Тие ја извршувале Јеховината волја
Јововиот интегритет е награден
ЈОВ бил еден сочувствителен човек, поборник за вдовиците, сирачињата и измачените (Јов 29:12—17; 31:16—21). Тогаш, сосема ненадејно западнал во голема невола, губејќи го своето богатство, своите деца и своето здравје. За жал, овој благороден човек кој бил потпорен столб за угнетените, добил мала помош кога него му била потребна. Дури и неговата сопствена сопруга му рекла да го ‚навреди [проколне, NW] Бог и да умре!‘ А неговите „пријатели“ Елифаз, Вилдад и Софар не му обезбедиле утеха. Наместо тоа, тие инсинуирале дека Јов имал згрешено и заради тоа ја заслужил својата болка (Јов 2:9; 4:7, 8; 8:5, 6; 11:13—15).
И покрај големото страдање, Јов останал верен. Поради тоа, Јехова на крај му покажал милост на Јов и го благословил. Извештајот како го сторил тоа им дава засигурување на сите Божји слуги кои го чуваат интегритетот дека со текот на времето и тие ќе бидат наградени.
Ослободување од вина и обновување
Најпрвин, Јехова ги укорил Елифаз, Вилдад и Софар. Обраќајќи му се на Елифаз, очигледно најстариот, тој рекол: „Се разгоре гневот Мој против тебе и против двајцата другари твои, затоа што не зборувавте за Мене вистина, како Мојот слуга Јов. Затоа, земете си со себе седум телиња и седум овни, па одете кај Мојот слуга Јов и принесете си за себеси жртва; и Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас“ (Јов 42:7, 8). Размисли што подразбирало тоа!
Јехова побарал прилично голема жртва од Елифаз, Вилдад и Софар, можеби за да им ја втисне сериозноста на нивниот грев. Навистина, дали умислено или неумислено, тие хулеле на Бог велејќи дека тој „на слугите Свои не им верува“ и дека него навистина не му било важно дали Јов бил верен или не. Елифаз дури рекол дека во Божјите очи Јов немал поголема вредност од еден молец! (Јов 4:18, 19; 22:2, 3). Не е ни чудо што Јехова рекол: „Не зборувавте за Мене вистина“.
Но, тоа не е сѐ. Елифаз, Вилдад и Софар згрешиле и против Јов лично, кажувајќи му дека неговите проблеми си ги предизвикал сам. Нивните неосновани обвиненија и тотален недостиг на соживување го оставиле Јов огорчен и депримиран, предизвикувајќи тој да извика: „До кога ќе ја мачите душата моја? До кога ќе ме измачувате со зборови?“ (Јов 10:1; 19:2). Замисли си ги засрамените изрази на лицата на овие тројца мажи додека сега морале да му дадат на Јов принос за своите гревови!
Но, Јов не се сител на нивното понижување. Навистина, Јехова побарал тој да се помоли во корист на своите обвинувачи. Јов постапил токму онака како што бил поучен и заради тоа бил благословен. Најпрвин, Јехова ја излечил неговата ужасна болест. Потоа, Јововите браќа, сестри и поранешни другари дошле за да го утешат ‚и секој му дал по еден сребреник и по еден златен прстен‘.a Уште повеќе, Јов „имаше четиринаесет илјади дробен добиток, шест илјади камили, илјада чифта волови и илјада ослици“.b А Јововата сопруга очигледно се помирила со него. Со текот на времето, Јов бил благословен со уште седум синови и три ќерки, и доживеал да види четири генерации од своето потомство (Јов 42:10—17).
Поуки за нас
Јов дал еден извонреден пример за современите Божји слуги. Тој бил „непорочен, праведен“, човек кого Јехова бил горд да го нарече ‚Мој слуга‘ (Јов 1:8; 42:7, 8). Меѓутоа, тоа не значи дека Јов бил совршен. Во еден момент од неговите испити, тој погрешно претпоставил дека Бог бил причината за неговата несреќа. Дури и го критикувал Божјиот начин на справување со човекот (Јов 27:2; 30:20, 21). И тој ја објавил својата сопствена праведност наместо Божјата (Јов 32:2). Но, Јов одбил да му го сврти грбот на Творецот и понизно ја прифатил исправката од Бог. „Јас го говорев она што не го разбирав“, признал тој. „Затоа јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел“ (Јов 42:3, 6).
Кога сме под некој испит, и ние може да размислуваме, зборуваме или да постапуваме на начин кој не е прикладен. (Спореди Проповедник 7:7.) И покрај тоа, доколку нашата љубов кон Бог е длабока, нема да се бунтуваме против него или да се огорчуваме поради тоа што тој дозволува да доживуваме тешкотии. Наместо тоа, ќе го задржиме нашиот интегритет и на тој начин на крајот ќе пожнееме голем благослов. За Јехова псалмистот рекол: „Со некој што е лојален ти ќе постапуваш лојално“ (Псалм 18:25, NW).
Пред Јов да биде вратен во здрава состојба, Јехова побарал тој да се помоли во корист на оние кои му згрешиле. Каков само убав пример за нас! Јехова бара да им простуваме на оние кои грешат против нас пред да можат да бидат простени нашите гревови (Матеј 6:12; Ефесјаните 4:32). Доколку не сме спремни да им простуваме на другите кога постои здрава основа за тоа, можеме ли со право да очекуваме Јехова да биде милостив кон нас? (Матеј 18:21—35).
Сите ние повремено се соочуваме со испити (2. Тимотеј 3:12). Сепак, како Јов, и ние можеме да го сочуваме интегритетот. Правејќи го тоа, ќе пожнееме голема награда. Јаков напишал: „Ете, блажени се оние што претрпеа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него“ (Јаков 5:11).
[Фусноти]
a Вредноста на „еден сребреник“ (хебрејски кесита́х) не може да се одреди. Но, во времето на Јаков со „сто сребреници“ била купена прилично голема површина земјиште (Исус Навин 24:32). Затоа, „еден сребреник“ од секој посетител веројатно било повеќе од некој минимален подарок.
b Родот на ослиците е спомнат веројатно поради нивната вредност како приплодни животни.