Треба ли твоето дете да оди во интернатско училиште?
ЗАМИСЛИ си дека живееш во едно мало гратче во некоја земја во развој. Имаш повеќе деца кои одат во основно училиште, но на возраст од 12 години ќе продолжат во средно училиште. Средните училишта во твоето подрачје се преполни, слабо опремени и со скуден персонал. Штрајковите понекогаш ги затвораат училиштата со недели и месеци.
Некој ти врачува една илустрирана брошура која опишува некое интернатско училиште во градот. Гледаш слики на среќни, модерно облечени ученици како учат во добро опремени училници, лаборатории и библиотеки. Учениците се џарат во компјутерите и се одмараат во чисти, привлечни спални. Читаш дека една од целите на училиштето е да им помогне на учениците „да го постигнат највисокиот академски стандард за кој се способни“. Понатаму читаш: „Од сите ученици се бара да се придржуваат за норми на однесување слични на оние какви што обично се очекуваат во едно семејство каде што се става нагласок на пристојноста, учтивоста, почитта спрема родителите и постарите, соработката, толеранцијата, љубезноста, чесноста и интегритетот“.
Цитиран е еден насмеан младич кој вели: „Моите родители ми ја дадоа животната предност да одам во најдоброто училиште“. Една девојка вели: „Училиштето носи предизвик и возбуда. Овде учењето си доаѓа само по себе“. Дали ти би го испратил својот син или ќерка во едно такво интернатско училиште?
Образованието и духовноста
Сите грижливи родители сакаат на своите деца да им дадат добар почеток во животот, и за таа цел е важно здравото, урамнотежено образование. Честопати, световното образование ги отвора вратите кон идни можности за вработување и им помага на младите да се развијат во возрасни кои се способни да се грижат за себе и за своите идни семејства.
‚Ако едно интернатско училиште нуди добро образование, како и некакво морално водство, зошто да не се искористи?‘ — можеби се прашуваш. Во одговор на ова прашање, христијанските родители треба во молитва да разгледаат еден животоважен фактор — духовната благосостојба на своите деца. Исус Христос прашал: „Каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?“ (Марко 8:36). Се разбира, од тоа нема воопшто никаква корист. Затоа, пред да одлучат да ги испратат своите деца во интернатско училиште, христијанските родители треба да размислат за последиците што би можело да ги има тоа врз изгледите за вечен живот на нивните деца.
Влијанието од другите ученици
Извесни интернатски училишта можеби имаат импресивни академски стандарди. Но, што е со моралните мерила на оние кои ги посетуваат или можеби дури и на некои од оние кои раководат со таквите училишта? Во врска со видот на луѓето кои ќе изобилуваат во овие ‚последни денови‘, апостол Павле напишал: „Во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се!“ (2. Тимотеј 3:1—5).
Ова морално и духовно опаѓање е глобално и претставува предизвик за Јеховините сведоци да живеат според библиските начела. Учениците кои секој ден си доаѓаат дома, утврдуваат дека дури и нивното ограничено дружење со световните соученици може да изврши силно негативно влијание врз нивната духовност. Сузбивањето на тоа влијание може да претставува вистинска борба за децата Сведоци, дури и покрај секојдневната поддршка, совет и охрабрување од нивните родители.
Тогаш, каква е ситуацијата со децата кои се испратени од своите домови во интернатски училишта? Тие се изолирани, отсечени од редовната духовна поддршка на родителите полни со љубов. Со оглед на тоа дека живеат со своите соученици 24 часа на ден, притисокот да се прилагодат на мноштвото врши посилно влијание врз нивните млади умови и срца отколку што веројатно е случај со учениците кои живеат дома. Еден ученик рекол: „Во морален поглед, еден интернатлија живее во опасност од утро до вечер“.
Павле напишал: „Немојте да се заведувате. Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринтјаните 15:33, НС). Христијанските родители не треба да бидат заведени од помислата дека нивните деца нема да претрпат никаква духовна штета ако постојано се дружат со оние кои не му служат на Бог. Низ извесен временски период, побожните деца можат да станат неосетливи на христијанските вредности и да изгубат секакво ценење за духовните работи. Понекогаш, тоа не им станува очигледно на родителите сѐ додека нивните деца не го напуштат интернатското училиште. А тогаш, честопати е предоцна да се исправат работите.
