Варди се од „епикурејците“
„Тој е толку фин! Живее според високи морални мерила. Не пуши, не злоупотребува дрога ниту, пак, користи лош јазик. Всушност, тој е пофин од некои кои тврдат дека се христијани!“
ДАЛИ си чул како некои го користат тој начин на резонирање за да ги оправдаат неприкладните пријателства кои ги негуваат? Дали тоа се докажува вистинито под библиско испитување? Еден пример од раното христијанско собрание фрла светлина на таа работа.
Во првиот век, апостол Павле го предупредил коринтското собрание: „Не лажете се. Лошите зборови [друштва, НС] ги расипуваат добрите обичаи“. Можеби некои христијани тесно се дружеле со поединци кои биле под влијание на грчката филозофија, вклучувајќи ја и филозофијата на епикурејците. Кои биле епикурејците? Зошто тие би претставувале духовна закана за христијаните во Коринт? Постојат ли денес луѓе како нив од кои треба да се чуваме? (1. Коринтјаните 15:33).
Кои биле епикурејците?
Епикурејците биле следбеници на грчкиот филозоф Епикур, кој живеел од 341 до 270 пр. н. е. Тој научувал дека задоволството е единственото или главното добро во животот. Дали тоа значи дека епикурејците живееле скандалозно, без начела, прибегнувајќи кон деградирачки практики во постојана потрага по забава? Изненадувачки е тоа што Епикур не ги поучувал своите следбеници да живеат на тој начин! Наместо тоа, тој научувал дека задоволството најдобро се стекнува преку живеење во склад со претпазливоста и мудроста, храброста, самосовладувањето и правдата. Тој го застапувал тежнеењето, не по некое непосредно и моментално задоволство, туку по задоволство кое трае низ целиот живот. Така, епикурејците можеби изгледале доблесно кога ќе се споредат со оние кои практикувале тежок грев. (Спореди Тит 1:12.)
Слично на христијанството?
Доколку си бил член на раното христијанско собрание, дали би бил импресиониран од епикурејците? Некои можеби резонирале дека навидум високата етика на епикурејците ги правела безопасни другари за христијаните. Рационализирајќи понатаму, коринтјаните можеби ги забележале привидните паралели меѓу епикурејските мерила и оние од Божјата Реч.
На пример, епикурејците применувале умереност во нивното тежнеење по уживање. Задоволствата на умот ги вреднувале над физичките задоволства. Она што некое лице јадело не било толку важно колку што бил неговиот однос со лицето со кое го јадело тоа. Епикурејците се воздржувале дури и од политичка вмешаност и од тајно престапување. Колку само лесно можело да се претпостави: „Тие се многу слични на нас!“
Меѓутоа, дали навистина епикурејците биле слични на раните христијани? Апсолутно не. Оние со правилно обучена моќ на согледување би можеле да пронајдат значителни разлики (Евреите 5:14, НС). Можеш ли и ти? Ајде од поблиску да ги разгледаме Епикуровите учења.
Мрачната страна на епикуреизмот
За да им помогне на луѓето да го совладаат стравот од божествата и од смртта, Епикур научувал дека боговите не се интересираат за човештвото и дека не интервенираат во човечките работи. Според Епикур, боговите не го создале универзумот, и животот настанал случајно. Зарем ова јасно не се спротивставувало на библиското учење дека постои „еден Бог“, Творец, и дека тој се грижи за своите човечки суштества? (1. Коринтјаните 8:6; Ефесјаните 4:6; 1. Петрово 5:6, 7).
Исто така, Епикур научувал дека не може да постои живот после смртта. Се разбира, тоа било спротивно на библиското учење за воскресението. Всушност, кога апостол Павле зборувал на Ареопагот, веројатно епикурејците биле меѓу оние кои влегле во расправија со Павле во врска со доктрината за воскресение (Дела 17:18, 31, 32; 1. Коринтјаните 15:12—14).
Можеби најопасниот елемент во филозофијата на Епикур бил и најприкриен. Неговото порекнување на задгробен живот го довело до заклучок дека човекот треба да живее колку што е можно посреќно во текот на своето кратко време на Земјата. Како што видовме, неговата идеја не морала да значи да се живее грешно туку, наместо тоа, да се ужива сегашноста, зашто сегашноста е сѐ што имаме.
