Видов како ,малиот‘ станува „силен народ“
РАСКАЖАЛ ВИЛИЈАМ ДИНМЕН
Беше тоа 1936 година; место Сејлем (Орегон, САД). Присуствував на еден состанок на Јеховините сведоци. Беше поставено прашањето: „Каде е големото мноштво?“ (Откровение 7:9). Јас бев единствениот нов, па затоа сите покажаа кон мене и рекоа: „Еве го!“
ВО СРЕДИНАТА на 1930-тите, меѓу Јеховините сведоци имаше релативно малкумина кои ја имаа библиската надеж да живеат засекогаш во рајот на Земјата (Псалм 36:29; Лука 23:43). Оттогаш работите драматично се изменија. Но, дозволете ми да кажам за настаните што доведоа до тоа да бидам на тој состанок во Сејлем (Орегон).
Татко ми беше претплатник на Златен век, поранешно име за списанието Разбудете се! Додека бев тинејџер, се радував кога го читав и се уверив дека тоа содржи важна библиска вистина. Така, еден ден испратив купон што се појавуваше на последната страна од Златен век. Тој му нудеше на читателот 20 џебни брошури, една книга и името на најблиското собрание на Јеховините сведоци. Откако ја добив литературата, отидов од куќа до куќа и ги дадов сите џебни брошури, како и книгата.
Во тоа време, никој не ја проучуваше Библијата со мене. Всушност, никогаш немав зборувано со ниеден Јеховин сведок. Но сега, со адресата в рака од најблиската Сала на Царството, возев околу 40 км до Сејлем (Орегон) за да присуствувам на состанок. Тоа беше таму, кога имав само 18 години, а ме издвоија како „големо мноштво“.
Иако практично немав подготовка за службата, почнав да проповедам со собранието Сејлем. Бев охрабрен во моето сведочење да вклучам три основни точки. Прво, дека Јехова е Бог; второ, дека Исус Христос е негов наименуван Цар и трето, дека Царството е единствената надеж за светот. Се обидов да ја споделам таа порака на секоја врата.
Откако две години се дружев со Јеховините сведоци во Сејлем, се крстив на 3 април 1938. Пријателите во Сејлем беа восхитени кога видоа како се крштаваме неколкумина од нас — ,големото мноштво‘. Во февруари 1939 станав пионер, т. е. полновремен министер. Во декември таа година, ја прифатив поканата да се преселам во Аризона каде што имаше поголема потреба од објавители на Царството.
Пионерење во Аризона
Делото на Јеховините сведоци во Аризона беше ново и таму имаше многу погрешно сфаќање за нас, така што кога Соединетите Држави стапија во II светска војна, доживеавме големо прогонство. На пример, додека служев во Стафорд (Аризона) во 1942, се зборуваше дека една толпа Мормони ќе нѐ нападне. Се потрефи моите партнери-пионери и јас да живееме близу куќата на еден мормонски бискуп кој нѐ почитуваше, и тој рече: „Доколку мормонските мисионери беа исто толку активни како и Сведоците, тогаш мормонската црква ќе стигнеше некаде“. Така, во црквата тој отворено проговори и рече: „Слушам, се зборува дека една толпа ќе ги нападне момчињата Сведоци. Па, јас живеам близу тие момчиња и, доколку толпата ги нападне, ќе има сачмарка преку оградата. Сачмарката ќе биде употребена — но не против Сведоците. Ќе биде употребена против членовите на толпата. Па така, ако сакате како толпа да ги нападнете, знајте што ве очекува“. Толпата никогаш не дојде.
Во текот на моите три години во Аризона, неколкупати бевме апсени и ставани в затвор. Еднаш ме држеа 30 дена. За да се бориме со шиканирањето од страна на полицијата во нашата служба, го формиравме она што го нарековме летечка единица. Сведокот кој беше одговорен ни рече: „Токму како што е нашето име, такви сме и ние. Почнуваме во пет или шест наутро, оставаме трактат или џебна брошура на секоја врата, а потоа летаме“. Нашата „летечка единица“ обработи прилично голем дел од државата Аризона. Меѓутоа, на крај таа беше распуштена бидејќи тој облик на проповедање не ни дозволуваше да им дадеме помош на оние кои беа заинтересирани.
