Книга од Бог
„Никогаш според човечка волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух“ (2. ПЕТРОВО 1:21).
1, 2. а) Зошто некои се сомневаат во тоа дали Библијата е релевантна за современиот живот? б) Кои три правци на докази можеме да ги употребиме за да покажеме дека Библијата е од Бог?
ДАЛИ Библијата е релевантна за луѓето кои живеат на прагот од 21 век? Некои мислат не. „Никој не би ја препорачал употребата на учебник по хемија издаден во 1924 за да се користи на еден современ час по хемија — оттогаш па наваму премногу се научило за хемијата“, напишал д-р Ели С. Чејсен, објаснувајќи зошто мисли дека Библијата е застарена. Површински гледано, изгледа дека овој аргумент има смисла. Впрочем, од библиските времиња па наваму, човекот научил многу во врска со науката, менталното здравје и човековото однесување. Затоа, некои прашуваат: ‚Како би можело една таква древна книга да биде без научни неточности?‘ Како би можела да содржи совет кој е практичен за современиот живот?‘
2 Самата Библија го дава одговорот. Во 2. Петрово 1:21 кажано ни е дека библиските пророци „зборувале просветувани од Светиот Дух“. Така, Библијата покажува дека таа е книга од Бог. Но, како можеме да ги увериме другите дека тоа е така? Да разгледаме три докази дека Библијата е Божја Реч: 1) таа е научно точна, 2) содржи начела кои не подлежат на времето што се практични за современиот живот и 3) содржи специфични пророштва кои се исполниле, како што докажуваат историските факти.
Книга која се согласува со науката
3. Зошто научните откритија не ја загрозуваат Библијата?
3 Библијата не е научен прирачник. Меѓутоа, таа е книга на вистината, а вистината може да го издржи испитот на времето (Јован 17:17). Библијата не е загрозена од научните откритија. Кога допира теми поврзани со науката, таа е потполно слободна од древните „научни“ теории кои се докажале како чисти митови. Всушност, таа содржи изјави кои не се само научно основани туку се и во директна спротивност со прифатените гледишта од тоа време. На пример, разгледај го согласувањето меѓу Библијата и медицинската наука.
4, 5. а) Што не разбирале древните лекари за болестите? б) Зошто Мојсеј несомнено бил запознат со медицинските постапки на египетските лекари?
4 Древните лекари не разбирале во потполност како се шират болестите ниту, пак, ја сфаќале важноста на санитарната заштита во спречувањето на заболувањата. Многу древни медицински постапки би изгледале варварски според современите мерила. Еден од најстарите достапни медицински текстови е Папирусот Еберс, компилација на египетското медицинско знаење кој датира од околу 1550 пр. н. е. Тој содржи 700 лекови за различни заболувања кои „варираат од каснување од крокодил до болка во ноктот на ножниот прст“. Повеќето од лековите биле чисто неделотворни, но некои од нив биле и крајно опасни. За лекување на рана, еден од рецептите препорачувал да се нанесе смеса од човечки измет комбиниран со други супстанции.
5 Овој текст за египетски медицински лекови бил напишан отприлика во исто време како и првите книги од Библијата, кои го вклучувале и Мозаитскиот закон. Мојсеј, кој бил роден 1593 пр. н. е., пораснал во Египет (2. Мојсеева 2:1—10). Одгледан во фараоновото домаќинство, Мојсеј бил „научен на целата египетска мудрост“ (Дела 7:22). Тој бил запознат со „лекарите“ од Египет (1. Мојсеева 50:1—3, NW). Дали нивните неделотворни или опасни медицински постапки влијаеле врз неговите списи?
6. Која санитарна одредба во Мозаитскиот закон би била сметана за разумна од страна на современата медицинска наука?
6 Напротив, Мозаитскиот закон вклучувал санитарни одредби кои современата медицинска наука би ги сметала разумни. На пример, еден закон во врска со воените логори барал да се закопува изметот надвор од логорот (5. Мојсеева 23:13). Ова било крајно напредна превентивна мерка. Помогнала да се зачуваат водените извори од контаминација и обезбедила заштита од шигелоза што ја предизвикуваат муви, како и од други дијареични заболувања кои секоја година сѐ уште одземаат милиони животи, воглавно во земјите во развој.
7. Кои санитарни одредби во Мозаитскиот закон помогнале да се спречи ширењето на инфективните болести?
7 Мозаитскиот закон содржел и други санитарни одредби кои помогнале да се спречи ширењето на инфективни болести. Лицето кое имало или за кое постоело сомневање дека има пренослива болест, било ставано во карантин (3. Мојсеева 13:1—5). Облеката или садовите кои дошле во контакт со животно кое умрело самото од себе (можеби поради болест), требало или да се исперат, односно измијат пред повторната употреба или, пак, да се уништат (3. Мојсеева 11:27, 28, 32, 33). Секое лице кое допрело леш се сметало за нечисто и морало да се подложи на една процедура на чистење која вклучувала перење на неговата облека и капење. За време на седумдневниот период додека бил нечист, тој требало да одбегнува физички контакт со другите (4. Мојсеева 19:1—13).
