека Јехова мрази многу од обичаите кои денес се нашироко прифатени. Некои средини одобруваат абортус, трансфузија на крв, хомосексуалност или полигамија. Меѓутоа, христијаните постапуваат во склад со Божјето гледиште за овие работи. Да, божественото гледиште ќе го мотивира христијанинот да ги мрази таквите обичаи, без оглед на тоа дали културата ги прифаќа или не (Псалм 96:10).
Библијата зборува за ‚волјата на незнабошците‘, што вклучува „премногу вино“ и „натпивања“. Изразот „натпивања“ ја пренесува идејата за собирања што биле приредувани со изразита намера да се консумираат големи количини алкохол. Се чини дека во библиски времиња, некои кои се гордееле со својата наводна способност да го носат својот алкохолен пијалак, се обидувале да ги натпијат другите или, пак, се обидувале да видат кој би можел да испие најмногу. Апостол Петар се осврнува на ваквото однесување како на „ниско ниво на развратот“ (НС), во кој покајничките христијани повеќе не учествуваат (1. Петрово 4:3, 4, НС).
Дали би било разумно еден христијанин да го усвои гледиштето дека, сѐ додека не се опил, навистина не е битно каде, кога или колку тој испил? Можеме да прашаме: Дали тоа е побожно гледиште? Библијата вели: „Јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1. Коринтјаните 10:31). Можеби нема да се опијат сите од една група мажи собрани за да пијат големи количини алкохол на јавно место, но дали нивното однесување би му донело слава на Јехова? Библијата советува: „Не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате која е добрата, угодна и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2).
Избегнувај да ги спрепнуваш другите
Интересно е дека, честопати, самите култури кои толерираат преголема оддаденост, негодуваат кога некој тежок пијач тврди дека е Божји човек. Во една мала општина во Јужен Пацифик, еден набљудувач забележал: „Јас ви се восхитувам. Вие ја проповедате вистината. Но, проблемот што го гледаме ние е тоа што вашите луѓе пијат премногу грог“. Како што се известува, поединците не се опивале, но сепак тој детаљ не им бил толку очигледен на многумина во општината. Набљудувачите би можеле лесно да заклучат дека, како повеќето други луѓе кои се впуштаат во пијанки, и Сведоците се опиваат. Би можел ли еден христијански слуга кој се впушта во долги пијанки, да задржи добра репутација и да ја исполнува својата јавна служба со слобода на говорот? (Дела 28:31).
Еден извештај од една европска земја покажува дека, повремено, некои браќа и сестри пристигнуваат во Салата на Царството со силна миризба од алкохол во својот здив. Тоа ја вознемирило совеста на другите. Библијата опоменува: „Подобро е да не јадеш месо, да не пиеш вино и да не правиш ништо, од кое братот твој се сопнува“ (Римјаните 14:21). Побожното гледиште за алкохолните пијалаци ќе го натера зрелиот христијанин да биде осетлив на совеста на другите, дури и ако тоа значи да се воздржува од алкохол под извесни околности.
Христијаните се очигледно поинакви
За жал, овој свет сторил многу за да го навреди Јехова со злоупотреба на добрите работи што тој му ги дал на човештвото, вклучувајќи ги и алкохолните пијалаци. Секој предаден христијанин треба да се стреми да ги избегнува преовладувачките безбожни гледишта. На тој начин, луѓето ќе можат да ‚ја видат разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи‘ (Малахија 3:18).
Кога се работи за алкохолните пијалаци, „разликата“ помеѓу Јеховините сведоци и светот треба да биде очигледна. Пиењето алкохолни пијалаци не е од централна важност во животот на вистинските христијани. Тие не експериментираат со границите на своето поднесување на алкохол, опасно приближувајќи се до пијанство; ниту, пак, дозволуваат алкохолните пијалаци да му наштетат или на кој и да е друг начин да се вмешаат во нивното служење на Бог со сета своја душа и со бистар ум.
Како група, Јеховините сведоци имаат божествено гледиште за алкохолните пијалаци. Како е со тебе? Секој од нас може да смета на Јеховините благослови додека го следиме библиското упатство „да ја отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век“ (Тит 2:12).
[Фуснота]
a „Пиењето на пијанки е дефинирано како потрошувачка на пет или повеќе пијалаци едноподруго за мажите, и четири или повеќе пијалаци едноподруго за жените“ (The Journal of the American Medical Association).
[Рамка/слика на страница 28]
Слушај ги твоите сакани
Неумерениот пијач честопати е последниот кој увидува дека тој има проблем. Роднините, пријателите и христијанските старешини треба без колебање да им понудат помош на саканите на кои им недостига умереност. Од друга страна, ако ближните изразат неугодност поради твоите навики на пиење алкохол, тие веројатно имаат добра причина за тоа. Размисли за тоа што ти го велат тие (Изреки 19:20; 27:6).