Родители — штитете ги своите деца!
ВО ЕДНО нигериско средно училиште, едно девојче, кое било озлогласено поради сексуален неморал, уживало да им држи лекции на соученичките во врска со сексот. Еден од нејзините рецепти за абортус бил црно пиво силно дрогирано со супстанција од тутун. Нејзините приказни, што таа ги избирала од порнографска литература, восхитиле многу нејзини соученички. Некои почнале да експериментираат со секс, и една од нив забременила. За да предизвика абортус, таа ја испила мешавината од пиво/тутун. Во рок од неколку часа, почнала да повраќа крв. По неколку дена умрела во болницата.
Во денешниов свет, мнозина млади непрестајно зборуваат за секс, донесувајќи им пропаст на лековерните слушатели. Кон кого да се свртат младите за да најдат точно спознание што ќе ги штити? Колку само е убаво кога можат да ги побараат своите побожни родители, кои ја имаат одговорноста да ги подигаат „во стега и Јеховино мисловно насочување“ (Ефесјаните 6:4, NW).
Африкански ставови спрема сексуалното воспитание
Ширум светот, на многу родители им е тешко да разговараат со своите деца во врска со сексот. Ова особено важи за Африка. Доналд, еден татко од Сиера Леоне, забележал: „Тоа скоро никогаш не се прави. Не е дел од африканската култура да се прави така“. Една Нигеријка по име Конфидент, се сложува: „Моите родители го сметаат сексот за нешто што никогаш не треба да се споменува отворено; тој е културно табу“.
Во некои африкански домови, се смета за срамотно да се споменуваат такви зборови поврзани со секс, како што се пенис, сперма или менструација. Една христијанска мајка дури ѝ забранила на својата ќерка да го употребува зборот „секс“, иако рекла дека ќерката може да го употребува зборот „блуд“. За разлика од тоа, Божјата Реч, Библијата, зборува со отвореност за сексот и за сексуалните органи (1. Мојсеева 17:11; 18:11; 30:16, 17; 3. Мојсеева 15:2). Целта на ова не е да го шокира или восхити, туку да го заштити и поучи Божјиот народ (2. Тимотеј 3:16).
Освен културните табуа, друга причина зошто некои родители се воздржуваат, навел еден нигериски татко: „Ако разговарам за секс со моите деца, тоа би можело да ги стимулира да направат сексуален неморал“. Но, дали достоинствената информација за сексот темелена на Библијата ги охрабрува децата да избрзаат и да експериментираат? Не, не го прави тоа. Всушност, веројатно е дека колку помалку спознание имаат младите толку поверојатно е дека ќе западнат во проблеми. „Мудроста [темелена на точното спознание] служи како заштита“ — наведува Библијата (Изреки 7:12, NW).
Во Исусовата илустрација, еден разборит човек, предвидувајќи ја веројатноста од идни бури, ја гради својата куќа на една карпеста маса, додека еден глуп човек градел на песок и претрпел катастрофа (Матеј 7:24—27). Слично на тоа, разборитите христијански родители, знаејќи дека нивните деца ќе се соочат со бурни притисоци да се повинат на распуштените сексуални мерила на светот, ги зајакнуваат своите деца со точно спознание и со разбирање кое ќе им помогне да останат цврсти.
Една додатна причина зошто многу родители не разговараат со своите деца за сексот, била наведена од една африканска жена: „Кога јас бев младинка, моите родители-Сведоци не разговараа со мене во врска со сексот, и затоа не ми ни паѓаше на ум да разговарам за овие работи со моите деца“. Меѓутоа, притисоците врз денешните млади се поголеми отколку што биле пред 10 или 20 години. Ова не е изненадувачки. Божјата Реч прорекла дека „во последните денови . . . лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото [од лошо на полошо, NW], заблудувајќи други како и себеси“ (2. Тимотеј 3:1, 13).
Кон проблемот придонесува и фактот дека многу деца се несклони или неспособни да им се доверат на своите родители. Двонасочната комуникација честопати е слаба дури и за тривијалните работи. Еден 19-годишен младинец се жалел: „Јас не разговарам за работите со моите родители. Меѓу мене и татко ми нема добра комуникација. Тој не обрнува внимание“.
