Тие ја извршувале Јеховината волја
Наградена верата на родителите
ЗА ИЗРАЕЛЦИТЕ, раѓањето на машко дете било причина за голема радост. Тоа значело дека лозата на потомството ќе продолжи и дека наследството на земјата ќе остане во семејството. Но, околу 1593 пр. н. е., раѓањето син на Евреите можеби повеќе им се чинело како проклетство отколку благослов. Зошто? Затоа што египетскиот фараон, загрижен од брзото множење на еврејското население на територијата под негова контрола, заповедал сите нивни машки новороденчиња да бидат убиени (2. Мојсеева 1:12, 15—22).
Токму за време на овој гнасен обид за геноцид, Амрам и Јохаведа, една еврејска брачна двојка, станале родители на едно прекрасно машко бебе. Лесно е да си замислиме како нивната радост била помрачена од ужасот кога се сетиле на фараоновиот указ. Сепак, додека Амрам и Јохаведа гледале во своето машко бебе, цврсто решиле да не го напуштат, без оглед на последиците (2. Мојсеева 2:1, 2; 6:20).
Постапување со вера
Три месеци Амрам и Јохаведа го чувале своето бебе скриено (2. Мојсеева 2:2). Меѓутоа, ова било ризично, бидејќи Евреите и Египќаните живееле во блиско соседство. Секој кој ќе бил најден дека се обидува да го заобиколи фараоновиот указ, веројатно би бил казнет со смрт — а и бебето би умрело. Тогаш, што можеле да сторат овие оддадени родители за да го зачуваат жив својот син и себеси?
Јохаведа собрала неколку папирусови фиданки. Папирусот е цврст рогоз, сличен на бамбусот, и има тристрано стебленце со дебелина отприлика колку еден прст. Може да достигне и до 6 метри во висина. Египќаните го користеле ова растение за да прават хартија, рогозини, едра, сандали и лесни чамци.
Од стебленцата Јохаведа направила сандак со доволна големина за да го собере нејзиното бебе. Потоа намачкала битумен и катран за да го држат сандакот и да го направат водоотпорен. Потоа, Јохаведа го сместила своето бебе внатре во пловилото и го ставила меѓу трските на брегот од реката Нил (2. Мојсеева 2:3).
Бебето е откриено
Маријам, ќерката на Јохаведа, се сместила во близината за да види што ќе се случи потоа. Тогаш дошла фараоновата ќерка за да се капе во Нил.a Можеби Јохаведа знаела дека принцезата често го посетува овој дел од Нил и намерно го оставила сандакот таму каде што тој лесно би бил откриен. Како и да е, фараоновата ќерка набргу го здогледала сандакот сместен меѓу трските и повикала една од своите служителки да го донесе. Кога го видела внатре бебето кое плаче, било поттикнато нејзиното сочувство. Таа сфатила дека тоа било Еврејче. Сепак, како би можела да даде да биде убиено едно толку прекрасно дете? Освен од човечка љубезност, фараоновата ќерка можеби била под влијание и на популарното египетско верување дека пристапот на небото зависел од љубезните дела во минатото во текот на нечиј животен векb (2. Мојсеева 2:5, 6).
Маријам, која посматрала од извесна далечина, ѝ пристапила на фараоновата ќерка. „Сакаш ли да одам да викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?“ — прашала таа. Принцезата одговорила: „Оди!“ Маријам отрчала кај мајка си. Набргу, Јохаведа стоела пред фараоновата ќерка. „Чувај го ова дете, и дој ми го“ — ѝ рекла принцезата — „а јас ќе ти платам.“ Можеби дотогаш фараоновата ќерка веќе сфатила дека Јохаведа е мајката на бебето (2. Мојсеева 2:7—9).
Јохаведа го чувала бебето сѐ додека тоа било одбиено.c Ова ѝ дало многу скапоцени прилики да го поучи за вистинскиот Бог, Јехова. Потоа, Јохаведа го вратила бебето кај фараоновата ќерка која момчето го нарекла Мојсеј, што значи „спасен од вода“ (2. Мојсеева 2:10).
Поука за нас
Амрам и Јохаведа во потполност ја искористиле кусата прилика што ја имале за да го поучат својот син за начелата на чистото обожавање. Денешните родители треба да го прават истото. Всушност, неодложно е да го прават тоа. Сатана Ѓаволот „обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8). Тој би сакал за свои жртви да ги има скапоцените млади — момчиња и девојки — кои го имаат изгледот да станат добри слуги на Јехова. Нивните нежни години не извлекуваат сочувство кај него! Со оглед на ова, мудрите родители ги обучуваат своите малолетни деца да се плашат од вистинскиот Бог, Јехова (Изреки 22:6; 2. Тимотеј 3:14, 15).
Напорот на Амрам и Јохаведа да го сокријат своето мало дете за време на првите три месеци од неговиот живот, во Евреите 11:23 е забележан како чин на вера. Обајцата богобојазливи родители покажале доверба во Јеховината спасувачка сила со тоа што одбиле да го напуштат своето дете, а за ова биле благословени. И ние треба да покажуваме стриктно придржување кон Јеховините закони и начела, уверени дека сѐ што дозволува Јехова да дојде врз нас, на крајот ќе испадне за наша вечна добробит и среќа (Римјаните 8:28).
[Фусноти]
a Египќаните го обожавале Нил како бог на плодноста. Верувале дека неговите води ја имаат моќта да дадат плодност, па дури и да го продолжат животот.
b Египќаните верувале дека во Озирисовата присутност, духот на едно лице ќе рецитира такви тврдења како што се: „Не мачев ниеден човек“, „Не ускратив млеко од устата на доенчињата“ и „Му дадов леб на гладниот и пијалак на оној кој беше жеден“.
c Во старо време, многу деца биле доени многу подолго отколку што е вообичаено денес. Самуил веројатно имал три години кога бил одбиен, а Исак имал околу пет.