Така, Епикур одвраќал од тајно престапување за да се избегне стравот од тоа да се биде откриен — јасна закана за сегашната среќа. Тој охрабрувал на умереност за да се избегнат последиците од преголемата попустливост — друга препрека за сегашната среќа. Исто така, тој охрабрувал на добри односи со другите бидејќи нивното возвраќање се исплаќало. Се разбира, избегнувањето тајно престапување, практикувањето умереност и негувањето пријателства, сами по себе, се добри. Тогаш, зошто филозофијата на Епикур била опасна за еден христијанин? Бидејќи неговиот совет бил темелен на неговото безверно гледиште: „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме“ (1. Коринтјаните 15:32).
Се разбира, Библијата им покажува на луѓето како да живеат среќно сега. Меѓутоа, таа советува: „Запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ, Исуса Христа, за вечен живот“ (Јуда 21). Да, Библијата става поголем нагласок на вечната иднина, не на краткотрајната сегашност. За еден христијанин служењето на Бог е главниот интерес, и увидува дека кога го става Бог на прво место, тој е среќен и исполнет. На сличен начин, наместо да стане преокупиран со сопствените лични интереси, Исус несебично ја трошел својата енергија служејќи му на Јехова и помагајќи им на луѓето. Тој ги поучувал своите ученици да им прават добро на другите, не со надеж дека ќе им биде возвратено, туку од вистинска љубов кон нив. Јасно, основните мотиви на епикуреизмот и на христијанството се тотално различни (Марко 12:28—31; Лука 6:32—36; Галатјаните 5:14; Филипјаните 2:2—4).
Прикриена опасност
Иронично, иако епикурејците ставале таков нагласок на тоа да бидат среќни, нивната среќа — во најдобра рака — била ограничена. Недостасувајќи му ,радост Јеховина‘, Епикур го нарекол животот „горчлив дар“ (Неемија 8:10, НС). Колку само биле среќни раните христијани во споредба со нив! Исус не препорачувал несреќен живот на самолишување. Всушност, следењето на неговиот правец е патот до најголема среќа (Матеј 5:3—12).
Доколку некои членови на собранието во Коринт мислеле дека би можеле да се дружат со оние кои биле под влијание на епикурејското размислување, без да ја загрозуваат својата вера, се лажеле. Во времето кога Павле го пишувал своето Прво писмо до Коринтјаните, некои од нив веќе ја имале изгубено верата во воскресението (1. Коринтјаните 15:12—19).
Епикуреизам денес?
Иако епикуреизмот исчезнал во четвртиот век н. е., денес постојат некои кои усвојуваат слично гледиште — „живеј денес за денес“. Тие луѓе полагаат мала или никаква вера во Божјето ветување за вечен живот. Сепак, некои од нив имаат релативно високи мерила на однесување.
Еден христијанин би можел да биде искушан да развива близок однос со таквите, можеби резонирајќи дека нивните пристојни особини го оправдуваат пријателството. Меѓутоа, иако не се сметаме себеси за супериорни, мораме да задржиме на ум дека сите „лоши друштва“ — вклучувајќи ги и оние чие влијание е поприкриено — „ги расипуваат корисните обичаи“.
Филозофијата „живеј денес за денес“ се појавува и во некои деловни семинари, книги за самопомош, романи, филмови, телевизиски програми и музика. Иако директно не унапредува грешно однесување, би можело ли ова безверно гледиште да влијае врз нас на прикриени начини? На пример, би можеле ли да станеме толку преокупирани со себеисполнувањето што го губиме од видик спорното прашање за Јеховиниот суверенитет? Би можеле ли да бидеме застранети во ставот ,без брзање‘ наместо „богати во делото Господово“? Или, пак, би можеле ли да бидеме заведени да се сомневаме во правилноста и користите од Јеховините мерила? Треба да се чуваме како од изложеноста на отворен неморал, насилство и спиритизам така и од оние кои се под влијание на световни гледишта! (1. Коринтјаните 15:58; Колосјаните 2:8).
Затоа, да негуваме другарство првенствено со оние кои сесрдно го следат Јеховиното водство (Исаија 48:17). Како резултат на тоа, ќе бидат зајакнати нашите корисни навики. Нашата вера ќе биде засилена. Ќе живееме среќно, не само сега туку и во иднина со изглед за вечен живот (Псалм 25:4, 5; Изреки 13:21).
[Слика на страница 24]
Епикур научувал дека боговите не се интересираат за човештвото
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола од British Museum