Нека продолжи вашата братска љубов!
„Нека продолжи вашата братска љубов“ (Евреите 13:1, НС).
1. Што би сторил ти за да го одржиш огнот запален во студена ноќ, и каква слична одговорност имаме сите ние?
НАДВОР е страшно студено, а температурата нагло опаѓа. Единствениот извор на топлина во твојот дом е оган кој потпукнува во огништето. Животи зависат од тоа дали ќе го одржуваш. Дали едноставно ќе седнеш и ќе гледаш како пламењата згаснуваат, а црвениот жар на јаглењата гасне во едно матно, безживотно сивило? Се разбира не. Ти неуморно продолжуваш да го ложиш за да го одржиш жив. Во извесна смисла, секој од нас има слична работа кога станува збор за еден далеку поважен „оган“ — огнот кој треба да гори во нашите срца — љубовта.
2. а) Зошто би можело да се рече дека љубовта оладила во овие последни денови? б) Колку е важна љубовта за вистинските христијани?
2 Ние живееме во време кога ширум светот, како што одамна прорекол Исус, љубовта оладува меѓу лицата кои се исповедуваат како христијани (Матеј 24:12). Исус се осврнал на најважниот вид љубов — љубовта кон Јехова Бог и кон неговата Реч, Библијата. И другите видови љубов исто така опаѓаат. Библијата прорекла дека во „последните денови“, мнозина нема да имаат „природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:1—5, НС). Колку само ова е точно! Семејството треба да биде пристаниште на природна наклоност, но дури и таму насилството и злоупотребата — понекогаш ужасно брутални — станале секојдневие. Сепак, во ладната клима на овој свет, на христијаните им е заповедано не само да имаат љубов еден кон друг туку да имаат и самопожртвувана љубов, ставајќи ги другите пред себе. Ваквата љубов треба да ја покажуваме толку јасно што ќе биде очигледна за сите и ќе стане знак за препознавање на вистинското христијанско собрание (Јован 13:34, 35).
3. Што претставува братската љубов, и што значи да дозволиш таа да продолжи?
3 Апостол Павле бил инспириран да заповеда: „Нека продолжи вашата братска љубов“ (Евреите 13:1, НС). Според едно научно дело, грчкиот збор што овде е преведен со „братска љубов“ (филаделфи́а), „се однесува на срдечна љубов, покажувајќи љубезност, сочувство, нудење помош“. И што мислел Павле кога рекол дека треба да дозволиме таквата љубов да продолжи? „Таа не треба никогаш да олади“ — забележува истото дело. Според тоа, не е доволно само да чувствуваме наклоност спрема нашите браќа; мораме да дозволиме таа да се покаже. Понатаму, мораме да направиме оваа љубов да трае, никогаш не допуштајќи да се олади. Дали звучи предизвикувачки? Да, но Јеховиниот дух може да ни помогне да негуваме братска наклоност и да ја одржуваме. Да разгледаме три начина за ложење на огнот на оваа љубов во нашите срца.
Покажувај сочувство
4. Што е сочувство?
4 Ако сакаш да имаш повеќе љубов кон своите христијански браќа и сестри, можеби првин треба да имаш чувство спрема нив, да се соживуваш со нив во искушенијата и предизвиците со кои се соочуваат тие во животот. Апостол Петар укажал на тоа кога напишал: „Бидете сите еднодушни, жалостиви [покажувајте сочувство, НС], братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни“ (1. Петрово 3:8). Грчкиот збор што е употребен овде за покажување „сочувство“, означува „страдање со“. Еден авторитет по библиски грчки јазик за овој збор вели: „Тој ја опишува состојбата на умот која постои кога навлегуваме во чувствата на другите како да се наши сопствени“. Затоа, потребно е соживување. Еден верен, постар Јеховин слуга еднаш рекол: „Соживување е твојата болка во моето срце“.
5. Од каде знаеме дека Јехова има сочувство?
