Аристарх — лојален придружник
МЕЃУ многуте доверливи соработници на апостол Павле бил и Аристарх. На што помислуваш кога го слушаш неговото име? На нешто? Дали би можел да кажеш каква улога одиграл во развивањето на раната христијанска историја? Иако Аристарх можеби не е некоја од библиските личности со кои сме многу запознати, сепак бил вклучен во извесен број епизоди раскажани во Христијанските грчки списи.
Тогаш, кој бил Аристарх? Во каков однос бил со Павле? Зошто може да се каже дека Аристарх бил лојален придружник? И кои лекции можеме да ги научиме од испитувањето на неговиот пример?
Аристарховото драматично влегување во извештајот од книгата Дела доаѓа од среде вревата и збрката на една хистерична толпа во градот Ефес (Дела 19:23—40). Правењето сребрени светилишта на лажното божество Артемида било профитабилен потфат за Димитриј и за други ефески кујунџии. Така, кога Павловата проповедничка кампања во градот предизвикала еден приличен број луѓе да го напуштат нечистото обожавање на оваа божица, Димитриј ги разбранувал другите занаетчии. Им рекол дека Павловото проповедање не само што поставувало закана за нивната финансиска сигурност туку дека тоа ја покренувало и можноста обожавањето на Артемида да пропадне.
Не можејќи да го најде Павле, лутата толпа присилно ги одвлечкала неговите придружници Аристарх и Гај во театарот. Бидејќи тие двајцата биле во прилично голема опасност, пријателите го молеле Павле да „не се појавува на собиралиштето [театарот, НС]“.
Претстави се себеси во таа ситуација. Околу два часа, хистеричната толпа извикувала: „Велика е Артемида Ефеска!“ Тоа што се нашле на милост и немилост на фанатичната маса без да можат дури и да зборуваат во сопствена одбрана, сигурно било вистински застрашувачко тешко искушение за Аристарх и Гај. Сигурно се прашувале дали ќе излезат од него живи. За среќа, излегле. Навистина, живоста на Лукиниот извештај водела до тоа извесни научници да предложат дека тој црпел сведоштва од очевидци, можеби од Аристарх и Гај лично.
Конечно, градскиот писар го смирил метежот. Сигурно било огромно ослободување за Аристарх и Гај кога го чуле како објективно ја признал нивната невиност, а потоа кога виделе како вревата околу нив се изгубила.
Како би се чувствувал ти после едно вакво искуство? Дали би заклучил дека, да се биде мисионерски придружник на Павле, не би било нешто за тебе, дека тоа е премногу опасно и дека би било подобро да побараш помирен живот? Аристарх не мислел така! Бидејќи бил од Солун, веројатно веќе бил многу добро свесен за опасностите од објавувањето на добрата вест. Кога Павле проповедал во неговиот град само неколку години пред тоа, и таму избил бунт (Дела 17:1—9; 20:4). Аристарх лојално останал покрај Павле.
Од Грција до Ерусалим
Неколку месеци после бунтот на кујунџиите, Павле бил во Грција и штотуку требало да тргне со едро за Сирија на пат до Ерусалим кога ‚Јудејците направиле заговор против него‘ (Дела 20:2, 3). Кого го наоѓаме со Павле во тие опасни околности? Аристарх!
Оваа нова закана предизвикала Павле, Аристарх и нивните придружници да ги променат плановите, патувајќи прво преку Македонија, потоа со застанување по должината на брегот на Мала Азија пред конечно, во Патара, да се качат за Феникија (Дела 20:4, 5, 13—15; 21:1—3). Целта на ова патување очигледно била да ги достават прилозите од христијаните во Македонија и Ахаја до нивните браќа кои биле во оскудица во Ерусалим (Дела 24:17; Римјаните 15:25, 26). Еден голем број патувале заедно, можеби бидејќи оваа одговорност им била доверена од различни собранија. Без сомнение, една таква голема група би обезбедила и поголема сигурност.
