Аод — човек од вера и храброст
ПОМИНАЛЕ многу години откако Израелците за првпат стапнале во Ветената земја. Мојсеј и неговиот наследник, Исус Навин, веќе одамна биле мртви. Во отсутност на такви мажи од вера, ценењето за чистото обожавање нагло опаднало. Израелците дури почнале да им служат на Вааловците и на светите столбови.a Како последица од тоа, Јехова го имал предадено својот народ во рацете на Сиријците цели осум години. Потоа Израелците повикале кон Бог за помош. Милосрдно, тој ги слушнал. Јехова подигнал еден судија, Готониил, за да го избави Својот народ (Судии 3:7—11).
Овие настани требало да ги поучат Израелците за една основна вистина — послушноста спрема Јехова донесува благослови, додека непослушноста доведува до проклетства (5. Мојсеева 11:26—28). Меѓутоа, луѓето од Израел пропуштиле да ја научат оваа лекција. После 40-годишен период на мир, тие повторно го отфрлиле чистото обожавање (Судии 3:12).
Заварени од Моав
Овојпат, Јехова дозволил неговиот народ да падне во рацете на царот Еглон од Моав. Библијата го опишува како „човек многу дебел“. Со помошта од Амон и Амалик, Еглон го нападнал Израел и ја подигнал својата палата во Ерихон, „градот на палмите“. Колку само е иронично тоа што во првиот ханански град кој бил освоен од Израел, сега се наоѓало седиштето на некој кој го обожавал лажниот бог Хамос!b (Судии 3:12, 13, 17).
Еглон ги угнетувал Израелците следните 18 години, очигледно барајќи тешка такса од нив. Со тоа што барал периодичен данок, Моав ја зацврстил својата економска позиција додека ги исцедувал средствата на Израел. Разбирливо е што Божјиот народ повикал за помош, и Јехова повторно ги слушнал. Тој им подигнал еден друг спасител — овојпат еден Венијаминец по име Аод. За да ѝ стави крај на Еглоновата тиранија над Израел, Аод испланирал да стапи во акција на денот на следното плаќање на данокот (Судии 3:14, 15).
За да се подготви за својот храбар потег, Аод направил меч со две сечива, долг еден лакт. Ако ова бил краток лакт, тогаш оружјето било долго околу 38 сантиметри. Некои тоа би го сметале за кама. Очигледно, немало пречка помеѓу сечилото и дршката. Затоа, Аод можел да го сокрие својот мал меч во фалтите од својата облека. Понатаму, со оглед на тоа дека Аод бил левучар, тој можел да си го опаша мечот од десната страна — невообичаено место за оружје (Судии 3:15, 16).
Стратегијата на Аод не била без свои ризици. На пример, што ако прислужниците на царот го претресат Аод? Дури и да не го претресат, тие сигурно не би го оставиле својот цар насамо со еден Израелец! Но, ако би го оставиле и ако Еглон би бил убиен, како би побегнал Аод? Колку далеку би можел да отрча пред да откријат Еглоновите служители што се случило?
Аод несомнено размислил за таквите детали, можеби замислувајќи си извесен број катастрофални исходи. Па сепак, тој продолжил со својот план, покажувајќи храброст и практикувајќи вера во Јехова.
Аод се среќава со Еглон
Пристигнал денот за предавање на следниот данок. Аод и неговите луѓе влегле во царската палата. Набргу, стоеле пред самиот цар Еглон. Но, уште не дошло времето Аод да нападне. Откако го предал данокот, Аод ги испратил носителите на данокот (Судии 3:17, 18).
Зошто Аод одолговлекувал да го удри Еглон? Да не му подлегнал на стравот? Никако! За да го изврши својот план, на Аод му била потребна приватна аудиенција кај царот — нешто што не му било допуштено при оваа прва средба. Освен тоа, Аод би требало брзо да избега. Бегството би било далеку полесно за еден човек отколку за целата свита од носители на данокот. Затоа, Аод чекал поволна прилика. Кусата посета кај Еглон му овозможила да се запознае со распоредот на палатата и да го утврди обемот на обезбедувањето на царот.
Штом стигнал до „идолите, што се во Галгал“, Аод ги напуштил своите луѓе и отпатувал назад во Еглоновата палата. Пешачењето од отприлика 2 километри му дало малку време на Аод да размисли за својата мисија и да се помоли за Јеховин благослов (Судии 3:19).
Аод се враќа
Очигледно, на Аод му било изразено добродојде во палатата. Можеби великодушниот данок што го предал претходно, го смекнало расположението на Еглон. Можеби првата посета, и покрај тоа што била кратка, му дала на Аод прилика да воспостави врска со царот. Како и да е, Аод повторно бил присутен кај Еглон.