8, 9. Зошто може да се рече дека санитарниот кодекс во Мозаитскиот закон бил многу понапреден од неговото време?
8 Овој санитарен кодекс открива мудрост која била многу понапредна од неговото време. Современата медицинска наука научила многу за ширењето и спречувањето на болестите. На пример, медицинските напредоци во 19 век довеле до тоа да се воведе антисепсата — чистота за да се намалат инфекциите. Резултатот бил значителна редукција на инфекции и на прерана смрт. Во 1900-тата, очекуваниот животен век во времето на раѓањето, во многу европски земји и во Соединетите Држави бил помалку од 50 години. Оттогаш па наваму, тој драматично се зголемил не само заради медицинскиот напредок во контролирањето на болестите туку и поради подобрата санитарна заштита и условите за живеење.
9 Сепак, илјадници години пред медицинската наука да дознае како се шират заболувањата, Библијата пропишала разумни превентивни мерки како заштита од заболувањата. Не изненадува тоа што Мојсеј можел да каже дека во негово време Израелците, општо земено, живееле по 70 или 80 години (Псалм 89:10). Како можел Мојсеј да знае за таквите санитарни одредби? Самата Библија објаснува: Законскиот кодекс бил „предаден преку ангели“ (Галатјаните 3:19). Да, Библијата не е книга на човечка мудрост; таа е книга од Бог.
Практична книга за современиот живот
10. Иако Библијата била комплетирана пред речиси 2.000 години, што е точно во врска со нејзиниот совет?
10 Книгите кои нудат совет се склони да застарат и наскоро се ревидираат или се заменуваат. Но, Библијата е навистина уникатна. „Твоите потсетници се покажаа мошне веродостојни“, вели Псалм 93:5 (NW). Иако Библијата била комплетирана пред речиси 2.000 години, нејзините зборови сѐ уште се применливи. И тие важат со еднаков ефект, без оглед на бојата на нашата кожа или на земјата во која живееме. Разгледај некои примери за библискиот „мошне веродостоен“ совет кој не подлежи на времето.
11. Што биле наведени многу родители да веруваат во врска со давањето стега на децата пред неколку децении?
11 Пред неколку децении, многу родители — поттикнати од „свежи идеи“ за воспитување деца — мислеа дека е „забрането да се забранува“. Се плашеа дека поставувањето граници на децата ќе предизвика траума и фрустрација. Добронамерните советници инсистираа родителите да се воздржуваат од сѐ што е повеќе од благо исправање на своите деца. Многу такви експерти сега „ги поттикнуваат родителите да бидат малку построги, повторно да преземат контрола“, известува The New York Times.
12. Што значи грчката именка преведена со „стега“, и зошто на децата им треба таква стега?
12 Меѓутоа, цело време Библијата нудела специфичен, урамнотежен совет на темата — воспитување на децата. Таа советува: „Татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку и понатаму подигајте ги во стега и Јеховино мисловно насочување“ (Ефесјаните 6:4, NW). Грчката именка преведена со „стега“ значи „подигање, воспитување, поука“. Библијата вели дека стегата, односно поуката, е доказ за родителската љубов (Изреки 13:25). Децата цветаат со јасно зацртани морални упатства кои им помагаат да развијат чувство за исправно и погрешно. Правилно применетата стега им помага да се чувствуваат безбедни; таа им кажува дека нивните родители се грижат за нив и за тоа какви личности стануваат. (Спореди Изреки 4:10—13.)
13. а) Кога станува збор за стегата, кое предупредување им го дава Библијата на родителите? б) Каква стега препорачува Библијата?
13 Но, Библијата ги предупредува родителите во овој поглед на стегата. Родителскиот авторитет не треба никогаш да биде навредлив (Изреки 22:16). Ниедно дете не треба некогаш да биде подложено на сурова казна. Физичкото насилство нема место во семејство кое живее според Библијата (Псалм 10:5). Ниту, пак, емотивното насилство — остри зборови, постојано критикување и тежок сарказам од кои сите можат да го скршат духот на детето. (Спореди Изреки 12:18.) На мудар начин Библијата ги предупредува родителите: „Не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот [или, „ќе ја одземете сета срченост од нив“, Phillips]“ (Колосјаните 3:21). Библијата препорачува превентивни мерки. Во 5. Мојсеева 11:19 родителите се поттикнати да ги искористат моментите на опуштеност за да всадат морални и духовни вредности во своите деца. Таквиот јасен, разумен совет за подигање на децата е исто толку релевантен денес колку што бил и во библиски времиња.
