Прашања од читателите
Бевме воодушевени од нашето проучување на Исусовата парабола за овците и јарците. Со оглед на новото разбирање изнесено во „Стражарска кула“ од 15 октомври 1995 година, можеме ли сѐ уште да речеме дека Јеховините сведоци денес учествуваат во едно дело на одвојување?
Да! Разбирливо е што мнозина се прашуваа околу ова, бидејќи Матеј 25:31, 32 вели: „Кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите“. Стражарска кула од 15 октомври 1995 година покажа зошто овие стихови важат после започнувањето на големата неволја. Исус ќе пристигне во својата слава со своите ангели и ќе седне на својот судски престол. Потоа, ќе ги одвојува луѓето. Во која смисла? Тој ќе донесува одлуки темелени на она што луѓето го правеле или не го правеле пред тоа време.
Ова можеме да го споредиме со развојот на еден правен процес што води до судски случај. Доказите се собираат во текот на еден подолг период, пред судот да реши и да изрече пресуда. Доказите во врска со тоа дали луѓето кои живеат сега ќе се покажат како овци или јарци, се собирале веќе долго време. И сѐ уште се прибираат. Но, кога Исус ќе седне на својот престол, случајот ќе биде завршен. Тој ќе биде подготвен да донесе суд. Луѓето ќе бидат одвоени или за вечно одрежување или за вечен живот.
Меѓутоа, фактот дека одвојувањето на луѓето за живот или за смрт, споменато во Матеј 25:32, ќе биде допрва во иднината, не значи дека пред тоа нема да се случи никакво одвојување, односно делење. Во Матеј, поглавје 13, Библијата споменува едно дело на одвојување кое се случува пред тоа. Интересно е дека книгата Обединети во обожавањето на единствениот вистинит Бог, страници 179, 180, го обработува ова под поднасловот „Делење на луѓето“.a Книгата вели: „Постојат и други значајни настани кои Исус на истакнат начин ги поврзал со завршетокот на системот на ствари. Едно од нив е делењето на „синовите на царството“ од „синовите на лукавиот“. Исус зборувал за тоа во својата споредба за житното поле кое непријателот го посеал со премногу какол“.
Книгата се осврнуваше на Исусовата илустрација изложена во Матеј 13:24—30 и објаснета во стиховите 36—43. Забележи во стих 38 дека добрите семиња на жито ги претставуваат синовите на Царството, а каколот ги означува синовите на злобниот. Стиховите 39 и 40 покажуваат дека во ‚свршетокот на светот‘ — во текот на времето во кое живееме ние сега — се собира каколот. Тие се одвоени и конечно изгорени, уништени.
Илустрацијата зборува за помазаните христијани (кои во параболата за овците и јарците се наречени Исусови браќа). Сепак, јасна е поентата дека во текот на нашево време се случува едно животоважно одвојување, при што помазаниците се разликуваат од оние кои се исповедуваат како христијани а кои се докажуваат како ‚синови на лукавиот‘.
Исус дал и други примери за луѓе кои се делат, односно одвојуваат. Сети се дека, во врска со широкиот пат што води во уништување, тој рекол: ‚Мнозина минуваат низ него‘ (Матеј 7:13). Тоа не бил коментар само за конечниот исход. Тоа бил коментар за еден развој што е во тек, исто како што е случај и со малцината кои го наоѓаат стеснетиот пат што води во живот. Исто така, сети се дека, кога ги испраќал апостолите, Исус рекол оти ќе најдат некои што ќе бидат заслужни. Другите, пак, не би биле заслужни и апостолите требало да си ја истресат правта од нозете „за сведоштво“ против таквите луѓе (Лука 9:5). Зарем не е вистина дека нешто слично се случува додека христијаните ја извршуваат својата јавна служба денес? Некои се оѕвиваат добро додека, пак, други ја отфрлаат божествената порака што ја донесуваме.
Статиите во Стражарска кула кои зборуваа за овците и јарците, забележаа: „Иако судењето што е опишано во параболата ќе биде во блиска иднина, уште сега се случува нешто многу важно. Ние христијаните сме ангажирани во едно животоспасувачко дело на објавување на порака која предизвикува делење меѓу луѓето“ (Матеј 10:32—39). Во тој пасус од Матеј, поглавје 10, читаме како Исус рекол дека, тоа што некој го следи него, ќе биде причина за поделба — татко против син, ќерка против мајка.
Најпосле, Христовите помазани браќа го предводеле проповедањето на пораката за Царството ширум светот. Додека луѓето ја слушаат и реагираат поволно или неповолно, тие се идентификуваат себеси. Ние луѓето не можеме, и не треба, да речеме: ‚Ова лице е овца; она е јарец‘, во смислата што е пренесена во Матеј, поглавје 25. Па сепак, тоа што ги изложуваме луѓето на добрата вест, им допушта да покажат каде стојат — какви се и како реагираат спрема Исусовите браќа. Затоа, како еден сѐ поголем доказ за судски случај, поделбата помеѓу оние кои ги поддржуваат Исусовите браќа и оние кои одбиваат да ги поддржуваат, станува очигледна (Малахија 3:18). Како што покажа Стражарска кула, наскоро Исус ќе седне на својот престол и ќе изрече пресуда, судски одвојувајќи ги луѓето, во конечна смисла, за живот или за одрежување.
[Фуснота]
a Издадена 1993 од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.