Младите може да се плашат и од тоа дека распрашувањата во врска со сексот ќе им донесат лоши последици. Едно 16-годишно девојче рекло: „Јас не разговарам за сексуалните проблеми со моите родители поради начинот на кој тие реагираат на таквите работи. Пред некое време, мојата постара сестра ѝ постави на мама некои прашања поврзани со сексот. Наместо да ѝ помогне во нејзиниот проблем, таа стана сомничава околу нејзините намери. Честопати, мама ќе ме викнеше и ќе се распрашуваше за сестра ми, повремено правејќи инсинуации во врска со нејзиниот морал. Не сакам да ризикувам да ја загубам љубовта на мама кон мене, па затоа своите проблеми ги чувам настрана од неа“.
Зошто да се поучат?
Поучувањето на нашите деца до една адекватна мера во врска со сексот не е само исправна туку и љубезна работа. Ако родителите не ги поучат своите деца за сексот, ќе ги поучат други — обично поскоро отколку што родителите предвидуваат и скоро никогаш во согласност со побожните начела. Едно 13-годишно девојче извршило блуд затоа што една соученичка ѝ рекла дека, ако не ја загуби својата невиност, во иднина ќе страда од ужасна болка. „Ќе ти го пресечат хименот со ножици“ — ѝ било речено. Подоцна, кога било запрашано зошто не ѝ го кажало на својата христијанска мајка тоа што го чуло, девојчето одговорило дека за такви работи никогаш не се разговара со возрасни.
Една нигериска девојка рекла: „Моите школски другарки се обидуваа да ме убедат дека сексот е нешто во што мораат да учествуваат сите нормални човечки битија. Ми рекоа дека, ако не сум учествувала во секс сега, кога ќе сум дошла до 21-та година, ќе сум доживеала болест која ќе има катастрофални последици врз мојата зрела женска возраст. Затоа, за да спречам таква ужасна опасност, рекоа дека е добро да доживеам сексуални односи пред бракот“.
Поради тоа што има добра комуникација со своите родители, таа веднаш увидела еден конфликт со она што претходно го научила дома. „Како и обично, се вратив дома и ѝ кажав на мајка ми што ми кажаа тие в училиште.“ Мајка ѝ била во можност да ја отфрли лажната информација. (Спореди Изреки 14:15.)
Со тоа што го даваат спознанието што е потребно за да им помогне на децата да стекнат побожна мудрост во врска со сексот, родителите ги опремуваат да ги проникнат опасните ситуации и да ги препознаат луѓето кои сакаат да ги искористат. Тоа помага да ги заштитат од болка во срцето поради сексуално преносливите болести, како и од несакана бременост. Тоа придонесува за нивна самопочит и за почитта што ја заработуваат од другите. Ги ослободува од погрешните сфаќања и од грижата. Тоа потхранува здрав, позитивен став спрема сексот, придонесувајќи за среќата доколку подоцна се венчаат. Може да им помогне да задржат одобрена положба пред Бог. И додека децата ја гледаат грижата полна со љубов што им се покажува, тоа може да ги натера уште повеќе да ги почитуваат и да ги љубат своите родители.
Добра комуникација
За родителите да го одмерат советот според потребите на своите деца, мора да има двонасочна комуникација. Доколку родителите не знаат што има во мислите и срцето на нивните деца, дури и здравиот совет може да биде од мала корист, исто како што еден лекар се труди да препише лекарство без да ја знае природата на болеста на пациентот. За да бидат делотворни советници, родителите мораат да знаат што навистина мислат и чувствуваат нивните деца. Треба да ги разбираат притисоците и проблемите со кои се соочуваат нивните деца, како и прашањата што ги вознемируваат. Важно е внимателно да ги слушаат децата, да бидат ‚брзи во слушањето, а спори во зборувањето‘ (Јаков 1:19; Изреки 12:18; Проповедник 7:8).
Потребно е време, стрпливост и напор за родителите да негуваат и задржат близок однос со своите деца, однос во кој децата ќе се чувствуваат слободни да ги откријат своите најскриени чувства. Но, колку само е прекрасно кога ќе се постигне тоа! Еден западноафрикански татко на пет деца, вели: „Јас сум и татко и повереник. Децата слободно разговараат со мене за сите теми, вклучувајќи го и сексот. Дури и девојчињата ми се доверуваат. Одвојуваме време да разговараме за нивните проблеми. Исто така, ги споделуваат и своите радости со мене“.