Аристарх имал голема предност да го придружува Павле од Грција до Ерусалим. Меѓутоа, нивното следно патување требало да ги поведе од Јудеја сѐ до Рим.
Патувањето до Рим
Овојпат околностите биле сосема поинакви. Павле бил во притвор во Ќесарија две години, поднел жалба до Цезарот и требало во вериги да биде испратен во Рим (Дела 24:27; 25:11, 12). Обиди се да си замислиш како се чувствувале Павловите придружници. Патувањето од Ќесарија до Рим требало да биде долго и емоционално напорно, со непредвидлив исход. Кој би можел да оди со него за да му понуди поддршка и помош? Биле избрани двајца мажи или се ставиле на располагање како доброволци. Тоа биле Аристарх и Лука, писателот на Дела (Дела 27:1, 2).
Како можеле Лука и Аристарх да се качат на истиот брод во првиот дел од патувањето за Рим? Историчарот Ѓузепе Рикоти предлага: „Тие двајца се качиле како приватни патници . . . или, поверојатно, биле пуштени преку љубезноста на центурионот кој се преправал дека ги смета како Павлови робови, бидејќи законот допуштал еден римски граѓанин да биде потпомаган од двајца робови“. Колку само мора да бил ободрен Павле од нивната присутност и охрабрување!
Лука и Аристарх ја покажале својата љубов кон Павле по цена и по ризик за самите себе. Всушност, тие доживеале една ситуација опасна по живот кога, заедно со својот заробен придружник, имале бродолом на островот Малта (Дела 27:13—28:1).
Павлов „созаробеник“
Кога Павле ги напишал своите писма до колосјаните и до Филемон во 60 и 61 н. е., Аристарх и Лука сѐ уште биле покрај него во Рим. На Аристарх и Епафрас се укажува како на Павлови ‚созаробеници‘ (Колосјаните 4:10, 14, НС; Филемон 23). Затоа, се чини дека извесно време Аристарх ги делел затворските пранги на Павле.
Иако Павле бил затвореник во Рим најмалку две години, нему му било дозволено да живее под стража во сопствена изнајмена куќа, каде што можел да им ја објавува добрата вест на посетителите (Дела 28:16, 30). Тогаш, Аристарх, Епафрас, Лука и други му служеле на Павле, помагајќи му и поддржувајќи го.
„Зајакнувачка помош“
После разгледување на различните епизоди од инспирираниот библиски извештај во кои се појавува Аристарх, каква слика се открива? Според писателот В. Д. Томас, Аристарх „истапува како човек кој би можел да се соочи со противење и да излезе со неоштетена вера и со неговата несмалена решеност да служи. Истапува како човек кој го љубел Бог не само во добрите денови, кога сонцето светело од плаво небо, туку и низ ругање и бури“.
Павле вели дека Аристарх и некои други му биле „зајакнувачка помош“ (НС) (грчки парегори́ја), то ест извор на утеха (Колосјаните 4:10, 11). Така, тешејќи и бодрејќи го Павле, Аристарх бил вистински придружник во времиња на потреба. Да се има друштвото и пријателството на апостолот во период од неколку години сигурно било многу задоволувачко и духовно збогатувачко искуство.
Можеби ние не се наоѓаме во околности кои се така драматични како оние кои ги доживеал Аристарх. Сепак, на сите кои се во денешното христијанско собрание им е потребна слична лојалност кон Христовите духовни браќа и кон Јеховината организација. (Спореди Матеј 25:34—40.) Постои веројатност дека, порано или подоцна, сообожавателите кои ги знаеме ќе поднесуваат неволја или несреќа, можеби поради ужаленост, болест или други испити. Останувајќи им верни и давајќи им помош, утеха и охрабрување, можеме да најдеме радост и можеме да докажеме дека сме лојални придружници. (Спореди Изреки 17:17; Дела 20:35.)