Спасени во време на неволји
ПЕТКАТНАТА стоковна куќа во Сеул (Кореа) ненадејно се сруши, затворајќи во стапица стотици луѓе! Спасувачите работеа нон-стоп за да спасат колку што е можно повеќе животи. Како што минуваа деновите, шансите да се пронајдат уште преживеани лица затрупани во планината од малтер и челик, почнаа да избледнуваат.
Токму кога сите надежи беа отфрлени, се случи нешто запрепастувачко. Под урнатините се чу малаксан, жалосен плач. Спасувачите копаа избезумено со голи раце за да ослободат една 19-годишна жена која цели 16 дена беше жива закопана. Едно паднато окно од лифт оформило заштитна вдлабнатина над неа и ја штитело од тоните малтер што паѓале. Иако тешко дехидрирана и повредена, таа ја избегна смртта!
Денес, тешко да мине месец а да не се чујат извештаи за некаква несреќа, било земјотрес, силна бура, вулканска ерупција, несреќен случај или, пак, глад. А спектакуларните приказни за спасувања и преживувања го подбудуваат интересирањето и фасцинираат милиони лица кои ги следат вестите. Меѓутоа, предупредувањето за една идна неволја — поголема од која и да е друга во човечката историја — општо земено, се игнорира (Матеј 24:21). Библијата го опишува овој иден настан со следниве зборови: „Ете — злото ќе мине од народ кон народ, и голем виор ќе се подигне од краиштата земни. А во оној ден ќе има поразени од Господа од едниот крај на земјата до другиот; тие нема да бидат оплакани, ни прибрани ниту погребани, туку ќе бидат како ѓубре по земјата“ (Јеремија 25:32, 33).
Потресни зборови! Но, за разлика од природните катастрофи и несреќи, оваа неволја нема да биде колеж на слепо. Всушност, преживувањето — твоето преживување — е возможно!
Време на итност
За потполно да се сфати овој факт, мора да се разбере зошто воопшто ќе се случи оваа глобална неволја. Всушност, таа е единственото реално решение за проблемите на човештвото. Малкумина луѓе денес се чувствуваат безбедни и сигурни. И покрај најдобрите напори на науката, заразните болести продолжуваат да го пустошат населението на Земјата. Војните кои произлегуваат од верски, племенски и политички разлики, одземаат илјадници човечки животи. Гладот придонесува за бедата и страдањето на невини мажи, жени и деца. Падот на моралот го нагризува самиот темел на општеството; дури и децата се расипани.
Едно библиско пророштво, запишано пред повеќе од 1.900 години, со забележителна точност ја опишува нашава ситуација. Тоа вели: „Мораш да сфатиш дека во последните денови времињата ќе бидат полни со опасност“ (2. Тимотеј 3:1, The New Testament in Modern English од Џ. Б. Филипс; спореди Матеј 24:3—22).
Дали ти се чини разумно дека еден Бог полн со љубов би бил рамнодушен спрема нашето неволие? Библијата вели: „Он, Бог, Кој ѝ даде облик на земјата и Кој ја создаде . . . не ненадејно ја создаде; Он ја создаде за живеење“ (Исаија 45:18). Да, наместо да дозволи оваа прекрасна планета да биде упропастена и сите нејзини жители да дојдат до својот крај, Бог ќе интервенира. Прашањето е: Како тој ќе го стори тоа?
Избери живот!
Библијата одговара во Псалм 91:7: „Кога грешниците никнуваат како трева, и кренат глава оние што вршат беззаконие, тоа е за да бидат истребени засекогаш“. Божјето решение за проблемите на Земјата е отстранувањето на самата злоба. За среќа, ова не значи дека сите луѓе треба да бидат отстранети. Псалм 36:34 нѐ уверува: „Надевај се на Господа и пази ги Неговите патишта; он ќе те воздигне, за да ја наследиш земјата; и ќе го гледаш истребувањето на грешниците“.
Овие зборови покажуват дека постои шанса да се биде спасен низ најголемата неволја која некогаш ќе го снајде човештвото. Бог ни дал избор. Зборовите со кои Мојсеј сериозно ги советувал Израелците додека тие се спремале да влезат во Ветената земја, подеднакво важат и за нас денес: „Живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое“ (5. Мојсеева 30:19). Но, како точно некој ‚избира живот‘ и се спасува? Што навистина значи вистинското спасение?
[Извор на слика на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Експлозија: Copyright © Gene Blevins/Los Angeles Daily News
[Извор на слика на страница 3]
Yunhap News Agency/Sipa Press