Библијата — единствена книга
Наречена е светски бестселер, и тоа со право. Библијата е читана и ценета повеќе од која и да е друга книга. До ден-денес, нејзината дистрибуција (целосно или делумно) се проценува на четири милијарди примероци, на преку 2.000 јазици.
Меѓутоа, пофасцинантно од тиражот на Библијата е нејзиното тврдење дека има божествено авторство. „Целото Писмо е од Бога вдахновено“ — напишал христијанскиот апостол Павле (2. Тимотеј 3:16). Што значи ова? Фразата „од Бога вдахновено“ (на грчки тео́пнеустос) дословно значи „боговдахновено“. Еден сроден грчки збор, пнеума, значи „дух“. Затоа, се тврди дека Божјиот свет дух ги поттикнал човечките писатели, така да се каже, дишејќи над нив, поради што крајниот продукт можел вистински да се нарече Реч Божја, а не човечка. Всушност, мнозина кои ја проучувале Библијата, се чудат на нејзиниот целосен склад, на нејзината научна точност, на чесноста и отвореноста на нејзините писатели и, што е најважно, на нејзините исполнети пророштва — сите тие увериле милиони читатели кои размислуваат дека оваа книга е од извор кој е повисок од човекот.a
Но, колку тесно Бог го водел пишувањето на Библијата? Некои велат дека Бог ја диктирал Библијата од збор до збор. Други, пак, велат дека тој само ги инспирирал мислите што се наоѓаат во Библијата, а не зборовите. Но, всушност, инспирацијата не може да се сведе само на еден процес, бидејќи Бог им зборувал ‚на нашите оци на многу начини преку пророците‘ (Евреите 1:1; спореди 1. Коринтјаните 12:6, НС). Во следната статија ќе ги испитаме начините на кои Бог им зборувал на 40-тина човечки писатели кои ја запишале Библијата.
[Фуснота]
a За натамошни информации, види страници 53, 54 и 98—161 од книгата Библијата — Реч Божја или човечка? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.