Високо да се ценат предностите на светата служба
ДОДЕЛБИТЕ на светата служба не треба да се сфатат несериозно. Кога свештениците во древната Јуда покажале рамнодушен став кон своите предности во врска со храмот на Јехова, тој остро ги укорил (Малахија 1:6—14). И кога некои во Израел ги поттикнувале Назиреите површно да се однесуваат кон одговорностите што ги имале прифатено во врска со својата света служба, Јехова ги прекорил тие грешни Израелци (Амос 2:11—16). Вистинските христијани исто така учествуваат во светата служба и ја сфаќаат сериозно (Римјаните 12:1, NW). Оваа света служба има многу фасети, и сите тие се важни.
Додека сѐ уште бил со своите следбеници на Земјата, Исус ги обучил да бидат објавители на Божјето Царство. Со текот на времето, нивната порака требало да достигне до краевите на Земјата (Матеј 28:19, 20; Дела 1:8). Ова проповедање поприма уште поголема итност во текот на завршните денови од сегашниов систем на ствари.
Сите Јеховини сведоци учествуваат во ова дело. Стотици илјади наоѓаат радост што можат да го прават тоа како пионери. За да се задоволат важните потреби во светското дело, илјадници се ставиле на располагање за специјална полновремена служба во Бетелот, во патувачкото дело како покраински и обласни надгледници или во мисионерската служба. Што може да вклучува тоа од страна на оние кои сакаат да продолжат со таквата специјална служба?
Кога постојат неодложни семејни потреби
Пред некој да стапи во специјална полновремена служба, обично мора да направи некои преиначувања во своите околности. Секој не може да го стори тоа. Можеби библиските обврски што лицето веќе ги има го оневозможуваат тоа. Но, што се случува кога оние кои веќе се во специјална служба ќе се соочат со некои итни семејни потреби кои можеби ги вклучуваат остарените родители? Библиските начела и совети, како што се следниве, го даваат потребното упатство.
Целиот наш живот треба да биде изграден околу нашиот однос со Јехова (Проповедник 12:13; Марко 12:28—30). Светите работи кои ни се доверени на грижа треба високо да ги цениме (Лука 1:74, 75; Евреите 12:16, сите NW). Во една прилика, на еден човек кој требало да ги промени своите приоритети, Исус му рекол дека треба целосно да се зафати со објавувањето на Царството Божје. Очигледно, човекот имал намера да ја одложи таквата активност сѐ до смртта на татко му (Лука 9:59, 60). Од друга страна, пак, Исус го разоткрил погрешното размислување на секој кој тврдел дека сѐ му предал на Бог и потоа ‚ништо [ни една единствена работа, NW] не правел за својот татко или за својата мајка‘ (Марко 7:9—13). И апостол Павле ја покажал сериозната одговорност да се обезбедат ‚оние од својот дом‘, вклучувајќи ги и родителите, како и бабите и дедовците (1. Тимотеј 5:3—8).
Дали тоа значи дека кога ќе настанат итни потреби, оние кои се во специјална служба треба да ги напуштат своите доделби за да ја преземат грижата? Многу фактори влијаат врз одговорот. Одлуката е лична (Галатјаните 6:5). Приличен број лица мислеле дека би било мудро, и покрај тоа што ја сакаат својата доделба, да бидат со своите родители за да им ја пружат потребната помош. Зошто? Можеби потребата е критична, можеби нема друг член на семејството кој би можел да помогне или, пак, можеби локалното собрание не може да го стори она што е потребно. Некои можеле да пионерат додека ја пружале таквата помош. Други, пак, можеле повторно да стапат во специјална полновремена служба откако била згрижена семејната ситуација. Меѓутоа, во многу случаи било можно справување со ситуацијата на други начини.
Преземање на својата одговорност
Кога настанале неодложни потреби, некои кои се во специјална полновремена служба можеле да посветат внимание на тие потреби без да ги напуштат своите доделби. Разгледај само неколку од многуте примери.
Една двојка, која служи во светската централа на Јеховините сведоци, стапила во бетелска служба во 1978, откако веќе имала удел во покраинското и во обласното дело. Доделбата на братот вклучува тежок товар на одговорност во теократската организација. Но, и на неговите родители им била потребна помош. Оваа бетелска двојка прави три или четири посети годишно — околу 3.500 километри — за да се грижи за родителите. Лично изградиле дом за да ги задоволат потребите на родителите. Патувале за да се погрижат за итните медицински потреби. Практично секој одмор, 20 години, го користеле за да се грижат за оваа одговорност. Тие ги љубат и ги почитуваат родителите, но исто така високо ги ценат своите предности на светата служба.
