Можеш ли да разликуваш исправно од погрешно?
„Јас сум лично одговорен за убиството на околу 25 луѓе . . . Сликата за тоа ми е во мислите секоја ноќ, секој ден. Имам ноќни мори . . . Каде и да одам, гледам лица кои ме потсетуваат на луѓето кои ги убив. Можам јасно да го видам тоа, токму како да се случило денес, баш сега . . . Не можам да си простам за тоа што го сторив“ (В. С.).
„Ми беше наредено да отидам и да го уништам непријателот . . . Не застанав да размислам за мажите, жените и децата . . . Тогаш мислев — а и сѐ уште мислам така — дека постапив онака како што ми беше кажано, ги извршив наредбите што ми беа дадени и имам чувство дека не е погрешно тоа што го сторив“ (В. К.).
НА 16 МАРТ 1968, двајцата мажи цитирани погоре учествувале во она што подоцна било прогласено за озлогласен воен злочин. Тие, заедно со други војници, влегле во едно мало виетнамско село и заклале стотици цивили — вклучувајќи жени, деца и постари луѓе. Но, забележи ги спротивните реакции на овие два војника. Првиот војник очигледно е измачуван од она што го сторил. Вториот мисли дека неговите постапки се оправдани. Како можат двајца луѓе да реагираат толку различно на истото доживување?
Одговорот има врска со совеста — дар добиен од Бог што ни помага искрено и отворено да се гледаме себеси и да ги судиме нашите постапки и намери. Совеста е наше внатрешно чувство за исправно и погрешно.
Кога донесуваат одлуки, некои луѓе прибегнуваат кон поговорката: „Совеста нека ти биде водич“. Меѓутоа, за жал, совеста не е секогаш доверлива. Навистина, многумина толерирале, па дури и извршиле ужасни свирепости, а совеста воопшто не ги вознемирувала (Јован 16:2; Дела 8:1). Како што еднаш забележал англискиот романописец Семјуел Батлер, совеста „наскоро престанува да им зборува на оние кои не сакаат да ја слушаат“.
Можеш ли да имаш доверба во својата совест? Одговорот во голема мера зависи од тоа колку добро е школувана, како што ќе покаже следната статија.
[Извор на слика на страница 3]
Горе: Сцена од војна — фотографија од Службата за врски на САД