Гилеад школа и специјална служба
Во декември 1942, јас бев меѓу неколкуте пионери во Аризона кои добија писмо со покана за една нова мисионерска школа што тогаш ја основаа Јеховините сведоци. На почетокот, школата беше наречена Библиски колеџ Гилеад на Watchtower. Подоцна, името беше сменето во Библиска школа Гилеад на Watchtower. Студентскиот дом беше лоциран скоро 4.800 километри од градот Итака, во северниот дел од државата Њујорк.
После една кратка посета на Орегон, во јануари 1943 неколкумина од нас пионерите ја напуштивме горештината на аризонската пустина со автобус на Греихаунд. После неколку дена, стигнавме на нашата дестинација и го најдовме снегот карактеристичен за зимата во северниот дел од државата Њујорк. Школата се отвори на 1 февруари 1943, кога нејзиниот претседател Натан Х. Нор во своето обраќање при инаугурацијата, на стотте студенти им рече: „Целта на овој колеџ НЕ е за да ве опреми да бидете ординирани министри. Вие веќе сте министри и со години сте активни во службата . . . Курсот за студирање на овој колеџ е за една исклучителна намера — да ве подготви да бидете поспособни министри на подрачјата во кои ќе одите“.
Бидејќи имав ограничено световно школување, на почетокот во Гилеад се чувствував како риба на суво. Но, инструкторите имаа големо разбирање за мене и почнав многу да уживам во моите студии. Нашиот клас дипломираше после пет месеци интензивна обука. После тоа, неколкумина од нас бевме испратени во светската централа на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк) каде што добивме понатамошно обучување за да нѐ подготви да служиме во патувачкото дело како покраински надгледници. Мојата прва доделба беа Северна и Јужна Каролина.
Во тие рани денови, покраинскиот надгледник беше речиси постојано во движење. Останувавме по еден ден во мало собрание или по два ако тоа беше големо. Повеќето собранија во тоа време беа мали. Така, откако ќе поминев цел ден, а честопати се задржував скоро до полноќ посетувајќи и одговарајќи на прашања, станував околу пет следното утро за да патувам до следното собрание. Во патувачкото дело служев околу една година, а после тоа извесно време пионерев во Тенеси и Њујорк.
Во Куба и на пат за Порторико
Во мај 1945, заедно со неколкумина други, бев испратен на мојата прва странска мисионерска доделба — Куба! Ноќта кога стигнавме во Хавана, кубанскиот главен град, излеговме во делото со списанија. Во Хавана останавме сѐ додека не пронајдовме дом во Санта Клара. Нашиот месечен џепарлак беше само 25 долари за сите неопходни работи, вклучувајќи ја храната и киријата. Кревети и намештај направивме од материјалите кои ги имавме на располагање, а како наша витрина со фиоки користевме кутии од јаболка.
Следната година бев доделен во патувачкото дело. Во тоа време, цела Куба беше една покраина. Бидејќи покраинскиот надгледник пред мене имал долги нозе и уживал да пешачи, браќата и сестрите буквално морале да трчаат за да држат чекор со него. Очигледно тие си замислувале дека јас ќе бидам ист, па затоа ги имаа испланирано работите за мојата посета. Сите не излегуваа во службата истиот ден, но беа поделени во групи и наизменично се менуваа работејќи со мене. Првиот ден една група ме однесе на едно оддалечено подрачје; следниот ден друга група ме однесе на друго оддалечено подрачје итн. На крајот од посетата бев истоштен, но уживав во неа. Имам нежни спомени за тоа собрание.
До 1950, во Куба имавме над 7.000 објавители на Царството, скоро истиот број што го имаше Мексико. Во јули таа година, присуствував на меѓународниот конгрес Раст на теократијата, на Јенки стадионот во Њујорк Сити. После тоа добив нова мисионерска доделба — Порторико. Меѓу новите мисионери од 12. клас на Гилеад беа Естел и Телма Викли, кои ме придружуваа на летот до Порторико.