Типично е искуството на Клемент. Тој раскажува: „Пред да отидам во интернатско училиште, ја сакав вистината и одев во служба на подрачјето со браќата. Особено се радував да учествувам во нашата семејна библиска студија и во Собраниската студија на книга. Меѓутоа, штом отидов во интернатско училиште на возраст од 14 години, сосема ја напуштив вистината. Во текот на сите пет години што ги поминав во интернатското училиште, ниеднаш не присуствував на состаноците. Како последица од лошото друштво, се вплеткав во дрога, пушење и пијанчење“.
Влијанието од наставниците
Во секое училиште може да има морално расипани наставници кои ја злоупотребуваат својата авторитетна положба. Некои се сурови и груби додека, пак, други сексуално ги искористуваат своите ученици. Во интернатските училишта е поголема веројатноста постапките на таквите наставници да поминат непријавени.
Сепак, повеќето наставници искрено се обидуваат да ги обучат децата да станат продуктивни членови на општеството, да се вклопат во светот околу себе, да се приспособат. Но, тука лежи еден друг проблем за децата Сведоци. Вредностите на светот секогаш не се совпаѓаат со христијанските начела. Додека наставниците ги охрабруваат учениците да се вклопат во овој свет, Исус рекол дека неговите следбеници нема да бидат „дел од светот“ (Јован 17:16, НС).
Што ако се појават проблеми кога децата ги следат библиските начела? Ако децата посетуваат некое локално училиште и живеат дома, тие можат да дискутираат за таквите работи со своите родители. За возврат, родителите можат да им даваат водство на своите деца и можеби да зборуваат и со наставникот. Како резултат на тоа, проблемите и недоразбирањата обично брзо се решаваат.
Во интернатските училишта работите стојат поинаку. Таквите ученици се под постојана контрола на своите наставници. Ако децата заземат став за христијанските начела, тие мораат да го сторат тоа без секојдневната поддршка од своите родители. Повремено, децата успеваат да му останат верни на Бог под такви околности. Меѓутоа, почесто не успеваат. Едно дете веројатно ќе попушти на волјата на наставникот.
Ограничено движење
За разлика од универзитетите, каде што студентите обично имаат слобода да доаѓаат и да си одат кога сакаат, интернатските училишта го ограничуваат движењето на децата. Многу од овие училишта не им дозволуваат на учениците да го напуштаат училишниот комплекс освен в недела, а некои не го дозволуваат дури ни тоа. 11-годишната Еру, ученичка во интернатско училиште, вели: „Училишните власти никогаш не ни дозволуваат да одиме на состаноци, а камоли во служба на подрачјето. Во училиштето има верски служби само за католици и муслимани. Секој ученик мора да избере една од двете или да се соочи со жестоко противење и од наставниците и од учениците. Исто така, учениците се присилени да ја пеат националната химна и црковни песни“.
Кога родителите ги запишуваат своите деца во такво училиште, каква порака им даваат на своите млади? Пораката би можела да гласи дека световното образование е поважно од собирите заради обожавање и учеството во делото на правење ученици — па дури и поважно од интегритетот спрема Бог (Матеј 24:14; 28:19, 20; 2. Коринтјаните 6:14—18; Евреите 10:24, 25).
Во некои интернатски училишта, учениците Сведоци успеваат да ја проучуваат Библијата заедно, но дури и ова честопати е тешко. Една младинка по име Блесинг, која има 16 години, вели: „Секој ден, таканаречените христијани се собираат за да се молат. Ние Сведоците се обидуваме да ги намолиме да можеме да ја имаме нашата студија, но најстарите ученици ни велат дека нашата организација не е признаена. Потоа се обидуваат да нѐ присилат да се молиме со нив. Ако одбиеме, тие нѐ казнуваат. Поплаките кај наставниците уште повеќе ги влошуваат работите. Тие нѐ нарекуваат со секакви имиња и им велат на најстарите ученици да нѐ казнат“.
Да се разликуваш како поинаков
Кога учениците од едно интернатско училиште се добро познати како Јеховини сведоци, тоа може да им биде предност. Училишните власти можат да ги ослободат од учеството во задолжителните активности на лажната религија кои се спротивни на верата на Сведоците. Соучениците може да се воздржуваат од обидите да ги вклучат во нездрави активности и разговори. Може да се отворат вратите за сведочење на соучениците и наставниците. Понатаму, оние кои живеат според христијанските начела веројатно нема да бидат осомничени за некаков тежок престап, и понекогаш ја придобиваат почитта од наставниците и соучениците.
