Да се планира однапред за нашите љубени
НЕОДАМНА во еден африкански весник се појави тажната приказна за Ани. Сопругот на Ани бил бизнисмен. Умрел во 1995, оставајќи 15 возила, повеќе банковни сметки, околу 4.000 долари (САД) во готово, еден дуќан, еден бар и куќа со три спални. Она што не го оставил бил тестаментот.
Се известува дека деверот на Ани ги присвоил имотот и парите, а неа и нејзините шест деца ги избркал од нивниот дом. Незгрижена, таа и нејзините деца сега живеат кај брат ѝ. Четири од децата морале да го напуштат училиштето, бидејќи нема пари за школарина или за училишни униформи.
Ани се обратила до еден висок суд, кој пресудил да ѝ биде вратено нешто од имотот, вклучувајќи и едно возило. Но, не било вратено ништо. Морала повторно да оди на суд да бара налог за да се присили нејзиниот девер да се потчини на пресудата од високиот суд.
Зошто да се размислува за смртта?
Приказната на Ани илустрира што може да се случи кога главата на семејството пропушта да планира за можноста од негова смрт. При смртта, сите луѓе „го оставаат богатството на други“ (Псалм 48:10). Освен тоа, мртвите немаат контрола над тоа што се прави со нивните имоти (Проповедник 9:5, 10). За да има свој збор во тоа што се случува со нивното имање, човек мора да ги среди работите пред смртта.
Иако сите ние знаеме дека може да умреме неочекувано, многу луѓе пропуштаат однапред да направат подготовки за нивните љубени кои останале. Иако нашата дискусија ќе се сосредоточи на извесни културни групи во Африка, слични проблеми постојат и во други делови од светот.
Дали ќе преземеш мерки околу располагањето со твојот имот во случај на смрт, тоа е лична работа (Галатјаните 6:5). Сепак, некој би можел да праша: ‚Зошто човек додека е жив би ги ценел и би се грижел за својата сопруга и за децата, но не би направил подготовка за нивната благосостојба во случај да умре?‘ Една главна причина е што повеќето од нас не сакаат да размислуваат за можноста дека би можеле да умреме, а камоли да планираме за смрт. Всушност, ние не можеме да го предвидиме денот на нашата смрт, како што вели Библијата: „Вие, кои не знаете, што ќе стане утре: оти, што е вашиот живот? Тој е пара, која се појавува за кратко време, па исчезнува“ (Јаков 4:14).
Планирањето за можноста од смрт е практично. Тоа покажува и љубезна грижа спрема блиските. Ако не ги средиме нашите работи, тоа ќе го сторат други. Можеби луѓе кои никогаш не сме ги сретнале, ќе донесуваат одлуки за нашето имање и за погребните подготовки. Под такви околности во некои земји, државата одлучува кој ќе ги добие нашите пари и имотот. На други места одлучуваат роднините, и тие одлуки честопати се придружени со караници што поттикнуваат непријателство во семејството. Освен тоа, она што е одлучено може да е далеку поинаку од она што ние би го посакале.
Грабање на имотот
Кога ќе умре нејзиниот сопруг, најмногу страда вдовицата. Освен жалоста поради губењето на својот брачен другар, таа честопати е жртва на грабање на имотот. Ова беше опишано претходно во случајот на Ани. Дел од причината за грабањето на имотот е во врска со тоа како можеби се гледа на сопругите. Во некои култури, сопругата не се смета за дел од семејството на сопругот. Во извесна смисла, таа е туѓинец кој може во кое и да било време да се врати во своето семејство или, пак, да се премажи во друго семејство. За разлика од тоа, како што се резонира, браќата, сестрите и родителите на мажот никогаш нема да го напуштат. Ако умре, неговото семејство смета дека она што било негово им припаѓа ним, а не на неговата сопруга и на децата.
Сопрузите кои не им се доверуваат на своите сопруги, охрабруваат на такво размислување. Мајк дискутирал за своите деловни работи само со своите браќа. Тие знаеле што поседува тој, додека неговата сопруга знаела многу малку. Кога умрел, неговите браќа дошле кај неа и барале една исплата што нејзиниот сопруг ја очекувал. Таа ни не знаела за тоа. Потоа, тие ги присвоиле фотокопирите и машините за пишување што нејзиниот сопруг ѝ ги купил нејзе. На крајот, неговите браќа го презеле домот и сѐ во него. Оваа вдовица и нејзината ќеркичка биле присилени да заминат, понесувајќи ја само својата облека.
„Обајцата ќе бидат една плот“
Христијанските сопрузи ги љубат своите сопруги и ги сметаат достојни за доверба. Таквите мажи го земаат при срце библискиот совет: „Мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела“. Овие мажи исто така се сложуваат со божествено вдахновената изјава: „Човекот ќе го остави татка си и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат една плот“ (Ефесјаните 5:28, 31).
Побожните сопрузи се сложуваат и со христијанскиот апостол Павле, кој напишал: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8). Во склад со ова начело, ако еден христијански сопруг планирал некое долго патување, би се осигурал неговото семејство да е згрижено додека тој е на пат. На сличен начин, зарем не е разумно да направи подготовка за неговата сопруга и за децата во случај на негова смрт? Да се подготвиш за неочекувана трагедија не само што е практично туку е и одраз на љубов.