Еден друг брат бил во патувачкото дело 36 години кога се соочил со она што тој го опишува како една од најпредизвикувачките ситуации во својот живот. Неговата 85-годишна тешта, верен Јеховин слуга, имала потреба да живее со некој кој би можел да ѝ помогне. Во тоа време, повеќето нејзини деца сметале дека нема да им одговара таа да живее со нив. Еден роднина му рекол на патувачкиот надгледник дека тој и неговата сопруга треба да ја напуштат таа служба и, во интерес на семејството, да се грижат за мајката. Но, двојката не се откажала од својата драгоцена служба ниту, пак, ги занемарила потребите на мајката. Во следните девет години, поголемиот дел од времето тие биле со неа. Во почетокот, живееле во еден караван, потоа во различни станови кои ги обезбедувале покраините. Во подолги временски периоди братот, кој тогаш бил обласен надгледник, продолжил да патува за да се грижи за своите доделби, додека неговата сопруга останувала дома со својата мајка за да ѝ обезбеди редовна грижа полна со љубов. Секоја седмица, после состанокот во недела, сопругот минувал долги растојанија назад за да им помогне. Многумина кои биле свесни за ситуацијата изразиле длабоко ценење за она што го правела оваа двојка. Со текот на времето, и другите членови на семејството се почувствувале наведени да обезбедат извесна помош. Илјадници лица од Јеховиниот народ продолжуваат да извлекуваат корист од службата на таа самопожртвувана двојка бидејќи тие се држеле за својата предност на специјалната полновремена служба.
Со семејна соработка
Кога различните членови на семејството ја сфаќаат вредноста на специјалната полновремена служба, тие можеби соработуваат за да можат барем некои од нив да учествуваат во неа.
Таков дух на семејна соработка ѝ бил од помош на една канадска двојка кои служат како мисионери во Западна Африка. Тие не чекале сѐ додека настане итна потреба, едноставно надевајќи се дека нема ништо да се случи. Пред да заминат во Библиската школа Гилеад на Watchtower, при подготвувањето за службата во странство, сопругот дискутирал со својот помлад брат околу грижата за нивната мајка, во случај таа да се разболи или да стане немоќна. Покажувајќи љубов кон нивната мајка, а ценејќи ја и вредноста на мисионерското дело, помладиот брат рекол: „Сега имам семејство и деца. Јас не можам да одам многу далеку и да го правам она што ти можеш. Затоа, ако нешто ѝ се случи на мама, јас ќе се погрижам за неа“.
Една двојка која служи во Јужна Америка добила голема соработка од страна на семејството на сопругата во грижата за нејзината мајка која стареела. Една од нејзините сестри заедно со сопругот се грижеле за мајката сѐ додека таа сестра не била погодена од една смртоносна болест. Што тогаш? За да ублажи каква и да било загриженост, зетот напишал: „Сѐ додека јас и децата сме живи, вие никогаш не ќе морате да ја напуштите вашата мисионерска служба“. Понатамошна помош од семејството дошла кога една друга сестра и нејзиниот сопруг го напуштиле својот дом и се преселиле онаму каде што живеела мајката за да се грижат за неа, и тоа го правеле сѐ до нејзината смрт. Каков само убав дух на соработка! Сите тие помагале да се поддржи мисионерската служба.
Родители кои великодушно даваат за Јехова
Честопати и родителите покажуваат извонредно ценење за светата служба. Меѓу највредните од своите поседи со кои можат да му оддадат чест на Јехова се нивните сопствени деца (Изреки 3:9). Многу христијански родители ги охрабруваат своите деца да стапат во полновремена служба. Некои од нив се чувствуваат како Ана која својот син Самуил го дала за Јехова во неговата служба „засекогаш“, т. е. „за сите денови на животот негов“ (1. Царства 1:22, 28).
Еден таков родител на својата ќерка во Африка ѝ напишал: „Ние му благодариме на Јехова за прекрасната предност што ја имаш. Не ќе можевме да се надеваме на подобро“. Во една друга прилика, таа рекла: „Точно е дека мораме да правиме жртва со тоа што сме одвоени, но колкава само радост е што гледаме како Јехова се грижи за тебе!“
Откако повторно ги разгледал различните ситуации што настанале во обезбедувањето на потребната грижа за неговите остарени родители, еден мисионер во Еквадор напишал: „Мислам дека најголемата помош што ја добивме мојата сопруга и јас беа молитвите на татко ми. После неговата смрт, мајка ми ни кажа: ‚Не поминуваше ниту еден ден без татко ти да му се помоли на Јехова да ви овозможи вам двајцата да останете на вашата доделба‘“.