„Царе, имам тајна за тебе!“ — рекол Аод. Фактот дека дошол дотука, бил показател дека Јехова го водел. Сепак, имало еден проблем. ‚Тајната‘ што ја носел Аод не можела да се изговори во присутноста на царевите прислужници. Ако Јехова требало да интервенира, на Аод под итно му требала таквата помош. „Потивко!“ — заповедал царот. Поради тоа што Еглон не сакал оваа „тајна“ да биде прислушкувана, тој ги распуштил своите прислужници. Замисли си го само олеснувањето на Аод! (Судии 3:19).
Еглон седел во својата соба на покривот кога Аод дошол кај него и рекол: „Имам Божја порака за тебе“. Кога споменал „Божја“, дали Аод се осврнал на Хамос? Еглон можеби мислел така. Заинтригиран, тој ја подигнал својата тежина од престолот и стоел во исчекување. Аод се приближил, веројатно движејќи се внимателно за да не предизвика сомневање кај царот за некаков напад. Тогаш, со едно брзо движење, ‚Аод ја подал својата лева рака, и го зел мечот од десното бедро и го забил во стомакот [на Еглон], така што по сечилото влегло и дршката, и дебелината го покрила сечилото; бидејќи Аод не го извадил мечот од трбухот негов, излегла нечистотија‘ (Судии 3:20—22).
Врткајќи се во близина, царските прислужници не ни мрднале. Но, Аод сѐ уште бил во опасност. Еглоновите прислужници секој момент би можеле да влетаат внатре и да го откријат лешот на нивниот паднат цар. Аод требало брзо да се извлече! Заклучувајќи ги вратите, тој побегнал преку отворот за воздух на собата на покривот (Судии 3:23, 24а).
Откривање и пораз
Набргу Еглоновите слуги станале љубопитни. Сепак, не се осмелувале да ризикуваат да го предизвикаат царевото незадоволство со прекинување на неговиот приватен состанок. Тогаш забележале дека вратите на собата на покривот се заклучени. „Сигурно тој е надвор по потреба до летната соба“ — резонирале тие. Меѓутоа, како што одминувало времето, чистата љубопитност била заменета со наплив од загриженост. Еглоновите прислужници повеќе не можеле да чекаат. „Зедоа клуч и [ги] отклучија [вратите од собата на покривот], а таму, господарот нивни лежи на земја мртов“ (Судии 3:24б, 25).
Во меѓувреме, Аод побегнал. Ги поминал каменоломите кај Галгал и најпосле стигнал до Сетирот, едно место во планинскиот предел Ефрем. Аод ги свикал мажите од Израел и ги повел во обединет напад врз Моавците. Извештајот раскажува дека ‚убиле околу десет илјади Моавци, сѐ здрави и силни, и никој не избегал‘. Со тоа што Моав бил потчинет, израелската земја 80 години била поштедена од натамошни вознемирувања (Судии 3:26—30).
Да се учи од примерот на Аод
Аод бил мотивиран од својата вера во Бог. Евреите, поглавје 11, не го споменува конкретно него како некој ‚кој преку вера победил царства . . . кој станал силен во војна, кој прогонил туѓи војски‘ (Евреите 11:33, 34). Меѓутоа, Јехова го поддржувал Аод додека тој дејствувал со вера и го избавил Израел од тиранската власт на царот Еглон.
Храброста била една од особините на Аод. Тој морал да биде храбар за делотворно да ракува со дословен меч. Како Божји денешни слуги, ние не земаме таков меч (Исаија 2:4; Матеј 26:52). Сепак, го користиме „духовниот меч“, Божјата Реч (Ефесјаните 6:17). Аод бил мајстор во користењето на своето оружје. И ние треба да бидеме вешти во користењето на Божјата Реч додека ја проповедаме добрата вест за Царството (Матеј 24:14). Личното проучување на Библијата, редовното присуствување на христијанските состаноци, ревносното учество во службата и ослонувањето на нашиот небесен Татко во молитва ќе ни помогнат да ги имитираме особините што ги покажал Аод, навистина човек од вера и храброст.
[Фусноти]
a Светите столбови веројатно биле фалусни симболи. Биле поврзани со многу неморални сексуални оргии (3. Царства 14:22—24, НС).
b Хамос бил главното божество на Моавците (4. Мојсеева 21:29; Јеремија 48:46). Барем во некои случаи, на овој гнасен бог веројатно му биле жртвувани деца (4. Царства 3:26, 27).
[Слика на страница 31]
Аод и неговите луѓе му предале данок на царот Еглон
[Извор на слика]
Репродукција од Illustrirte Pracht - Bibel/Heilige Schrift des Alten und Neuen Testaments, nach der deutschen Uebersetzung D. Martin Luther’s