14, 15. а) На кој начин Библијата обезбедува повеќе отколку само мудар совет? б) Кои библиски учења можат да им помогнат на мажи и жени од различни раси и нации да се гледаат едни со други како еднакви?
14 Библијата дава повеќе отколку само мудар совет. Нејзината порака го привлекува срцето. Евреите 4:12 вели: „Словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето“. Разгледај еден пример за мотивирачката моќ на Библијата.
15 Денес луѓето се поделени со расни, национални и етнички бариери. Таквите вештачки ѕидови придонеле за масовниот масакр на невини луѓе во војните низ целиот свет. Библијата, од своја страна, содржи учења кои им помагаат на мажи и жени од различни раси и нации да се гледаат еден со друг како еднакви. На пример, Дела 17:26 (NW) вели дека Бог ‚од еден човек ги направил сите човечки нации‘. Ова покажува дека, всушност, постои само една раса — човечката раса! Понатаму, Библијата нѐ охрабрува да ‚бидеме имитатори на Бог‘, за кого вели: „[Тој] не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Ефесјаните 5:1, NW; Дела 10:34, 35). За оние кои навистина настојуваат да живеат според библиските учења, ова спознание има обединувачко влијание. Тоа дејствува до најдлабок степен — во срцето — уривајќи ги бариерите направени од човекот, кои ги делат луѓето. Дали тоа навистина функционира во денешниов свет?
16. Раскажи едно искуство кое покажува дека Јеховините сведоци се едно вистинско меѓународно братство.
16 Секако дека функционира! Јеховините сведоци се добро познати по нивното меѓународно братство кое обединува луѓе со различни заднини, кои вообичаено не би биле во мир еден со друг. На пример, во текот на етничките судири во Руанда, Јеховините сведоци од секое племе ги штителе своите христијански браќа и сестри од другото племе, при што ги доведувале во опасност сопствените животи. Во еден случај, еден Хуту Сведок криел во својот дом едно шесточлено Тутси семејство од своето собрание. За жал, на крај Тутси семејството било откриено и убиено. Сега Хуту братот и неговото семејство се соочиле со гневот на убијците и морале да избегаат во Танзанија. Известено е за многу слични примери. Јеховините сведоци спремно признаваат дека таквото единство е возможно затоа што нивните срца се длабоко трогнати од мотивирачката моќ на библиската порака. Тоа што Библијата може да ги обедини луѓето во овој свет исполнет со омраза е моќен доказ дека таа е од Бог.
Книга на вистинско пророштво
17. Како библиските пророштва се разликуваат од предвидувањата дадени од човек?
17 „Ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување [интерпретација, NW]“, вели 2. Петрово 1:20. Библиските пророци не ги анализирале трендовите во работите од постоечкиот свет и потоа да прават претпоставки темелени на своја лична интерпретација на тие развои. Ниту, пак, тие изрекувале нејасни предвидувања кои можеле да бидат направени да одговараат токму на некаков иден настан. Како пример, да разгледаме едно библиско пророштво кое било особено специфично и кое го предвидувало токму спротивното од она што можеби го очекувале луѓето кои живееле тогаш.
18. Зошто жителите на древниот Вавилон несомнено се чувствувале многу сигурно, но сепак што претскажал Исаија за Вавилон?
18 До седмиот век пр. н. е. Вавилон бил навидум несовладлива престолнина на Вавилонската Империја. Градот се протегал крај реката Еуфрат, а водите на реката биле користени за да формираат еден широк, длабок опкоп и мрежа од канали. Исто така, градот бил заштитен и од еден масивен систем од двојни ѕидови, потпрен со одбранбени кули. Без сомнение, вавилонските жители се чувствувале многу сигурни. Сепак, во осмиот век пр. н. е., дури и пред Вавилон да се издигне на врвот од својата слава, пророкот Исаија претскажал: „Вавилон . . . ќе биде соборен од Бог, како Содом и Гомор, нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род; нема Арабиец да го распне шаторот свој, овчари таму со стадата свои нема да пладнуваат“ (Исаија 13:19, 20). Забележи дека пророштвото претскажало дека не само што Вавилон ќе биде уништен туку и дека ќе остане трајно ненаселен. Колку само смело предвидување! Можно ли е Исаија да го напишал своето пророштво откако го набљудувал опустошениот Вавилон? Историјата одговара — не!
19. Зошто Исаииното пророштво не било потполно исполнето на 5 октомври 539 пр. н. е.?
