Дали жетвените празници му се угодни на Бог?
СОЧНОТО овошје, вкусниот зеленчук и сноповите од здрави зрна натрупани високо, претставуваат привлечна слика. Во време на жетва, таквите изложувања ги красат олтарите и проповедалниците на црквите ширум Англија. Во Европа, како и каде било на друго место, бројни свечености го обележуваат и почетокот и крајот на жетвената сезона.
Оние чијашто живеачка зависи од почвата, особено се благодарни за родот од земјата. Всушност, Бог ја повикал древната израелска нација да слави три годишни празника кои биле тесно поврзани со жетвата. Во рана пролет, за време на Празникот на бесквасни погачки, Израелците му принесувале на Бог сноп од првите плодови од жетвата на јачменот. На Празникот на Седмиците (односно Пентакост) во доцна пролет, тие принесувале како жртва лебови направени од првите плодови од жетвата на пченицата. Наесен доаѓал Празникот на собирање, кој го обележувал крајот на Израеловата земјоделска година (3. Мојсеева 23:14—17, НС). Овие празници претставувале „свети конгреси“ и времиња на радување (3. Мојсеева 23:2, НС; 5. Мојсеева 16:16).
Тогаш, како е со денешните жетвени прослави? Дали тие му се угодни на Бог?
Пагански врски
Вознемирен од световната природа на традиционалните банкети во жетвените времиња, како и од пијанчењето што било поврзано со прославата, еден англикански свештеник од Корнвол (Англија) одлучил во 1843 да оживее еден средновековен жетвен обичај. Тој зел малку од првото ожнеано жито и од него направил леб за прослава на причест во својата црква. Со тоа, го овековечил празникот Ламас — „христијанска“ прослава за која некои велат дека потекнува од древното обожавање на келтскиот бог Лук.a На тој начин, современиот англикански празник на жетвата има паганско потекло.
Како е со другите прослави кои се случуваат на крајот од жетвената сезона? Според Encyclopædia Britannica, многу од обичаите кои ги обележуваат овие свечености водат потекло од „анимистичкото верување во духот на зрното [житото] или мајката на зрното“. Во некои региони, земјоделците верувале дека во последниот сноп жито што треба да се ожнее, постои дух. За да го истераат духот, тие го исчукуваат житото на земја. На други места, од неколку листови од житариците, тие плетеле „кукла од зрна“ што ја чувале на безбедно за среќа сѐ до сеењето на семето следната година. Тогаш ги избраздувале класјето жито назад во почвата, со надеж дека тоа ќе ја благослови новата летнина.
Некои легенди го поврзуваат времето на жетвата со обожавањето на вавилонскиот бог Тамуз, придружник на божицата на плодноста Иштар. Откинувањето на зрелото класје жито се изедначувало со предвремената смрт на Тамуз. Други легенди времето на жетвата го поврзуваат дури и со човечка жртва — практика од која Јехова Бог се гнаси (3. Мојсеева 20:2; Јеремија 7:30, 31).
Какво е Божјето гледиште?
Божјите постапки со древниот Израел јасно откриваат дека Јехова, Творецот и Изворот на животот, барал исклучителна оддаденост од своите обожаватели (Псалм 35:9; Наум 1:2, НС). Во времето на пророкот Језекиил, практиката на оплакување на богот Тамуз претставувала ‚голема одвратност‘ во Јеховини очи. Ова, заедно со други лажни религиозни ритуали, предизвикало Бог да ги затвори своите уши пред молитвите на тие лажни обожаватели (Језекиил 8:6, 13, 14, 18).
Спореди го ова со она што Јехова го поучил Израел да го држи во врска со жетвата. На Празникот на собирање, Израелците одржувале свечен собир при кој млад и стар, богат и сиромав, живееле во привремени живеалишта украсени со бујни листови од прекрасни дрвја. За нив ова било време на големо радување, но и време да размислуваат за избавувањето што Бог им го дал на нивните предци во времето на Егзодусот од Египет (3. Мојсеева 23:40—43).
За време на израелските празници, на Јехова, единствениот вистинит Бог, му биле принесувани приноси како жртва (5. Мојсеева 8:10—20). Што се однесува до претходно споменатите анимистички верувања, Библијата никаде не зборува дека родот, како што се сноповите од жито, има душаb. Всушност, Писмото јасно покажува дека идолите остануваат неживи, неспособни да зборуваат, да гледаат, да слушаат, да мирисаат, да чувствуваат или, пак, да им понудат каква и да е помош на своите обожаватели (Псалм 113:13—16; Римјаните 1:23—25).
Христијаните денес не се под сојузот на Законот што Бог го склучил со древната нација Израел. Всушност, Бог ‚го тргнал од патот, така што го приковал на Исусовиот маченички столб‘ (Колосјаните 2:13, 14, НС). Јеховините денешни слуги живеат според „законот Христов“ и се оѕвиваат со ценење на сѐ она што Бог го обезбедува (Галатјаните 6:2).
Апостол Павле јасно навел дека еврејските празници биле „сенка на идните работи“, додавајќи „но реалноста му припаѓа на Христа“ (Колосјаните 2:16, 17, НС). Како последица од тоа, вистинските христијани го прифаќаат библиското резонирање: „Она што го принесуваат незнабожците како жртва, го принесуваат на бесови, а не на Бога . . . Не можете да пиете од Господова чаша и од бесовска чаша“ (1. Коринтјаните 10:20, 21). Освен тоа, христијаните внимаваат на упатството да ‚не се допираат до нечисто‘. Дали жетвените празници во твоето соседство имаат пагански или лажни религиозни призвуци? Ако да, вистинските христијани можат да избегнат да предизвикаат незадоволство кај Јехова со тоа што ќе одбијат какво и да е мешање во загадено обожавање (2. Коринтјаните 6:17).
Кога едно дете полно со ценење ќе добие подарок од својот татко, на кого му благодари? На некој тотален туѓинец или на својот родител? Со срдечна молитва, Божјите обожаватели секојдневно му благодарат на Јехова, својот небесен Татко, за неговата обилна дарежливост (2. Коринтјаните 6:18; 1. Солунјаните 5:17, 18).
[Фусноти]
a Зборот „Ламас“ е изведен од еден староанглиски збор кој значи „лебна маса“.
b Insight on the Scriptures наведува: „Не́феш (душа) не е употребен во врска со создавањето на билниот свет на третиот ‚ден‘ на создавањето (1Мо 1:11—13) или после тоа, бидејќи вегетацијата е бескрвна (издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.).