На една постара двојка во Калифорнија (САД) ѝ било задоволство што еден од нивните синови бил во полновремена служба. Кога мајката умрела, тој син и неговата сопруга биле во Шпанија. Другите членови на семејството мислеле дека треба да се направат подготовки околу грижата за таткото. Поради тоа што биле зафатени со световна работа и со подигање на нивните деца, мислеле дека тие не би можеле да ја преземат таа одговорност. Наместо тоа, тие силно се залагале двојката која била во специјална полновремена служба да се врати дома и да се грижи за таткото. Меѓутоа, таткото, иако имал 79 години, сѐ уште уживал добро здравје, а исто така имал и јасна духовна визија. На еден семеен состанок, откако различни лица се изјасниле, таткото станал и одлучно рекол: „Јас сакам тие да се вратат во Шпанија и да продолжат со работа“. Тоа и го сториле, но и му помагале на видлив начин. Нивната моментална доделба е покраинското дело во Шпанија. Од тој семеен состанок, другите членови на семејството почнале да покажуваат ценење за она што го прави двојката во службата во странство. После извесен број години, еден од другите синови го зел таткото во својот дом за да се грижи за него сѐ до неговата смрт.
Во Пенсилванија (САД), еден помазан брат кој пионерел околу 40 години, имал над 90 години кога неговата сопруга сериозно се разболела и умрела. Тој имал еден син и три ќерки, покрај бројните духовни деца. Една од неговите ќерки била во полновремена служба над 40 години; имала служено со нејзиниот сопруг како мисионер, во патувачкото дело и во Бетел. Таа помогнала да се направат подготовки за да му се даде соодветна грижа на нејзиниот татко. Исто така, локалните браќа помагале со тоа што го носеле на состаноците во Салата на Царството. Подоцна, откако нејзиниот сопруг умрел, го прашала татко ѝ дали сака таа да го напушти Бетелот за да се грижи за него. Тој високо ги цени светите работи и сметал дека неговите потреби можат да бидат згрижени на други начини. Затоа, одговорил: „Тоа би било најлошото нешто што би можела да го сториш, а би било уште полошо доколку јас би ти дозволил да го сториш“.
Собранија кои даваат поддршка
Некои собранија им биле од голема помош во грижата за родителите што стареат на оние кои се во специјална полновремена служба. Тие особено ги ценат оние кои посветиле многу години во таквата служба. Иако не можат да ги ослободат од нивните библиски одговорности, овие собранија прават многу за доволно да го олеснат товарот, за да не биде потребно децата да ги напуштат своите специјални доделби.
Една двојка од Германија била на својата доделба во странство околу 17 години — голем дел од тоа време во патувачкото дело — кога потребите на неговата остарена мајка се зголемиле. Секоја година тие го користеле одморот за да ѝ помагаат. Соседите Сведоци исто така пружале помош полна со љубов. Тогаш кога двојката, која е во полновремена служба, била со мајката во текот на еден критичен период, старешините од локалното собрание уредиле да се состанат со нив. Тие биле сосема свесни за она што двојката редовно го прави за мајката. Исто така, тие ја ценеле вредноста на специјалната служба во која учествувала таа двојка. Затоа, старешините изложиле една предлог-програма за грижа за мајката, а потоа рекле: „Вие не можете да се грижите за неа повеќе од она што го правите; ние ќе ви помогнеме за да можете да останете на вашата доделба во Шпанија“. Во изминативе седум години, тие старешини продолжиле да го прават тоа.
На сличен начин, еден брат кој служи во Сенегал од 1967, добил голема поддршка полна со љубов од собранието каде што се наоѓал неговиот татко. Кога настанала криза, сопругот, со спремната соработка од неговата сопруга полна со љубов, патувал сам до Соединетите Држави за да им помогне на своите родители. Увидел дека е неопходно да остане таму неколку месеци. Ситуацијата била тешка, но кога го сторил она што можел, собранието интервенирало и помогнало така што тој можел да продолжи со својата мисионерска служба. Во период од околу 18 години, собранието пружало помош полна со љубов на безброј начини, прво за таткото (иако тој повеќе не препознавал многумина од нив), а потоа и за мајката. Дали тоа го ослободило синот од одговорност? Не; тој честопати патувал од Сенегал и го користел својот одмор за да ја обезбеди сета помош што можел. Но, многумина во тоа собрание биле задоволни од сознанието дека имале удел во поддржувањето на брачната двојка која напорно работела во специјалната полновремена служба во Сенегал.
Исус рекол дека оние кои оставиле сѐ заради добрата вест ќе добијат стопати повеќе браќа, сестри, мајки и деца (Марко 10:29, 30). Тоа сигурно е точно меѓу Јеховините слуги. Една двојка која сега служи во Бенин (Западна Африка), го доживеала тоа на еден посебен начин кога двајца Сведоци од собранието на нивните родители им рекле да не се секираат за родителите. Тие додале: „Вашите родители се и наши родители“.
Да, постојат многу начини на кои можеме да покажеме дека високо ги цениме предностите на светата служба. Дали постојат начини на кои ти би можел да го правиш тоа уште поцелосно?
[Слики на страница 26]
Тие се ставиле на располагање во специјалната полновремена служба