Бола, една од неговите ќерки, вели: „Јас не чувам никакви тајни од татко ми. Тато е обѕирен и сочувствителен. Тој не нѐ тиранизира ниту постапува грубо со нас, дури и кога сме згрешиле нешто. Наместо да се разжести, тој ќе ја проанализира работата и ќе ни покаже што треба да сториме или што не сме требале да сториме. Честопати се осврнува на книгите Млади и Семејна среќа.a
Кога е можно, добро е родителите да почнат да разговараат со своите деца за сексот кога тие се многу мали. Ова го положува темелот за понатамошни разговори за време на честопати тешките тинејџерски години. Кога разговорите не се започнуваат рано, понекогаш е непријатно да се воведат подоцна, но тоа може да се стори. Една мајка на пет деца рекла: „Се присилував себеси да зборувам за тоа сѐ додека престана да ми биде неугодно мене или, пак, на детето“. Со оглед на тоа дека толку многу е во прашање, таквите напори секако се исплаќаат.
Заштитени и среќни
Децата ги ценат родителите кои со љубов ги опремуваат со спознанието кое ќе ги штити. Размисли за коментарите на некои африкански Сведоци на Јехова.
Моџисола, на возраст од 24 години, рекла: „Секогаш ќе ѝ бидам благодарна на мајка ми. Таа во право време ми го даде потребното воспитание за сексот. Иако се чувствував непријатно кога таа одамна разговараше за тие работи, сега го гледам доброто од тоа“.
Иниобонг додала: „Секогаш сум среќна кога ќе се осврнам и ќе помислам на тоа што стори мама за мене давајќи ми адекватно обучување за сексот. Тоа беше многу битна помош во моето насочување кон зрелата женска возраст. Се заветував дека истото ќе го сторам и јас со моите идни деца“.
Деветнаесетгодишниот Кунле рекол: „Моите родители ми помагаа да ги издржам притисоците од световните жени за слободен секс. Да не беше обучувањето што ми го дадоа тие, ќе западнев во грев. Секогаш ќе го ценам она што го сторија тие“.
Кристијана рекла: „Извлеков многу користи од тоа што имав дијалог со мајка ми во поглед на сексот. Бев заштитена од смртоносни болести и несакана бременост, и бев во состојба да им дадам добар пример за следење на моите помали браќа и сестри. Исто така, стекнав почит од луѓето, и мојот иден сопруг исто така ќе ме почитува. Што е уште поважно, имам добар однос со Јехова Бог затоа што ја држев неговата заповед“.
Бола, спомената порано, рекла: „Имав една соученичка која рече дека сексот треба да се ужива без каква и да е обврска за венчавка. За неа тоа беше забава. Меѓутоа, увиде дека не е забава кога забремени и кога не можеше да го полага матурскиот испит со нас. Да немав добар татко кој ќе ме води, можеби и јас ќе бев како неа, учејќи преку лошо искуство“.
Каков само благослов е кога христијанските родители им помагаат на своите деца да станат ‚мудри за спасение‘ во овој свет што е луд по секс! (2. Тимотеј 3:15). Нивната поука темелена на Библијата е како скапоцен ѓердан што ги украсува и разубавува децата во очите на Бог (Изреки 1:8, 9). Децата се чувствуваат безбедни, а родителите се радуваат на длабоко задоволство. Еден африкански татко, кој секогаш тежнее да ги држи отворени линиите на комуникација со своите младинци, рекол: „Ние имаме мир во мислите. Уверени сме дека нашите деца знаат што му е угодно на Јехова; не можат да бидат заведени од надворешните луѓе. Уверени сме дека нема да направат работи што ќе му донесат болка на семејството. Му благодарам на Јехова што ја оправдаа нашата доверба“.
[Фуснота]
a Издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 10]
Христијанските младинци, кои од родителите добиваат информации темелени на Библијата, можат да ги отфрлат искривените прикаски што ги раскажуваат другите младинци