После осум години, Естел и јас се венчавме со една едноставна церемонија во Бајамон (Порторико), одржана на подиумот за време на паузата на нашиот покраински собир. Како пред, така и после нашето венчавање служев во покраинското дело. Во текот на нашите повеќе од десет години во Порторико, Естел и јас видовме голем пораст — од помалку од 500 објавители на повеќе од 2.000. Можевме да им помогнеме на многумина до степенот на предание и крштавање, а и учествувавме во основањето на неколку нови собранија.
Во декември 1960, Милтон Хеншел од светската централа на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк), го посети Порторико и зборуваше со мисионерите. Тој праша дали некои би се ставиле на располагање за друга доделба. Меѓу тие кои доброволно се пријавија бевме Естел и јас.
Нашиот дом во Доминиканска Република
Нашата нова доделба беше Доминиканска Република, и 1 јуни 1961 го поставивме како наш датум за преместување. На 30 мај, на доминиканскиот диктатор Рафаел Трухилјо му беше извршен атентат и летовите за земјата беа откажани. Но, наскоро летовите повторно беа воспоставени и можевме да летаме за Доминиканска Република на 1 јуни, како што и планиравме.
Кога пристигнавме, земјата беше во состојба на немир и имаше прилично голема воена активност. Постоеше страв од револуција и војниците го претресуваа секого на автопатот. Бевме стопирани на неколку контролни места и на секое место нашиот багаж беше претресуван. Вадеа сѐ од нашите куфери, па дури и најмалите работи. Тоа беше нашата увертира во Доминиканската Република.
Неколку седмици отседнавме во главниот град Санто Доминго пред да одиме на нашта прва доделба — Ла Романа. За време на диктаторството на Трухилјо, на јавноста ѝ било кажано дека Јеховините сведоци се комунисти и дека се најлошиот вид луѓе. Како последица од тоа, Сведоците биле сурово прогонувани. Но, малку по малку, можевме да ги скршиме предрасудите.
Откако кратко време работевме во Ла Романа, пак започнавме да служиме во патувачкото дело. Потоа, во 1964 бевме доделени како мисионери во градот Сантјаго. Следната година, во Доминиканската Република избувна револуција и земјата пак беше во состојба на метеж. За време на тој конфликт ние бевме префрлени во Сан Франциско де Макорис, град познат по својот политички активизам. Сепак, проповедавме слободно без пречки. И покрај политичкиот немир, формиравме дури и едно ново собрание. Низ годините што следеа доживеавме понатамошни промени во доделбата пред да бидеме повторно доделени во нашиот сегашен дом, во Сантјаго.
Секако дека видовме Јеховин благослов над делото тука во Доминиканска Република. Кога стигнавме, во 1961, имаше околу 600 Сведоци и 20 собранија. Сега има речиси 20.000 објавители кои ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство, во повеќе од 300 собранија. Изгледите за понатамошен пораст се огромни, како што се гледа од посетеноста на Меморијалот на Христовата смрт во 1997 — 81.277 присутни. Тоа е околу три и пол пати повеќе од бројот на објавители!
Сега силен народ
Иако сцената на светот продолжува да се менува, библиската порака што Јеховините сведоци ја проповедаат останува иста (1. Коринтјаните 7:31). Јехова сѐ уште е Бог, Христос сѐ уште е Цар, а поочигледно од кога и да е порано Царството е единствената надеж за светот.
Истовремено, откако присуствував на тој состанок во Сејлем (Орегон) пред околу 60 години, меѓу Јеховините сведоци се случи чудесно преобразување. Големото множество, односно големото мноштво, стана големо броејќи преку пет милиони. Тоа е токму онака како што Јехова претскажал за својот народ: „Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот — силен народ. Јас, Господ, ќе побрзам да го завршам тоа навреме“ (Исаија 60:22).
После скоро 60 години во полновремена служба, среќен сум што ја имам радоста да продолжам да проповедам и да поучувам на мојата мисионерска доделба. Каква само голема предност е да се има удел во тоа дело и да се види како ,малиот‘ станал „силен народ“!
[Слика на страница 21]
Со мојата сопруга во Доминиканска Република