Треба ли да веруваш во реинкарнација?
ГРЧКИОТ филозоф Платон ја поврзувал заљубеноста со идејата за реинкарнација. Верувал дека после смртта на телото, душата, бидејќи е бесмртна, се преселува во „подрачјето на чистите облици“. Бестелесна, таа останува таму некое време, размислувајќи за облиците. Кога подоцна ќе биде реинкарнирана во друго тело, душата потсвесно се сеќава и копнее по подрачјето на облиците. Според Платон, луѓето се заљубуваат затоа што во возљубениот го гледаат идеалниот облик на убавина на којшто нејасно се сеќаваат и го бараат.
Идентификување на изворот и на основата
Учењето за реинкарнација бара душата да е бесмртна. Затоа, по потеклото на реинкарнацијата мора да се трага наназад до оние луѓе или нации кои се држеле за таквото верување. Врз таа основа, некои мислат дека тоа потекнало од древниот Египет. Други, пак, сметаат дека тоа започнало во стара Вавилонија. За да создаде престиж за вавилонската религија, неговото свештенство ја унапредувало доктрината за преселување на душата. На тој начин, тие можеле да тврдат дека нивните религиозни херои биле реинкарнации на значајни, иако одамна умрени претци.
Меѓутоа, токму во Индија, верувањето во реинкарнација дошло до полн процут. Хинду мудреците се зафатиле со универзалните проблеми на злото и со страдањето меѓу луѓето. ‚Како можат овие да бидат ускладени со сфаќањето за еден праведен Творец?‘ — прашувале тие. Се обидувале да го решат конфликтот помеѓу Божјата праведност и непредвидените неволји и нееднаквости во светот. Со текот на времето, го измислиле „законот на карма“, законот за причина и последица — ‚сѐ што човек ќе посее, тоа и ќе жнее‘. Изработиле детален ‚книговодствен биланс‘, преку кој заслугите и недостатоците во едниот живот се наградени или казнети во следниот.
„Карма“ едноставно значи „постапување“. За еден Хиндус се вели дека има добра карма ако се прилагодува на општествените и религиозните норми и лоша карма ако не се прилагодува. Неговото постапување, односно карма, ја одредува неговата иднина во секое последователно повторно раѓање. „Сите луѓе се раѓаат со нацрт на карактерот, главно подготвен од нивните постапки во претходните животи, иако нивните физички обележја се одредени преку наследство“ — вели филозофот Никилананда. „[Според тоа,] човекот е архитект на својата сопствена судбина, градител на своето сопствено одредиште.“ Меѓутоа, конечната цел е да се биде ослободен од овој циклус на преселување и да се биде обединет со брахманското — конечната реалност. Се верува дека ова се постигнува преку тежнеење по општествено прифатливо однесување и по посебно хинду спознание.
На тој начин, учењето за реинкарнација како свој темел ја користи доктрината за бесмртност на душата и гради врз неа, користејќи го законот за карма. Да видиме што има да каже Божјата инспирирана Реч, Библијата, во врска со овие идеи.
Дали душата е бесмртна
За да одговориме на ова прашање, да се свртиме кон највисокиот авторитет по таа тема — инспирираната Реч на Творецот. Во најпрвата книга од Библијата, 1. Мојсеева, го дознаваме точното значење на изразот „душа“. Во врска со создавањето на првиот човек, Адам, Библијата вели: „Го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2:7). Јасно дека душата не е она што човекот го има, туку она што тој е. Хебрејскиот збор што е употребен овде за душа е нефеш. Тој се појавува околу 700 пати во Библијата и никогаш не се однесува на некој одделен и етеричен дел од човекот, туку секогаш на нешто опипливо и телесно (Јов 6:7; Псалм 34:13; 106:9; 118:28).
Што се случува со душата при смртта? Размисли за тоа што се случило со Адам при неговата смрт. Кога згрешил, Бог му рекол: „[Ќе] се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19). Размисли што значи тоа. Пред Бог да го создаде Адам од правта, Адам не постоел. По својата смрт, Адам се вратил во истата состојба на непостоење.
Едноставно речено, Библијата учи дека смртта е спротивното на животот. Во Проповедник 9:5, 10 читаме: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот . . . Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“.
Ова значи дека мртвите не се способни да прават или да чувствуваат нешто. Тие повеќе немаат никакви мисли ниту, пак, се сеќаваат на нешто. Псалмистот наведува: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение. Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја; во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:3, 4).
Библијата јасно покажува дека при смртта, душата не оди во некое друго тело, туку умира. „Која душа греши, таа ќе умре“ — изразито наведува Библијата (Језекиил 18:4, 20; Дела 3:23; Откровение 16:3, НС). На тој начин, доктрината за бесмртноста на душата — самиот темел на теоријата за реинкарнација — не наоѓа никаква поддршка во Писмото. Без неа, теоријата пропаѓа. Тогаш, што го објаснува страдањето што го гледаме во светот?
Зошто луѓето страдаат?
Основната причина за човечкото страдање е несовршеноста што сите ние ја наследуваме од грешниот Адам. „Гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ — вели Библијата (Римјаните 5:12). Поради тоа што сме родени од Адам, сите ние се разболуваме, остаруваме и умираме (Псалм 40:1, 3; Филипјаните 2:25—27).