5 Дали Јехова има такво сочувство? Апсолутно. На пример, во врска со страдањата на неговиот народ Израел, читаме: „Во текот на сета нивна мака, за него беше мачно“ (Исаија 63:9, НС). Јехова едноставно не ги гледал нивните неволји; тој и чувствувал за народот. Колку силно чувствува, илустрирано е преку Јеховините сопствени зборови до својот народ, запишани во Захарија 2:8: „Кој ќе се допре до вас, ќе се допре до зеницата на окото Мое“.a Во врска со овој стих, еден коментатор забележува: „Окото е една од најсложените и најделикатните структури во човечката градба; а зеницата на окото — отворот преку кој влегува небесната светлина за гледање — е најосетливиот, како и најважниот дел од таа градба. Ништо не може подобро да ја пренесе идејата за Јеховината извонредно нежна грижа спрема објектите на неговата љубов“.
6. На кој начин Исус Христос покажувал сочувство?
6 И Исус секогаш покажувал длабоко сочувство. Тој секогаш одново бил „трогнат од сожалување“ поради лошата состојба на своите солуѓе кои биле болни или измачувани (Марко 1:41; 6:34, обата НС). Покажал дека, кога некој ќе пропушти да постапува љубезно со неговите помазани следбеници, тој се чувствува како и самиот да е така третиран (Матеј 25:41—46). А денес, како наш небесен „Првосвештеник“, тој е оној кој може „да соучествува во нашите слабости“ (Евреите 4:15).
7. Како би можело сочувството да ни помогне кога нѐ нервира некој брат или сестра?
7 „Да соучествува во нашите слабости“ — зарем тоа не е утешна мисла? Затоа, секако дека сакаме да го правиме истото еден за друг. Се разбира, многу е полесно да се бараат слабостите кај другиот (Матеј 7:3—5). Но, следниот пат кога некој брат или сестра ќе те изнервира, зошто не го пробаш ова? Замисли се себеси во околностите на тоа лице, со тоа минато, со таа личност, со тој збир на лични грешки со кои мораш да се бориш. Можеш ли да бидеш сигурен дека нема да ги направиш истите грешки — или можеби дури и полоши? Наместо да очекуваме премногу од другите, треба да покажуваме сочувство кое ќе ни помогне да бидеме разумни како Јехова кој „помни дека ние сме земја“ (Псалм 102:14; Јаков 3:17, НС). Тој ги знае нашите ограничувања. Никогаш не очекува од нас повеќе отколку што можеме разумно да сториме. (Спореди 3. Царства 19:5—7.) Сите ние да покажуваме такво сочувство спрема другите.
8. Како треба да реагираме кога некој брат или сестра минува низ некаква тешкотија?
8 Павле напишал дека собранието е како тело со различни членови кои мораат да работат заедно во единство. Тој додал: „Кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи“ (1. Коринтјаните 12:12—26). Треба да страдаме, односно да се соживуваме заедно со оние кои поминуваат низ некое тешко искушение. Старешините го преземаат водството во тоа. Павле исто така напишал: „Кој ослаби, и јас да не ослабам? Кој се соблазни, и јас да не се распалам?“ (2. Коринтјаните 11:29). Старешините и патувачките надгледници го имитираат Павле во овој поглед. Во своите предавања, во своето дело на пастирење, па дури и во нивното постапување со судските работи, тие настојуваат да покажуваат сочувство. Павле препорачал: „Плачете со расплаканите“ (Римјаните 12:15). Кога овците ќе почувствуваат дека пастирите навистина имаат чувство спрема нив, дека ги сфаќаат нивните ограничувања и дека сочувствуваат со тешкотиите со кои тие се соочуваат, обично се поспремни да прифатат совет, упатство и стега. Тие желно присуствуваат на состаноците, уверени дека таму ќе најдат ‚мир [освежување, НС] за своите души‘ (Матеј 11:29).
Да се покажува ценење
9. На кој начин Јехова покажува дека го цени доброто кај нас?