Меѓутоа, работите не испаѓаат секогаш така. Разликувањето како поинаков честопати го прави ученикот предмет на прогонство и исмејување, како од страна на студентите така и од страна на наставниците. Јинка, 15-годишно момче кое посетува интернатско училиште, вели: „В училиште, ако си познат како Јеховин сведок, стануваш мета. Со оглед на тоа дека го знаат нашиот духовен и морален став, ни поставуваат стапици за да нѐ фатат“.
Родителска одговорност
Ниеден наставник, училиште или висока школа нема право да ја преземе задачата да ги обликува децата во предадени слуги на Јехова. Ова не е нивна работа ниту, пак, нивна одговорност. Божјата Реч дава упатство дека самите родители треба да се грижат за духовните потреби на своите деца. Павле напишал: „Вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов“ (Ефесјаните 6:4). Како можат родителите да го применат овој божествен совет ако нивните деца се далеку во некое интернатско училиште каде што посетите можат да бидат ограничени на еднаш или двапати месечно?
Околностите многу се разликуваат, но христијанските родители се стремат да постапуваат во склад со следнава инспирирана изјава: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8).
Дали постојат алтернативи?
Што би можеле родителите да сторат ако се чини дека имаат само два избора — интернатско училиште или некое слабо опремено локално училиште? Некои кои се нашле во ваква ситуација, се погрижуваат образованието на нивните деца во некое локално училиште да биде надополнето со приватни часови. Други родители одвојуваат време самите да ги поучуваат своите деца.
Понекогаш, родителите ги избегнуваат проблемите така што планираат доволно време пред нивните деца да ја достигнат возраста за да одат во средно училиште. Ако имаш мали деца или, пак, планираш да подигаш семејство, би можел да провериш дали во твоето подрачје има адекватно средно училиште. Ако нема, можеби ќе биде можно да се преселите поблиску до него.
Како што им е добро познато на родителите, потребна е вештина, стрпливост и многу време за да се всади во едно дете љубовта кон Јехова. Ако тоа е тешко кога детето живее дома, колку многу потешко ќе биде доколку детето живее далеку! Со оглед на тоа дека е вклучен вечниот живот на детето, родителите мораат сериозно и во молитва да одлучат дали вреди да се ризикува да го дадат своето дете во интернатско училиште. Колку само кратковидо би било да се жртвуваат духовните интереси на детето заради користите од образованието во некое интернатско училиште! Тоа би било исто како да втрчуваш во една запалена куќа за да спасиш некаква ситнурија — и да изгориш во пламенот!
Божјата Реч вели: „Умниот го гледа злото и се клони; а безумните одат напред и се казнуваат“ (Изреки 22:3). Подобро е една лоша ситуација да се спречи отколку подоцна да се поправа. Би било мудро да мислиш на тоа ако се запрашаш: ‚Треба ли моето дете да оди во интернатско училиште?‘
[Рамка на страница 28]
Младите сведоци се сеќаваат на интернатското училиште
„Во интернатското училиште, децата Сведоци се отсечени од духовно дружење. Тоа е една многу непријателска средина со огромен притисок да се постапува неисправно“ (Ротими, кој бил во интернатско училиште меѓу 11-тата и 14-тата година).
„Посетувањето на христијанските состаноци беше необично тешко. Можев да присуствувам само в недела, а за таа цел морав да се искраднам додека учениците се постројуваа за в црква. Никогаш не бев среќна, бидејќи дома имав обичај да присуствувам на сите собраниски состаноци, а во саботите и неделите одев и во служба на подрачјето. Училиштето не беше изградувачко искуство. Пропуштив многу“ (Естер, која редовно била тепана со прачка од наставниците затоа што не учествувала во училишните црковни служби).
„Не беше лесно да им се сведочи на соучениците во интернатското училиште. Не е лесно да се разликуваш како поинаква. Сакав да го следам мнозинството. Можеби ќе бев похрабра ако можев да одам на состаноците и да се ангажирам во службата на подрачјето. Но, тоа го можев само за време на распустот, а тоа значи само трипати во годината. Ако имаш ламба која не ја дополнуваш со масло, светлоста се пригушува. Истиот случај беше во училиштето“ (Лара, која била во интернатско училиште од 11-тата до 16-тата година).
„Сега, кога повеќе не сум во интернатско училиште, среќна сум што можам да ги посетувам сите состаноци, да учествувам во службата на подрачјето и да се радувам на дневниот стих со останатите од семејството. Иако престојувањето во училиштето имаше некакви користи, ништо не е поважно од мојот однос со Јехова“ (Наоми, која го убедила татко ѝ да ја извади од интернатско училиште).