19 Ноќта на 5 октомври 539 пр. н. е. Вавилон паднал под војските на Медоперсија водени од Кир Велики. Меѓутоа, Исаииното пророштво не било целосно исполнето во тоа време. По заземањето од страна на Кир, со векови продолжил да постои еден населен Вавилон — иако поинфериорен. Во вториот век пр. н. е., отприлика во времето кога бил препишан Свитокот на Исаија од Мртвото Море, Партјаните презеле контрола над Вавилон, на кого тогаш се гледало како на премија за која се бореле околните народи. Еврејскиот историчар Јосиф известил дека во првиот век пр. н. е. таму живееле „голем број“ Евреи. Според The Cambridge Ancient History, палмирските трговци основале една успешна трговска колонија во Вавилон во 24 н. е. Така, до првиот век н. е. Вавилон сѐ уште не бил потполно опустошен; сепак, книгата на Исаија била комплетирана долго пред тоа (1. Петрово 5:13).
20. Кој доказ постои дека Вавилон на крај станал само „купиште на урнатини“?
20 Исаија не доживеал да го види Вавилон ненаселен. Но, верно на пророштвото, Вавилон на крај станал „купиште на урнатини“ (Јеремија 51:37). Според хебрејскиот научник Ероним (роден во четвртиот век н. е.), во негово време Вавилон бил ловиште во кое талкале „секакви ѕверови“, а останал пуст до денешен ден. Секаква обнова на Вавилон како туристичка атракција би можела да ги привлече посетителите, но вавилонскиот „син и внук“ ги нема засекогаш, како што претскажал Исаија (Исаија 14:22).
21. Зошто верните пророци можеле да ја претскажат иднината со непогрешна точност?
21 Пророкот Исаија не дал образовна претпоставка. Ниту, пак, ја препишал историјата за да ја направи да изгледа како пророштво. Исаија бил вистински пророк. А такви биле и сите други верни библиски пророци. Зошто овие мажи можеле да го сторат она што не можеле никои други луѓе — да ја претскажат иднината со непогрешна точност? Одговорот е јасен. Пророштвата потекнувале од Богот на пророштвото, Јехова, ‚Оној кој го навестува во почетокот она што ќе биде на крајот‘ (Исаија 46:10).
22. Зошто треба да дадеме сѐ од себе за да ги поттикнеме лицата со искрени срца самите да ја испитаат Библијата?
22 Значи, дали Библијата е достојна за испитување? Ние знаеме дека е! Но, многу луѓе не се уверени. Тие имаат создадено мислења за Библијата иако можеби никогаш не ја прочитале. Сети се на професорот спомнат во почетокот на претходната статија. Тој се сложил за библиска студија и откако внимателно ја испитал Библијата, дошол до заклучок дека таа е книга од Бог. На крај се крстил како еден од Јеховините сведоци, а денес служи како старешина! Да дадеме сѐ од себе за да ги поттикнуваме лицата со искрени срца самите да ја испитаат Библијата и потоа да создадат мислење за неа. Ние сме уверени дека доколку направат едно чесно испитување од прва рака, ќе сфатат дека оваа уникатна книга, Библијата, навистина е книга за сите луѓе!
Можеш ли да објасниш?
◻ Како би можел да го употребиш Мозаитскиот закон за да покажеш дека Библијата нема човечко потекло?
◻ Кои начела во Библијата кои не подлежат на времето се практични за современиот живот?
◻ Зошто пророштвото од Исаија 13:19, 20 не можело да биде напишано после тој чин?
◻ Што треба да ги охрабриме да прават лицата со искрени срца, и зошто?
[Рамка на страница 19]
Што е со она што не може да се докаже?
Библијата содржи различни изјави за кои недостасува независен физички доказ. На пример, она што го вели за невидливото подрачје населено со духовни суштества не може да се докаже — или демантира — научно. Дали таквите укажувања кои не можат да се докажат неизбежно ја ставаат Библијата во расчекор со науката?
Тоа било прашањето со кое се соочувал еден планетарен геолог кој пред неколку години почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. „Морам да признам дека на почетокот прифаќањето на Библијата ми беше тешко бидејќи не можев научно да докажам некои библиски изјави“, се сеќава тој. Овој искрен човек продолжил да ја проучува Библијата и на крај се уверил дека расположливиот доказ покажува дека таа е Божја Реч. „Тоа го намали копнеењето да го докажам секој библиски факт независно“, објаснува тој. „Личност со научна склоност мора да биде спремна да ја испита Библијата од духовна гледна точка, или таа никогаш нема да ја прифати вистината. Не може да се очекува од науката да ја поткрепи секоја изјава во Библијата. Но, само затоа што извесни изјави не можат да се докажат, тоа не значи дека тие се неточни. Она што е важно е дека онаму каде што е доказливо, библиската точност е потврдена.“
[Слика на страница 17]
Мојсеј запишал санитарни одредби кои биле многу понапредни од нивното време