9 Втор начин за ложење на братската љубов е ценењето. За да ги цениме другите, мораме да се сосредоточиме на нивните добри особини и напори и истите да ги цениме. Кога го правиме тоа, ние го имитираме самиот Јехова (Ефесјаните 5:1). Тој секојдневно ни простува бројни незначителни гревови. Ни простува дури и сериозни гревови, сѐ додека има искрено каење. Потоа, штом еднаш ќе ни ги прости гревовите, тој не размислува за нив (Језекиил 33:14—16). Псалмистот прашал: „Господи, ако гледаш на беззаконијата, — тогаш кој ќе се одржи“ (Псалм 129:3). Она на што Јехова се сосредоточува се добрите работи што ги правиме служејќи му (Евреите 6:10).
10. а) Зошто е опасно за брачните партнери да го изгубат ценењето еден за друг? б) Што треба да прави оној кој го губи ценењето за сопружникот?
10 Особено е важно овој пример да го следиме во семејството. Кога родителите покажуваат дека меѓусебно се ценат, тие му даваат тон на семејството. Во оваа ера на бракови кои можат да се отфрлат, премногу е лесно сопружникот да се земе здраво за готово и да се величаат мааните, а да се минимизираат добрите црти. Таквото негативно размислување го подрива бракот, претворајќи го во едно безрадосно бреме. Ако твоето ценење спрема својот сопружник опаѓа, запрашај се: ‚Дали мојот сопружник навистина нема добри особини?‘ Сети се на причините поради кои си се заљубил и си се венчал. Дали сите тие причини за сакање на оваа единствена личност навистина исчезнале? Секако дека не; затоа, напрегај се да го цениш доброто кај својот сопружник и изразувај го своето ценење со зборови (Изреки 31:28).
11. Кои постапки треба да се избегнуваат за брачната љубов да биде без лицемерие?
11 Ценењето им помага на брачните другари и да ја сочуваат својата љубов без лицемерие. (Спореди 2. Коринтјаните 6:6; 1. Петрово 1:22.) Таквата љубов, ложена со срдечно ценење, нема да остави место за суровост зад затворени врати, место за зборови кои повредуваат и понижуваат, место за ладно однесување кога поминуваат денови без да се изговори некој љубезен или учтив збор и, секако, нема да остави место за физичко насилство (Ефесјаните 5:28, 29). Сопругот и сопругата кои навистина меѓусебно се ценат, се почитуваат еден со друг. Тоа го прават не само кога се во јавноста туку секогаш кога се во Јеховиниот видокруг — со други зборови, во секое време (Изреки 5:21).
12. Зошто треба родителите да изразуваат ценење за доброто кај своите деца?
12 Децата исто така имаат потреба да се чувствуваат ценети. Не дека родителите треба да ги опсипуваат со празно ласкање, туку треба да ги пофалат пофалните особини на своите деца и она што навистина го прават добро. Сети се на Јеховиниот пример кога го изразувал своето одобрување на Исус (Марко 1:11). Исто така, сети се на Исусовиот пример како ‚господар‘ во една парабола. Тој ги пофалил двајцата ‚добри и верни слуги‘, иако имало разлика во тоа што му било дадено на секој од нив, како и соодветна разлика во она што произвел секој (Матеј 25:20—23; спореди Матеј 13:23). Мудрите родители на сличен начин наоѓаат начини да изразат ценење за единствените особини, способности и постигнувања на секое дете. Во исто време, тие се трудат да не ги нагласуваат постигнувањата толку многу што нивните деца постојано ќе се чувствуваат терани да изведуваат нешто. Тие не сакаат нивните деца да растат огорчени или потиштени (Ефесјаните 6:4; Колосјаните 3:21).
13. Кој го презема водството во покажувањето ценење за секој член на собранието?
13 Во христијанското собрание, старешините и патувачките надгледници го преземаат водството во покажувањето ценење за секој поединечен член на Божјето стадо. Нивната позиција е тешка, бидејќи ја носат и тешката одговорност да ги стегаат во праведност, да ги исправаат во дух на благост лицата кои грешат и да им нудат силен совет на оние на кои им треба. Како ги урамнотежуваат овие различни одговорности? (Галатјаните 6:1; 2. Тимотеј 3:16).
