Објавителите на Царството известуваат
Бог прави да расте во Алјаска
ПОД покривката од снег и мраз, ситното семе ја чека приликата да се развие до зрелост. Во рок од трите кратки месеци, кои го сочинуваат алјаското лето, семето од зелка со пречник од три милиметри, може да порасне речиси до 40 килограми! Да, оваа земја за која некогаш се мислело дека е јалова, ледена пустелија, може да произведе изобилен род.
Ова особено важи за духовното поле во Алјаска. Таму, во земјата на долгите зими, Јеховините сведоци продолжуваат да го сеат семето на Царството. Како и во другите делови од светот, Бог прави семето да расте во плодните срца (1. Коринтјаните 3:6, 7).
● Додека била во еден школски автобус, една млада девојка Сведок по име Ванеса набљудувала една соученичка, Ен, која секогаш седела сама. Ен изгледала тажна, па затоа Ванеса ја поканила Ен да седне покрај неа. Не е ни чудо што Ен била тажна! Мајка ѝ била почината од срцев удар, а по кратко време татко ѝ умрел од рак. Затоа Ен живеела кај роднините во Алјаска.
Една сабота, додека била во служба на теренот, Ванеса запрела кај домот на својата нова познаничка и ѝ ја оставила брошурата Се грижи ли Бог навистина за нас? Следниот понеделник во училиштето, Ен ја побарала младата девојка Сведок. Ен имала многу библиски прашања, на кои Ванеса била во состојба да одговори. „Каде ги одржувате вашите богослужби?“ — запрашала. Таа вечер Ен присуствувала на својот прв состанок во Салата на Царството.
Не поминало многу додека ова 17-годишно сираче нашло многу ‚татковци‘ и ‚мајки‘, токму како што ветил Исус (Матеј 19:29). А колку само радосна прилика било да се види среќната и насмеана Ен како го симболизира своето предание на Јехова преку крштавање во вода на Обласниот конгрес „Гласници на божествен мир“!
● Во оддалечените подрачја на огромниот алјаски арктички регион — каде селата се одделени со стотици километри дивина — се користи двомоторниот авион на Watch Tower Society за сеење на семето на Царството во преку 150 општини. Но, духовниот раст преку редовна студија на Библијата зависи од допишувањето. Со оглед на тоа дека пишувањето писма е предизвик за мнозина, еден библиски учител треба да биде креативен за да го одржи жив интересот на студентот. Како би можело ова да се постигне?
Кети водела една напредна библиска студија со Една, иако живееле над 600 километри оддалеченост една од друга! Наместо само да ги препишува прашањата од помагалото за студија, Кети правела еден работен лист со прашања и оставала место за испишување на одговорите. Откако Една ќе ги пополнела одговорите, Кети одговарала и вметнувала коментари по потреба за да објасни некоја точка. Кети наведува: „За нашата ‚студија‘ ја одвојував средата навечер и се трудев да се придржувам за тоа, како што би сторила и со која и да е друга закажана библиска студија. Исто така, на Една ѝ испраќав адресирано плико со марка. Поради тоа што беа потребни две седмици за испраќање, студијата преку допишување изгледаше некако бавна“.
Замислете си ја само возбудата кога Кети и Една се сретнале лице в лице на обласниот конгрес во Енкориџ после десет месеци студирање преку пошта! На Сведоците исто така им било драго што имаат присутни библиски студенти и други заинтересирани лица од повеќе изолирани села од Алјаска.
Иако растот повремено би можел да изгледа бавен, некои „садници“ никнуваат брзо кога се изложени на светлината на вистината. Секоја година на Алјаска во просек се крштаваат повеќе од сто нови фалители на Јехова! Ние велиме: „Фала ти, Јехова“ што правиш да расте!