Се сеќаваш ли?
Дали откри дека неодамнешните изданија на Стражарска кула имаа практична вредност за тебе? Тогаш, зошто не го испиташ своето сеќавање со следниве прашања?
◻ Која е разликата меѓу „Господовиот ден“ и „Јеховиниот ден“? (Откровение 1:10; Јоил 2:11, обата NW).
„Господовиот ден“ го вклучува исполнувањето на 16-те визии опишани во Откровение, поглавја 1 до 22, и на основните настани што Исус ги претскажал како одговор на прашањето од неговите ученици во врска со знакот на неговата присутност. Како врвна точка на Господовиот ден, Јеховиниот ден што влева страв ќе избувне кога тој ќе ја изврши осудата над Сатановиот расипан свет (Матеј 24:3—14; Лука 21:11; 15.12., страница 11).
◻ Кои се некои истакнати обележја на Библијата Макариј?
Во Библијата Макариј името Јехова се појавува преку 3.500 пати. Еден научник за руска религиозна литература рекол: „Преводот е верен на хебрејскиот текст, а јазикот на преводот е чист и одговара на темата“ (15.12., страница 27).
◻ Што е „вистината“ за која Исус рекол дека ќе нѐ ослободи? (Јован 8:32).
Со „вистината“ Исус мислел на божествено вдахновените информации — особено информации во врска со Божјата волја — кои се сочувани во Библијата (1.1., страница 3).
◻ Кои се современите Јуј и Јонадав?
Јуј го прикажува Исус Христос, кој на Земјата е претставен преку „Израилот Божји“, помазаните христијани (Галатјаните 6:16; Откровение 12:17). Исто како што Јонадав излегол за да го пресретне Јуј, така едно „големо мноштво“ од нациите излегло за да ги поддржи Исусовите земни претставници (Откровение 7:9, 10; 4. Царства 10:15; 1.1., страница 13).
◻ Што значи да се ‚оди со Бог‘? (1. Мојсеева 5:24; 6:9, обата NW).
Тоа значи дека оние кои го правеле тоа, како на пример Енох и Ное, се однесувале на начин кој дал доказ за цврста вера во Бог. Тие го правеле она што им го заповедал Јехова и ги регулирале своите животи во склад со она што го знаеле за него од неговите постапки со човештвото (15.1., страница 13).
◻ Зошто треба човек однапред да планира за можноста од своја смрт?
Во извесна смисла, правењето такви подготовки е подарок за семејството. Тоа покажува љубов. Тоа докажува желба ‚за грижење за своите, а особено за своите домашни‘, дури и тогаш кога лицето не е повеќе со нив (1. Тимотеј 5:8; 15.1., страница 22).
◻ Што постигнал „стариот завет“? (2. Коринтјаните 3:14).
Тој содржел претслики на новиот завет и, со неговите повторливи жртви, ја покажувал очајната потреба на човекот од откупување од грев и смрт. Тој бил „воспитувач кој води до Христос“ (Галатјаните 3:24, NW; 1.2., страница 14).
◻ На кои начини новиот завет е вечен? (Евреите 13:20).
Прво, за разлика од заветот на Законот, тој никогаш нема да биде заменет. Второ, резултатите од неговото дејствување се трајни. И трето, земните поданици на Божјето Царство и понатаму ќе извлекуваат корист од подготовката на новиот завет низ Милениумот (1.2., страница 22).
◻ Кои користи произлегуваат од тоа кога си благодарен?
Топлината што некое лице ја доживува поради тоа што е благодарно во душа, придонесува за неговата среќа и мир. (Спореди Изреки 15:13, 15.) Бидејќи е позитивна особина, благодарноста го штити од негативни чувства како што се лутина, љубомора и огорченост (15.2., страница 4).
◻ Во кои завети се земени оние кои се духовно родени?
Во новиот завет, кој Јехова го склопува со членовите на духовниот Израел, и во заветот за Царството, кој Исус го склопува со своите помазани следбеници кои го следат во чекор (Лука 22:20, 28—30; 15.2., страница 16).
◻ На кои три големи празници им било заповедано на Израелците да присуствуваат?
Празникот на бесквасни погачки кој следел непосредно по Пасхата на 14 Нисан; Празникот на седмиците, на 50-тиот ден од 16 Нисан; Празникот на собирањето, односно празник Сеници во седмиот месец (5. Мојсеева 16:1—15; 1.3., страници 8, 9).
◻ Зошто е предност да се присуствува на христијанските збирови?
Исус рекол: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив!“ (Матеј 18:20; 28:20). Исто така, еден важен начин на кој се одвива духовното хранење е преку собраниските состаноци и поголемите збирови (Матеј 24:45; 1.3., страница 14).
◻ Кое е потеклото на името Нимрод?
Неколку научници го делат мислењето дека името Нимрод не било името кое му било дадено при раѓањето. Наместо тоа, тие сметаат дека тоа е име кое му било дадено подоцна за да одговара на неговиот бунтовнички карактер откако се манифестирал (15.3., страница 25).
◻ Колку е важно семејството за човековата заедница?
Семејството е човекова неопходност. Историјата покажува дека како што семејното уредување се нагризува, силата на општествата и нациите слабее. Затоа, семејството има директен ефект врз стабилноста на општеството и врз благосостојбата на децата и на идните генерации (1.4., страница 6).
◻ Кои се три линии на доказ дека Библијата е Божја Реч?
1) Таа е научно точна; 2) содржи начела што се практични за современиот живот кои не подлежат на времето; 3) содржи специфични пророштва кои се исполниле, како што докажуваат историските факти (1.4., страница 15).