14, 15. а) Како Павле покажувал рамнотежа во врска со давањето силен совет? б) Како можат христијанските надгледници да ја урамнотежат потребата за исправање на грешките со потребата да даваат пофалба? Илустрирај.
14 Павловиот пример е од голема помош. Тој бил истакнат учител, старешина и пастир. Морал да се справува со собранија кои имале тешки проблеми, и не се притеснувал плашливо за да даде силен совет кога тој се барал (2. Коринтјаните 7:8—11). Еден преглед на Павловата служба укажува на тоа дека тој штедливо го користел укорот — само кога ситуацијата го правела тоа неопходно или препорачливо. Во ова покажувал божествена мудрост.
15 Ако службата на еден старешина во собранието би се споредила со една музичка композиција, тогаш укорот и прекорот би биле како една единечна нота која се вклопува во целината. Таа нота е соодветна на своето место (Лука 17:3; 2. Тимотеј 4:2). Замисли си една песна која ја содржи само таа една нота што се повторува секогаш одново. Брзо би ни зачкрипела во ушите. На сличен начин, христијанските старешини се трудат да ја заокружат својата поука и да ја исполнат со разноликост. Тие не ја ограничуваат на исправање на проблемите. Наместо тоа, нејзиниот сеопшт тон е позитивен. Како Исус Христос, старешините полни со љубов првин го бараат доброто за да го пофалат, а не грешката за да ја критизираат. Тие ја ценат напорната работа што ја вршат нивните сохристијани. Уверени се дека, општо земено, секој еден го прави најдоброто за да му служи на Јехова. И старешините радо го изразуваат тоа чувство со зборови. (Спореди 2. Солунјаните 3:4.)
16. Каков ефект имал врз Павловите сохристијани неговиот став на ценење и соживување?
16 Несомнено, повеќето христијани на кои им служел Павле чувствувале дека тој ги цени и дека има сочувство кон нив. Од каде го знаеме ова? Погледни што мислеле тие за Павле. Не се плашеле од него, иако имал голем авторитет. Не, тој бил омилен и пристаплив. Па, кога напуштал едно подрачје, старешините ‚го гушкале Павла околу вратот и го целивале‘! (Дела 20:17, 37). Колку само благодарни треба да бидат старешините — и сите ние — што го имаме Павловиот пример за имитирање! Да, да покажуваме ценење едни за други.
Дела на срдечна љубезност
17. Кои се некои добри последици што потекнуваат од делата на љубезност во собранието?
17 Едно од најмоќните горива за братската љубов е еден едноставен чин на љубезност. Како што рекол Исус, „повеќе среќа има во давањето отколку во примањето“ (Дела 20:35, НС). Без разлика дали даваме духовно, материјално или од нашето време и енергија, не само што ги усреќуваме другите туку се усреќуваме и себеси. Во собранието, љубезноста е заразна. Еден чин на љубезност за возврат создава слични чинови. Набргу, братската наклоност цути! (Лука 6:38).
18. Кое е значењето на „љубезноста“ за која се зборува во Михеј 6:8?
18 Јехова го поттикнал својот народ Израел да покажува љубезност. Во Михеј 6:8 читаме: „О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш правично, да сакаш милосрдни дела [да ја љубиш љубезноста, НС] и смирено да врвиш пред твојот Бог“. Што значи „да ја љубиш љубезноста“? Хебрејскиот збор што овде е употребен за „љубезност“ (ке́сед) на англиски е преведен и како „милост“. Според The Soncino Books of the Bible, овој збор „означува нешто поактивно отколку апстрактниот англиски збор милост. Тој значи ‚милост претворена во дела‘, вршење лични дела на срдечна љубезност, не само за сиромашните или бедните туку и за сите свои ближни“. Затоа, еден друг научник вели дека ке́сед значи „љубов претворена во дело“.
19. а) На кои начини би можеле да преземеме иницијатива да покажуваме љубезност спрема другите во собранието? б) Наведи еден пример за тоа како ти била покажана братска љубов.