Понатаму, неумоливиот морален закон на Творецот наведува: „Не лажете се: Бог не позволува да биде поруган. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее: кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел“ (Галатјаните 6:7, 8). На тој начин, промискуитетниот начин на живот може да доведе до емоционална болка, несакани бремености и сексуално преносливи болести. „Зачудувачки 30 отсто од случаите на смртоносен рак [во Соединетите Држави] можат да се припишат првенствено на пушењето, а еден подеднаков број — на начинот на живот, особено на практиките за исхрана и недостигот од вежбање“ — вели списанието Scientific American. Некои несреќи што предизвикуваат страдање се наследство од лошото управување на човекот со Земјините ресурси. (Спореди Откровение 11:18.)
Да, човекот е виновен за голем дел од неговата беда. Меѓутоа, поради тоа што душата не е бесмртна, законот за ‚жнеење на она што го сееш‘ не може да се употреби за човечкото страдање да се поврзе со некаква карма — делата на некој божемен претходен живот. „Кој умрел, тој се ослободил од гревот“ — наведува Библијата (Римјаните 6:7, 23). На тој начин, плодот на гревот не се пренесува на некој живот после смртта.
Сатана Ѓаволот исто така предизвикува многу страдање. Всушност, со овој свет владее Сатана (1. Јованово 5:19, НС). И како што претскажал Исус Христос, Неговите ученици би биле ‚намразени од сите заради Неговото име‘ (Матеј 10:22). Како последица од тоа, праведните честопати се соочуваат со повеќе проблеми отколку злобните.
Во овој свет се случуваат некои настани за кои причините не се веднаш видливи. Најбрзиот тркач може да се сопне и да ја изгуби трката. Една моќна војска може да биде поразена од послаби сили. Еден мудар човек може да е неспособен да најде добра работа и поради тоа може да страда од глад. Луѓе со одлично разбирање во деловното раководење може, поради околностите, да се неспособни да го применат на дело своето спознание и така да се најдат во сиромаштија. Поединците што поседуваат знаење може да си го навлечат гневот од оние на власт и да се најдат во немилост. Зошто е тоа така? „Бидејќи времето и непредвидениот настан ги погодуваат сите“ — одговара мудриот цар Соломон (Проповедник 9:11, НС).
Страдањето било коб на човештвото долго пред хинду мудреците да се обидат да објаснат зошто тоа постои. Но, дали постои надеж за подобра иднина? И какво ветување дава Библијата за умрените?
Мирољубива иднина
Творецот ветил дека наскоро ќе му стави крај на сегашното светско општество кое е под контрола на Сатана (Изреки 2:21, 22; Даниил 2:44). Едно праведно ново човечко општество — ‚новата земја‘ — тогаш ќе биде реалност (2. Петрово 3:13). Во тоа време, „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘ “ (Исаија 33:24). Дури и агонијата на смртта ќе биде отстранета, бидејќи „ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).
Во врска со жителите на Божјиот ветен нов свет, псалмистот претскажал: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29). Освен тоа, кротките „ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:11).
Мукундбаи, споменат во претходната статија, заспал во смрт без да знае за прекрасните Божји ветувања. Но, милиони кои умреле без да го запознаат Бог, го имаат изгледот да бидат разбудени во еден таков мирољубив нов свет, бидејќи Библијата ветува: „Ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15; Лука 23:43, НС).
Зборот „воскресение“ овде е преведен од грчкиот збор ана́стасис, кој дословно значи „повторно станување“. Според тоа, воскресението вклучува реактивирање на животниот образец на поединецот.
Творецот на небото и на Земјата е бесконечен во мудрост (Јов 12:13). За него не е проблем да се сети на животните обрасци на умрените. (Спореди Исаија 40:26.) Јехова Бог изобилува и со љубов (1. Јованово 4:8). Затоа, тој може да ја употреби својата совршена меморија не за да ги казни умрените за лошото што го направиле, туку за да ги врати во живот на една рајска Земја, со личноста што ја имале пред да умрат.
За милиони како Мукундбаи, воскресението ќе значи да бидат повторно со своите љубени. Но, замисли си што може тоа да значи за оние кои живеат сега. Земи го, на пример, синот на Мукундбаи, кој ја запознал прекрасната вистина за Бог и за неговите намери. Колку само е утешно за него да знае дека неговиот татко не е фатен во стапицата на еден скоро бесконечен циклус од повторни раѓања, секое опкружено со злоба и страдање! Тој едноставно спие во смрт, очекувајќи воскресение. Колку само е возбудливо за него да размислува за можноста еден ден да го сподели со татка си она што самиот тој го научил од Библијата!
Божја волја е „сите видови луѓе да бидат спасени и да дојдат до точно спознание за вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4, НС). Сега е време да научиш како можеш ти, заедно со милиони други кои веќе ја вршат Божјата волја, да живееш засекогаш на рајска Земја (Јован 17:3).
[Истакната мисла на страница 7]
„Времето и непредвидениот настан ги погодуваат сите“ (Проповедник 9:11, НС)
[Рамка на страница 6]
Божјата личност и законот на карма
„Законот на карма“ — објаснил Мохандас К. Ганди — „е неумолив и е невозможно тој да се избегне. Затоа, тешко дека има некаква потреба Бог да се меша. Тој го поставил законот и, така да се каже, се повлекол.“ За Ганди ова било вознемирувачко.
Од друга страна, ветувањето за воскресение открива дека Бог има длабок интерес за својата творба. За да врати некој умрен назад во живот на рајска Земја, Бог мора да знае и да се сеќава на сѐ во врска со тоа лице. Бог навистина се грижи за секој еден од нас (1. Петрово 5:6, 7).
[Слика на страница 5]
Хинду тркало на животот
[Слика на страница 8]
Божјата Реч учи за воскресение