Прашања од читателите
„Стражарска кула“ од 15 август 1996 година наведе: „Во последниот дел од неволјата, ‚телото‘ што побегнало на Јеховината страна ќе биде спасено“. Дали тоа укажува дека, после првата фаза од големата неволја, мнозина нови ќе преминат на Божјата страна?
Тоа не е поентата што беше истакната.
Исусовите зборови што се наоѓаат во Матеј 24:22 првенствено ќе се исполнат во иднина преку спасение во првиот дел од претстојната голема неволја, при нападот на религијата. Статијата наведе: „Сети се дека ‚телото‘, и од помазаниот остаток и од ‚големото мноштво‘, веќе ќе биде спасено откако Големиот Вавилон брзо и потполно пропаѓа во првиот дел од неволјата“.
Таквите верни лица нема да бидат во опасност кога Исус и неговата небесна војска ќе дејствуваат во последниот дел од неволјата. Но, кој ќе ја преживее таа фаза од неволјата? Откровение 7:9, 14 покажува дека ќе преживее едно големо мноштво кое има земна надеж. А што е со христијаните помазани со дух? Рубриката „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 август 1990 година (англ.), дискутираше зошто не можеме да бидеме догматични околу тоа кога остатокот од помазаниците ќе биде земен на небо. Така, неодамнешната статија (15 август 1996) ја остави работата отворена, давајќи го општиот коментар: „На сличен начин, во последниот дел од неволјата, ‚телото‘ што побегнало на Јеховината страна ќе биде спасено“.
Во врска со тоа дали некои нови лица ќе можат да ја дознаат вистината и да преминат на Божјата страна откако ќе започне големата неволја, забележи ги Исусовите зборови забележани во Матеј 24:29—31. После избувнувањето на неволјата, ќе се појави знакот на Синот човечки. Исус рекол дека сите племиња на Земјата ќе се удираат и ќе тажат. Не рекол ништо во врска со луѓето кои се освестуваат за ситуацијата, кои се покајуваат, кои застануваат на Божјата страна и кои стануваат вистински ученици.
На сличен начин, во параболата за овците и јарците, Синот човечки се појавува и судски ги одвојува луѓето на темел на тоа што сториле или што не сториле во минатото. Исус не рекол ништо во врска со тоа дека луѓето кои долго време покажувале особини слични на јарци наеднаш ќе се свртат и ќе станат како овци. Тој доаѓа за да суди на темел на тоа какви веќе се покажале луѓето (Матеј 25:31—46).
Но, повторно, нема причина да се биде догматичен околу оваа работа. Божјиот народ — и помазаниците и големото мноштво — знае што мора да прави сега — да проповеда и да прави ученици (Матеј 28:19, 20; Марко 13:10). Токму сега е времето да ја земеме при срце опомената: „Бидејќи сме соработници Христови, ние ве молиме, да не ја примате напразно благодатта Божја [и да ја промашите нејзината цел, НС]. Зашто е речено: ‚Во благопријатно време те чув и во денот на спасението ти помогнав‘. Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!“ (2. Коринтјаните 6:1, 2).