Погребни обичаи
Христијанските сопрузи треба да земат во обѕир уште еден аспект на оваа работа. Зголемувајќи ја тагата на вдовицата поради загубата на својот брачен другар, имотот, а можеби дури и нејзините деца, некои општества ја принудуваат да врши традиционални ритуали на оплакување. Весникот The Guardian од Нигерија се жали дека во некои подрачја, традицијата бара вдовицата да спие во истата неосветлена соба со трупот на нејзиниот сопруг. На други места, на вдовиците не им се дозволува да ги напуштаат домовите во периодот на оплакувањето од речиси шест месеци. Во текот на тоа време, не смеат да се капат, а забрането им е дури и да си ги мијат рацете пред или после оброците.
Таквите обичаи претставуваат проблеми, особено за христијанските вдовици. Нивната желба да му угодат на Бог ги поттикнува да избегнуваат обичаи што не се во склад со библиските учења (2. Коринтјаните 6:14, 17). Меѓутоа, бидејќи не се придржува кон овие обичаи, една вдовица може да трпи прогонство. Можеби мора дури и да бега за да си го спаси животот.
Преземање законски мерки
Библијата мудро вели: „Плановите на марливиот сигурно придонесуваат за напредок“ (Изреки 21:5, NW). Какви планови може да направи семејниот поглавар? Во повеќето општества можно е да се направи тестамент или да се подготви документ кој наведува како да се подели имотот на лицето во случај на негова смрт. Тој може да вклучува и детали околу погребните подготовки. Документот може исто така да специфицира што треба да стори (или да не стори) брачниот другар во врска со погребот и обичаите на оплакување.
На една жена по име Лиа, во 1992 ѝ умрел сопругот. Таа вели: „Имам пет деца — четири девојчиња и едно момче. Мојот сопруг беше болен некое време пред да умре. Но, уште пред да се разболи, тој напиша тестамент кој вели дека сиот негов имот сака да ми припадне мене и на нашите деца. Во ова спаѓаат парите за осигурување, фармата, животните на фармата и една куќа. Тој го потпиша тестаментот и ми го даде мене . . . По смртта на мојот сопруг, роднините бараа удел во неговото наследство. Јас им укажав дека мојот сопруг фармата ја беше купил со свои пари и дека тие немаат право да бараат што и да било. Кога го видоа напишаниот тестамент, тие го прифатија“.
Да се дискутира за работите со семејството
Проблеми може да настанат и кога некое лице не зборува со своето семејство за своите верувања и желби. Разгледај го случајот на еден човек чии роднини инсистирале неговиот закоп да се изврши во селото во склад со локалниот обичај. Кога нивните животи биле загрозени, неговата вдовица и нејзините деца биле присилени да го остават неговото тело кај поширокото семејство. Таа се жали: „Да му беше кажал мојот сопруг барем на еден од своите чичковци или братучеди како сакаше да биде закопан, семејството немаше да инсистира на своите традиционални погребни практики“.
Во некои општества, усната согласност е исто толку обврзувачка како и еден пишан документ. Таква е ситуацијата во некои делови од Свазиленд, каде што мнозина имаат верувања што охрабруваат на традиционален погреб и на процедури на оплакување. Знаејќи го ова, еден христијанин по име Исак, свикал состанок на своите роднини кои не биле Јеховини сведоци и дискутирал за тоа што сака да биде сторено после неговата смрт. Им кажал кој требало да добие одредени материјални имоти и јасно објаснил како да се води неговиот погреб. Откако умрел, работите се случиле во согласност со неговите желби. Исак имал христијански закоп, а неговата сопруга била добро згрижена.
Заштити го своето семејство
Што ќе сториш ти за да го заштитиш своето семејство во случај на твоја смрт, е лична работа, но еден христијанин по име Едвард, вели: „Јас имам полиса за животно осигурување во полза на осумте членови на моето семејство. Мојата сопруга е потписник на мојата банковна сметка. Значи, ако умрам, таа може да вади пари од сметката . . . Имам тестамент во полза на моето семејство. Ако умрам, што и да оставам, ќе биде за мојата сопруга и за децата. Мојот тестамент го напишав пред пет години. Го подготви адвокат, а мојата сопруга и синот имаат копија. Во мојот тестамент јасно наведов дека моето пошироко семејство не треба да се меша во мојот погреб. Јас ѝ припаѓам на Јеховината организација. Според тоа, дури ако има на располагање само еден или двајца Сведоци за да го водат мојот погреб, тоа ќе биде доволно. За ова дискутирав со членовите на моето пошироко семејство“.
Во извесна смисла, правењето такви подготовки е подарок за твоето семејство. Се разбира, планирањето за можноста од смрт не е исто како подарување чоколадо или букет цвеќиња. Сепак, тоа ја покажува твојата љубов. Тоа докажува дека сакаш да се ‚грижиш за своите домашни‘ дури и кога повеќе не си со нив.
[Рамка/слика на страница 21]
Исус направил подготовка за својата мајка
„При крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалина. А Исус, штом ја виде Мајка Си, и ученикот, кого го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: ‚Жено, ете ти син!‘ Потоа му рече на ученикот: ‚Ете ти мајка!‘ И од тој час, ученикот [Јован] ја зеде при себе“ (Јован 19:25—27).
[Слика на страница 22]
Многу христијани промислено преземаат законски чекори за да ги заштитат своите семејства