Тие ја извршувале Јеховината волја
Пример за самопожртвуваност и лојалност
ОНА што започнало како рутински ден на орање за еден млад земјоделец по име Јелисеј, испаднало најзначајниот ден во неговиот живот. Додека работел на нивата, Јелисеј добил една неочекувана посета од Илија, најистакнат израелски пророк. ,Што би можел тој да бара од мене?‘ можеби се прашувал Јелисеј. Тој не морал да чека долго за одговор. Илија ја наметнал својата службена облека на Јелисеј, покажувајќи дека еден ден Јелисеј ќе биде негов наследник. Јелисеј не го сметал ова повикување лекомислено. Без збор, тој ја оставил својата нива за да му стане служител на Илија (3. Царства 19:19—21).
Околу шест години подоцна, дошло време Илија да си оди. Извештајот за неговото заминување е наречен „еден од најимпресивните раскази“ во Хебрејските списи.
Илија се подготвува да замине
Илија сакал за последен пат да ги посети Ветил, Јерихон и Јордан. Тоа би вклучувало многу километри пешачење, од кое дел е низ остри планински подрачја. На секое застанување од патувањето, Илија го охрабрувал Јелисеј да остане таму. Но, Јелисеј инсистирал да остане со својот господар сѐ до крајот (4. Царства 2:1, 2, 4, 6).
Додека биле во Ветил и во Јерихон, на Јелисеј му пристапиле „синовите пророчки“.a „Дали навистина знаеш дека Јехова денес му го одзема поглаварството на твојот господар над тебе?“ (НС) го прашале тие. „И јас знам“, одговорил тој. „Молчете“ (4. Царства 2:3, 5).
Потоа, Илија и Јелисеј тргнале кон реката Јордан. Кога стигнале до Јордан, Илија извршил едно чудо додека околу 50 пророчки синови го гледале од далечина. „Тогаш го зеде Илија кожувот свој, го свитка и удри со него по водата, и таа се раздели на две страни, па така и двајцата минаа по суво“ (4. Царства 2:8).
Штом поминале, Илија му рекол на Јелисеј: „Барај, што сакаш да ти направам, пред да бидам земен од тебе“. Јелисеј побарал „два дела“ (НС) од духот на Илија — т. е. двојниот дел што нормално би му припаѓал на еден првороден син. Навистина, Јелисеј му оддал чест на Илија токму како што еден првороден син би му оддал чест на својот татко. Понатаму, тој бил помазан да стане наследник на Илија како Јеховин пророк во Израел. Така, неговото барање не било ниту себично ниту несоодветно. Сепак, знаејќи дека само Јехова би можел да му го исполни тоа барање, Илија скромно одговорил: „Бараш нешто многу тешко“. Потоа додал: „Ако видиш, како ќе бидам земен од тебе, така ќе ти биде; ако, пак, не видиш, нема да ти биде“ (4. Царства 2:9, 10; 5. Мојсеева 21:17).
Без сомнение, Јелисеј бил поодлучен од кога и да е порано да остане близу до својот господар. Потоа, се појавиле „огнена кола и огнени коњи“. Токму пред вчудовидените очи на Јелисеј, Илија бил кренат во еден виор — чудесно пренесен на друго место.b Јелисеј ја зел службената облека на Илија и се вратил назад на брегот на реката Јордан. Тој удрил во водите велејќи: „Каде е Господ, Бог Илиев? Он Самиот?“ Водите се разделиле, давајќи јасен доказ дека Јелисеј имал божествена поддршка како Илиин наследник (4. Царства 2:11—14).
Лекции за нас
Кога му била упатена покана за специјална служба со Илија, Јелисеј веднаш ја оставил својата нива за да му служи на израелскиот најистакнат пророк. Очигледно, некои од неговите должности биле ниски, зашто станал познат како оној кој ,полевал вода на Илиевите раце‘c (4. Царства 3:11). Сепак, Јелисеј гледал на своето дело како на предност и лојално останал покрај Илија.
Многу од Божјите денешни слуги покажуваат сличен дух на самопожртвуваност. Некои ги оставиле своите „нивје“ — своите живеачки — за да ја проповедаат добрата вест во оддалечени подрачја или за да служат како членови на некоја бетелска фамилија. Други, пак, патувале во странски земји за да работат на градежните проекти на Заедницата. Многумина прифатиле нешто што би можело да се нарече ниска задача. Сепак, ниту еден кој му робува на Јехова не извршува безначајна служба. Јехова ги цени сите оние кои спремно му служат и ќе го благослови нивниот дух на самопожртвуваност (Марко 10:29, 30).
Јелисеј до крајот останал покрај Илија. Тој одбил да го напушти остарениот пророк, дури и кога му била понудена прилика. Несомнено, блискиот однос што го негувал со Илија направил таквата лојална љубов да причинува задоволство. Денес, Божјите слуги се стремат да го зајакнуваат својот однос со Бог и повеќе да им се приближат на своите соверници. Тесната врска на единство ќе биде благословена, зашто за Јехова Библијата вели: „Со некој лојален ти ќе постапиш лојално“ (2. Самуил 22:26, НС).
[Фусноти]
a Терминот „синовите пророчки“ може да означува школа на поука за оние кои се повикани за тој позив или едноставно кооперативна заедница од пророци.
b Пораката на Илија до царот на Јуда, Јорам, била напишана неколку години подоцна (2. Летописи 21:12—15).
c Било вообичаено еден слуга да полева вода за миење на рацете на неговиот господар, особено после оброците. Оваа практика била слична на миењето нозе, што било акт на гостољубивост, почитување и, во извесни односи, на понизност (1. Мојсеева 24:31, 32; Јован 13:5).