Дали секое жалење е лошо?
Има ли поболни додевања од оние на кои не можеме да се жалиме? — Маркиз де Кустин (1790—1857)
ДВЕ години, таа морала да поднесува сексуално шиканирање од еден колега. Нејзините протести довеле до вербална злоупотреба и игнорирање. Воздржаниот стрес влијаел врз нејзиното здравје, но што можела да прави? На сличен начин, еден студент кој бил на врвот во својот клас, бил истеран затоа што неговата совест не му дозволувала да земе учество во вежбите по борбени вештини што се барале во училиштето. Обајцата чувствувале дека им била нанесена неправда, но дали требало да се жалат? Ако се жалеле, дали можеле да се надеваат на олеснување или, пак, тоа само би ги влошило работите?
Жалбите како овие и други денес се вообичаени, бидејќи живееме меѓу несовршени луѓе во еден неидеален свет. Жалењето вклучува цела палета од изразување пасивно незадоволство, жалост, болка или огорченост поради некоја ситуација, па до формално обвинение против некоја странка. Повеќето луѓе претпочитаат да избегнуваат жалење и конфронтација; сепак, мора ли човек секогаш да молчи? Какво е библиското гледиште?
Лоши последици врз себе и врз другите
Нема сомнение во тоа дека еден хроничен дух на жалење е штетен и е осуден во Библијата. Жалителот ќе си нанесе телесна и духовна штета себеси, како и немир на оние кои се предмет на неговите жалења. Осврнувајќи се на една сопруга која се жали, библиската изрека вели: „Непрестајно капење од стреа во дождлив ден и жена кавгаџика се едно исто“ (Изреки 27:15). Жалењето насочено против Јехова или против некоја негова подготовка особено е за прекор. Кога нацијата Израел се жалела на чудотворната мана што била обезбедувана за време на нивното 40-годишно пешачење низ пустината, нарекувајќи ја „лоша храна“, Јехова испратил отровни змии за да ги казни неучтивите жалители, и мнозина умреле (4. Мојсеева 21:5, 6).
Понатаму, Исус ги советувал своите следбеници да не се жалат од „раската“ грешки забележани кај нивните солуѓе, туку да бидеме сосема свесни за поголемата „греда“ недостатоци што ја имаме самите (Матеј 7:1—5). На сличен начин, Павле го осудил судењето на другите (еден облик на жалење) како ‚без изговор [непростливо, НС] . . . бидејќи ти, кој судиш, го правиш истото‘. Овие предупредувања против жалењето треба да нѐ поттикнат да избегнуваме да бидеме непотребно критизерски настроени и да развиваме дух на жалење (Римјаните 2:1).
Дали секое жалење е осудено?
Тогаш, дали треба да заклучиме дека сите облици на жалење треба да бидат осудени? Не, не треба. Библијата покажува дека има многу неправди во дефектниов свет во кој живееме, кои со право бараат исправка. Во една илустрација, Исус споменал еден неправеден судија кој нерадо ѝ доделил правда на една угнетена вдовица за да не ‚доаѓа веќе и да не му додева‘ (Лука 18:1—8). Во некои погледи, и ние би можеле да настојуваме во нашите жалења сѐ додека не се исправат грешките.
Со тоа што нѐ охрабрувал да се молиме да дојде Божјето Царство, зарем Исус не нѐ поттикнал силно да ги признаеме недостатоците на овој сегашен свет и да ‚викаме‘ кон Бог по лек? (Матеј 6:10). Кога „повикот [на жалење, НС]“ поради злобата на древните Содом и Гомор допрел до Јеховините уши, тој ги испратил своите гласници да видат ‚дали така се прави, како што повикот доаѓа до Него‘ и да донесат лек (1. Мојсеева 18:20, 21). За олеснување на оние кои му се жалеле, Јехова подоцна ја поправил ситуацијата уништувајќи ги двата града и нивните неморални жители.
Христијанското собрание
Дали треба да биде поинаку меѓу браќата во христијанското собрание? Иако се несовршени мажи и жени, христијаните сериозно настојуваат да му служат на Бог во мир и единство. Сепак, меѓу нив ќе настанат ситуации кои даваат повод за извесна мерка на жалење и кои бараат лек. Во првиот век, кратко по Пентакост, во собранието од помазаници настанала една ситуација. Многу новообратени христијани останале во Ерусалим заради натамошна поука и охрабрување. Имало делење на расположливите залихи од храна. Меѓутоа, ‚елинистите се побуниле против Евреите дека при секојдневното делење храна не биле пригледувани нивните вдовици‘. Наместо да ги осудат овие жалители како бељаџии, апостолите презеле акција за да ја исправат ситуацијата. Да, оние кои вршат надгледување во собранието, понизно ќе го сослушаат и ќе постапат според оправданото жалење направено со должна почит и во исправен дух (Дела 6:1—6; 1. Петрово 5:3).
До соодветниот авторитет
Дали забележа од горните примери дека жалењата треба да се прават во исправен дух и до соодветниот авторитет? На пример, би било бесмислено да ѝ се жалиш на полицијата од тешкото бреме од даноци или, пак, кај некој судија во врска со своите телесни слабости? Според тоа, исто така би било неприкладно во врска со некоја ситуација, било внатре или надвор од собранието, да му се жалиш на лице кое нема авторитет или способност да помогне.
Во повеќето земји денес, постојат судови и други соодветни власти на кои можеме да се повикаме, во надеж да постигнеме извесна мерка на олеснување. Кога студентот, споменат на почетокот од статијава, ја изнел својата жалба на суд, судиите пресудиле во негова полза, и тој повторно бил примен со извинување од училиштето. На сличен начин, работничката која била сексуално шиканирана нашла олеснување преку една унија на жените работнички. Добила извинување од училишниот одбор. Нејзините работодавачи презеле чекори да го запрат сексуалното шиканирање.
Меѓутоа, не треба да се очекува дека сите жалби ќе го имаат истиот исход. Мудриот цар Соломон реалистично забележал: „Кривото не може да се исправи“ (Проповедник 1:15). Добро е да признаеме дека некои работи едноставно ќе мораат да почекаат Бог да ги исправи во свое време.
[Слика на страница 31]
Старешините ги сослушуваат и постапуваат според оправданите жалби