19 Нашата братска љубов не е теоретска, односно апстрактна. Таа е конкретна реалност. Затоа, барај начини да вршиш љубезни дела за своите браќа и сестри. Биди како Исус, кој не чекал секогаш само луѓето да му пријдат за да замолат за помош туку честопати и самиот ја преземал иницијативата (Лука 7:12—16). Помисли особено на оние кои се во најголема потреба. Дали на некое постаро или немоќно лице му е потребна посета или, пак, можеби некаква помош околу некои работи? Дали на некој ‚сирак‘ му е потребно малку време и внимание? Дали на некоја потиштена душа ѝ е потребно уво кое слуша или, пак, неколку утешни зборови? Колку што сме во можност, да одвојуваме време за такви дела на љубезност (Јов 29:12; 1. Солунјаните 5:14; Јаков 1:27). Никогаш не заборави дека во едно собрание полно со несовршени луѓе, едно од највиталните дела на љубезност е простувањето — спремното оставање на огорченоста, дури и кога има оправдана причина за поплака (Колосјаните 3:13). Спремноста за простување помага собранието да се зачува слободно од поделби, замерки и кавги, кои се како мокри ќебиња кои го загушуваат огнот на братската љубов.
20. На кој начин сите ние треба да продолжиме да се испитуваме себеси?
20 Сите ние да бидеме решени да го чуваме овој животоважен оган на љубовта распален во нашите срца. Да продолжиме да се испитуваме себеси. Дали покажуваме сочувство спрема другите? Дали покажуваме ценење спрема другите? Дали вршиме дела на љубезност спрема другите? Сѐ додека го правиме тоа, огнот на љубовта ќе го грее нашето братство, без оглед на тоа колку луто студен и бесчувствителен станува овој свет. Затоа, во секој случај „нека продолжи вашата братска љубов“ — сега и засекогаш! (Евреите 13:1, НС).
[Фуснота]
a Некои преводи овде имплицираат дека оној кој го допира Божјиот народ, го допира не Божјето, туку Израеловото око или дури и своето сопствено око. Оваа грешка дошла од некои средновековни писари кои, во своите погрешно водени обиди да ги поправат пасусите кои ги сметале за безбожнички, го промениле овој стих. Со тоа ја затемниле силината на Јеховиното лично соживување.
Што мислиш?
◻ Што е братска љубов, и зошто мораме да дозволиме таа да продолжи?
◻ На кој начин сочувството ни помага да ја задржиме нашата братска љубов?
◻ Каква улога игра ценењето во братската љубов?
◻ Како делата на љубезност предизвикуваат братската љубов да цути во христијанското собрание?
[Рамка на страница 16]
Љубовта на дело
Пред неколку години, еден човек кој некое време ја имал проучувано Библијата со Јеховини сведоци, сѐ уште бил некако скептичен во врска со братската љубов. Знаел дека Исус рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Но, му било тешко да верува. Еден ден, тој успеал да види христијанска љубов на дело.
Иако бил врзан за инвалидска количка, овој човек патувал далеку од дома. Во Витлеем (Израел), присуствувал на еден собраниски состанок. Таму, еден арапски Сведок инсистирал некој друг Сведок-турист да преноќи со неговото семејство, а во поканата бил вклучен и овој проучувач на Библијата. Пред да оди в кревет, проучувачот го замолил својот домаќин за дозвола изутрината да излезе на верандата за да го посматра изгрејсонцето. Неговиот домаќин строго го предупредил дека не смее да го прави тоа. Следниот ден, арапскиот брат ја објаснил причината. Преку толкувач, рекол дека, ако неговите соседи би знаеле дека има гости од еврејско потекло — како што било случај со овој проучувач на Библијата — до темел би му ја запалиле куќата сосе него и неговото семејство внатре. Збунет, проучувачот на Библијата го прашал: „Па тогаш, зошто презеде таков ризик?“ Без толкувач, арапскиот брат го погледнал в очи и едноставно рекол: „Јован 13:35“.
Проучувачот на Библијата бил длабоко импресиониран од реалноста на братската љубов. Кратко потоа бил крстен.
[Слика на страница 18]
Павловата друштвена природа полна со ценење, го направила пристаплив